Недела 28. по Педесетница и свети Наум Охридски

Example Super-Admin User · 1 month ago

    9 minutes, 57 seconds


Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Денеска го празнуваме нашиот свети Наум Охридски и Македонски. Тој е прекрасен бесценет камен на македонската земја. Светиот Наум е еден од прекрасните охридски бисери на македонската духовна ризница. Духовната ризница се наоѓа на Небесата, во вечноста, во Господовите прекрасни палати на бесконечната, прекрасна и совршена убавина, која е немерлива со никаква земна минлива убавина. Во таа прекрасна, неземна, нетварна, духовна ризница се наоѓаат сите духоносни, велики, светители на Македонија. Сите прекрасни светители и светителки на Македонија, постојат вечно во радоста Божја, сопостоејќи со Светата Троица во трансцедентноста, во Есхатонот, во Небесниот Ерусалим. Тие прекрасни свети икони на Господовата милост и човекољубивост, се нашата надеж. Се радуваме што го имаме светиот Наум во нашата прекрасна историја, затоа што тој е наш пример, кој го имаме по милоста и љубовта Божја.

Светиот Наум Чудотворец е бесценетото македонско богатство кое го имаме на Небесата. Тоа богатство е нашата сигурност пред Господа, затоа што тој се моли за својот народ. Тој се молел за својот народ и додека бил во светот, му помагал на својот народ во разните потреби и денеска уште повеќе од вечноста, се застапува за сите нас. Силата на неговото застапништво пред Господа, изобилната помош која ја подарува на луѓето и денеска бива сведочена од оние кои му пристапуваат на светиот Наум со вера и со молитва. Светиот Наум и понатаму твори големи дела и големи чуда за секого кој ја бара помошта во својата искрена молитва. Господ го наградил светиот Наум со бесконечноста и со Божјата моќ да биде заштитник за македонскиот народ и кон сите луѓе кои го бараат неговото застапништво.

Божјата благодат го украсила светиот Наум со плаштот на прекрасните убавини. Тој е сега облечен во нетварната Божја убавина. Господ му дарил прекрасен ореол кој го слави и прославува во вечните векови. Живеејќи го животот со вера и подвиг, преку трпение и смирение, светиот Наум се здобил со неминливите бесценети дарови. Тој како скромен монах, подвизувајќи се во сиромаштво, се здобил со бесценето богатство во вечноста. Тој станал прекрасна небесна ѕвезда, сведочејќи за неговото трудољубие во верата и сведочејќи за неговиот истраен подвиг во монашкиот живот. Тој е една прекрасна вечна ѕвезда, во собор во вечноста со сите други Македонски светители, кој од дамнина ја сведочат нашата православна вера и традиција.

Светиот Наум бил ученик и сотрудник на светите Кирил и Методиј, браќата – солунци, Македонци. Тој заедно со светите браќа, како нивен помошник, се трудел во мисијата на просветителството насекаде каде што оделе свети Кирил и Методиј. Тој им помагал и во Моравија и Панонија. Заедно со светиот Климент Охридски, се труделе во преведувањето на книгите од грчки на словенски јазик. Светиот Наум заедно со светиот Климент ја толкуваат својата вера помеѓу својот народ на народен разбирлив јазик. Светиот Наум се замонашил и како монах го основал прекрасниот наш охридски манастир, посветувајќи го на светите Архангели. Но сепак, поради неговата слава и чест која ја здобил од Господа, подоцна истиот манастир е познат по неговото име.

Манастирот на светиот Наум е прекрасната духовна кошница во која се излева Благодатта Божја. Свети Наум како прекрасна пчела матица, создавајќи ја духовната прекрасна, кошница, собира и други трудољубиви пчели кои го обогатиле манастирот со прекрасниот мед на благодатта Божја. Тој превкусен мед на Божјата убавина, се излевал од Наднебесниот Божји жртвеник кон трудољубивите монаси кои мистично пребивале во небоземната Божја црква, соединувајќи се со Божјиот Есхатон. Молејќи Му се на Господа, светиот Наум, како духоносен отец и столб на верата, ја излевал благодатта Божја кон другите монаси и кон сите луѓе кои имале потреба да вкусат од прекрасната Божја храна. Светиот Наум бесплатно добил убавина од Господа и бесплатно ја подарувал на луѓето тогаш, но и сега исто така, ја подарува Божјата манна кон луѓето кои ја посакуваат.

Свети Наум станува свештеномонах, трудејќи се во монашкиот мистичен живот, но и служејќи Му на Бога во светиот олтар на земната Црква, принесувајќи ја таинствената Божја жртва во висините на Небесата, во наднебесниот Божји жртвеник. Тој станува мистичен, таинствен, Божји сад, исполнет со благодатта Божја. Се соединил со Христа, станал Негова икона, сораспнувајќи се со Христа. Се потрудил во апостолскиот подвиг да го просветлува народот Божји. Со својот личен пример, ја сведочел верата во Господа и ги мотивирал луѓето на покајание. Чудата кои ги правел, ја сведочеле неговата посветеност во христовата вера.

И денеска Светонаумовскиот охридски манастир на големиот македонски столб на нашата историја, ја сведочи нашата народна посветеност во православната вера. Свети Наум ја сведочи верата кон Господа уште од дамнина. Тој е нашата гордост на Македонија кој ни ја сведочи православната традиција во историјата. Ние не сме безначајни во својата вера, но со големите светители, како што е светиот Наум Македонски, ние сме горди што имаме вакви прекрасни луѓе. Свети Наум нè поучува кои сме биле тогаш, пред повеќе од илјада години, но и сега ние сме наследниците на таа верска определба. Да бидеме свесни кого го имаме како наш залог во вечноста, за да продолжиме и понатака да се изградуваме на добар начин.

Нашиот цврст темел за платформата на која што е соградена Македонската Православна Црква, е просветителството на големите светители столбови на православието и нивната исклучителна духовност. Македонската писменост и култура е втемелена во силните постулати на живата вера, која се изразувала низ долгите векови во македонската историја. Живата вера на нашиот народ во Богочовекот Исус Христос низ вековите, ја создава нашата православна култура која е проткаена во нашиот идентитет, кој пак е цврсто изразен во нашата мисија на просветителството кон другите словенски народи. Светиот Наум Охридски, еден од мнозината просветители, е голем трудољубец во посветеноста кон верата и учителството и добротољубието. Храбар подвижник кој заедно со своите учители и другите ученици, добро се потрудил на Божјата нива. Господ го препознал како добар и верен слуга на кого му подарил вечност. Светиот Наум нека ни биде патеводител во нашиот живот и нека ни помага во сите моменти од нашата историја.

Во денешното свето Евангелие на светата Литургија, го слушнавме родословот на Исус Христос. Првото Евангелие на Новиот Завет е напишано од светиот Апостол и Евангелист Матеј. Ова Евангелие, со овие прецизни информации на самиот почеток од него, е од исклучителна важност поради самата евангелска генеалогија за личноста на Исус Христос. Ова Евангелие е пишувано и наменето за Евреите, за Јудејците, на кого им било многу важно да дознаат Кој е навистина Исус Христос, од каде дошол Овој Човек и какво е Неговото потекло. Но сепак, целиот свет сака да го дознае потеклото на личноста на Исус Христос, та преку оваа генеалогија, се потврдува вистинското историско постоење на Христовата личност. Апостолот Матеј систематски го објаснува Неговото потекло, почнувајќи од праотецот Авраам кој бил прататко на Евреите, кој е пример за вера и посветеност на Божјата волја, и со праотецот Авраам започнува ерата на спасението за човечкиот род. Пророкот Авраам, сепак е икона Божја со која секој верник во Господа се поистоветува со неговата силна посветеност кон живиот Бог; тој е прататкото на сите верници во Господа Бога.

За Евреите бил многу важен историскиот момент на доаѓањето на нивниот Спасител кои ќе им го подари нивното ветено од Господа царство, со изобилството и убавината во него и конечно самото спасение за нив. За нив пак самото Божјо спасение бива поимано преку ветеното и славно владеење во светот, како избран народ кои треба да го добијат како свој подарок од Господа, живеејќи во светот со сите придобивки и убавини кои можат да ги здобијат. Во тој контекст на Божјиот подарок, тие Го очекуваат Месијата, Божјиот Помазаник, очекувајќи ја истакнатата личност која ќе ги соедини сите Јудејци, во една совршена држава, каде што тие ќе уживаат во животот, благодарејќи Му на вечниот Бог.

Апостолот Матеј го започнува Христовиот родослов од праотецот Авраам, преку пророците Давид, Соломон, Езекија, Манасија до Јосифа, обручникот на Марија. Но и Дева Марија е потомок на пророкот Давид, од чие семе се очекувало да се роди Спасителот. Месијата бил пророкуван во Стариот Завет, дека ќе се роди од Давидовото колено. Затоа детално се опишува Исусовото потекло, за да можат луѓето да сфатат дека Тој е избраникот Божји, уште повеќе се истакнува дека Исус не е измислен лик, не е некаква легенда, туку е конкретен човек, кој се раѓа како потомок на големите пророци и свештеници Божји. Тој е навистина Месијата, Тој е Цар Израилски, првосвештеник и пророк. Тој е Син Божји, но и Син Човечки. Син на Марија. Тој е Цар над царевите, пророк Кој го открива и објавува Царството Божјо и ја објавува Светата Троица; Владика и Првосвештеник, Кој се принесува Себеси како прва и единствена најголема жртва, крсна жртва на земниот, огревовен, страдален жртвеник. Тој е Спасителот, Божјиот Избраник, Кој во вечноста е определен за таа велика тајна Божја.

Во неделата пред големиот православен празник на Божјото раѓање во светот, во денешното Евангелие се говори за долгоочекуваниот Спасител, се најавува дека Тој Кој се раѓа е навистина Тој Кој е објавен од пророците, уште многу одамна. Тој Кој се раѓа е објавен од Бога Отецот, тогаш кога ги истерал Адам и Ева од Рајот најавувајќи им го повторното влегување во Рајот, откако ќе се роди Спасителот на светот.

Светата Црква, денеска преку ова свето Евангелие, го најавува раѓањето на Синот Божји и Синот Човечки, се најавува раѓањето на нашиот Спасител. Тоа раѓање е натприродно, невообичаено за природата во која што се случува тој процес на свој, вообичаен, познат природен начин. Ова раѓање е натприродно, затоа што се раѓа натприродниот Бог, се раѓа Неродениот, се раѓа Небесниот, се раѓа Вечниот. Самата природа е загрозена од вечната Божја моќ, но по Божјата Волја, истата слаба и несовршена природа, воопшто нема да биде оштетена во чудесниот и необјаснет чин на вселување на Божјиот Син во утробата на Марија. Начинот на вселување на Божјата личност во телото на Марија, е натприроден и надумен. Нема ум во светот кој може да го поими тој таен и мистичен начин. Осенувањето на Марија е необјаснето со човечката логика, по емпириското природно создавање на животот.

Девица Марија, зачнува и останува девица. Го носи во себе својот Син и Син Божји. Го носи во себе Несместивиот и вечен Бог. Бог Велик, Кој се смести во утробата како „мал човек“, се унижи, се смири, за да ја прими на Себе човечката несовршена природа, за да ја усоврши од несовршена во совршена. За да ја прими на Себе и да ја воздигне на Небесата, да сопостои со Света Троица. Човекот со неговата природа, има возможност, преку Богочовечката Христова личност, да постане бог по милоста Божја. Христовата Богочовечка, есхатолошка личност, се нуди на секој човек слободно да ја прифати и да ја прими во себе; та секој човек во Христа и преку Христа, да стане обожена Христова икона, да стане есхатолошка личност која ќе го вкуси вечното Спасение.

Христос се раѓа, за да го спаси човекот. Господ не сака да пропадне Неговото создание, та затоа ја остварува оваа натприродна и надумна тајна. Но доколку некој сака да праша, зошто Господ дошол толку доцна, оставајќи го човекот да пати и да Го чека? Тогаш можеме да кажеме дека вечниот Господ не познава време. Времето за Него не постои. Времето постои во несовршеноста на создадениот свет. Господ го создал времето во светот и за светот. Вечноста е секогаш сегашно време, без минато или иднина. Господ постои вечно, безвременски, но пак нашето постоење е условено во времето и времето е нашиот непријател. Господ се раѓа точно навреме, по планот на Божјиот домострој на спасението.

Браќа и сестри, да се спремиме и да го дочекаме Христово Раѓање во мир, спокој и љубов помеѓу нас луѓето. Да Му се молиме на нашиот благ Господ Исус Христос, да ги помири раскараните луѓе, кои се уништуваат во омразата. Господ да ни помогне да се воздигнеме од грешноста во светоста. Да Го молиме нашиот Господ да ни помогне да станеме подобри луѓе. Да се трудиме, браќа и сестри, во творењето на меѓусебната љубов. Во љубовта ќе го препознаеме вистинскиот човек. Човекот кој љуби, тој не помислува на зло. Да го љубиме нашиот Спасител, затоа што Тој нè возљуби и дојде да нè спаси преку Својата крстовоскресна жртва. Во Неговата Спасителна жртва, се согледува Неговата безмерна љубов кон нас грешните. Ние грешните, да се отрезниме и освестиме, дека треба да здобиеме покајание, та преку таа добродетел, заедно со многуте други добродетели, да итаме кон Господа.

Браќа и сестри, да Го молиме Богочовекот да ни дари љубов за да ги љубиме и тие кои нѐ мразат. Никогаш и никако да не бидеме како несовршените. Тие во своите несовршенства ќе пропаднат поради обезбоженоста. Човекот пак кој е верник, тој е обожен и во него постои единствено љубовта. И секој кој има во себе љубов, ќе биде утешен и полн со добрина кон светот околу себе. Впрочем, вистината е дека Богочовекот е правата Љубов и Тој Совршениот на никого не му врати за злото. Та и ние сме повикани во овие денови на претпразничното исчекување на Божјото раѓање, но и во сите денови од нашиот живот, да бидеме полни со љубов, затоа што го исчекуваме раѓањето на Љубовта.

Овие денови се денови на мирот, затоа што Христос се Раѓа и мир му донесува на светот. Божјиот мир е совршена Благодат Божја која се подарува на светот и на човекот. Да посакаме на сите и на секого Божји мир и Божја утеха. Да посакаме на сите и на секого Божја милост и Божја заштита. Да чиниме на сите и на секого она што и ние сакаме да ни чинат, да мислиме позитивно за секого, и кај секого од нас да се всели Божјиот мир.

Божјата Благодат да биде со сите вас во вечни векови. Амин.

Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-28-po-pedesetnica-i-sveti-naum-ohridski/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
4 months ago

Има многу осаменост таму

  Има многу осаменост тамуМногу млади луѓе, мажи и жени, постојано ни кажуваат дека не можат да најдат маж со кој ќе се омажат и се чудат како ќе знаат дека го нашле човекот на својот живот, за да не паднат во никаква замка. Во ова патување на потрага, тие за жал ги кинат своите срца на парчиња во з...

Image Description
3 months ago

РЕЗИМЕ ЗА БЕСКОНЕЧНОСТ...

 РЕЗИМЕ ЗА БЕСКОНЕЧНОСТ Времето е можност за промена, обликување на човековата личност, пројавување или губење на сличноста на Бога, стекнување на она што ќе се открие во вечноста.Времето е пробен период на човекот, а вечноста е стекнување на вистинскиот живот. За христијанинот, вечноста се открива...

Image Description
5 months ago

Богородица се грижи за монашката трпеза

Богородица се грижи за  монашката трпезаСледниот настан се случил во манастир на Света Гора.Не знам дали знаете, монахот кој има послушание во трпезаријата порано ќе ја напушти Божествената Литургија и ќе оди да ја подготви трпезата за отците.А кој меси леб, ќе оди да пече леб...Тие ја напуштаат Бож...