Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри, народ Божји. Собрани денеска во светата Црква, се радуваме на сите заеднички молитви кои ги принесуваме заедно сега и постојано преку целиот живот, во секој момент. Се радуваме што сме собрани заедно, на едно свето место, на светата Литургија која со Божјата благодат, го преобразува местото и времето каде што се наоѓаме. Сите луѓе собрани на оваа тајновита и светотаинска молитва, Господ ги преобразува од стари и грешни во нови духовни битија, освештени преку Светиот Дух. Иако сите ние сме различни со сите човечки одлики, постануваме единствени, во Телото Христово, сплотувајќи се во Христа Господа, преумувајќи се преку Светиот Дух. За секого има место во светата Православна Црква. Црквата е заедницата на спасението, коешто се остварува преку светиот Господ Исус Христос, Кој толку многу нè возљуби, та го жртвуваше Својот живот, за сите луѓе кои сакаат да се спасат.
Нема грев кој не може да биде простен! Господ исчекува секого од нас искрено и темелно да го пројави своето покајание, за својот претходен грешен живот, кој е секако таков доколку навистина претходно не сме Го познавале Богочовекот Исус Христос. Но, кога пак ќе речеме дека сега Го познаваме Богочовекот Исус Христос, тоа треба да значи, знаеме дека сега преку покајанието, очистени од претходниот грешен живот, можеме чисто да Го спознаеме нашиот Господ. Гревот го помрачува човечкиот ум, па така човекот, нема јасно и светло поимање за Господа. Единствено Господ го чисти умот и ги простува човечките гревови. Поради Христа се каеме, со Христа се присоединуваме, со Христа живееме, и Христос Господ нè осветува и очистува. Го љубиме Христа Господа, и за ништо друго на светот нема да го оставиме.
Господ нè познава уште од утробата на нашата мајка, уште тогаш кога ни нашите родители, не нè познаваа. Уште додека не сме го добиле своето име од кумот, Господ Творецот, нè познава и се грижи за нас. Тој ја создава нашата душа, и со Својата љубов, тој нè подарува во овој живот да преземеме одговорност, и со својата слободна волја да го изградуваме сопствениот критериум во нашиот живот.
Денеска, на благословената од Господа света Литургија, го прочитавме светото Евангелие по Лука, во коешто се говореше за началникот на цариниците со името Закхеј. Цариниците биле римски собирачи на царевите даноци. Како такви, тие биле најомразени кај народот. Тие ги тормозеле и малтретирале луѓето и често легално го ограбувале народот. Народот се мачел под игото на таа римска окупација на Израел, во тие предели на истокот каде што Римската империја владеела.
Но, уште повеќе биле омразени началниците на цариниците. Тие секако имале поголема моќ и власт од обичните собирачи на данок; човек кој немал да даде одредена сума на пари, можеле да наредат да го измачуваат на разни начини. Затоа ова Евангелие во кое се говори за овој началник е многу важно поради овој конкретен човек Закхеј, чие име се спомнува. Спомнувајќи го името на Закхеј, овој началник се возвеличува пред луѓето во светот, но и пред Господа. Достојно е спомнувањето на неговото име поради неговата лична одлука која ја донел во присуството на Господа Исуса Христа.
Имено, во светото Евангелие се нагласува дека Закхеј бил богат. Секако, претпоставуваме колку многу бил богат, кога тој го собирал данокот за царот, а имал и слобода да казнува доколку луѓето не го давале определениот данок. Но, цариниците како грешни луѓе, обземени со богатството и среброљубието, немале воздршка и мерка, па така се стекнувале и со сопствено богатство од маката на луѓето. Власта која ја имале им овозможувала потполн, бескрупулозен грабеж на страдалниот и сиромав народ. Кога на овој начин ги анализираме цариниците, тие се недостојни луѓе да бидат во близината Божја. За нив, народот слободно може да каже, но и со право да каже, дека тие немаат зошто да ја бараат милоста Божја. Тие кои ја пројавувале окрутноста и моќта на власта на самата окупација, како ќе можат да бидат помилувани од Бога во нивната расипана и злобна перцепција. Дали е возможно нивното покајание?
„Настојуваше да види Кој е Тој Исус, но не можеше од народот, зашто беше низок по раст. Затоа потрча напред и се качи на една дива смоква за да Го види, бидејќи покрај неа требаше да помине“ (Лука 19, 3-4).
Закхеј настојувал и се трудел да Го види Исуса, тој барал начини поради гужвата во која што бил постојано Исус. Христос бил секогаш опкружен со голем народ, кој барал постојано утеха за разните проблеми кои ги имале. Затоа било тешко за овој човек, низок по раст, да Му се приближи на Исус, кој сепак бил среќен само да го погледне. Секако не се откажувал, но пак се сетил во еден момент да се качи на дрвото за да ја оствари својата желба, добро проценувајќи дека токму тука ќе помине Христос. Но, тој го покажал и своето смирение, не посегнал кон војската и другите свои пријатели цариници, да му овозможат пат кон Исуса, да му направат пат да застане пред Него. Туку сам, со својот труд, смирено и кротко се искачил на дрвото, без да вклучува било кој друг во неговата прекрасна намера.
„Исус, пак, кога дојде на тоа место, погледна нагоре, го виде и му рече: Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом“ (Лука 19, 5).
Исус го видел Закхеј и ја видел неговата намера, уште додека Закхеј барал начин како да ја оствари својата желба. Господ го знае човекот во неговата душа. Господ го знае и срцето на човекот во потполната човечка тајност. Сите тајни желби и намери, Господ ги знае. Но секако, Господ го остава човекот со својата слободна волја да го прави она што намерува. Сега Господ, застанува и му се обраќа на Закхеј да слезе побргу од дрвото и му вели дека денеска треба да оди кај него, во неговиот дом. „И тој веднаш слезе и Го прими со радост“ (Лука 19, 6). Секако треба да ја нагласиме неговата радост. Грешниот човек никако нема да Му се радува на Господа. А овој грешник има намера да се покае и затоа неговата радост е голема.
„И сите, кога го видоа тоа, негодуваа и рекоа: Отиде да гостува кај грешен човек“ (Лука 19, 7). Сите луѓе веднаш, без размислување, започнале да Го осудуваат Господа Исуса Христа. Луѓето од секогаш, без темелно размислување и без потполна доверба, Го осудуваат Господа. Постојано негодуваат за сè и сешто. Господ и денеска е постојано напаѓан од луѓето кои го согледуваат животот по своите мерила и принципи. Секако дека секој човек посакува спасение, но ретко кој го согледува својот грешен живот. Сметаат луѓето дека тие се чисти и безгрешни, имајќи возможност да ги откријат грешките на другите. Секако без личен добродетелен подвиг, ги типизираат проблемите, осудувајќи го светот. Но, луѓето во својата грешност, не примерно, не човечно, во својата слобода, го истакнуваат својот суд дури и кон Господа. Човекот заборава дека единствено Господ ги гледа човечките скриени помисли чисто и кристално јасно. Единствено Господ сè што прави, прави поради Својата љубов и поради единствената желба, човекот да биде спасен. Така и овој пат, и многу други слични моменти кон други луѓе, Господ пристапува кон Закхеј поради спасението на овој грешник.
„А Закхеј застана и Му рече на Господа: Господи, еве половината од својот имот ќе ја дадам на сиромаси; и ако некого сум го оштетил, четворно ќе вратам“ (Лука 19, 8).
Ете го блескавото покајание на овој грешен човек. Тој пред Господа се кае и го враќа назад она што неправедно го стекнал. Тој половината од својот имот ја враќа на сиромавите, и од она што му останува ќе врати четворно на секого кого што неправедно го оштетил. Навистина ова Закхеево дело е поради неговото искрено покајание. Господ пак сето ова го знаел, читајќи ја неговата желба и намера, та затоа и отишол кај него дома за да ја мотивира таа негова желба, да го оствари тоа прекрасно дело.
Господ му помага на грешникот да се покае и да се врати на правиот пат кон спасението. Господ не го остава човекот без мотивација кога тој се бори и кога намерува да се покае. Ние треба да посакаме и да се трудиме, а Господ го гледа нашиот труд и секако дека ни помага во нашата борба. Така и сега, Исус Христос му се обратил на Закхеј и го посетил за да му потпомогне во неговата прекрасна намера. Но, секако и да ја објави пред светот оваа фантастична преобразба на грешникот. Од таков бесчувствителен човек кон другите луѓе, од сега тој постанува емпатичен и сочувствителен човек кон другите луѓе.
Ова е дело на љубовта. Ова е дело на Божјата милост. Тогаш кога Господ нè посетува во душите наши, во домовите наши, единствено тогаш ние ќе ја почувствувавме чудотворната моќ на љубовта. Љубовта ќе нè преобрази како луѓе и ние единствено само преку љубовта ќе го согледуваме светот околу нас. Секако дека покајанието е дар Божји кој се пројавува поради Божјата љубов.
Она што е трагично во светот е неучтивото осудување на другите луѓе. Луѓето постојано го насочуваат својот гнев кон другите, и тоа без причина. Бесчувствителноста е опасен и ѓаволски карактер на грешните и непокаени луѓе. Кога човекот има во себе љубов, тој не осудува никого, затоа што во неговата душа, нема потреба, ниту место за омраза кон другите. Впрочем, добриот човек ќе се моли за другите луѓе и ќе се труди да помогне на секого.
„А Исус му рече: Денес дојде спасението за овој дом, зашто и тој е син Авраамов“ (Лука 19, 9).
Исус го нарекол Закхеј син Авраамов. Тоа било навистина исклучително фрапантно да го слушнат сите луѓе кои претходно свесно го осудувале началникот, но уште повеќе сега Го осудувале и Исуса, Кој потврдува со Својата Божја волја, дека денеска Закхеј ќе се спаси. Од денеска Закхеј постанува ученик Христов. Оној што беше далеку од Господа, од сега постанува син Авраамов, син Божји. Од денеска Закхеј постанува и Апостол Христов. Тој од тој момент Го проповеда Исуса Христа на сите други луѓе во светот, сведочејќи ја Божјата милост кон грешниците.
„Зашто Синот Човечки дојде да го побара и да го спаси она што е загубено“ (Лука 19, 10).
Господ го побарал и пронашол она што се загубило, и го спасил загубеното од уништување. Идејата Божја е да го спаси секој грешник, така што ќе го мотивира на покајание. Секако дека Господ нема никого на сила да го преуми, да го убеди, доколку човекот не посака со својата слободна волја.
Браќа и сестри, денешното Евангелие ни остава длабока мисла и трага на бесконечната Божја љубов. Господ е секогаш блиску до нас. Тој ја знае нашата мака, нашата тага, но и нашата радост. Тој е оној што го гледа нашето срце, и секоја наша воздишка, Тој ја знае. Да бидеме истрајни во нашиот живот, со нашата искрена борба против нас самите, кои грешиме. Нашата борба да биде единствено само наша лична борба во пренасочувањето на нашите грешни желби, кон добрите и квалитетни принципи на правдата.
Правдата е во Бога. Бог е самата правда. Сакајќи ја правдата, ќе Го засакаме Бога. Посакувајќи ја љубовта, ќе Го возљубиме Бога. Секоја совршена карактеристика на прекрасното однесување во светот помеѓу луѓето, е само рефлексија на вечната Божја категорија. Сè што е совршено, е Божји атрибут во вечноста. Па така знаеме дека совршените дела на љубовта, се впрочем, Божјата енергија која се излева во светот. Бог се пројавува во љубовниот однос на човекот кон целокупниот живот кои го опкружува.
За многу години.
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-32-po-pedesetnica/