Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа, чеда Божји.
Полека се приближуваме кон големиот, велигденски, спасоносен пост. Оваа недела е втората недела во светата Православна Црква, со која го најавуваме воскресниот пост, и воедно полека се припремаме, духовно со молитва, да го започнеме богоугодно нашиот подвиг. Од мината недела веќе, го користиме Посниот Триод, а во таа книга, целото определено Богослужење, е наменето за целиот период на воскресниот пост од неделата на митарот и фарисејот, па се до Томина недела.
Нашиот труд треба да биде, како и секогаш, со стремеж да живееме добродетелен живот, да бидеме трудољупци во верата, за да нè препознае нашиот Господ како искрени верници. Нашата молитва е нашето секојдневно и основно делање, преку кое се возвишуваме кон небото, како птици кои летаат. И нашиот труд треба да биде така префинет, високо стремејќи се кон вечноста. Небото е синонимот за чистотата, та затоа летајќи високо над земјата, нашето битие да го воздигнеме од калта и нечистотијата на земјата. Точно е дека од земјата сме создадени, но наменети да се преобразиме со Божјата помош, да постанеме небесни луѓе.
Денешното свето Евангелие, коешто го прочитавме на светата Литургија, зборува за човечкиот морален колапс во грев и богоотпадништво, но и за покајанието на грешникот и неговата молитва кон Бога, и за Божјата љубов кон грешниците кои искрено се каат. Постојано зборуваме за љубовта Божја, која е фундаментот и сржта на Божјиот Закон, затоа што Бог делува единствено преку неа, а тоа е Неговото единствено својство.
Исус Христос ја кажува параболата за блудниот син, која постанува пример за човечкиот морален пад. Преку оваа парабола, сите ние треба да се запрашаме дали сме и ние можеби исти како оној грешен син. Во неа, се покажува човечката заблуда, човечкото недостоинство, моралниот пад на човекот, но се покажува и човечкото освестување и отрезнување.
Христос вели дека еден човек имал два сина. Оваа парабола е во суштина, начинот преку кого Го согледуваме Господа и целиот свет. Господ е тој човек домаќин за кого говори Исус Христос, додека двајцата негови синови го претставуваат целокупното човештво. Луѓето се или како едниот или како другиот син. Луѓето се синови Божји, затоа што така љуби да нè нарече Бог Отецот. Човекот е создаден за да постане икона Божја, за да постане син Божји, и да го добие од Господа Царството Божјо, како дар Божји. Човекот е создаден и наменет да постане жител на рајот. Човекот ќе сопостои со Господа во Царството Божјо, единствено како Негов син, по Благодатта Божја, која Господ му ја дарува. Господ нè создава, та, по Неговата милост, љуби ние да постанеме Негови синови.
Имено, постариот син бил верен кон својот татко, кој внимавал да ги исполнува сите потребни правила и обврски во татковскиот дом. Почитувајќи го татко си постојано. Додека пак младиот син, бил заблуден и се оттргнал од татковската волја и посакал да го живее својот живот самостојно, далеку од својот дом. Важно е секако да напоменеме, дека Господ му ја остава слободата на човекот. Какво и да биде човечкото решение, Господ ќе го остави човекот, не наметнувајќи му ја Својата Волја. Па така и овдека, гледаме дека помладиот син, ја истакнува слободно својата волја и посакува да се оддалечи од својот татко. А овој начин на однесување, е синоним за грешните луѓе кои се оддалечуваат од Господа, барајќи ја сопствената среќа некаде далеку од Бог. Многумина мислат дека самостојно ќе живеат удобно и среќно, далеку од Творецот.
Младиот и грешен син Божји, го бара својот дел од она што му припаѓа како законски син. Човекот во својата заблуда смета дека сè она што му припаѓа на земјата е негова лична стекната своина. Тој освен што смета дека го заработил материјалното со својот труд, тој смета дека и животот е негова лична своина и дека човекот е сам свој господар. Оваа фраза „сам свој господар“ е бесконечно многу пати користена во светот во разните философски системи, кои ги создавале луѓето кои се оддалечиле од Господа. На истиот начин и самиот сатана, се оддалечил по својата волја од Господа со желбата да постане сам господар на својот живот, да постане бог како својот Творец. Човекот во својата заблуда ја промашува целта, и потполно застранува, а застранувањето завршува во грев. Гревот е деструктивна лична слободна волја, која го девалвира животот и го упропастува. Исходот и целта на таа заблудата е смртта. Па така, на овој самоволен и грешен начин, човекот „го зема“ она што е негово, во личната заблуда, и си оди далеку од Бога, да го живее својот живот, во неживотот.
Суштината е во Бога. Бог е животот, Тој ни го дава животот, Тој е нашата постојана животна енергија, со која се храниме во душите свои, за да живееме и понатаму на добар и достоинствен начин. Додека, заминувајќи си од животот, ние се самоосудуваме да живееме во неживотот, далеку од изворот на суштината и вистината.
Имено, следствено по своите постапки, човекот започнува да тоне во грев и ужас во туѓина, далеку од татковскиот дом. Дома, покрај својот татко, синот бил заштитен од лошите услови на странствувањето. Овој млад син, го потрошил сето она што го понел со себе и го извалкал својот живот со блуд и разврат. Тој прокоцкал сè што било во него достоинствено. Тој како син Божји, бил угледен и почитуван, додека сега, тонејќи во калта на гревот, со деградиран статус, започнува да умира и духовно и телесно. Духовно отпаднат од претходното високо достоинство, а телесно веќе гладен за храна која ја нема. Решава да постане чувар на свињи, небаре да може да јаде од истата храна што ја јадат свињите за да преживее. Тој за да преживее, тонел секојдневно сè повеќе во нечовечност и деструкција, та свесно постанал сличен на животните, со кои заедно ја јадел истата храна. Тоа е потполно морално девалвирање на човечката личност во гревот.
Сеапк, во еден момент човекот се свестил, дошол при себе си и решил да ја побара повторно милоста на својот татко. Да го замоли својот татко, но сега веќе смирено, свесно и трезвено, дека е грешник кој бара милост за да преживее. Тој себеси се осознал во својата трезвеноумност, дека е недостоен да постане повторно син Божји, но сепак се одважил да моли за милост. Тој веќе во себе решил да се врати кај својот татко со молбата да го прими татко му назад, но не како негов син, туку како еден од слугите негови. Тој сега постанува свесен дека достоинството кое го имал го загубил, и дека многу го разжалостил својот татко, па сега невозможно е повторно да го врати она што го загубил, поради вистинската правда. Ова е прекрасно нешто, кога човекот ја признава својата грешност пред Бог и кога ја бара милоста Божја со смирение и скрушено. Таква треба да биде постојано нашата молитва, изобилна со нашето смирение.
Господ е многу милостив, полн со добрина, но пред сè, Тој е љубов, па така, гледајќи го усрдното смирение на човекот, скрушеноста која човекот ја покажува, и молитвата која постојано ја изговара кон Него, Тој ќе ја докаже Својата несебична и вечна љубов кон грешникот, така што ќе го прифати повторно во Својата заедница. Човекот треба постојано усрдно да Го моли Господ за милост и помош. Та во нашата трудољубивост се огледа нашата искрена волја. Непрестајно трудејќи се, ние ја сведочиме желбата.
Имено, грешниот син тргнува кон Господа. Господ пак, оддалеку гледајќи го Својот грешен син, како се напатил, како пострадал, како духовно и телесно пропаднал, со Својата безгранична љубов, се сожалил кон Своето создание, та потрчал кон него, го прегрнал и го целивал. Прекрасна и величенствена глетка во овој момент на среќавање. Крајното смирение, со својата грешност и отуѓеност, доаѓа кротко и унижено кон својот Господ, а Господ со безграничната љубов и величина на Својата бесконечност, ита кон Својот син, за да го прегрне и целива.
Тоа е навистина прекрасно, Господи!
Синот го моли својот татко за милост и прошка, а татко му, му го враќа претходното достоинство на својот отпаднат, но сега смирен, кроток и трезвен син, полн со стравопочит кон својот татко. А татко му, повторно го облекува својот син во облеката на достоинството и му го враќа статусот на негов наследник, со давањето на прстенот на раката. Та татко му им кажува на сите луѓе: „Зашто овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде“ (Лука 15, 24). Господ му ги опростува гревовите на Својот син и го прима назад во Својот дом.
Стариот и внимателен и послушен син, кога оддалеку слушнал песни и игри во својот дом, се зачудил, та повикал еден слуга и го прашал што се случува. Кога дознал дека брат му се вратил, дека татко им заклал угоено теле и го дочекал со радост и песна, и дека повторно му го вратил претходното достоинство како негов син, тој многу се налутил. Та дури и не сакал повеќе да влезе во својот дом, кај татко му, да го види брат му, и да се весели со сите. Тој дури му приговарал на татко му. Додека пак татко му го молел стариот син да биде милостив. Спорел со својот татко, и му ги набројувал сите добри дела кои ги чинел кон него. Исто така го укорувал татко му што го примил својот син, кој го изневерил, кој живеел нечесно и развратно долго време. Навидум изгледа во право по стариот син, но сепак треба да ја објасниме суштината на неговото однесување и поимање.
Стариот син ги репрезентира сите формални исполнувачи на Законот Божји, кои ја имаат сувопарноста во верата. Сите лицемери и формалисти се во групата на овој постар син. Сите лицемери, го исполнуваат детално пропишаниот закон, но никој тоа не го прави со љубов кон Бога. Туку немајќи никаков личносен однос кон Бога, лицемерите живеат во верата со своето убедување дека добро прават и дека тие исполнувајќи го беспрекорно законот, ќе бидат спасени, само затоа што тоа им припаѓа автоматски. Но впрочем, ништо не припаѓа на човекот автоматски. Затоа што човекот нè е Бог. Човекот нема ништо свое. Единствено Господ е апсолутниот Господар на сè видливо и невидливо, и на Него му припаѓа одлуката за дарот кој што ќе го добиеме. А дарот Божји се добива единствено со творење на милост и љубов.
Лицемерите ја забораваат љубовта, го забораваат личносниот однос кон Господа и кон сите луѓе. За нив сочувството и емпатијата се непотребни вредности. За нив ширината на безусловната и чиста љубов, не постои како квалитет. Вредностите на лицемерите се мерат во нивниот интерес. За нив другите луѓе не постојат, за нив постои единствено нивната потреба. Тие само интелектуално, разумски, преку логика го согледуваат Законот, без да имаат потреба од срцето во кое се пројавуваат милоста и љубовта. Лицемерите ги критикуваат и Господа за сите други луѓе, кои не се вклопуваат во нивниот критериум на правдата.
Господ ја кажува оваа парабола впрочем, критикувајќи ги фарисеите кои често ги нарекувал и лицемери, но и не само конкретно фарисеите, туку сите они кои Го осудувале затоа што Тој Господ, има милост кон грешниците. Постојано ја докажувал Својата милост кон грешниците. Господ го љуби секое создание, и Неговата љубов воопшто не се смалува кон грешникот, впрочем, Господ го исчекува грешникот кон покајание.
Слава на Тебе Господи за Твојата штедра милост која постојано ја покажуваш кон нас грешните и недостојни луѓе. Ние сме грешни и расипани со своите лоши дела, кои постојано ги чиниме. Ние во заблудата своја се оддалечивме далеку од Тебе. Но не сакаме да бидеме како лицемерите, кои се сакаат само себеси. Туку ние, ќе се молиме и за сите луѓе, насекаде во светот, ќе ја пројавуваме љубовта која ја добиваме од Тебе како Твој дар. Ти биди милостив и полн со добрина кон нас. Биди човекољубив и немој да нè презреш поради нашите безаконија. Ете ние полека постануваме свесни за своите гревови и Те молиме, прости ги нашите гревови и прими нѐ во Твојата прегратка.
Дојди Господи – maran atha!
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-na-bludniot-sin-2/