Од православниот календар -Кој бил Светиот пророк Самуил

Example Admin User · 3 years ago

    5 minutes, 39 seconds


Светиот пророк Самуил

Петнаесетти и последен од Судиите на Израилот. Живееше илјада и сто години пред Христа. Роден е во племето Левиево, од родителите Елкан и Ана, во местото Рамат или Ариматеја, каде што подоцна се роди и благообразниот Јосиф.

Бездетната Ана со солзи го измоли Самуил од Бога и штом наполни три години Му Го посвети на Бога.

Самуил живееше во Силоам крај ковчегот на заветот, а кога имаше дванаесет години имаше вистинско откровение од Бога за казната што му претстои на домот на првосвештеникот Илија заради расипаноста на неговите синови Офин и Финес.

Тоа откровение наскоро и се изврши: Филистејците ги избија Израилците, ги убија обајцата синови на Илија и го запленија ковчегот на заветот.

Кога гласникот му ја соопшти оваа вест на Илија, тој падна мртов на земја и издивна на деведесет и осумгодишна старост.

А тоа истото се случи и со неговата снаа, жената на Финес. Оттогаш дваесет години Израилците им робуваа на Филистејците.

По овој рок му го испрати Бог на народот Самуил за да му проповеда покајание, ако сака да биде избавен од своите непријатели.

И народот се покаја и ги отфрли туѓите идоли на коишто им служеше и го призна Самуил за пророк, свештеник и судија. Тогаш Самуил појде со војска против Филистејците и со Божја помош ги збуни, и ги уби, и ги ослободи земјата и народот.

Потоа мирно му судеше на народот до својата старост. Гледајќи го дека остаре, народот му рече да им постави цар наместо себеси.

Самуил го одвраќаше народот од ова велејќи им дека единствен нивни цар е Бог, но народот остана упорен во ова барање.

Иако ова Му беше неугодно на Бога, Бог му нареди на Самуил и им го помаза за цар Саул, Кисовиот син, од Венијаминовото племе.

Саул царуваше кратко време и Бог го отфрли заради неговата непослушност и дрскост, па му нареди на Самуил Давид Јесеев да биде помазан за цар наместо Саул.

Пред својата смрт Самуил го собра сиот народ и се прости со нив. А кога умре, по него плачеше сиот Израил, а го погребаа чесно во неговиот дом во Рама.

1. Раѓањето на Самуил и неговото посветување за служба во Светилиштето.

1. Имаше еден човек од Арматем-Сиф, од Ефремовата гора, името му беше Елкана, син Јеремилов, син Илиин, син на Такел, во Насив од Армател, од гората на Ефремовците;

2. тој имаше две жени: едната се викаше Ана, а другата Фенана; Фенана имаше деца, Ана, пак, немаше деца.

3. И во определени денови тој човек одеше од градот свој за да Му се поклони и да Му принесе жртва на Господ Саваот во Силом; таму беше Илиј и двајцата синови негови Офни и Финес, свештеници на Господа.

4. А во денот, кога Елкана принесуваше жртва, ѝ даваше на жената своја Фенана и на сите нејзини синови и ќерки, по еден дар,

5. а на Ана, пак, ѝ даваше посебен дар, зашто таа немаше деца, а и ја сакаше Ана повеќе од Фенана, иако Господ ѝ ја беше затворил утробата нејзина.

6. Соперничката нејзина многу ја огорчуваше, па ја тераше да негодува, поради тоа што Господ ѝ ја беше затворил утробата нејзина.

7. Така стануваше секоја година, кога Елкана одеше во домот Господов: онаа ја огорчуваше, а оваа плачеше и не јадеше.

8. И ѝ рече Елкана, мажот нејзин: „Ано!” Таа му одговори: „Еве, ме господару.” И ѝ рече: „Зошто плачеш и зошто не јадеш, и поради што е нажалено срцето твое? Не чинам ли јас за тебе повеќе од десет синови?”

9. Откако јадеа и пиеја во Силом, Ана стана и застана пред Господа. А свештеникот Илиј седеше тогаш на стол при влезот во храмот Господов.

10. Таа тажеше во душата своја и Му се молеше на Господа и горко плачеше,

11. па се заветува, велејќи: „Господи, семоќни Боже Саваоте!

Ако погледнеш милостиво кон смиреноста на слугинката Твоја и се сетиш за мене, и не ја заборавиш слугинката Своја и ѝ дадеш на слугинката Своја дете од машки пол, јас ќе Му го дадам на Господа за сите денови на животот негов; и вино и сикер нема да пие и брич нема да се допре до главата негова.”

12. Додека таа се молеше долго пред Господа, Илиј ја гледаше во устата;

13. и бидејќи Ана говореше во срцето свое, а устата нејзина само се мрдаше, и гласот нејзин не се слушаше, Илиј помисли дека е пијана.

14. И ѝ рече Илиј: „До кога ќе бидеш пијана? Истрезни се од виното свое и истави се од лицето Господово.”

15. Ана одговори и рече: „Не, господару мој; јас сум жена, која душевно страда; вино и сикер не сум пила, а ја изливам душата своја пред Господа;

16. не ја сметај слугинката своја за лоша жена, зашто поради големата жалост и поради тагата своја јас говорев досега.”

17. Илиј одговори и рече: „Оди си со мир, и Бог Израилев нека ја исполни молбата твоја, за која Го молеше.”

18. А таа одговори: „Можеби слугинката твоја ќе најде милост во твоите очи.”

И таа тргна по патот свој, и јадеше, и лицето нејзино веќе не беше тажно, како пред тоа.

19. И утредента тие станаа, се поклонија пред Господа и се вратија, па отидоа во домот свој во Арматем. И Елкана ја позна Ана, жената своја, и Господ си спомна за неа.

20. По извесно време Ана зачна, роди син и му даде име Самуил, бидејќи велеше таа од Господа Бога Саваота го измолив.

21. И отиде мажот нејзин Елкана и целата челад негова во Силом, за да Му ја принесе годишната жртва на Господа и заветите свои и сите десетоци од земјата своја.

22. Но Ана не отиде со него, велејќи му на мажот свој: „Кога младенчето ќе биде одбиено од градите и ќе порасне, тогаш ќе го одведам, и тој ќе се јави пред Господа и ќе остане таму засекогаш.

23. И ѝ рече Елкана, мажот нејзин: „Прави, она што ти е угодно; остани додека го одбиеш; само Господ да го утврди зборот што излегол од твојата уста.” И остана жена му и го хранеше синот, додека го исхрани.

24. А кога го одби, отиде со него во Силом, земајќи со себе три телиња и лебови и една ефа брашно и мев со вино, па дојде во домот Господов во Силом, и момчето со нив; а момчето беше уште дете.

25. И го доведоа детето пред лицето на Господа; и татко му принесе жртва, каква што Му принесуваше на Господа во определените дни. И го приведоа момчето и заклаа теле; и мајка му Ана го доведе момчето при Илија,

26. и рече: „О, господару мој, да живее душата твоја, господару мој! Јас сум онаа жена, која стоеше тука при тебе и Му се молеше на Господа;

27. за ова дете се молев, и Господ ја исполни молбата моја, за која Му се молев;

28. и јас го предавам сега на Господа за сите денови на животот негов – нека Му служи на Господа.” И таа Му се поклони таму на Господа.

2. Похвалната песна на Ана.

1. И се молеше Ана и велеше:

„Ми се зарадува срцето мое во Господа; се воздигна рогот мој преку мојот Бог; широко се отвори устата моја против моите непријатели, зашто се радувам поради спасението од Тебе.

2. Никој не е така свет како Господ; зашто нема друг, освен Тебе; и нема тврдина како нашиот Бог.

3. Не продолжувајте да говорите гордо; зборови охоли да не излегуваат од устата ваша; зашто Господ е Бог на знаењето, и делата Негови се обмислени.

4. Лакот на силните се прекршува, а слабите со сила се здобиваат;

5. ситите работат за леб, а гладните почиваат; дури неплодната раѓа седумпати, а многудетната изнемоштува.

6. Господ умртвува и оживува, кутнува наземи и крева;

7. Господ го прави човекот сиромав и богат, го понижува и го воздига.

8. Од прав го подига бедниот, од кал го крева сиромавиот, ставајќи го да седне со големците, и им го дава во наследство престолот на славата; зашто во Господа се основите на земјава, и Он врз нив ја утврди вселената.

9. Ги услишува молитвите на молителот и ги благословува деновите на праведникот, зашто не преку сила човекот е јак.

10. Господ ќе ги сотре оние што се препираат со Него; од небесата ќе згрми на нив. Господ е свет.

Да не се фали мудриот со мудроста своја, да не се фали силниот со силата своја, да не се фали богатиот со богатството свое, туку секој, кој сака да се фали, нека се фали дека Го разбира и Го знае Господа.

Господ ќе ги суди краиштата на земјата, ќе му даде сила на Својот цар и ќе го воздигне рогот на помазаникот Свој.”

11. И го оставија таму Самуила пред Господа.

Подготви Светланка Трајчева

Source: https://pokajanie.mk/2020/08/30/22163/

Share:

Example Admin User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Свети Финан, епископот на Линдисфарн

ЖИТИЈА НА БОЖЈИ УГОДНИЦИ, КОИ ЗАСВЕТЛИЛЕ ВО ЗЕМЈАТА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ФИНАН, ЕПИСКОПОТ НА ЛИНДИСФАРН, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 17 ФЕВРУАРИ (?-661; Finan of Lindisfarne) Свети Финан[1] бил Ирец, кој се замонашил во манастирот на Свети Колумба во Јона, а се пр...

Image Description
3 years ago

Светата првомаченичка Текла рамноапостолна ( „Слугинка сум на живиот Бог.“)

Светата првомаченичка Текла рамноапостолнаРодена е во Иконија, од родители прочуени, но незнабожци. Како осумнаесетгодишна девојка била верена за некое момче во она време кога апостолот Павле дојде со Варнава во Иконија за проповед на Евангелието. Слушајќи го Павле три дена и три ноќи, Текла се обр...