Пред почетокот на Великиот пост, Црквата одредила постепено воведување во постот преку трите подготвителни седмици, во кои си спомнуваме на карактеристични настани од Евангелието, кои, пак, се поврзани со постот и покајанието, и во кои веќе Црквата етапно нѐ воведува во постот.

Најчесто настанува забуна кај верниците во врска со термините Месопусна и Сиропусна, затоа што мислат дека тоа означува допуштање на месо или сирење. Вистинското значење на овие термини е дека тогаш се прави отпуштање на месото, т.е. сирењето од употреба.

Прочка или Сиропусна недела е ден кога последен пат се јаде мрсна храна (освен месо) и тогаш се отпушта од употреба сирењето, јајцата и рибата и од следниот ден започнува Великиот пост.

По датуми за 2020 година ова изгледа вака:

Недела на Митникот и фарисејот од 09.02-15.02.2020.

Се чита евангелската парабола за Митникот и фарисејот (Лука 18,10-14), и Црквата ни напомнува, пред почетокот на постот, да го стекнеме покајанието и смирението на митникот, и добрите дела на фарисејот, не без да се фалиме за нив. Во оваа седмица нема пост во среда и петок, за да покажеме послушност кон Црквата, затоа што постот е послушност, и за да не постиме како фарисејот, само за да нѐ видат и пофалат луѓето.

Недела на Блудниот син 16.02-22.02.2020.

Во оваа недела се чита евангелието за Блудниот син (Лука 15,11-32), преку кое Црквата ни укажува дека колку и да сме згрешиле, Бог секогаш нѐ очекува со раширени раце, а наша обврска е да се покаеме и да се вратиме на патот Божји, да се покаеме и да се исповедаме кај нашиот духовник. Во оваа седмица редовно се пости во среда и петок.

Сабота – Задушница (22.02.2020).

Во неа си спомнуваме за нашите покојни, одиме на гробишта за да се помолиме заедно со свештениците за нашите покојни, бидејќи животот не завршува со гробот, туку продолжува и понатаму, во вечноста. А добивањето на вечен живот е целта на нашиот христијански живот.

Месопусна:

Во недела на 23.02.2020 се чита евангелското четиво за Страшниот суд (Мат. 25,31-46), преку кое Светата Црква ни напомнува дека нѐ очекува Суд после смртта, и да побрзаме, да се покаеме, да се исчистиме од гревовите, и да ја примиме Светата Причест, која е залог за вечен живот. Во оваа недела последен пат се јаде месо – месни поклади.

Сирна или бела седмица: 24.02.-01.03.2020.

Се чита евангелското четиво за простувањето (Мат. 6,14-21), а Црквата ни напоменува за Изгонувањето на прародителите Адам и Ева од рајот, бидејќи го нарушија постот, односно послушноста кон Бога. Со ова нѐ учи да простуваме, и да постиме, за да се вратиме во рајот. Во оваа седмица освен месо, се јаде сѐ друго, и во среда и петок.

Во недела на 01.03.2020 е Прочка, Сирни поклади, или Сиропусна недела, во која последен пат се јаде мрсна храна, тогаш се отпушта од употреба секоја мрсна храна, и во понеделникот (Чист понеделник) започнуваме со постот.

Богоугоден пост да имаме!

Свештеник Јани Мулев