Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Ова е прекрасен празник, кога се сеќаваме на Мајката Божја и на Нејзината закрила кон нас. Таа е нашата заштитничка која не нè остава незаштитени. Со Својот покров, со Својата заштита, Таа нè закрилува, исто како мајка. Таа е Мајката Божја, и следствено и наша духовна мајка. Таа е Мајката на обожената човечка природа, па така следствено и наша Мајка. Таа е Мајка на светот. Таа Го роди Христа, а Христос ја прими на Себе природата на светот преку Својата Мајка. Светот е во Христос. Христос е светот. Христос е Цар над Царевите. Богородица е наша Царица, Која Го роди Вечниот Цар.
На овој ден се сеќаваме кога во 10-от век, светиот јуродив Андреј ја виде Мајката Божја во Црквата Влахерна во Цариград. На самата Света Литургија, светиот јуродив Андреј, виде како слегува Богородица од небото и се спушта кон Црквата и застанува над народот, со своите раширени раце, на кој што го држи својот покров и така држејќи го штити народот Божји. Таа со голема љубов постојано нè штити од сите искушенија кои сакаат да нè загрозат.
На овој ден нашата радост е голема поради тоа што гледаме како нè прегрнува Богородица. Нашата радост може единствено да ја изразиме преку воспевањето на нашата духовна Мајка. Единствено можеме да ја возвеличуваме со нашите скромни и несовршени зборови кои не можат да ја истакнат на прав начин Нејзината небеска слава. Но, секако дека нашата желба за да ја прославуваме Богородица е изразот на нашата благодарност кон неа.
Собирајќи се во соборноста на Црквата, во заедницата на празникољубието, да ја прославуваме Пресветата Богородица заедно со сите светители и сите ангели. Целото Небо денес ја слави Мајката Божја, заедно со земните хорови на верните во светите храмови. Светата Црква ја прославува својата духовна Мајка, и сите ние ја дочекуваме Богородица со нејзината заштита, со топла молитва и чисто срце.
Мајко наша Богородице, ти си заштитница на сите обременети луѓе во светот. Ти си утеха на сите тажни луѓе, ти си милосрдна кон покајниците. Ти си неизмерна добрина кон сите кои ја бараат добрината Божја. Ти си нашиот прекрасен дар Божји. Ти си нашиот бесценет украс. Ти си единствена жена која го спасува светот. Затоа твојата улога, Мајко Божја, е бесценета.
Пророштвата Божја која се искажуваа за тебе, Мајко Божја, преку светите пророци Божји, се остварија. На тебе ги посветуваме нашите храмови насекаде по светот. Ти си најголемиот, несограден човечки храм, најголем роден храм. Ти си најголемиот храм и најважниот храм Божји. Во тебе е првиот олтар Божји. Во твојата утроба Мајко Божја, се всели Седржителот. Се всели вечниот Бог. Во твојата утроба изникна Богочовекот Христос. Твојата утроба, го претставува Престолот Божји на земјата. Престолот каде што растеше Богочовекот Христос. Престолот каде што ја започна Бог Својата историска мисија.
Мајко Божја, ти си родена од своите бездетни родители, кои по благословот Божји, на староста те родија. Твојата мајка Ана во староста стана процутено старо дрво, чиј плод станува спасение на сите луѓе. Ти си нашето спасение. Ти си алката на прекрасниот ланец преку кој сме поврзани со Господ. Ти, пак, на чудесен начин си зачнала, несоодветен на природниот земски начин. Зачнувањето на твојот плод е безсемено и неземно. Твоето зачнување го скрши природниот закон на природата. Твоето зачнување е надприродно во Божјата семоќ.
Бог за да се роди требаше човекот слободно да учествува и да ја прифати таа тајна Божја. Ти си, Мајко Божја, најголемиот човек кој слободно ја прифати Божјата волја. Ти му рече на Архангелот Гаврил дека си спремна слугинка Божја, која ја прифаќа волјата Божја. Ева погреши, поради Ева човекот беше истеран од Рајот. Но, сепак, Новата Ева, Марија, Пресветата Богородица Мајка, се оствари како Мајка Божја и преку нејзиното семе, човекот ќе биде спасен. А преку човекот и целата материја, целата природа. Жената Марија го спасува светот. Жената Марија, самостојно, со Божјото надумно осенување, Го зачнува во себе, Плодот на Спасението. Ти си Мајката на Спасението, затоа што Твојот Плод е вистинското Спасение.
Ти си сеопшта прослава на сите родени луѓе. На сите свети пророци, на апостолите, на мачениците, на светите отци, на сите верници, ти си прекрасен дар Божји. Ангелите те слават за твојата несфатлива улога, да бидеш Мајка Божја. Тајната Божја за да бидеш Негова Мајка е несфатлива за нас луѓето. Но, преку вселувањето на Синот Божји во тебе, ја согледуваме тајната Божја која се открива. Со стравопочит кон Бога, ја согледуваме и Светата волја на Пресветата Троица да ја оствари вечната Божја идеја за спасението на човекот и на целиот свет.
Со твојот омофор, Мајко наша, ни ја покажуваш твојата голема милост. Благодатта Божја се излева преку твојата заштита кон нас. Ти си Царица наша, ти си Царица на светот. Благодатта Божја е во Тебе, преку вселувањето на Господ Бог. Ти ја излеваш милоста Божја, затоа што ја имаш во себе милоста Божја. Ти стана путир на Благодатната енергија Божја, та сега и на нас ни ја излеваш таа вечна енергија Божја.
Пророкот Давид се радува затоа што негово семе, негово потомство е Марија. Давид се радува затоа што Марија стана Мајка Божја. Светиот пророк Мојсеј се радува затоа што се роди онаа која била претскажана од Господа во примерот на несогорливата капина на гората Сион. Капината горела, но не согорувала. Па така и Богородица, телесен земен човек, во себе Го сместила апсолутниот Бог, апсолутната моќ. Но, Марија не била ниту малку оштетена од таа вечна сила. А денес, со таа вечна сила, Богородица нè осенува со нејзиниот омофор, со нејзината заштита.
Пророкот Јаков ја виде скалата која стоеше на земјата и беше поврзана со небото. Тој те виде како го претставуваш мостот по кој што ќе поминуваат луѓето кон Небото. Таа скала ќе биде мостот по кој што и ангелите ќе доаѓаат кон нас во светот. Ти си прекрасната скала на спасението. Ти си Ширшаја – поширока од Небесата. Ти си човечката утеха. Тука те славиме и воспеваме, заедно со небесата каде што си преславна и преблагословена.
Ти си, Богородице, застапница на верните пред Господа, пред твојот Син, и пред Божјиот Син. Постојано ги простираш своите раце кон Бога барајќи милост и заштита кон луѓето. Ти си Божјата невеста, ти си Царицата и Мајката на вечниот Цар, која застана оддесно на својот Син, и свој Бог. Ти си пославна од Херувимите и почесна од Серафимите, силна и моќна заштита на сите луѓе. Ти си украсена со прекрасен вечен венец на светлината. Ти си и самата пресветла светлина, која ја родила Светлината. Тебе Светлината те просветли и обожи. Та сега ти си носител на неземната прекрасна вечна светлост Божја.
Ти си опкружена од небесните ангелски војски, пребиваш покрај Божјиот престол заедно со Пресвета Троица. Ние земните, обземени сме со вчудовидување, како си прославена и возвеличена. Ти пееме, ти се молиме, се надеваме на тебе Мајко наша духовна. Подари ни ја твојата милост, затоа што си милостива. Ти живееш сега во наднебениот град Ерусалим, во ветениот град, во вечноста. Таму се сите праведниците и светителите, кои Го возљубиле Господа твојот Син. Навистина прекрасно и чудесно, кога ја согледуваме таа тајна Божја во која што ти учествуваш.
Светиот апостол Павле, во своето денешно послание до Евреите на светата Литургија, говори за Скинијата. За првиот богослужбен храм Божји, создаден од луѓето, но по Божјата волја која му беше изразена уште на Мојсеј, кога му ги даде Бог двете плочи со Божјите Заповеди. Првата Скинија е првиот створен храм, но сепак несовршен, поточно кој постоел во сенката на нејасното спознание во Стариот Завет. Сепак бил место во кое што луѓето, заедно со свештенослужителите ги принесувале своите жртви.
Но, вечниот храм Божји, кој стана вистинско реално пребивалиште на Господа е жената Марија. Марија се исполни себеси со Божјото присуство, па ние денеска се радуваме на тој Божји храм во кој се смести Несместивиот Бог.
Светиот апостол Павле вели: „Крвта на јунче и јарец, и пепелта од јуница преку попрскување ги осветуваат осквернетите, за очистување на телото“ (Евр. 9, 13). Во Стариот Завет во Скинијата Божја, жртвопринесувањето на наменските животни во името на човечките гревови, биле поради умилостивувањето на Бога. Ако тогаш Господ ги оправдувал гревовите на човекот на тој начин, преку таквите земски жртви, колку ли е денес повеќе и повредна Крвта Божја која се пролеа за спасение на човечките души?
„Тогаш, колку ли е повеќе крвта на Христос, Кој преку Светиот Дух се принесе Себе на Бога непорочен, ќе ја очисти совеста наша од мртви дела за да Му служиме на живиот Бог“ (Евр. 9, 14). Навистина, каква е оваа милост кога Самиот Син Божји, непорочен, ја пролева Својата света и чиста Крв за оправдување и очистување на грешните луѓе, за да го добијат своето спасение.
Апостолот Павле вели дека Христос ја чисти нашата совест од мртвите дела. Значи дека секој грев кој го правиме, е дело на смртта. Делото е мртво, затоа што донесува смрт на нашата душа. Правејќи такви грешни и мртви дела, ние се самоосудуваме за да пропаднеме во вечната смрт. А очистувајќи ја нашата совест од ваквите мртви дела, Господ Христос, нè воздигнува во небеските и чисти живеалишта на Неговата Вечност.
Само Господ може да нè прочисти и очисти. Ние самите не можеме да влијаеме на вечното спасение. Вечното спасение го подарува единствено Господ. Во Господа е конечниот суд. Но, секако и ние учествуваме со нашата волја, преку нашето искрено покајание, преку нашиот труд и подвиг во добродетелниот живот, преку телесно-духовната аскеза, во Благодатта Божја ние ќе ја доживееме трансцедентната катарза, преобразувајќи нè конечно Господ. Преобразувајќи го нашето тело и нашата душа од смртни и валкани, во чисти и вечно живи. Ќе бидеме прочистени од злото и смртта во името Христово и во конкретното заедничарење со Нашиот Господ.
Преку заедничарењето со Неговото жртвопринесување, преку крстовоскресната жртва, причестувајќи се со Неговите Тело и Крв за вечно спасение. Единствено чистата Крв Божја и Неговото Пречисто Тело се нашето спасение. Тоа е спасението кое се подарува денеска, во историјата на несовршеноста, за да ја наследиме вечноста.
Божјото Тело и Крв се дел од самото тело на Мајката Божја. Таа се подари себеси, учествувајќи во Божјиот домострој на спасението, за да се оствари таа долгоочекувана прилика на човечкото спасение. Телото Христово е Тело на Мајката Негова – Марија. Колку е навистина чудесна оваа вистина и оваа Тајна. Ние луѓето можеме само да ја воспеваме Божјата Промисла која е втемелена во вечната љубов. Ние се спасуваме единствено поради Божјата Вечна Љубов. Прекрасно навистина!
Пречистата Марија Богородица, отсекогаш била многу смирена и кротка жена. Таа никогаш не била разиграна како и сите деца, таа никогаш не учествувала со другите во некакви игри и некаква врева. Секогаш била тивка и кротка и го изучувала Законот Божји. Постојано била во Скинијата, во Старозаветниот храм, каде што читала и се молела. Единствено само таа била присутна постојано во самиот олтар на таа старозаветна Скинија, каде што никој не смеел да влегува внатре, освен првосвештеникот – Архијерејот. Но, Марија, била подготвувана од Бога да биде Новата Скинија. Таа станува Новозаветен Храм Божји. Уште додека била мала пребивала постојано во храмот Божји, читала и се молела, разговарала со ангелите, тие ја хранеле со духовна манна, ангелска неземна Божја храна. А подоцна, Марија станува жив храм на благодатта Божја во која постојано пребива.
Поради нејзиното смирение, и поради нејзината лична волја, никој не сведочел во Евангелијата и Делата Апостолски за нејзиниот живот во Новиот Завет. Таа се истакнувала со своето вчудовидувачка кротост и смирение.
Во денешното Свето Евангелие се говори за Христовата проповед во домот на светите сестри Марта и Марија кои биле сестри на светиот, воскреснат, четвородневен Лазар, покасно прв пастир и архијереј на островот Кипар. Имено, Христос проповедал во домот нивни, на многу луѓе кои дошле и седнале да го слушаат. И Марија седнала покрај нозете на својот Учител и се напојувала од Неговите зборови, со Божјата благодат. А Марта, пак, сакала да ги угости сите тие присутни луѓе, па се трудела да ги послужи. Па бидејќи не можела сама да постигне да ги послужи сите луѓе, му побарала на Господа да и рече на Марија да стане и да ѝ помогне. Но, Господ Исус ѝ вели на Марта, укорувајќи ја, дека Марија го избрала добриот дел.
Марија седела и Го слушала Господа Бога. Ја слушала Божјата наука. Ја слушала Божјата поука. Додека пак Марта се трудела за овоземните работи, додека ја испуштала Божјата поука. Господ нè поучува преку ова Евангелие, дека сепак треба да се грижиме повеќе за нашите души, а не за нашите тела. Јадењето и пиењето се подразбираат, но сепак на душата ѝ е потребна духовната, Божјата храна. Телесната храна не може да ни подари вечност, но духовната вечна храна може да нè преуми, да ни подари вечно спознание и спасение. Може да нè нахрани со вечната радост и утеха.
„А тој рече: Навистина, блажени се оние што го слушаат словото Божјо и го чуваат“ (Лука 11, 28). Ете Господ како ги наградува тие кои го слушаат и чуваат словото Божјо. Господ ги нарекува блажени, подарувајќи им го Неговото блаженството во Вечниот Живот.
Блажени се сите оние, кои денес го слушаат Божјиот глас, и учествуваат во Божјиот повик да бидат Негови чеда, во Неговото име и во Неговата спасоносна животворна жртва. А Божјиот глас пак се слуша постојано, секојдневно во светата Црква, на светата Литургија.
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/pokrov-na-presveta-bogorodica/