Title : Постот кај Светите отци

Постот кај Светите отци

Example Super-Admin User · 2 weeks ago

    0 minutes, 16 seconds


Aleksandar.N.sv.Haralampij

Ранохристијанските списи, како и делата на Светите отци, потврдуваат дека постот во Црквата се запазувал уште од самиот почеток. Во учењето на Дванаесетте апостоли, од средината на II-от век, се зборува за веќе постоечкиот седмичен пост на христијаните, со наредба да не биде спроведуван заедно со Јудеите, „зашто тие постат во понеделник и четврток. А вие постите – се вели во него – во среда и во петок“. Според 15-от канон на Светиот свештеномаченик Петар Александриски (†311 г.), ние постиме „во среда, заради лицемерниот совет на Јудеите за предавството на Господа, а во петок, заради Неговите страдања кои за нас ги поднел и претрпел“. Постот во среда и петок го потврдува и 69-от Канон на Светите Апостоли.

Уште од дамнешно време е запазен постот пред Велигден, кој се споменува во делата на свети Иринеј Лионски (†202 г.). Во тоа време, постот траел од Велики петок до Воскресение. Сириската Дидаскалија, од средината на III-от век, споменува дека Пасхалниот пост траел цела недела, а истото го кажува и свети Дионисиј Александриски (†265 г.). Свети Атанасиј Велики (†373 г.), пак, вели дека овој пост се запазува четириесет дена, што е потврдено и од Евсевиј Кесариски, Амвросиј Милански и од други Свети отци. 69-от Апостолски канон  зборува за постот во Светата Четириесетница како веќе за општ и задолжителен.

Aleksandar.N.sv.Haralampij
Подоцна се појавуваат и останатите три годишни пости. Петровиот пост првобитно траел една седмица и бил поврзан со Педесетница. Дури во IX-от век свети Теодор Студит ја споменува „Светата Четириесетница на Светиот Апостол“. Божиќниот пост во IX-от век, во некои делови на Црквата, траел 18, 12 или 6 дена. Ниту во XII-от век овој пост не е запазуван од сите подеднакво, сè додека Константинополскиот собор, за време на патријархот Лука Хрисоверг (1166 г.), конечно не утврдил дека Божиќниот пост треба да започнува на 15-ти ноември. Дури и пред крајот на Византиското царство, во 1431 година, Григориј Протосингел вели дека во Цариград некои овој пост го држат од 14-ти ноември, некои од 6-ти декември, а други, пак, од 20-ти декември.

Свети Теодор Студит во IX-от век, за Успенскиот пост вели: „Треба да се запази и Богородичниот пост, а хранењето со риба да се разреши само денот на Светото Преображение“. Но сепак, дури и на крајот на XI-от век, овој пост не е утврден насекаде, па Атонските монаси му се обраќаат на цариградскиот патријарх Никола Граматик (1084 – 1111 г.), со прашање дали овој пост треба да се запазува? Како одговор на 55-то прашање на Марко, патријархот Александриски, познатиот канонист Теодор Валсамон (1170 г.) ја цитира одлуката на овој патријарх, според која е неопходно „пост да им претходи на овие четири празници, т.е. на празникот на Светите апостоли, на Христовото раѓање, на Преображението на нашиот Христос и Бог и на Успението на Пресвета Богородица, но тие сите се седумдневни, а само еден е четириесетдневен пост, а тоа е пред Светата и Велика Пасха. Ако некој пости повеќе од седум денови пред празникот на Светиот апостол и пред Христовото раѓање, без оглед на тоа дали пости доброволно или по правилата на Типикот на ктиторот, тој нема да се посрами“.

Покрај општите пости кои се задолжителни за сите, во Новозаветната Црква, уште од самиот почеток постојат т.н. приватни или лични пости, кои на себе си ги наметнувале самите христијани, или, пак, на поединци им ги наложувала Црквата. Така, во Учењето на Дванаесетте апостоли, се наредува пост од еден или два дена пред самото крштение: „Пред крштението нека постат оние што ќе се крстат, а ако можат тоа нека го сторат и други“. За постот пред крштението исто така зборуваат и свети Јустин Маченик (†165 г.) и свети Климент Римски. Многу рано Црквата го наложувала постот како средство за поправка од гревот. Некои христијани самоиницијативно си наметнувале пост заради одредена духовна цел. Други, пак, кога постеле, од заштедата која им останувала од ненабавката на мрсна храна, се труделе да им помогнат на сиромашните.

„Со еден збор – вели Свети Василиј Велики – постот ги водеше сите Светии во живот според Бога… така што ова наследство, преку духовно преемство, е зачувано сè до денес“. Вакво големо значење на постот му придаваат и црковните песни, кои го означуваат како еден од симболите на христијанството: „Пред спасоносниот крст – се вели во првата стихира на утрената од сирниот петок – кога царуваше гревот и владееше безбожноста, луѓето уживаа во телесната храна и малкумина ги презираа телесните задоволства. И, откако се изврши тајната на крстот и со Богопознание се изгасна демонската тиранија, на земјата се живее со небесна добродетел. Затоа се почитува постот, воздржаноста блеска, се извршува молитвата, а како сведок ни е дадено сегашното време за спасение на нашите души од распнатиот Христос Бог“.

Извор:

https://www.tiveriopol.mk/%d0%bf%d0%be%d1%81%d1%82%d0%be%d1%82-%d0%ba%d0%b0%d1%98-%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d0%be%d1%82%d1%86%d0%b8/

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/duhoven-azbuchnik/24010-postot-kaj-svetite-otci

Share:

Example Super-Admin User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 months ago

о. Горан Стојчевски: МАЧЕНИЦИТЕ- ХРИСТОПОДОБНИ ОБРАЗИ БОЖЈИ

  о. Горан СтојчевскиМАЧЕНИЦИТЕ- ХРИСТОПОДОБНИ  ОБРАЗИ  БОЖЈИ„...нивното  страgање не било og утоiпија, не било пopagи непромисленост и неукост,или пopagи закани, туку  og љубов кон својот Бог, зашто за нас ќе вреgи ли животот, gоколку  во него Го нема Бога?"- Архиеписк...

Image Description
7 months ago

С нами Бог!

Утеха во денешната состојба со вирусот Отец Пимен (Влад) е настојател на Ќелијата – Воведение на Пресвета Богородица – на Света Гора Атонска, која припаѓа на Скитот Лаку. Драги мои! Сакам на кратко да поговорам со вас, седејќи со чашка кафе. Си приготвив кафе, слатко кафе,...

Image Description
7 months ago

Дојди додека си млад

Пред извесно време на интернет страните се вртеше едно видео, во кое еден босански лекар, на хумористичен начин, ја опиша навиката на нашите луѓе да одложуваат сѐ за во последен момент. Тој вели: „Ми доаѓаат луѓе три дена пред смртта и ме прашуваат, што да правам. А јас им...