Title : Ретроспектива (2005-2020): Раскази на еден поклоник - Втор расказ

Ретроспектива (2005-2020): Раскази на еден поклоник - Втор расказ

Example Super-Admin User · 2 months ago

    0 minutes, 22 seconds


лого

Monah.bastum

ВТОР РАСКАЗ

Долго време патував по секакви места, придружуван од молитвата Исусова, која ме закрепнуваше и ме тешеше по сите патишта, во секоја околност и при секоја средба. На крајот, ми се стори дека ќе направам добро ако се запрам негде за да најдам некоја поголема осамотеност и да го проучувам Добротољубието, кое можев да го читам само вечерно време на конакот или за време пладневниот одмор; имав голема желба да му се посветам подолго време за да можам со вера од него да ја црпам вистинската наука за спасението на душата преку молитвата на срцето. За жал, за да ја задоволам оваа желба, не можев да се нафатам на никаква рачна работа, бидејќи мојата лева рака беше онеспособена за тоа уште од моето рано детство; затоа, не можејќи да се задржам во некое место, се упатив кон сибирските предели, кон Свети Инокентие Иркутски, мислејќи дека, низ рамнините и шумите Сибирски, ќе најдам повеќе тишина и ќе можам покомотно да им се предадам на читањето и на молитвата. Така заминав, рецитирајќи ја непрестајно молитвата.
По некое време, почувствував дека молитвата самата од себе минуваше во моето срце, односно дека моето срце, чукајќи нормално, почнуваше на некој начин во самото себе да ги чита светите зборови при секое отчукување, на пример: 1. — Господи, 2. — Исусе, 3. — Христе, итн. Престанав да ги мрдам усните и со внимание го слушав она што го велеше срцето; се обидував, исто така, да гледам во внатрешноста на срцето, спомнувајќи си колку е тоа пријатно, како што велеше мојот покоен старец. Потоа, почувствував лесна болка во срцето, а во мојот дух таква љубов кон Исуса Христа што ми се чинеше дека, ако бев Го видел, ќе се фрлев на Неговите нозе, ќе ги зграбев, ќе ги гушнев и измиев со своите солзи, благодарејќи Му за утехата што ни ја дава со Неговото име, со својата добрина и љубов кон неговите недостојни и грешни созданија.


Наскоро во моето срце се јави една благотворна топлина која ги зафати целите мои гради. Тоа ме одведе посебно кон внимателно читање на Добротољубието за во него да ги проверам овие чувства и да го проучам развојот на внатрешната молитва на срцето; без оваа проверка, се плашев да не паднам во заблуда, делата на природата да ги сфатам како дела на благодатта и да се погордеам со оваа брза придобивка на молитвата, според она што ми го објасии мојот покоен старец. Затоа нарочно патував ноќе, а деновите ги минував во читање на Добротољубието седнат во шумата под некое дрво. Аj колку нови работи, колку длабоки и незнаени работи открив со ова читање. Во оваа работа, вкусив блаженство посовршено од се што бев можел да си замислам до тогаш. Без сомнение некои одломки остануваа несфатливи за мојот ограничен ум, но плодовите од молитвата на срцето го расветлуваа она што не го разбирав; покрај тоа, на сон понекогаш го гледав мојот старец кој ми објаснуваше многу тешки места и мојата несфатлива душа уште повеќе ја приклонуваше кон смиреноста. Во ова совршено блаженство минав два големи летни месеци. Најмногу патував низ шумите и по селските патеки; кога ќе пристигнев во некое село, барав торба леб, грст сол, ја полнев со вода мојата матарка и  повторно заминував за сто версти.

Поклоникот е нападнат од разбојници


Несомнено поради гревовите на мојата закоравена душа, или поради напредокот на мојот духовен живот, на крајот од летото се јавија искушенијата. Еве како: една вечер кога излегов на големиот пат, сретнав два човека кои имаа глави на војници; тие ми побараа пари. Кога им кажав дека немам ни динар, тие не сакаа да поверуваат и грубо извикаа:
— Ти лажеш! Поклониците собираат многу пари! Едниот од двата додаде: — Некорисно е да се зборува со него долго време, и ме удри по глава со својот стап; паднав во бесознание.
Не знам дали останав долго време така, но кога се освестив, видов дека сум во шумата покрај патот; бев сиот искинат и мојата торба беше исчезнала; беа останале само краиштата од врвцата за која се држеше. Фала Богу, не беа го однесле мојот пасош што го чував во мојата стара капа за да можам брзо да го покажам кога ќе затреба. Kога станав, жално плачев не толку поради болката колку за моите книги, мојата Библија и моето Добротољубие, кои беа во украдената торба. Целиот ден, целата ноќ, бев нажален и плачев. Каде е мојата Библија што ја читав уште од времето кога бев мал и што секогаш ја носев со мене? Kаде е моето Добротољубие од кое извлекував поука и утеха? Несреќен јас, го изгубив единственото благо на мојот живот, без да можам да се наситам од него. Подобро ќе беше да умрам отколку да живеам вака без духовна храна. Не ќе можам никогаш да ги откупам.
Два дена одвај одев, толку што бев нажален; третиот ден, исцрпен паднав крај еден џбун и заспав. И ,ете, на сон, се гледам себе во осаменост, во ќелијата на мојот старец и му го оплакувам својот јад. Откако ме утеши, старецот ми рече:
— Нека тоа ти биде лекција за ослободување од земните работи за да одиш послободно кон небесата. Ова искушение ти е пратено за да не паднеш во духовна наслада. Бог сака христијанинот да се одрече од својата сопствена волја за целосно да и се предаде на волјата Божја. Се што прави Он е за доброто и за спасението на човекот. Он сака сите да се спасат. Затоа собери храброст и верувај дека со искушението Господ го подготвува и среќниот крај. Наскоро ќе примиш утеха поголема од сета твоја мака.
При овие зборови, се разбудив, во моето тело почувствував свежи сили, а во мојата душа како зора и како еден нов мир. Нека биде волјата Господова, реков јас. Станав, се прекрстив и заминав. Молитвата повторно заботеше во моето срце како и порано и гри дена патував спокојно.
Одненадеж, на патот среќавам чета робијаши, што ги водеа со придружба. Притекнувајќи ги, ги забележав двата човека што ме ограбија, и како тие одеа на работ од колоната, се фрлив на нивните нозе и ги замолив да ми кажат каде се моите книги. Во почетокот се правеа дека не ме препознаваат, потоа едниот од нив ми рече:
— Ако ни дадеш нешто, ќе ти кажеме каде се твоите книги. Потребна ни е една рубља.
Се заколнав дека ќе им ја дадам, апсолутно, макар и просел за тоа.
— Повелете, ако сакате, како залог земете го мојот пасош.
Тие ми рекоа дека моите книги се наоѓаат во колите со другите предмети што им ги беа одзеле.
— Како  можам   да   ги   добијам?
— Барај од капетанот на придружбата.
Отрчав кај капетанот и работата му ја објаснив детално. Во разговорот ме запраша дали знам да ја читам Библијата.
 
— Не само што знам да читам, реков јас, ами знам и да пишувам; на Библијата ќе видите натпис кој докажува дека таа ми припаѓа мене; а ете ги во пасошот моето име  и   презиме.
Капетанот ми рече:
— Овие разбојници се дезертери, тие живееја во една колиба и ги пљачкосуваа минувачите. Еден вешт колар ги беше заробил вчера, кога сакаа да му ја земат неговата тројка. Сакам многу да ти ги дадам твоите книги, ако се овде, но треба да дојдеш со нас до конакот, тоа е само на четири версти одовде и не можам да го запирам целиот конвој заради тебе.
Сиот радосен одев покрај коњот на капетанот и разговарав со него. Видов дека тоа беше чесен и добар човек и кој не беше веќе млад. Ме прашува кој сум, од каде доаѓам и каде одам. Му одговорив со сета вистина; и така дојдовме до куќата за конак. Тој отиде да ги побара моите книги и ми ги   предаде   велејќи:
— Кај сакаш да одиш сега? Веќе е ноќ. Друго не ти останува освен да останеш со мене.
Останав. Толку бев среќен што ги најдов моите книги што не знаев како да Му благодарам на Бога; ги притискав на градите додека не добив грч во рацете. Солзи радосници ми течеа од очите, а срцето ми биеше од голема радост.
Гледајќи ме, напетанот рече:
— Се гледа дека сакаш да ја читаш Библијата.
Од радост не можев да одговорам ниту збор. Само плачев. Тој продолжи:
— И самиот јас, брате, секој ден грижливо го читам Евангелието. Притоа, подотворајќи ја својата униформа, извади едно мало Евангелие од Киев со сребрена обвивка.
— Седни и јас ќе ти раскажам како го добив . Еј! нека не послужаат со вечера!

monah.dalechina

Историјата на капетанот
Седнавме на трпеза. Капетанот го почна својот расказ:
— Уште од мојата младост, служев во гарнизон. Добро си ја знаев службата и моите претпоставени ме сметаа како поручник, кој служи за пример. Но, бев мошне млад а, исто така, и моите пријатели; за моја несреќа, научив да пијам и толку многу му се предавав на пиењето што од тоа се разболев; кога не пиев, бев одличен офицер, но кога ќе испиев и најмала чаша, следеа шест недели в кревет. Долго време ме поднесуваа, но, на крајот, поради навреда на еден претпоставен после пиење, бев деградиран и осуден да служам три години во гарнизон; ми се закануваа дека ќе бидам казнет со една од најстрогите казни. Во оваа бедна положба, попусто се обидував да се воздржам, попусто барав да се лекувам, не успеав да се ослободам од мојата страст и беше решено да бидам испратен во дисциплинскиот баталјон. Кога дознав за тоа, не знаев повеќе што да правам.
Еден ден, бев седнат во една соба со друштво и размислував за сето тоа. Тогаш влезе еден монах кој бараше милостина за една црква. Секој даваше колку што можеше. Кога дојде до мене, ме прашува:
— Зошто си толку нажален?
Јас позборував малку со него и му ја кажав својата мака. Монахот, сочувствувајќи во мојата положба, ми рече:
— Истата работа му се случи и на мојот брат, а, ете, како тој се извлече од тоа: Неговиот духовен татко му даде едно Евангелие и му нареди да чита од него по една глава секој пат кога ќе има желба да пие; и кога желбата ќе му се јавеше повторно, тој мораше да ја чита следната глава. Овој совет  мојот брггг  то спроведе во дело и, по некое време, страста за пиење го напушти. Еве веќе има петнаесет години тој не вкусил жесток пијалак, И ти прави така, и наскоро ќе ја видиш ползата од тоа. Имам едно Евангелие, ако сакаш, ќе ти го донесам. При овие зборови, јас му реков:
— Што сакаш да правам со твоето Евангелие, кога ниту моите усилби ниту лекарствата не можеа да ме спречат? (Така зборував зашто никогаш не бев го читал Евангелието).
— Не вели го тоа, одговори монахот. Јас те уверувам дека тоа ќе ти биде од полза.
Веќе утредента монахот ми го донесе ова Евангелие што го гледаш. Јас го отворив, го погледав, прочитав неколку реченици и му  реков:
— Не го сакам; ништо не се разбира; немам навика  да читам црковнословенски.
Монахот продолжи да ме опоменува, велејќи дека во самите зборови од Евангелието има една благотворна сила; зашто самиот Бог ги кажал зборовите што се отпечатени во него. Ништо не е тоа што не разбираш, само читај со внимание. Еден светител рекол: Ако ти не ја разбираш речта Божја, ѓаволите го разбираат тоа што го читаш и треперат; а сигурно е дека желбата за пиење е дело на демоните. Јас ќе ти го кажам и ова: Свети Јован Златоуст пишува дека дури и местото во кое се чува Евангелието ги застрашува духовите на темнината и прави пречка на нивните сплетки.
Повеќе не се сеќавам сосем добро — мислам дека му дадов нешто на тој монах — го зедов неговото Евангелие и го ставив во сандакот со моите работи; го заборавив сосема. По извесно време, дојде моментот да пијам; умирав од желба и го отворив мојот сандак за да земам пари и да трчам во кабарето .Го здогледав Евангелието и, сеќавајќи се наеднаш за сето она што ми го беше рекол монахот, го отворив и почнав да ја читам првата глава од Матеј. Го прочитав до крај без ништо да разберам; но си спомнувам за она што ми го објасни монахот: не е ништо тоа што не разбираш, само читај со внимание. Ах, си реков, да се обидам уште една глава. Читањето ми се стори појасно. Да ја видиме и третата: уште не бев ја ни почнал, кога одекна некакво ѕвонење: тоа беше вечерниот повик. Немаше повеќе начин да се напушти касарната: така, останав без пиење.


Утредента наутро, кога требаше да излезам да побарам ракија, си реков: А кога би прочитал една глава од Евангелието? Ке видам. Ја прочитав и не се поместив. И при една друга прилика, посакав да пијам, но почнав да читам и се почувствував олеснет. Бев сосем утешен и, при секоја нова желба, читав една глава од Евангелието. Колку повеќе минуваше времето, и тоа одеше на подобро. Кога ги завршив четирите Евангелија, мојата страст кон виното беше целосно исчезнала; не чувствував повеќе никаква потреба за него. И ете, сега има веќе точно дваесет години како не сум допрел никаков јак пијалак.
Сиот народ беше зачуден од мојата промена; по три години повторно бев примен во офицерскиот корпус, ги минав постапните чинови и станав капетан. Се оженив, зедов одлична жена; собравме нешто имот и сега, благодарение на Бога, живееме доста добро; ги помагаме сиромасите колку што можеме и примаме поклоници. Имам син кој е веќе офицер, тоа е едно храбро момче.
И ете, гледаш, од моето исцелување, сум си ветил секој ден, додека сум жив, да читам едно од четирите евангелија до крај, не дозволувајќи никаква пречка. Ете така правам јас. Кога сум оптоварен од работа и кога сум премногу заморен, си легнувам и барам од жена ми или од син ми да ми го читаат Евангелието покрај мене, и на тој начин го запазувам моето правило. Во знак на благодарност и за славата на Бога, дадов да се прекрие ова Евангелие со масивно сребро и секогаш го носам на моите гради. Со задоволство го слушав овој говор на капетанот и му реков:
— Јас запознав еден сличен случај: во нашето село, во фабриката, имаше еден одличен работник, мошне верзиран во својот занает; но, за негова несреќа, тој пиеше, и тоа често. Еден набожен човек го посоветува, секојпат кога ќе има желба за ракија, да рецитира триесет и три молитви на Исуса во чест на Пресветата Троица, а според годините од земниот живот на Исуса Христа. Тој постапи така и наскоро престана да пие. И тоа не е се: по три години, тој стапи во манастир.


— А што вреди повеќе, запраша капетанот, молитвата Исусова или Евангелието?


Сето тоа е едно, одговорив јас. Евангелието е како молитвата Исусова: зашто божественото име на Исуса Христа во себе ги содржи сите евангелски вистини. Светите оци велат дека молитвата Исусова е резиме на целото Евангелие.
Потоа ги прочитавме молитвите; капетанот почна да чита од почетокот на Марковото евангелие, а јас го слушав молејќи се во моето срце. Капетанот го заврши своето читање во два часот наутро и отидовме да си легнеме.
Според мојата навика, утрото станав рано; сите спиеја; денот одвај почнуваше кога јас заронив во моето мило Добротољубие. Со каква радост го отворив! Ми се чинеше дека повторно го најдов мојот татко по едно долго отсуство, или пријател воскреснат од мртвите. Го гушнав и Му заблагодарив на Бога што ми го врати; почнав да го читам Теолепт Филаделфијски кој се наоѓа во вториот дел од Филокалијата. Бев зачуден кога видов дека тој предлага во еден ист миг да се предаваме на три вида активности: кога седиш на трпеза, вели тој, на твоето тело дај му храна, на увото четиво, а на духот молитва. Но, сеќавањето на претходната благотворна вечер практично ми ја објаснуваше оваа мисла. Дури тогаш ја сфатив тајната на разликата меѓу срцето и духот.


Кога капетанот се разбуди, отидов да му заблагодарам за неговата добрина и да му кажам збогум. Тој ми стави чај, ми даде една рубља и се разделивме. Радосен, го продолжив мојот пат.
Кога заминав една верста, се сетив дека на војниците им бев ветил една рубља, а која сега ја имав. Требаше ли да им ја дадам или не? Од една страна, си велев, тие те претепаа и те ограбија, а и не можат ништо да направат со неа бидејќи се затворени. Но, од друга страна, спомни си што пишува во Библијата: Ако твојот непријател е гладен, дај му да јаде. А и Самиот Исус Христос вели: Сакајте ги вашите непријатели, и уште: Ако некој сака да ти ја земе кошулата, дај му го и палтото. Вака убеден, се вратив назад и стигнав до куќата за одмор во моментот кога конвојот се формираше за повторно да тргне: отрчав кон двајцата злосторници и им ја ставив в рака мојата рубља велејќи:
— Молете се и покајте се; Исус Христос е пријател на луѓето. Он нема да ве напушти!
По овие зборови се оддалечив и си го продолжив патот во спротивен правец.

Осамотеност


Откако минав педесет версти од главниот пат, тргнав по селски патишта поосамотени и попогодни за читање. Долго време одев низ шумите; одвреме навреме, наидував на некое мало село.  Честопати,  по цел ден седев во шумата читајќи го Добротољубието; во исто време, бев нажален што не можев да најдам засолниште каде би можел во мир и без прекин да му се предадам на читањето.
Во тоа време, ја читав, исто така, и мојата Библија и чувствував дека почнувам подобро да ја разбирам; во неа се помалку наоѓав нејасни места. Светите оци имаат право кога велат дека Добротољубието е клучот кој ги открива тајните закопани во Светото писмо. Под негово раководство, почнував да ја разбирам скриената смисла на Речта Божја; откривав што значи тоа „внатрешниот човек на дното од срцето", вистинската молитва, обожувањето со дух, Царството внатре во нас, посредувањето на Светиот Дух; ја разбирав смислата на овие зборови: Вие сте во Мене, дај ми го твоето срце, да бидеш облечен во Христа, веридбата на Духот во нашите срца, призивот „Ава Оче" и многу други. Нога истовремено се молев длабоко во моето срце, се што ме окружуваше имаше прекрасен изглед: дрвјата, тревите, птиците, земјата, воздухот, светлината, се чинеше како да ми велат дека постојат заради човекот, дека сведочат за љубовта Божја кон човекот; се се молеше, се Му пееше слава на Бога! На тој начин го разбирав она што Добротољубието го вика „запознавање говорот на созданието", и јас гледав како е можно да се разговара со Божјите созданија.

Историјата на еден шумар


Вака патував долго време. Најпосле дојдов во еден предел толку пуст што три дена не видов ниту едно село. Бев го довршил мојот леб и со неспокојство се прашував како да не умрам од глад. Штом почнав да се молам во моето срце, мојата здодевност исчезна, и се предадов на Божјата волја и станав весел и спокоен. Туку што тргнав по патот низ една огромна шума, пред мене забележав едно куче чувар, кое излегуваше од шумата; го повикав и тоа дојде, мило, да го погалам. Јас се зарадував и си реков: Ете ја добрината Божја! Сигурно има некое стадо во оваа шума, а ова е кучето на пастирот, или пак некој ловец овде прогонува дивеч; во секој случај, ќе можам да побарам леб, бидејќи веќе два дена не сум јадел, или да се информирам дали нема некое село во околината. Кучето, откако сврте околу мене, гледајќи дека нема ништо за јадење, избега во шумата по истата патека од која скокна на патот. Јас тргнав по него; по двесте метри, низ дрвјата го забележав кучето сместено во една дупка од каде ја подаваше главата лаејќи.
Видов како се доближува низ дрвјата еден слаб и блед селанец, на средна возраст. Тој ме запраша како сум дошол до таму. Јас, пак, го прашав што прави во едно толку осамено место. И ние изменивме неколку пријателски збора. Селанецот ме замоли да влезам во неговата колиба и ми објасни дека е шумар и ја чува оваа шума која треба да биде исечена. Тој ми понуди леб и сол, и така почна разговорот меѓу нас.
— Ти завидувам на овој осамотен живот, му реков јас; тоа не е како јас, кој постојано лутам и доаѓам во допир со сите.
— Ако сакаш, ми рече тој, можеш и ти да живееш овде; понатаму има една стара колиба, онаа што му служела на поранешниот чувар; таа е малку оштетена, но за летото може да се поправи. Ти имаш патни исправи. Има доволно леб за нас двајцата секоја седмица ми носат од нашето село; а ете го и потокот кој никогаш не пресушува. Што се однесува до мене, брате, ете има веќе десет години како јадам само леб и пијам само вода. Само, на есен, кога ќе завршат полските работи, ќе дојдат двесте луѓе за сечата; јас повеќе не ќе имам работа овде, а нема ни тебе да ти дозволат да останеш овде.
При овие зборови почувствував толкава радост што за малку ќе му се фрлев пред нозе. Не знаев како да Му заблагодарам на Бога за Неговата добрина кон мене.
Сето она што го сакав и заради кое се беспокоев, ете го добивам одненадеж. До половината на есента има уште четири месеци и за тоа време јас можам да ги искористам тишината и мирот со помошта на Добротољубието да ја проучам постојаната молитва во внатрешноста на срцето. Така решив да се сместам во посочената колиба. Ние продолживме да зборуваме и овој смирен брат ми го раскажа својот живот и своите идеи.


— Во моето село, рече тој, не бев последниот; имав занает, бојадисував ткаенини во црвена и сина боја; живеев спокојно, но не без грев: ги мамев многу моите муштерии и пцуев по секој повод; бев груб, пијаница и кавгаџија.
Во ова село, имаше еден стар поец, кој имаше една стара книга, мошне стара, за Последниот суд. Честопати, тој доаѓаше кај православните за да им чита од неа; за тоа му даваа нешто малку пари; тој доаѓаше и кај мене. Повеќето време, му беше давано десет парички и чаша ракија и тој остануваше да чита додека петел не запее. Еднаш, работев слушајќи го, тој читаше една одломка за маките во пеколот и за воскресението на мртвите, како Бог ќе дојде да суди, како ангелите ќе засвират во труби, каков огин, каков катран ќе има и како црвите ќе ги изедат грешниците. Ненадејно, страшно се исплашив и си реков: нема да ги избегнам маките! Доста, ќе почнам да ја спасувам својата душа и можеби ќе успеам да ги искупам своите гревови. Долго време размислував и решив да го напуштам мојот занает; си ја продадов куќата и, бидејќи живеев сам, станав шумар, не бирајќи за плата друго освен леб, покривка и свеќи да палам додека се молам.
Ете, има повеќе од десет години како живеам овде. Јадам само еднаш на ден и не земам друго освен леб и вода. Секоја ноќ, станувам кога ќе запее првиот петел и до разденувањето ги правам моите коленопреклонувања и моите метании до земјата; кога се молам, палам седум свеќи пред иконите. Дење, додека ја обиколувам шумата, на кожата носам синџири тешки шеесет фунти. Не пцујам, не пијам ни пиво ни алкохол, не се карам со никого; жени и девојки, никогаш не сум ги имал.
Во почетокот, бев задоволен со ваквиот живот, но подоцна бев опседуван со мисли што не можам да ги отерам. Бог знае дали ќе ги искупам моите гревови, но овој живот е мошне тежок. И потоа, дали е вистина тоа што го раскажува книгата? Како може човекот да биде воскреснат? Оние што умреле пред сто и повеќе години, дури и нивната прашина исчезнала. А кој знае дали ќе има пекол или не? Во секој случај, никој никогаш не се  вратил  од  оној  свет;   кога  човекот умира, и од него повеќе не остануваат траги. Оваа книга, можеби ја напишале поповите или функционерите за да не заплашат, нас, слабоумните, и за да бидеме повеќе покорни. Вака, се живее мачно, без утеха на оваа земја а во другиот свет, не ќе има ништо! Тогаш, зошто сево ова? Зар не е подобро некое време по ова да си проживеам  малку? Овие  мисли  ме прогонуваат, додаде тој, и се плашам ако морам да го продолжам мојот стар занает.
Бев полн од сожалување кон него и си велев:  Се мисли дека само научниците и интелектуалците стануваат слободни мислители и не веруваат повеќе во ништо, но нашите браќа, простите селани, какви ли се неверувања си измислуваат! Сигурно е дека мрачниот свет има пристап до сите и можеби уште полесно ги напаѓа простите. Треба да се размислува колку што е можно и да зајакнуваме против непријателот со помошта на Речта Божја.


Затоа, со цел да му помогнам на овој брат да ја зајакне својата вера, го извадив од мојата торба Добротољубието и го отворив на 109 глава на блажениот Исихиј. Ја прочитав и му објаснив дека човек не се воздржува од грев само поради страв од казна, зашто душата не може да се ослободи од грешните мисли освен преку будноста на духот и чистотата на срцето. Сето тоа се добива преку внатрешната молитва. Ако некој тргне по патот на аскезата (испоснички живот) не само поради страв од пеколните маки, ами од желба за царството небеско, додадов јас, неговата постапка светите Оци ја споредуваат со постапката на еден наемник. Тие велат дека стравот од маките е патот на робот, а желбата за награда е патот на наемникот. Но Бог сака да му приоѓаме како синови; Он сака љубовта и ревноста да не тераат да живееме достојно и да уживаме од совршеното единство со Него во душата и во срцето.

— Попусто се исцрпуваш и си ги наложуваш најтешките физички подвизи и искушенија; ако Бог не ти е секогаш во мислите и молитвата Исусова во срцето, никогаш не ќе бидеш заштитен од лошите мисли; секогаш ќе бидеш склон да грешиш и при најмал повод. Но, почни, брате, да ја изговараш постојано молитвата Исусова; тоа ти е лесно во оваа самотија; наскоро ќе ја видиш ползата од тоа. Безбожничките мисли ќе исчезнат, верата и љубовта кон Христа ќе ти се откријат; ќе разбереш како мртвите можат да воскреснат и Страшниот суд ќе ти се прикаже во неговата вистинска светлина. А во твоето срце ќе има толку леснина и радост што ќе се зачудиш; повеќе нема да бидеш изморен и вознемирен поради твојот понајнички живот!
Потоа му објаснив, колку што можев, подобро да ја чита молитвата Исусова според божествените заповеди и според учењето на светите Оци. Се чинеше дека тој не бара повеќе и неговиот немир се намали. Тогаш, разделувајќи се од него, влегов во старата  колиба што  ми ја беше  посочил.

Духовни подвизи


Боже мо, каква радост, каква утеха, каков восхит почувствував пречекорувајќи го прагот на ова засолниште или подобро речено на овој гроб; ми изгледаше како прекрасна палата исполнета со веселост. Со солзи радосници Му заблагодарив на Бога и си реков: А сега, во ова спокојство и во овој мир, треба сериозно да работам и да Го молам Господа да ми го просветли умот. Така почнав да го читам Добротољубието од почетокот до крајот со големо внимание. За неколку време го завршив читањето и се уверив во мудроста, светлоста и во длабочината на оваа книга. Но бидејќи во неа се расправани бројни предмети, не можев да разберам се, нити да соберам сили во мојот дух за самото учење на внатрешната молитва за да дојдам до спонтаната и постојана молитва во внатрешноста на срцето. Сепак, имав голема желба за тоа, според божествената заповед предадена од Апостолот: ,,Барајте ги најсовршените дарови" и ,,Не гаснете го Духот". Попусто размислував, не знаев што да правам. Јас немав доволно интелигенција на разбирање, а немаше никој да ми помогне. Ќе Му здодевам на Господа со молитви и можеби ќе сака да ми го просветли умот. Така минав еден ден во молитва без да запрам ни за миг; мислите ми се смирија и заспав; на сон се гледам во ќелијата на мојот старец како тој ми го објаснува Добротољубието велејќи: оваа книга е исполнета со голема мудрост. Тоа е една таинствена ризница од поуки за скриените намери Божји. Таа не е достапна до секое место и до секого; но таа содржи начела според потребите на секого, длабоки за длабоките умови и едноставни за простите. Затоа, вие, простите луѓе, не треба да ги читате книгите на светите Оци според редоследот како што се поместени овде. Овој распоред е сообразен со богословието; но оној што не е упатен, а сака да ја научи внатрешната молитва во Добротољубието, треба да го практикува следниов ред: 1. — најнапред да ја чита книгата на монахот Никифор (во вториот дел); потоа 2. — книгата на Григориј Синаитски во целина, освен кратките глави; 3. — трите облици на молитвата од Симеон Нови Богослов и неговата расправа за верата; и во продолжение 4. — книгата на Калист и Игнатиј. Во овие текстови се наоѓа комплетното учење за внатрешната молитва на срцето, пристапна за секого.
Ако сакаш еден текст уште поразбирлив, земи го во четвртиот дел скратениот образец на молитва од Калист, патријарх Цариградски.
И јас, држејќи го Добротољубието в рака, го барав посоченото место без да успеам да го најдам. Старецот, свртувајќи неколку страници, ми рече: Ене го, ќе ти го одбележам! И земајќи едно јагленче од земјата, повлече една црта на страницата спроти посоченото место. Внимателно ги слушав сите зборови на старецот и се обидував да ги запомнам со сила и во подробности.

Се разбудив и, бидејќи се уште не беше се разденило, останав истегнат, потсетувајќи се на сето она што го бев видел на сон и повторувајќи го она што ми го беше рекол старецот. Потоа почнав да размислувам: Бог знае дали тоа што ми се јавува вака е душата на мојот покоен старец или се моите сопствени мисли кои ја земаат оваа форма, зашто јас мислам често и долго време на Добротољубието и на старецот! Во оваа несигурност на духот станав; почнуваше да се разденува. И, ненадејно, на каменот што ми служеше место маса, го гледам Добротољубието отворено на посочената од старецот страница и одбележена со црта од јаглен, точно како во мојот сон; самиот јаглен беше уште крај книгата. Бев трогнат од тоа, зашто си спомнував дека вечерта книгата не беше таму; пред да заспијам, бев ја ставил крај мене, затворена, и си спомнував, исто така, дека немаше никаков белег на таа страница. Овој настан ме увери во вистинитоста на јавувањето и се осигурав во светоста на споменот на мојот старец. Така повторно почнав да го читам Добротољубието според посочениот ред. Прочитав еднаш, потоа уште еднаш и ова читање ја запали мојата ревност и мојата желба да го почувствувам на дело сето она што го бев прочитал. Јасно ја открив смислата на внатрешната молитва, средствата да се дојде до неа и нејзините последици; сфатив како таа ги весели душата и срцето и како може да се разликува дали среќа доаѓа од Бога, од природата, или од илузијата.


Барав, пред се, да го откријам местото на срцето, според учењето на свети Симеон Нови Богослов. Откако ќе ги затворев очите, мојот поглед го упатував кон срцето, обидувајќи се да си го претставам такво какво што е во левиот дел од градите и внимателно слушајќи го неговото чукање. Оваа вежба ја практикував за време од половина час, повеќепати на ден; во почетокот, гледав само мрак; наскоро се јави моето срце и јас го почувствував неговото длабоко движење; потоа успеав да ја воведувам во моето срце молитвата Исусова и да ја изведувам, со ритамот на дишењето, според учењето на Григориј Синаитски, и на Калист и Игнатиј: за таа цел, гледајќи со духот во моето срце, вдишував воздух и го чував во моите гради велејќи; ,,Господи Исусе Христе", и го издишував велејќи: „смилувај се на мене". Најнапред вежбав за време од еден или два часа, потоа се занимавав со ова се почесто и почесто и, најпосле, со тоа го минував целиот ден. Кога се чувствував отромавен, изморен или неспокоен, веднаш ги читав во Добротољубието местата кои расправаат за активноста на срцето, и тогаш желбата и ревноста за молитвата повторно се раѓаа во мене. По три недели, почувствував болка во срцето, потоа пријатна млитавост и едно чувство на утеха и на мир. Тоа ми даде повеќе сила да се вежбам во молитвата, за која се врзуваа сите мои мисли и почнав да чувствувам голема радост. Од тој момент, одвреме навреме доживував различни нови чувства во срцето и во духот. Понекогаш во моето срце имаше нешто како вриеж и едно олеснување, слобода, една радост толку голема  што  бев  преобразен и се чувствував во екстаза. Понекогаш чувствував топла љубов кон Исуса Христа и кон сето Божјо создание. Понекогаш солзите ми течеа од самите себе од благодарност кон Господа, Кој покажа милост кон мене, закоравениот грешник. Понекогаш мојот ограничен ум се просветуваше толку што некогаш не би можел ни да го замислам. Понекогаш благата топлина на моето срце се ширеше низ целото мое битие и со возбуда го чувствував неброеното присуство на Господа. Понекогаш чувствував силна и длабока радост, кога го призивав името на Исуса Христа и разбирав што значи Неговиот збор: „Царството Божјо е во вас.


Среде овие благотворни утехи, забележав дека дејствата на молитвата на срцето се јавуваат во три облика: во духот, во чувствата и во интелигенцијата. Во духот, на пример, благоста на Божјата љубов, внатрешното спокојство, восхитеноста на духот, чистотата на мислите, јасноста на идејата за Бога; во чувствата, пријатната топлина на срцето, полнотата на благоста на членовите, вриежот на радоста во срцето, леснотијата, животната сила, нечувствителноста кон болестите и кон маките; во интелигенцијата, просветлувањето на разумот, разбирањето на Светото писмо, познавањето на јазикот на созданијата, рамнодушноста кон непотребните грижи, свеста за убавината на внатрешниот живот, сигурноста од близината на Бога и од Неговата љубов спрема нас.
По петмесечно живеење во осаменост, во овие напори и во оваа среќа, толку добро свикнав на молитвата на срцето што ја практикував непрестајно и што, најпосле, почувствував дека таа си оди сама од себе без никаква активност од моја страна; таа извираше од мојот дух и од моето срце не само кога бев буден, туку и кога спиев, и не се прекинуваше ниту една секунда. Мојата душа Му благодареше на Господа и моето срце ликуваше од непрестајна радост.
Времето на сечењето дојде, дрварите се собраа и јас морав да го напуштам моето тивко засолниште. Откако му заблагодарив на шумарот и прочитав една молитва, го целивав аголот од земјата каде Господ благоизволи да ми ја покаже Својата добрина, си ја ставив торбата на плеќи и тргнав. Одев долго време и обиколив многу предели пред да влезам во Кркутск. Спонтаната молитва на срцето беше мојата утеха за време целото мое патување. Таа никогаш не престана да ме весели, иако не секогаш подеднакво; никаде и ниту во еден миг таа не ме беспокоеше, никогаш и ништо не можеше да ја намали. Кога работам, молитвата делува од самата себе во моето срце и мојата работа оди побргу; кога читам или слушам некоја работа со внимание, молитвата не престанува, и во истиот момент јас ги чувствувам и едното и другото како да сум разделен или како во моето тело да се наоѓаат две души. Боже мој! Колку е човекот таинствен!...

Скокот на волкот
Колку се прекрасни делата твои, Господи: се си создал со премудрост. На мојот пат сретнав многу чудесни случаи. Кога би требало да ги раскажам сите, не би ги завршил пред повеќе денови. Еве, на пример: една зимска вечер, минував сам низ една шума, сакав да легнам на две версти од таму, во едно село што веќе се забележуваше. Одненадеж врз мене скокна еден волк. Во раката ги држев волнените броеници на мојот старец (ги имав секогаш со мене). Го оттурнав волкот со броениците. И можете ли да поверувате? Броениците ми испаднаа од рацете и се завиткаа околу вратот на ѕверот. Волкот се фрли назад и, скокајќи низ трњето, ѕадните нозе му се фатија во боцките, додека броениците се закачија на гранката од едно суво дрво; волкот се отимаше со сите сили, но не успеваше да се ослободи зашто броениците му го стегаа грлото. Јас се прекрстив со вера и тргнав да го ослободам волкот; особено затоа што се плашев да не ги искубе броениците и да не побегне однесувајќи го овој толку скапоцен предмет. Туку што се доближив и бев ги ставил рацете на броениците, волкот ги скина и побегна. И така, благодарејќи Му на Господа и споменувајќи го мојот блажен старец, стигнав без тешкотии во селото; отидов во гостилницата и побарав да легнам. Влегов во куќата. Два патника беа седнати на масата во аголот, едниот веќе остарен, другиот на зрела возраст и снажен, и двајцата веројатно луѓе од добро потекло. Тие пиеја чај. Селанецот што ги чуваше нивните коњи го прашав кои се. Тој ми објасни дека старецот е учител, а другиот секретар на судот: и двајцата од благородничко потекло. — Јас ги водам на панаѓурот кој е оддалечен дваесет версти одовде.
Откако малку се одморив, на домаќинката и побарав конец и игла. Се доближив до  свеќата  и  почнав да  ги  шијам  моите броеници. Секретарот ме погледна и рече:
— Ти си морал да правиш скокови за да ги скинеш твоите броеници!
— Не ги оштетив јас, ами еден волк... Види, и волците читаат свои  молитви, одговори   секретарот,   смеејќи   се.
Јас им го раскажав настанот во детали ?

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/duhoven-azbuchnik/3616-raskazi-na-eden-poklonik-vtor-raskaz

Share:

Example Super-Admin User

All author posts

Related Posts

Image Description
7 months ago

Дали постои молитва за тие што имаат потешкотии да стапат во брак?

  Пoчитувани, прашањата што ги поставувате на нашата страница, секогаш имаат духовна основа во одговорот, бидејќи сите состојби на човекот почнуваат од нивните духовни состојби. Кога зборуваме за брак, ние, никогаш не смееме да го гледаме тоа како што го гледа светот односно бракот како институ...

Image Description
4 months ago

Ретроспектива (2005-2020): Арх. Рафаил Карелин - За смртта (1)

  26ти декември   2020 лето Господово Во издание на  библиотеката „НЕБЕСНИ ЦВЕТОВИ“ при манастирот на св. Атанасиј Велики, с. Журче излегоа од печат две нови книги, и тоа: ДУШТА ПОСЛЕ СМРТТА од јеромонах Серафим Роуз и ПАТОТ НА ХРИСТИЈАНИНОТ од Арх. Рафаил Карелин. во моментов, книги...

Image Description
7 months ago

Ретроспектива (2005-2020):„ Воздвижение на Чесниот Крст“ (5)

  Со векови на денот на Воздвижението, односно Воздигнувањето на Чесниот Крст, архијереите, стоејќи среде црквата, окружени од мноштвото свештеници, го издигале Крстот високо над главите на соборот на верни, додека хорот во тоа време громогласно пеел „Господи, помилуј!” Тоа бил празникот на хр...