Title : Ретроспектива (2005-2020): Вистината за православието

Ретроспектива (2005-2020): Вистината за православието

Example Super-Admin User · 2 weeks ago

    0 minutes, 8 seconds


 лого

ВИСТИНАТА ЗА ПРАВОСЛАВИЕТО

Николај Берѓаев

 



  
Христијанскиот свет малку го познава православието. Ги знае само надворешните и, главно, негативните работи на Православната Црква, но не и внатрешните, духовни ризници. Православието било затворено, лишено од духот на прозелитизмот и не се откривало кон светот. Долго време православието го немало она светско значење, онаа актуелна улога во историјата, какви што имале католицизмот и протестантизмот. Тоа се држело по страна од страсната религиозна борба што се одвивала низа векови, и со векови живеело под закрила на големите империи (Византија, Русија) и ја чувало вечната вистина од дезинтегрирачките процеси на светската историја. За православието како религиозен тип карактеристично е што тоа не било доволно актуелизирано и пројавено спрема надвор, не било воинствено, но токму затоа небесната вистина на христијанското откровение во него најмалку се деформирала. Православието, всушност, е форма на христијанство најмалку искривено во својата суштина од страна на човековата историја. Во православната црква постоеле мигови на историски гревови, главно во врска со надворешната зависност од државата, но самото црковно учење, самиот внатрешен духовен пат не претрпеле промени.


Православната Црква, пред сe, е црква на преданието, за разлика од католичката, којашто е црква на авторитет, и протестантските цркви, коишто се цркви на лична вера. Православната црква немала една внатрешно-авторитетна организација и се држела цврсто со силата на внатрешното предание, а не со надворешен авторитет. Таа останувала најтесно поврзана со изворното христијанство од сите други форми на христијанство. Силата на внатрешното предание во црквата е сила на духовното искуство и наследениот духовен пат, сила на надличниот духове живот, во кој секое поколение излегува од сознанието на самодоволноста и на затвореноста и се приклучува кон духовниот живот на сите претходни поколенија сe до апостолите. Во преданието јас имам исто искуство и исто гледиште со апостол Павле, со мачениците, со светиите и со сиот христијански свет. Во преданието моето знаење е не само личното знаење, туку и надличното, и јас не живеам посебно, туку во телото Христово, во единствен духовен организам со сите мои браќа во Христа.

Православието, пред сe, е ортодоксен живот, а не ортодоксно учење. За него, оние што ја исповедаат лажната доктрина се помали еретици од оние што водат лажен духовен живот и што одат по лажен духовен пат. Православието не е толку доктрина, надворешна организација, надворешна форма на однесување, колку што е духовен живот, духовно искуство и духовен пат. Православието ја гледа суштината на христијанството во внатрешното духовно дејствување. Православието во најмала мера е нормативна форма на христијанството (во смисла на нормативно-рационалната логика и моралниот јуридизам) и во најголема мера е негова духовна форма. И таа духовност и тоа таинство на православието често претставувале извор на негова надворешна слабост. Надворешната слабост и недостиг на пројави, недостиг на надворешни активности и реализации, на сите им паѓала во очи, а неговиот духовен живот, пак, и неговите духовни ризници останувале сокриени и неизмерени. И тоа е карактеристично за духовниот тип на Истокот, за разлика од духовниот тип на Западот, кој секогаш е актуелен и секогаш се пројавува спрема надвор, но во таа активност често се истоштува себеси. Светоста во православниот свет, за разлика од светоста во католичкиот, не оставала зад себе книжевни дела, таа останувала сокриена. Тоа е уште една од причините зошто е тешко од надвор да се суди за духовниот живот на православието.

Православието немало свој схоластички век, тоа го живеело само патристичкиот век. Православната црква и ден-денес се потпира врз источните учители на Црквата. Западот тоа го смета како знак на заостанатост на православието, замирање на творечкиот живот во него. Но, на оваа констатација може да и се даде и друго толкување; во православието христијанството не било така рационализирано како што било на Запад во католицизмот, преку Аристотел и преку гледиштата на грчкиот интелектуализам. Доктрините во православието никогаш не примиле такво значење, и кон догмите не биле приковани задолжителни интелектуални богословски учења, туку тие главно се разбирале како мистични факти. Во богословското и во философското толкување на догмите имавме повеќе слобода. Во XIX век во Русија се развила православна творечка мисла и во неа се пројавила поголема слобода и духовен дар отколку во мислата во католицизмот и во протестантизмот.

На духовниот тип на православието му припаѓа првобитниот и неразрушлив онтологизам, кој претставува манифестација на православен живот, а потоа и на православна мисла. Христијанскиот Запад одел по патиштата на критичката мисла во која субјектот бил спротиставен на објектот и во која бил нарушен органскиот интегритет на мислењето и органската врска со животот. Западот е силен во сложеното развивање на своето мислење, на својата рефлексија и критика, на својот прецизиран интелектуализам. Но тука и дошло до прекин на врската на оној што спознава и што мисли, со прабитието и праживотот. Познанието се изведувало од животот, мислењето од битието. Познанието и мислењето не се одвивале во духовната целовитост на човекот, во органската поврзаност на сите негови сили. На оваа почва од страна на Западот се направени големи победи, но како резултат на тоа дошло до разложување на првичниот онтологизам на мислењето, мислењето не се нурнувало во длабочината на суштото. Оттука схоластичкиот интелектуализам, рационализам, емпиризам и крајниот идеализам на западната мисла. На почвата на православието, мислењето останувало онтолошко, придружено на битието, и тоа се манифестирало во сета нишка религиозно-философска и богословска мисла во XIX и XX век. На православието му се туѓи рационализмот и јуридичноста, туѓ му е секаков норматизам. Православната црква не може да се определи преку рационални поими, таа може да се разбере само од страна на оние што живеат во неа, од страна на оние што учествуваат во нејзиното духовно искуство. Мистичните типови христијанство не подлежат на никакво интелектуално дефинирање, и тие немаат јуридички и рационални белези. Вистинското православно богословие е духовно-опитно богословување. Православните речиси и немаат учебници по схоластика. Православието себеси се спознава како религија на Света Троица; не на апстрактен монотеизам, туку на конкретен тринитаризам. Во духовниот живот, во духовното искуство и на духовниот пат се манифестира животот на Света Троица. Православната литургија започнува со зборовите: „Благословено е Царството на Отецот, и Синот и Светиот Дух“. Сe доаѓа одозгора, од Светата Божествена Троичност, од височините на Суштиот, а не од човекот и од неговата душа. Според православната претстава, се одвива снисходење на самата Божествена Троичност, а не издигање на човекот. Во западното христијанство неспоредливо помалку е изразена Троичноста, тоа е повеќе христицентрично и антропоцентрично. Оваа разлика се забележува меѓу источната и западната патристика, од кои првата богословува од Божествената Троица, а втората – од човечката душа. Затоа Истокот, главно, ги открива тајните на тринитарната догма и на христолошката догма. Западот, пак, учи за благодатта и за слободата и за организацијата на црквата. На Запад постоеле поголемо богатство и разнообразност на мислата.

Православието е христијанство во кое најмногу се открива Светиот Дух. Православната црква затоа и не го прифатила filioque, бидејќи во него гледа субординарност во учењето за Светиот Дух. Природата на Светиот Дух најмалку се открива преку догмите и доктрините, но по своето дејствување Светиот Дух ни е поблизок од сe, Тој му е најиманентен на светот. Светиот Дух непосредно дејствува на тварниот свет и ја преобразува материјата. Оваа учење е поставено од големиот руски светител Серафим Саровски. Православието не само што сушптински е тринитарно, туку тоа ја гледа задачата на световниот живот во преобразувањето на Света Троица, и по суштина е пневматично. 

Јас сето време зборувам за длабочините на тајните на православието, а не за површинските збиднувања во него. Пневматолошката теологија, очекувањето на новото излевање на Светиот Дух во светот, најлесно никнува од почвата на православието. Тоа е значајна карактеристика на православието: тоа, од една страна, е повеќе конзервативно и традиционално од католицизмот и протестантизмот, но, од друга страна, во длабочината на православието секогаш владее големото очекување на религиозната новост во светот, излевањето на Светиот Дух, пројавувањето на Новиот Ерусалим. Речиси илјада години православието не се развивало во историјата; нему му бил туѓ еволуционизмот, но во него се крие можноста на религиозното творештво, којашто како да се чува за новата, уште неотпочната историска епоха. Ова се манифестирало во руските религиозни текови во XIX и XX век. Православието поостро го разграничува божествениот и природниот свет, Царството Божјо и царството на кесарот, и тука не ја признава можноста за аналогија, кон која често прибегнува католичката теологија. Божествената енергија дејствува скриено во човекот и во светот. За тварниот свет не може да се каже дека е божество, или дека е божествен, но не може да се каже ниту дека е вон-божествен. Бог и Божествениот живот не наликуваат на природниот свет и на природниот живот, тука не може да се постави аналогија. Бог е бесконечен, природниот живот е ограничен и конечен. Но божествената енергија се излева во природниот свет, дејствува врз него и го просветлува. Тоа, всушност, е православната слика за Светиот Дух. За православното сознание учењето на Тома Аквински за природниот свет, којшто е поставен наспроти натприродниот, претставува форма на секуларизација на светот.

Православието во принцип е пневматично, и во тоа е неговата своеобразност. Пневматичноста, всушност, е последователен, до крај доведен Тринитаризам. Благодатта не е посредник меѓу натприродното и природното, туку е дејство на Божествената енергија врз маетријалниот свет, присуство на Светиот Дух во светот. Имено, пневматизмот и го прави православието најнезавршена форма на христијанството, претставува превладување на новозаветните принципи над старозаветните. Како свој врв, православието ја разбира задачата на животот како стекнување на благодатта на Светиот Дух, како духовна преобразба на тварниот свет. И тоа поимање суштински е спротивно на поимањето во чиј центар е законот, поимање за кое божествениот свет и натприродниот свет се закон и норма за тварниот и природниот свет.




 

 

Николај Берѓаев

Превод: Д.М
Иконпис и фрескопис: Сестринството на манастирот „Св.Леонтиј“ , Водоча, Струмица- Р.Македонија

TVITer270

П.П. 2007-08-24 02:28:09

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/duhoven-azbuchnik/125-vistinata-za-pravoslavieto

Share:

Example Super-Admin User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 months ago

Зошто се јавуваат психичките болести? Какви духовни проблеми можат да бидат причина за тоа?

  Зошто се јавуваат психичките болести? Какви духовни проблеми можат да бидат причина за тоа? Почитуван,најкраток можен одговор за појавувањето за психичките болести е неправилното водење на духовниот живот.Секако кога ќе ја отвориме оваа материја ќе најдеме мноштво гранки кои ќе го дефинираат...

Image Description
7 months ago

Вознесение Христово (Спасовден)

По 40 дена од Своето Воскресение, Христос ќе се вознесе на небото, и со тој настан се запечатува целото Негово спасително дело. За овој настан, од евангелистите накратко споменува Марко (16,19-20), а најмногу Лука (Лк 24,50-53 и Дела 1,1-11). Исто како и страдањето и воскресението, Христос претходн...