Рождество Христово – Божик

Example User · 3 years ago

    3 minutes, 48 seconds


Икона_Рождество_Христово,_XVIII_в._ГТГРОЖДЕСТВО ХРИСТОВО – БОЖИК 

„Мудреците… штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна“

(Матеј 2: 11) 

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

Денешниот празник на Христовото раѓање е еден свечен ден, кога секој вистински верник ја доживува својата исконска врска со изворните вистини и убавини на нашата Православна вера. Денес е ден, кога човечката душа доаѓа во допир со Богомладенецот Христос, допир со небесниот Бог Отец, Кој Го испрати Својот Син во овој свет, но допир и со Животворниот Божји Дух, Кој носи радост во човечките срца. Таа радост е посебна Божикна радост, кога возрасните и децата се исто, кога во секоја душа се повторува Тајната на Богораѓањето во верата, во радоста, во единството на сите генерации, кои се повикани во Божјо синовство.

Како што во наследните гени човекот ги прима „биографиите“ на сите свои предци, така и во јадрото на секоја жива душа, засветлуваат сите вистини, од кои и заради кои постои овој чудесен Божји свет. Животот е скриен, но и откриен продолжеток од Вечноста кон вековите. Затоа Божик не е само памтење на Евангелието, туку и прочитување на вечната Вистина за Небото и за нас.

Големата Тајна на денешниот празник, раката на богонадарениот уметник ја овековечила на светата празнична икона, која денес го благоукрасува нашиот храм. На таа икона можме да ја видиме и Ѕвездата, која ги предводи Мудреците и им го покажува вистинскиот пат до Богомладенецот, тука се стадата заедно со своите кротки овчари, потоа вечерниот оган, а тука е и ѕвезденото небо од зимската палестинска ноќ. Но, над сè и пред сè, тука е онаа величенствена порака од Небото над јаслите од Богомладенецот: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“ (Лука 2: 14). Доколку не беа напишани Евангелијата, доволно ќе беше да ја запаметиме оваа порака, зашто од неа можеме да изведеме сè што е кажано во светите Евангелија.

Кога мудреците, а заедно со нив и источните народи, Го прифатиле Спасителот Христос за свој Бог и кога Му се поклониле, тие како подарок донесоа злато, ливан и смирна.

Кога Го прифатија Елините, како подарок ја донесоа својата наука и својата философија.

Кога Го прифатија Римјаните, како подарок ја донесоа својата идеја за поредок и организација.

Но, кога нашиот скромен и простосрдечен народ го прифати Богомладенецот Христос за свој Спасител и Искупител, како подарок донесе божикна слама, чист пченичен леб, а пред сè, топло, искрено и за големи нешта способно срце. Ние на нашето Православие можеби му дадовме една наивна надворешна карактеристика, но во сите пресудни моменти умеевме да покажеме дека ја сфативме и усвоивме неговата суштина. И ние умееме да бидеме длабоко човечни, да бидеме херои, да се жртвуваме, и, по примерот на Спасителот, да страдаме за правдата.

Да размислиме длабоко, што, всушност, се случило на денешниот ден. Божик ни најмалку не е обичен, традиционален празник. На денешен ден се случило она, кое во Вселената не се случило ни пред, ни потоа. Се случило нешто, кое не може да се спореди со ништо, ниту, пак, може да се смести и вброи со сите останати настани од светот, кои се случиле во текот на историјата. Се случило нешто, кое не може да се покори на ниту едно правило и ниту на еден закон. Тајната на денешниот ден не може да биде сфатена од она срце, во кое нема љубов, ниту, пак, од оној разум, во кој не пребива Божјата благодат. Денес во мало човечко тело се роди Оној, Кој е причина за секое раѓање. Денес во редот на творбите застана Оној, Кој уште пред времето ги смисли сите творби. За вистинската суштина на денешниот ден, прекрасно говори свети Јован Златоуст: „Она што праотците толку силно го посакуваа, она што пророците го претскажуваа и праведниците сакаа да го видат, токму тоа се случи денес! Бог се јави на земјата во тело и се насели меѓу луѓето. Да се зарадуваме и да се развеселиме! Јован заиграл во мајчината утроба кога Пресвета Дева Марија дошла кај Елисавета, неговата мајка. Зарем ние не треба уште повеќе да ликуваме од радост, гледајќи ја денес не само Марија, туку и својот Господ и својот Спасител!”.

Да влеземе и ние денес со својот дух во Витлеемската пештера и да се поклониме на Богочовекот Христос. Ако со телото реално не можеме да присуствуваме во Витлеем на прекрасниот настан, тогаш, со духот сигурно можеме да се искачиме дури до небото, пред Неговиот вечен престол, онаму, каде што се поклонуваат оние исти ангели, пастири и мудреци, кои некогаш се поклонија во Витлеем. Денес и Богомладенецот Христос, преку Својот Свет Дух слегува во нас, во ризницата на нашето тело и ни носи мир и радост. Ова претставува голема Тајна: како може Бог да се спушти во човечкото тело преку Својот Свет Дух. Па, зарем сите Божји светии и праведници не го почувствувале тоа небо во себе како вистински настан, за што ни оставиле и вечни сведоштва. И сите тие светии и праведници родителски и духовно нè опоменуваат дека треба да ја очистиме пештерата од нашиот живот од секаква нечистотија и неморалност, за да може Богомладенецот Христос да се всели и во нашите духовни пештери, нашите срца, та и ние заедно со ангелските хорови да запееме: „Боже наш, Кој си роден од Дева, слава Ти во векови. Амин!“.

Протоереј Златко Ангелески

Source: https://blagovesti.wordpress.com/2015/01/07/%d1%80%d0%be%d0%b6%d0%b4%d0%b5%d1%81%d1%82%d0%b2%d0%be-%d1%85%d1%80%d0%b8%d1%81%d1%82%d0%be%d0%b2%d0%be-%d0%b1%d0%be%d0%b6%d0%b8%d0%ba/

Related Posts

Image Description
3 years ago

СВЕТА СОФИЈА И НЕЈЗИНИТЕ ЌЕРКИ,МАЧЕНИЧКИТЕ ВЕРА, НАДЕЖ И ЉУБОВ

  СВЕТА СОФИЈА И НЕЈЗИНИТЕ ЌЕРКИ,МАЧЕНИЧКИТЕ ВЕРА, НАДЕЖ И ЉУБОВ(17/30 септември) „А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта“ (1. Кор. 13: 13) Животите на светителите се духовна лектира која за нас, кои се нарекуваме православни христијани, претс...

Image Description
2 years ago

Митрополит Струмички Наум: Разлика помеѓу Божјо и демонско чудо (21.08.2021 )

Митрополит Струмички Наум:Разлика помеѓу Божјо и демонско чудо (21.08.2021 15:29) Евангелската случка со бурата на морето и одењето на Петар по водата е веќе толкувана, и ако добро се сеќавам, објаснувањето се сведува на тоа дека бродот ја симболизира Светата Црква, дека бурата ги симболизира искуше...

Image Description
2 years ago

Митрополит Струмички Наум: Цветници (24.04.2021 )

Цветници (24.04.2021 16:01)Конечно дојде времето да се исполнат Христовите зборови за Неговото страдање и Тој доаѓа во Ерусалим. И, конечно сфаќаме дека Неговото Царство не е од овој свет: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле...“ (Јов...