Старец Никон, од Неа Скити

Беседа кон младите (извадок)

Видов едно филмско остварување, ми се допадна, не го гледав во кино, не затоа што ќе видев нешто во него што ќе ми наштети, знаев дека ќе видам нешто добро, туку за да не соблазнам некого, нели, треба да мислиме и на другите, и да не ги соблазнуваме, според зборовите на апостолот, ако братот мој се соблазнува од тоа што јадам месо, нема никогаш да јадам месо, за да не го соблазнам братот. Така и јас, го гледав овој филм на ДВД.

Треба да го видите овој филм. „И желките може да летаат“. Филмот имаше страшни сцени, буквално може срце да те фати. Дејството беше на границата меѓу Турција и Ираκ, во еден логор, и покажува како живеат Курдите, особено децата. Имаше десетици деца, сираци, напуштени во војната. И овие деца бараа начин да преживеат. Кога го гледате не можете да сфатите – едно дете зема една округла метална кутија, и со устата извлекува една игла. Тоа беше мина, од минско поле, тие влегуваа во минското поле и бараа мини, за да можат потоа да ги продадат. На следната сцена дадоа едно девојче како носи друго петгодишно дете на грбот, кое со заби ја влече иглата, затоа што нема раце – рацете му се до лактите пресечени. Ги имаше изгубено или од мина, или во војната. Од тоа многу до децата беа без раце, без нозе, осакатени. Беше страшна глетка. Срцето ме фаќаше додека гледав. И тоа дете со заби ја вадеше иглата, а потоа неговата сестра со раце ја земаше мината за да ја продаде.

Додека бев студент гледав исто еден филм, „Африка адио“. Во него беа прикажани ужасни нешта, за тоа како се живее во Африка, така што и двајцата сценаристи на филмот, италијани, беа ставени во затвор поради филмот.

Јас доживеав шок од филмот поради една сцена. Немаше ништо страшно. Тоа беше гранка од еден кактус. Во неа спровираа едно цевче и во него имаше 3-4 капки течност, а во длабочината гледаме дека тоа е пустина со многу кактуси. Како што го спровираа во кактусот, така се лизгаа капките во конзерва. Потоа гледаме една африканка со конзерва и сценариото вели: ете вака, капка по капка, собираат вода од секој кактус за да може семејството да пие вода. И потоа таа оди уште десетици метри, за да најде нов кактус, па и од него да извади неколку капки вода. Додека сум жив, никогаш нема да го заборавам тоа, секогаш кога пијам една чаша вода, се сеќавам на таа жена. Колку пат требаше да помине таа жена, натоварена, измачена, за да собере не половина, туку цела една чаша вода, што јас ја имам? Зошто е тоа така? Толку е грешна таа жена што толку се мачи за да добие една чаша вода? А јас толку ли сум свет што во секое време имам една чаша вода? Кога сме кажале „благодарам“ за она што го имаме? Ги гледав тие дечиња со исечени раце, исечени нозе, прсти како трчаат, а што направив јас за да имам и раце и нозе? Дали некогаш сме Му се заблагодариле на Бога што можеме да одиме, што имаме раце? Постојано гледаме како нешто ни недостасува. Што ни недостасува, и што сакаме. И добро е, се бориме, се трудиме да го стекнеме тоа. Не е лошо. Ама кажете барем едно „благодарам“ за тоа што веќе го имате. Не ни ги даде на заем Бог. Во една прилика како студент бев во една група во една институција, и директорката таму ни објасни дека децата што не слушаат не се неми, туку затоа што не можат да ги чујат звуците, не знаат дека постојат звуци. Потоа донесе едно детенце за да ни покаже како тоа ќе сфати дека постојат звуци и самото ќе испушта звуци. Го зеде дететнцето, и ја стави нејзината рака на неговиот врат, а неговата рака ја стави на нејзиниот. И тогаш таа рече „А“. И детето сфати дека таа бара од него да го направи истото, и тоа ја отвори устата. Госпоѓата се разочара. Потоа се обиде пак: „Ааааааа“. После повеќе пати малечкото сфати дека кога госпоѓата ја отвора устата, не е само тоа, туку таа прави и нешто друго, дека има некоја вибрација, и дека бара од него и тоа да го направи истото. Се обидуваше, се обидуваше, и најпосле успеа да каже „ааа“, и тогаш директорката се израдува, го прегрнуваше, го бакнуваше, му даваше чолади, карамели, пресреќна беше, а тоа цел ден трчаше и викаше „аааа“. И така полека ги научи и „о“, „е“, „и“ без да ги има чуено некогаш. И ни велеше директорката што тргаат, коку тешкотии имаат додека да научат да прават разлика меѓу „г“ и „д“, „д“ и „т“. И си велам: Зошто овие деца не можат да слушаат, а јас можам? Зошто Бог мене ми дал да слушам, ми должеше ли Он нешто, имаше ли потреба од мене? Зошто ни дал уши и глас? А зошто овие деца да не слушаат?

Му кажавме ли некогаш на Бога „благодарам“ за тоа што слушаме? Го слушаме нашиот другар, нашите родители, слушаме сѐ што ни зборуваат другите, слушаме музика, звуци. Кажавме ли некогаш „Слава Ти, Боже, за тоа“?

Ни недостасуваат многу нешта, и добро е да се трудиме да ги добиеме, да ги стекнеме, но да велиме и „благодарам“. Да кажеме едно „Слава Ти, Боже“. Едно попче на Света Гора велеше, кога велиме „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, Бог го запишува тоа и ќе ни даде десет драхми. А кога велиме „Слава Ти, Боже, слава ти, Боже“ тогаш Бог вели, е на овој му должам 100 драхми.

Да научиме да велиме „Слава Ти, Боже“. Да не бидеме неблагодарни. Неблагодарноста е ужасно нешто. Постојано се жалиме, мрмориме, сакам ова, сакам она, зошто немам ова, зошто немам она, а за она што веќе го имаме не велиме „Слава Ти, Боже“. Не сме способни да кажеме едно „Слава Ти, Боже“ за даровите што ни ги дал. Како тогаш го применуваме тоа „благодарете за сѐ“ што ни го заповеда апостолот Павле? Тој вели, за сѐ да велите „Слава Ти Боже“, за сѐ, и за несреќите кои ни доаѓаат, а ние ни за доброто не велиме „Слава Ти, Боже“.

Вчера претседателот г. К. ми раскажуваше за еден архимандрит кој имал на гости еден владика, и му рекол: Владико, сакате ли да видите тројца светители што ги имаме тука во парохијата? Да, – му вели владиката – со задоволство. Тој го однел владиката во една куќа каде што живееле тројца парализирани браќа, во голема возраст, кои добиле некоја мускулна болест и полека полека се парализирале, а најстариот веќе и се упокои. Кога дошол владиката, тие веќе разговарале со голема тешкотија. Владиката се потресол. Сакал да им каже 2 збора, и им рекол, да Го славиме Бога, да ни даде трпение, да Го славиме за она што ни го дал, да имаме трпение за оваа несреќа… Кога завршил владиката, најстариот парализиран брат му рекол: Не кажавте правилно, високопреосветен владико, каде видовте несреќа? Тоа што сме парализирани не е несреќа, туку среќа. Ако имавме нозе и трчавме наваму-натаму, ќе бевме ли сите тројца заедно со толку љубов, ќе се молевме ли, ќе Го славевме ли Бога, чекајќи го часот кога ќе се сретнеме со Него? Гледате ли човек кој има ум Христов? Знае да размислува. Не ќе беше подобро ако некој има нозе и тие го одведат кон грев, а ете без нозе не може. Онаму каде што ние гледаме несреќа, гледате како Бог дејствува за нашето спасение, за нашата среќа? Колку пати велиме, камо среќа да не го сторев тоа и тоа. Замислете сега дека треба да Му благодариме на Бога и за лошите работи кои ни ги испраќа, и за несреќите кои ни ги испраќа, и за болестите кои ни ги испраќа, а ние не сме започнале да велиме „Слава Ти, Боже“ ни за добрините што ни ги испраќа.

Благодарете за сѐ, а за да благодарите за сѐ, па дури и за лошите нешта, треба да почнеме да благодариме за добрите дарови што ни ги има дадено. „Слава Ти, Боже“ да велите од утро до вечер, „Слава Ти, Боже“ непрестајно да велите, колку и да кажувате не е доволно. Како да сме добиле нешта, кои не ги заслужуваме. Не сме направиле ништо за да се удостоиме за нив. Не сме посвети од оние дечиња кои немаат раце, или од оние кои не можат да зборуваат, а Бог ни има дадено дарови без да ги заслужиме. Затоа постојано да велиме „Слава Ти, Боже“.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Преводот е направен од видео снимка од предавањето на старец Никон Светогорец пред младите, а видеото е објавено на 23.09.2011 година.