Светата Причест – извор на здравје или извор на болест (30.08.2020)

Example User · 3 years ago

    25 minutes, 35 seconds


HRISTOS.PRICHEST

Светата Причест – извор на здравје или извор на болест (30.08.2020 10:31)

1. Вовед: еден Леб и една Чаша

Веќе  две илјади години, од Тајната Вечера (Мат. 26, 26–28; Марко, 14, 22–24; Лука, 22, 19–20; 1 Кор. 11, 23–26) до денес, христијаните се причестуваат на ист начин – од еден Леб и од една Чаша, како што стои во текстот на Литургијата на свети Василиј Велики. Токму на овој факт се темели единството и единственоста на Црквата. Црквата не е установа, која претходно постоела на основа на догматски и на други премиси, па потоа дополнително одлучила дека е потребно и полезно да служи Света Евхаристија. Не е така, туку Црквата, всушност, постои преку Евхаристијата, или, уште попрецизно, како Евхаристија. Праслика на тој факт наоѓаме веќе во старозаветната епоха: „...и сите јадеа иста духовна храна, и сите пиеја исто духовно пиење“ (1 Кор. 10, 3–4; спореди: 2 Мој. 16, 35; 17, 6; 5 Мој. 8, 3). Новиот Завет е експлицитен: „...Лебот е само еден (Лебот на Причеста), едно тело сме ние многуте, зашто сите се причестуваме од еден леб“ (1 Кор. 10, 17). Излагајќи ја на едно друго место вистината за Црквата, свети апостол Павле пишува: „Едно тело сте и еден Дух... Еден е Господ, една е верата, едно е крштевањето, еден Бог и Отец на сите“ (Ефес. 4, 4–6). Смислата е секогаш иста: ние христијаните сме едно со Господ и меѓу себе само затоа што се причестуваме со едното и единствено Тело Христово (забележуваме дека во овие текстови поимите Леб и Тело се наоѓаат на прво место, дури и пред поимите Свет Дух, Господ и Бог и Отец на сите). Во кратки црти: Црквата е Евхаристија, а Евхаристијата е Црква. Без Евхаристијата, односно без Светата Причест, нема Црква.

На вообразените „млади лавови“ на квазимодерната, ултралиберална, „научна“ теологија, кои своите текстови ги објавуваат претежно на порталот Теологија.нет (кои многумина го читаат како Теологија? Њет!), залуден им е секој обид да го ревидираат Светото Евангелие и од високо, „научно“, да ги искритикуваат Светите отци и Учители на Црквата и да ги прикажат било како незнајковци, било како луѓе со погрешни убедувања во споредба со високонаучното образование на самите нив, критичари, судии, арбитри и своевидни инквизитори, на кои не им е потребен мандат и благослов на ерархијата за авторитативно, а пред сѐ, „оригинално“ да ја изложуваат и толкуваат христијанската вера.
 

2. Светата ложица („лажичка“) – измислен проблем
 

Прикаската за причестувањето од една лажичка како опасно, па и заразно, како и за причестувањето на секој верник поединечно со посебна лажичка, и тоа за еднократна употреба, како препорачливо и „безбедно“, е сосема депласирно и бесмислено. Апсолутно е невозможно причестувањето „од еден Леб и од една Чаша“, а притоа да се избегне секој физички контакт со другите луѓе. Тоа е невозможно дури и во обичниот секојдневен живот: секој производ, почнувајќи од обичниот леб, и секој предмет, почнувајќи од најобичната чаша, неминовноо минува низ многу раце додека не дојде до наши раце. Исто така, во никакви услови, па ни во услови на епидемија и пандемија, ниедно човечко битие не може да живее изолирано, без каков и да е допир и заедница со другите човечки битија, почнувајќи од семејството, како основна ќелија на општеството, па до општеството во целина. Сето ова важи и кога станува збор за Тајната Евхаристија и причестувањето со неа: лебот на предложените Дарови, кој ќе стане Леб на животот како Тело Христово, некој го меси и пече, пред и за време на Литургијата поминува низ рацете на чтецот или клисарот, а непосредно пред Причеста на верните, од светиот Путир се причестуваат епископот, свештениците и ѓаконите, и тоа со пиење од истата Чаша, без лажичка, а по Причеста на верните, свештениците и ѓаконите ја употребуваат целата преостаната содржина од Светата Причест. Според тоа, во една иста Причест, општењето не може да се избегне, па ништо не менува тоа колку лажички се употребени при причестувањето.

Во некои помесни Православни Цркви, па и во нашата, поединци се досетија да причестуваат на „првобитниот“ начин, повикувајќи се на Литургијата на свети апостол Јаков, така што верниците самите ќе го земаат светиот Агнец, натопен со Крвта Христова, за така да ја избегнат опасноста од евентуална зараза (o tempora, o mores!). Меѓутоа, премолчуваат дека нивниот начин на причестување на верниците воопшто не личи на начинот на причестување на Јакововата Литургија, на која сите причесници се причестуваат така што литургот им дава во раката честица од Светиот Агнец (значи, не го земаат сами), а потоа сите по ред по малку отпиваат од чесниот Путир, како што тоа го прават свештениците. Со други зборови, свештеникот ги причестува нив така како што епископот го причестува него. Се разбира, забораваат дека нивниот – наводно стар, а всушност, сосема нов начин на причестување, имајќи ги предвид сите свештенодејствија поврзани со Агнецот, од проскомидијата до негово кршење и сечење на честиците пред самата Причест, не ја исклучува можноста од зараза доколку се прифати тезата дека е можно да се заразиме со причестувањето, извршено на кој било начин (зашто, Боже мој, можело да се случи сите литургиски свештенодејствија да ги врши некој веќе инфициран!). Ова би било смешно да не е тажно.

Патем, ќе кажам дека и негативниот однос кон лажичката (правилно: света ложица), наводно – која не му е позната на Црквата во првите векови, не е само литургиски, туку и историски неоправдан. На самите почетоци на својот историски живот, новозветната Црква имала многу малку членови. Подоцна, бројот на христијаните постепено се зголемувал благодарејќи на систематската мисионерска активност и дејствителното сведочење на верата од страна на самите христијани. Затоа, среде новокрстените и среде оние што се причестуваат – а добро знаеме дека во раната Црква на секоја Света Литургија се причестувале сите присутни – поголемиот број го чинеле возрасни луѓе. Меѓутоа, имаме многу рани сведоштва, и тоа новозаветни, дека кон Црквата не пристапувале само поединци, туку и цели семејства. Така, во „Дела апостолски“ читаме за преобратеникот Корнилиј, римски офицер од Ќесарија, дека бил „маж благочестив и богобојазлив со целиот свој дом“ (Дела 10, 1–2), веројатно како прозелит на јудаизмот, а потоа дека бил крстен од светиот апостол Петар, без сомнеж, со „целиот негов дом“ (Дела, 10, 3–48). Во продолжение се наведува како била крстена Лидија од градот Тијатир и нејзините домашни (Дела 16, 15), како што, по чудесното ослободување на апостол Павле и Сила од затвор, се случува и со нивниот стражар: „Веднаш се покрсти тој самиот и сите негови домашни“ (Дела 16, 33), а на ист начин и Крисп, старешината на синагогата, „поверува во Господ со целиот свој дом“ (Дела 18, 8). Свети апостол Павле сведочи дека лично го крстил „домот Стефанин“ (1 Кор. 1, 16; спореди: 16, 15).

 Намерно ги подвлекуваме изразите дом, целиот дом и сите негови за да им биде јасно на сите дека станува збор за цели семејства, вклучувајќи ги, се разбира, и децата. Можеме ли да замислиме дека првите христијански семејства не ги причестувале своите деца? А дали било возможно да ги причестуваат така како што тогаш со пречесната Крв Христова се причестувале возрасните, со пиење од заеднички Путир? Секако дека не! Затоа, со мирна душа можеме да претпоставиме дека причестувањето на бебињата и на дечињата се вршело со лажичка, како и денес, а дека лажичката по многу векови била воведена и за возрасните, поради многуте причесници, што ја исклучила првобитната пракса на причестување на сите од само еден Путир. Следствено, сите овие нагаѓања за ваков или таков начин на причестување на христијаните (со една лажичка или со повеќе лажички, со нивна задолжителна дезинфекција и слично) додека трае пандемијата на коронавирусот се само замачкување очи, провиден изговор за вистинскиот став и за содржината на пораката на самоназначените „душегрижници“: тие, всушност, се против Причеста како таква, тие најрадо би ја забраниле. Иако самите не се причестуваат, а во поглемиот број случаи не се ни верници, се убија од грижа за верниците, па затоа, како „вистински хуманисти“, насила се мешаат во прашање на верата и начинот на нејзиното практикување во Црквата, правејќи се дека не знаат оти со својата интервенција ја укинуваат слободата и човековите права на своите сограѓани, иако, во принцип, се гласноговорници за тие права.

 Колку чуден феномен: атеистите би сакале да ѝ пропишуваат на Црквата што смее, а што не смее, и да ги заменат владиците и свештениците со самите себе! Всушност, под маската на грижа за луѓето, на дело е најнов облик на гонење на Црквата, незабележен во нејзината историја. Сите поранешни гонители, од Нерон до Хрушчов, ги гонеа христијаните со груба физичка сила – со апсења, мачења, затвореништво, прогонство, убивање – само затоа што веруваат во Христос. Модерните, „мутирани“ гонители практикуваат софистицирани, „хибридни“ и „мрежни“ методи, без примена на физичко насилство, ама со примена на невидено духовно насилство. Тие – иако по правило се безбожници, во најдобар случај декларативни верници – се обидуваат да ја поробат Црквата, однатре да ја контролираат, да управуваат со неа однатре, наместо нејзината боговостановена законска ерархија. Но, трудот им е залуден: Црквата никој не може да ја окупира и подјарми, ни однадвор ни однатре. Неа, според зборовите на нејзиниот Основач, ни вратите на пеколот нема да ја надвладеат (Мат. 16, 18). Нивно човечко – и само човечко – право е да не веруваат и да не се причестуваат, а наше човечко – според нас, и богодарувано право – е да веруваме и да се причестуваме.  

Ние длабоко веруваме, недвојбено, дека во Светата Причест вистински – реално, а не метафорички или симболично – се содинуваме со Христос, нашиот Господ и Спасител. За нас Светата Причест, како врв на сенародниот чин и настан на Евхаристијата, е Тело Христово, со самото тоа – Леб на животот и Крв Христова, со самото тоа, Чаша на благослов. Од ова следува и нашата вера дека таа е Лек за бесмртност, како што веќе на почетокот на 2 век по Христос ја нарекува свети Игнатиј Богоносец, и дека во никој случај не може да биде извор или причина за болест, зараза или смрт. Ако е Бог со нас – а во Литургијата и Причеста е – кој е против нас? Од кого да се плашиме? Зарем од христоборците и црквоборците, достојни за секое жалење? Впрочем, ние нив не ги мразиме, туку се молиме и за нив и им посакуваме секое добро на патот по доброто. Рака на срце, заради вистината и искреноста, мораме да признаеме дека можноста за зараза преку Светата Причест ја застапуваат – отворено или имплицитно, целосно или делумно – и некои теолози, кои себеси се сметаат за православни теолози. Ама, нив ги демантираат неоспорните историски факти, кои покажуваат дека тие немаат право и дека, за жал, полека, но сигурно, тргнуваат во правец на либерален, дури и ултралиберален протестантизам, а некои, за жал, во меѓувреме веќе еволуирале во чистокрвни протестанти од православно потекло.

3. Докази од опит дека Светата Причест никогаш не е пренесувач на зараза
 

Независно од ова што сега се случува со коронавирусот, во кое и да било друго време, никој не може да знае кој меѓу причесниците е здрав, а кој е болен и од што е болен. Според логиката на веќе спомнатите „душегрижници“, би требало секој свештеник веќе на почетокот од своето служење да се разболи од некоја пренослива или заразна болест и да умре, бидејќи по причестувањето на сите, здрави и болни, тој го употребува целиот остаток од Светата Причест. Сепак, сите знаеме колку среде свештениците има деведесетгодишници и стогодишници (пример: авторот на овие редови познава светогорски монах, кој во сто и седмата година од животот чекореше како момче). Еден од најдолговечните луѓе во историјата што ни е позната, беше еден александриски патријарх, кој го имаше пречекорено и старозаветниот „библиски просек“ од сто и дваесет години. А што да се каже за свештенослужителите што сиот свој „работен век“ го живеат служејќи во болници, најчесто со тешки, па и неизлечиви болни, причестувајќи се од истиот свет Путир, и пред и по нив? Како пример го наведуваме свети Порфириј Кавсокаливит, нашиот малку постар современик, кои со децении служеше во Атинската поликлиника. Треба да се спомнат и свештениците од нешто подалечното минато, кои причестувале болни од туберкулоза, тогаш неизлечива смртна болест, и потоа, по тие болни на смртна постела, докрај ја употребувале Причеста, со која претходно ги причестиле – и ништо не им било (пример: отец Венедикт Петракис во Грција, се упокои во 1961 година). Не смееме да ги премолчиме ни светите имиња на поновите руски подвижници од овој ков, како што се свети Јован Кронштатски (од крајот на 19 и почетокот на 20 век) и свети Лука (Војно-Јасенецки), Архиепископ Симферополски, лекар по занимање, еден од најугледните во советска Русија, кого еднаш директно од логор во Сибир го довеле во Москва за да оперира некој советски началник, а тој тоа го прифатил само под услов во операционата сала да има икона и пред неа да стои запалено кандило додека го оперира пациентот.

Во постари времиња, времето на доцната антика и на средниот век, во Европа беснеела чума, „црната смрт“, која голтнала повеќе од сто милиони луѓе само во Европа. Опасноста од чума не е исчезната дури и во поново време. Познат е настанот од 1830 година, кога чума се појавила во Москва и кога тогашниот Митрополит Московски, свети Филарет (Дроздов), го одбил повикот на цар Николај I Романов да ја напушти Москва и да премине на сигурно, во Санкт Петербург, по што и царот поитал во Москва за заедно со митрополитот, рамо до рамо, во црковната поворка со крстови, икони и црковни бајраци, да помине среде масата разболени, кои ги попрскувале со осветена вода. Дали треба да се нагласи дека ни митрополитот ни царот не се заразиле? Што да се каже, пак, за шпанската треска или шпанскиот грип од крајот на Првата светска војна, пандемија, која од 1917 до 1920 година однела околу педесет милиони животи? И, неодамна, во нашиот 21 век имаше широко распространети епидемии, на цела среќа, помалку смртоносни.

 Ја користиме можноста да нагласиме дека и во Источното Ромејско Царство, и во царска Русија, и во Србија, и во другите земји со православна традиција, како и на христијанскиот Запад, задолжително се вршеле црковни литии и молебни за времетраењето на некој „помор“, како што тогаш се нарекувале тешките епидемии и пандемии, додека пак, тогашните лекари, исто како и сегашните, со сите сили се бореле за живот и за оздравување на сите погодени од заразата, се разбира, согласно тогашните сознанија на медицинската наука. Се постапувало точно според Евангелието, според Христос: и молитва и медицина („ова требаше да го правите, а и она да не го оставате“ – Матеј 23, 23). И денес лекарите што имаат вера – а тие не се малкумина, ни во светот, ни кај нас – имаат обичај да кажат: „Направивме сѐ што можевме за пациентот; отсега, тој е во Божји раце“. Ова го пишуваме со свест за тоа дека сите специјалисти за сѐ – за Црквата, за државата, за науката, за политиката... – на своите „социјални мрежи“ ќе им се потсмеваат на оние што ги нарекуваат „заостанати и закоравени попови“ воопшто, а посебно на авторот на овие редови, што нему ни најмалку не му пречи (напротив, нивната пофалба би ја доживеал како укор). Да нема недоразбирање: нашиот акцент не е на тоа дека свештените лица не умирале од чума, колера, шпанска треска, САРС и други заразни болести – умирале, туку на тоа дека тие не умирале затоа што се причестувале од иста Чаша и на ист начин како тогаш неизлечивите болни. Според нашето најдлабоко убедување, ни тие болни не умирале поради Светата Причест, туку од други причини и други извори. Страшен конкурент на чумата во текот на вековите, сѐ до неодамна, беше лепрата. Таа, можеби, била поужасна, зашто убивала поспоро, но за возврат, на своите жртви сосема им го уништувала животот, кој одвај наликувал на живот на човек како боголико битие.

Ќе наведеме еден потресен пример од блиското минато. Во Грција, јужно од Крит, постои островчето Спиналонга. Тоа од 1905 до 1957 година било место на очај и смрт: било место на кое сами, изолирани, изопштени и напуштени, живееле лепрозни. Логорот за лепрозни бил распуштен дури откако болеста станала излечива. Англичанката Викторија Хислоп, за тоа место на тага и ужас, напишала прекрасна книга, со наслов „Остров“, а луѓето го нарекувале и „остров на живите мртовци“ или „остров на смртта“. Во 1947 година на островот се појавил еден строг подвижник и човек со непрестајна молитва, свештеномонахот Хрисант Кацулојонакис, кој во дотраената црквичка отслужил Литургија. Никој од лепрозните не ни ѕирнал во црквата, а многумина му довикувале навредливи и богохулни зборови. Кога, чудо, по неколку дена, тој повторно се појавил во црквичето и повторно служел. Тогаш му пришол еден лепрозен и му рекол: „Ако денес заедно се причестиме, ќе доаѓам в црква“. „Договорено“, одговорил Старецот. Откако го причестил лепрозниот, тој, како и секогаш, употребил сѐ што останало од Светата Причест. Кога дошол следниот пат, неговите трагични „парохијани“ очекувале дека ќе го видат таков какви што се тие самите. Но, тој и понатаму бил здрав и бодар. Оттогаш сите лепрозни од Спиналонга доаѓале на богослужба и сите се причестувале, а отец Хрисант, според прописот, ја употребувал Светата Причест по лепрозните, од истиот Путир. И, тоа траело полни десет години! За целото тоа време, тој никогаш од ништо не се разболел, иако имунитетот сигурно му бил за никаде (никогаш во животот не вкусил месо, а во текот на постот јадел еднаш дневно, малку некоја трева, и пиел малку чај). Кога во 1957 година лепрозните заминале, тој останал таму сам уште две години (според некои, и повеќе) за да ги одржува гробовите на починатите и се молел за покој на нивните души. Се упокоил на Крит во осумдесет и втората година од животот.

Би можеле да наведеме колку што сакате примери, но ќе се ограничиме само уште на два-три. Први меѓу нив се светиот владика Николај и свети ава Јустин. Последниот, некои триесетина години секојдневно служеше Света Литургија во манастирот Ќелии крај Ваљево, секојпат употребувајќи ја Светата Причест по причестувањето на сите присутни на службата, а знаеме колкава старост доживеа. Грев е да не ги спомнеме и некои други исповедници и подвижници на Православието од наше време – светиот владика Варнава (Настиќ), блаженопочинатиот патријарх Павле, старец Тадеј од Витовница (кој почина во Бачка) и други познати и непознати. По правило, избегнуваме да спомнуваме некои домашни, сѐ уште живи современици, ама овојпат ќе направиме исклучок. Како олеснувачка околност го наведуваме тоа дека баравме одобрување од својот постар брат и собрат, жив, фала Богу, здрав и крепок, да го спомнеме во овој осврт, и тоа дека одобрување и благослов добивме. Се работи за Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј. Од својата младост, додека бил архимандрит во Атина, па во своите зрели години, додека бил Епископ во Банат, и денес, во поодминати години, како Митрополит на Црна Гора, Брдо и Приморје, владиката Амфилохиј секогаш лично го причестува сиот присутен народ на Светата Литургија на која служи, без обѕир на често големиот број причесници. Кога ќе го причести и последниот, тој веднаш, пред сите, повторно ја зема лажицата и со неа повторно ја зема Причеста, за да не се случи некоја света честица или капка да падне на под, значи од предострожност, поради можна невнимателност или неопитност на некој од причесниците. Се прашуваме: дали поради таквата пракса некогаш се разболел или тоа е една од причините дека секогаш бил – и, фала Богу, до ден-денес остана – здрав и крепок човек?

Еве уште едно сведоштво од наше време! Архимандрит Симеон (Анастасијадис), исто така наш современик, свештеник при болницата „Свети Павле“ во Солун, во текот на цели десет години, на почетокот на своите кажувања, пишува: „Кога ме викаат да причестам некој болен во болничка соба или дури и во одделението за интензивна нега, не можам да знам од што тој боледува. Моја обврска е да го причестам...“ Потоа наведува три случаи. Прв случај: требало да причести момче, чија усна шуплина била целата во рани. Болниот го замолил: „Оче, ако е можно, причестете ме со лажичка која ќе биде употребена само сега!“ На убедувањето на отец Симеон дека не треба да се плаши од никаква зараза, момчето му одговорило: „Оче, јас ова го барам заради Вас, зашто мојата болест е сериозна, а се пренесува“. На тоа, отец Симеон му објаснил да не се грижи, зашто за свештеникот што ги причестува болните нема опасност од зараза. Момчето тогаш се прекрстило, ја примило Светата Причест, а отец Симеон го употребил остатокот, од истиот Путир и со истата лажичка. Втор случај: еден тешко болен човек, уште и дементен, ја исплукал Светата Причест. Отец Симеон го направил единственото нешто што било можно и исправно: самиот веднаш ја употребил таа Причест. Трет случај: го повикале да причести човек на смртна постела, а еден лекар му пришол и со шепот му рекол: „Оче, тој има сида“. Отец Симеон само се прекрстил, го причестил болниот и го употребил остатокот од Причеста, како и секогаш. Во продолжение на своето кажување, отец Симеон се повикува и на свештеници и на лекари, како сведоци, дека по причестувањето, на многумина болни, дури и на оние најтешко болни, им било подобро, а некои, дури и такви со неизлечива болест, на чудесен начин оздравувале. Понекогаш, кога болниот бил во кома или во таква состојба да не може да се причести, тој крстообразно ќе го благословел со светиот Путир, и на болниот му станувало полесно, а понекогаш дури и почнувал забрзано да се опоравува. „Тоа, нагласува тој, го гледав со свои очи и пред многу сведоци“. За сето ова, како и за своето добро здравје, тој даваше кратко, едноставно, ама богословски совршено објаснување: „...Во Светата Причест, ние не користиме лажичка, туку света ложица, а не користиме чаша, туку свет Путир, света Чаша“. Овој чесен свештенослужител, својата духовна зрелост ја покажува и со тоа што не ги осудува оние што се плашат дека болестите се пренесуваат преку причестувањето. „Јас сосема ги разбирам, зашто тие не веруваат, и ги оправдувам, зашто Светата Причест е прашање на вера, а не прашање на научен експеримент“.

Исто вакво сведочење среќаваме и кај отец Стефан Далијанис, кој веќе четириесет и осум години служи како болнички свештеник во болницата за заразни болести во Западна Атика, во местото Егалео (денес предградие на Атина). Треба ли да се истакне дека овој совесен свештеник, до овој час, не само што е жив, туку е здрав, ведар и крепок?

Посебно е трогателно сведоштвото на владиката Макариј (Тилиридис), Митрополит на Најроби и егзарх на Кенија, од 11 мај оваа година, теолог и познат и признат во цела православна и христијанска вселена, кој веќе четириесет и три години дејствува како мисионер во Африка. За целото тоа време, никогаш не се случило со Светата Причест да се пренесе некаков вирус, иако во Африка владеат многубројни болести, често смртоносни, а Светата Литургија се служи во околности незамисливи за Европа – во некаква импровизирана куќа или колиба, без основни хигиенски услови, или едноставно под некое дрво – така што во светиот Путир може да паднат и разни инсекти, а за микроби и да не трошиме залудно зборови. Новообратените православни христијани од разни племиња покажуваат жива вера како првите христијани и сите или речиси сите се причестуваат на секоја Литургија. „Јас во Африка, уште како мирјанин, секогаш се причестував последен, по болните, и никогаш, фала Богу, ништо не ми се случило. Подоцна, откако станав епископ, безброј пати сум ја употребил Светата Причест по сите други причесници. Во светиот Путир е Христос...“, вели овој Божји човек и додава дека оспорувањето на живоносниот и спасоносен карактер на Светата Причест претставува дрскост (úврис, хибрис) и хула на Бога (власфимúја, бласфемија), како и неправда кон историјата на Православната Црква.

Не можеме а да не спомнеме уште еден скорешен настан, кој ја потврдува истата света вистина за Православната Црква. Пимен, деведесеттогодишен Архиепископ на градот Сучава во Молдавија (Романија), беше позитивен на тестот за корона. Во званичното соопштение на манастирот посветен на новомаченикот Јован Трапезунтски, во кој се наоѓа владиката Пимен, наведува дека тој служел за Велигден и во Светол понеделник. Бидејќи не се чувствувал добро од почетокот на Страсната Седмица, сместен е во болница во Светол понеделник. По лавина медиумски обвинувања поради овој случај, од лабораторија стигнаа резултатите од тестовите на сите манастирски отци, како и на мирјаните, што работат во манастирот. Од сите нив, позитивен бил резултатот само на еден ѓакон, кој единствено не се причестил од заедничкиот Путир, кој го држел владиката! Имено, тој ѓакон, за време на Литургијата имал послушание на клисар. Освен сите монаси, тестирани биле и дваесет и пет свештеници на Архиепископијата, кои биле во контакт со владиката и ниеден од нив нема вирус! „Така Бог одлучи, поради оние млаки во верата, кои не сакаат да сфатат дека Светата Причест е Светата Крв и Тело Христово, извор на живот и благодат“, се наведува во званичното соопштение на манастирот. Вистината дека Светата Причест е извор на здравје, и душевно и телесно, а никако извор на болест, можат да потврдат секој ѓакон и секој свештеник, без исклучок, бидејќи, како што нагласивме, тие по сите, од ист Путир и со иста ложица (лажичка), го употребуваат остатокот од Светата Причест.

Искуството на свештенослужителите, секако, не е различно од искуството на кој било верник. „...Црквата верува дека верните, станувајќи преку Причеста едно тело со Христос, и така доаѓајќи во допир со Неговите божествени енергии, не само што не можат да се заразат преку Светата Причест, туку таа е извор на живот и здравје“, пишуваше во свое време блаженопочинатиот патријарх Павле во огледот „Дали треба да се брише лажичката по причестувањето на секој верник?“, на што тој одговара дека не треба. Притоа, тој се повикува на сведоштвото на свети Јован Кронштатски, исклучителен литург, чудотворец и исцелител, кое гласи: „Колкупати имав можност да видам болни, стопени како восок од болеста, сосема малаксани, како умираат, а кои по причестувањето со Божествените Тајни, по своја усрдна желба или по мој совет, на чудесен начин, многу брзо се опоравуваа“. Патријархот Павле, кој сигурно не богословеше спекулативно, чисто „академски“, туку благодатно-подвижнички, со озареност и просветлување од Светиот Дух, како историско образложение на својот став по ова прашање, го наведува исказот на Јован Бута, уредник на весникот „Православие“ во Карловачката митрополија: „Јас не се плашам од инфекција при причестувањето, а сѐ уште не сум слушнал дека некој свештеник бил заразен на тој начин“ (подвлечено од авторот на овој текст). На нашето тврдење дека за две илјади години христијанство никогаш никој не се заразил со Светата Причест – зашто ако било така, тоа на непријателите на христијанството би им било „крунски доказ“ против него! Од една адреса, формално богословска, а реално нецрковна, ако не и антицрковна, следеше прашање: која стручна и научна анализа докажува дека стварно никој никогаш не се заразил причестувајќи се? На тоа богохулно прашање, одговараме со контрапрашање: а која, пак, анализа го докажува спротивното? Не е излишно да повториме: имало, има и ќе има свештенослужители што умреле од некоја зараза или од неизлечиви болести (кардиоваскуларни, канцерогени, дијабетски и други), но не затоа што служеле Литургија и се причестувале, туку од истите причини од кои умираат и другите луѓе, погодени од истите тие болести.  
 

4. Богословско втемелување на црковниот опит

 
Истовремено, како богословско втемелување на својот став, патријархот Павле го наведува Христовото и новозаветното учење за Христос како Леб Небесен, од кого човек, јадејќи го, живее вечно (види: Јован 6, 58), а во продолжение се повикува на три, и повеќе од јасни светоотечки толкувања:

1. Оној кој достојно се причестува со Телото и Крвта на Христос Животодавецот, станува сотелесник и еднокрвен со Него (свети Кирил Ерусалимски);

2. „Малку квасец целото тело ќе го вподоби на себе: така и со Бог обесмртеното Тело Господово, кога е во нас, сѐ претвора и менува според себе“ (свети Григориј Ниски);

3. Црквата, причестувајќи се со Телото и Крвта Христови, „не ги претвора нив во човечко тело, како што е со која било друга храна, туку таа (Црквата) се претвора во нив, бидејќи појакото надвладува; како што железото, ставено во оган, и самото станува оган и не го претвора огнот во железо, и како што усвитеното железо не го гледаме како железо, туку само како оган, зашто особините на железото моментно се губат поради огнот, така и Христовата Црква, кога некој би можел да ја види тогаш кога се соединува со Него и се причестува со Неговото Тело, не би видел ништо друго освен Господовото Тело“ (блажен Никола Кавасила).

Во истиот овој дух богословствува и угледниот грчки свештеник и теолог, др. Никола Лудовикос. И тој, секако, се повикува на Светите отци на Црквата. Прво го наведува класичното место од Посланието до Ефесјаните на свети Игнатиј Богоносец, во кое, за првпат во богословската книжевност, се употребува „медицински“ термин за Светата Причест – Лек за бесмртност, Лек што ни е даруван нам, луѓето, според свети Игнатиј, „за да не умреме, туку да живееме во Бог преку Исус Христос“. Истовремено, и Лудовикос се повикува на Никола Кавасила, според чии зборови Христос во Светата Евхаристија, преку Светата Причест, станува за човекот сѐ: „...Тој е и Светлина и здив, Тој создава око за да можат луѓето да Го видат, и ги просветлува со Него, им се дава да Го видат; Тој е и Хранител и храна, Тој е Леб и го дава Лебот на животот, Тој е и тоа што се дава...“ Додава и една прекрасна песна на оваа тема, од „Химна на божествената љубов“ на свети Симеон Нов Богослов:

Твоето Тело пречисто, божествено,

целото блеска од огнот на Твоето Божество,

неискажливо помешано, соединето,

дарувај ми го, Боже мој,

а ова нечисто и трулежно тело,

со Твоето сечисто Тело соединето,

и крвта моја, помешана со Крвта Твоја,

се соедини, знам, и со Божеството Твое

и станав Твоето најчисто Тело,

светол и вистински свет дел,

дел озарен, прозрачен и сјаен.

 
Бидејќи со Светата Причест се остварува единство на Христос и Неговите верници, кои, според Кавасила, го надминува секое овоземно единство, професор Лудовикос со целосно право заклучува дека „Чесните Дарови, дури и ако претрпат надворешно влијание (како, на пример, мувла) или ако ненамерно (или и, хипотетички, злонамерно) се помешаат со вируси и микроби, постоечката благодат не дозволува тие да бидат штетни за здравјето на верниот“, како причесник на обоженото Тело Христово, што не е ништо друго туку Царството Божјо.

Слично за Светата Причест се изразува и преподобен Порфириј Кавсокаливит: „Би било природно и служителот и верникот да умрат живеејќи толку блиско до Тајната, толку блиску до Сонцето. Но, многумилостивиот Бог така благоволи и, слушни ја сега оваа страшна работа, веќе живее во нашата ништовност“ (тука светиот Старец заплакал, според сведоштвото на д-р Георгиј Папазахос, професор по кардиологија на Атинскиот универзитет, неговиот личен лекар). Според свети Порфириј, заминувајќи од Светата Литургија, заминуваш како христоносец.

Овде би можеле да наведеме уште многу изјави на светогорски монаси, наши современици, со кои тие ја исповедаат верата во Светата Причест како Лек за бесмртност, но е повеќе од доволно ако ги наведеме основните пораки на званичното соопштение на Свештената општина на Света Гора Атонска, нејзиниот највисок духовен и управен орган, од 13 мај оваа година: „Светата Причест претставува извор на осветување, спасение, светлина и учество во животот Господов. Таа во никој случај не може да биде причина за пренесување заразни болести или за некое друго зло. Тоа го сведочи вековното искуство, тоа е сознание и учење на нашата Црква, во тоа непоколебливо веруваме како христијани и нејзини верни членови. Црквата била и останала давател на вечни добра, на Телото Христово и Крвта Негова, преку која можеме да се соединиме со Распнатиот и Воскреснат Христос, победувајќи ја смртта“. Во продолжение на своето соопштение, Свештената општина ги истакнува етичката, правната и цивилизациската димензија на денешната политичко-медиумска кампања против Светата Причест: „...Сегашната пандемија и борбата против неа не треба да ја поврзуваме со можноста за учествување на верниците во Светите Тајни на Православната Црква, за да не добиеме како резултат на тоа ограничување на верската слобода и на христијанското богослужење“.

Во истиот овој дух, Светиот Синод на Грчката (Еладска) Црква, званично, во своето окружно послание до клирот и народот, од 10 април оваа година, изјавува: „Привремениот прекин на нашите богослужбени собранија, во никој случај не значи дека го прифаќаме гледиштето на оние што тврдат дека пренесувањето на коронавирусот се остварува и преку Светата Тајна Евхаристија. Светата Евхаристија за верните претставува извор на Живот и Лек за бесмртност. Тој што се причестува со Телото и Крвта Христови, добива преобилен живот, а не смрт“. Потоа додава: „Никој, впрочем, не се разболел поради своето учество во Светата Тајна Евхаристија... Тие што се надвор од животот на Црквата не можат, се разбира, да ја разберат оваа наша вера, зашто се лишени од искуството на Светата Причест...“ Истиот став го застапува и Светиот Синод на Српската Православна Црква. „Почитувајќи ги значењето и достигнувањата на медицината, која ја смета за голем Божји дар и голем човечки подвиг, таа на своите верници им го нуди и единствениот Лек за бесмртност, Светата Причест...“ (соопштение за јавноста од 16 март оваа година). „Неразумно е и крајно злонамерно очекувањето на оние што ниту доаѓаат в црква ниту се причестуваат дека самата Црква ќе им го одземе на своите верници она што е за неа и за нив најважно и најсвето – Светата Причест“ (соопштение за јавноста од 23 март оваа година). „Црквата нема да го прекинува служењето на Светата Литургија, ниту ќе престане да ги причестува верниците, зашто тоа е нешто за кое не може да се расправа: таа претставува основа на нашата вера во Живиот Бог. (...) Не е ризик Светата Причест (напротив, неа ја примаме, покрај другото, и за исцеление на душата и на телото), туку реално присутната опасност од вирусот, независно од Причеста, поради неговата експанзија на секој чекор...“ (соопштение за јавноста од 28 март оваа година).

Истиот став го зазема и Епархијата (или Митрополијата) црногорско-приморска: „...Се причестуваме со Телото и Крвта на Господ и Бог и Спаителот наш Исус Христос за исцеление од сите вируси, за здравје и спасение на душата и на телото и за стекнување вечен живот. (...) Кога е во прашање одговорниот однос кон нашите ближни, а земајќи ја во обѕир заканувачката зараза, свесни сме дека има очекувани и природни разлики меѓу верните луѓе и оние што во црковниот обред не гледаат ништо суштински важно. На првите, литургискиот собор, со задолжително учество на крстени луѓе во него, им е – извор на сила и храброст пред искушенијата, а на другите, само – зголемен извор на можна зараза (!?). Иако вековното искуство ни зборува за тоа дека литургиските собири со причестување на верниците секогаш носеле нова народна сила, ги јакнеле љубовта и трпението, а никогаш никого не заразиле (како во екот на некогашните болести: чума, колера, треска, така и во наше време на современи вируси), кај дел од јавноста, како и кај врвот на владејачките структури, превладува страв од она што никогаш не се случило. (...) Според прецизните упатства и совети на блаженопочинатиот патријарх српски Павле, кои ги дал врз основа на учењето на Светите отци и на црковното Предание, ниту некогаш било, ниту може да биде дека верен и крстен човек ќе се зарази преку светиот Путир и лажичката со која се причестува. Разбираме дека тоа на нецрковните луѓе им е туѓо и далечно, но токму поради тоа Црквата никогаш никого не присилувала, ниту повикувала,

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/duhoven-azbuchnik/23443-svetata-prichest-izvor-na-zdravje-ili-izvor-na-bolest-30-08-2020

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
2 years ago

Календар за февруари 2022 г. (избор)

✤✣✤ 16/02/Лето Господово 2022 Свети Симеон Богопримец      Во времето на мисирскиот цар Птоломеј Филаделф овој Симеон беше избран како еден од прочуените Седумдесетмина на коишто им беше доверена работата на преведување на Библијата од еврејски на грчки јазик. Симеон ја раб...

Image Description
2 years ago

Архимандрит Клеопа (Илие) († 1998): Што е тоа смирение и како се раѓа? (прв дел)

Братот: Разбрав одлично, отче, колку е штетен гревот на гордоста. Затоа, ве прашувам, кажете ми, како можеме да се ослободиме од големите опасности на гревот на гордоста?Старецот: Брате Јоване, најголемата добродетел што нè спасува од гревот на гордоста – тоа е смирението!Братот: Но, што е тоа смир...

Image Description
3 years ago

Таа жена го исполнувала во живот Евангелието…

Прашав една жена: -Што правиш во животот, се бориш ли, се радуваш ли на својот живот? Таа рече:-Јас, баќушка, не правам ништо. Зошто?-Не се подвизувам како вие. -Т.е. што правиш?-Па, не правам ништо. Имам пет деца, ги пораснав но, не се подвизувам како вас. Ги носев на школо, седев ноќум кога беа...