СВЕТИ АПОСТОЛ ПАВЛЕ - КОНТИНУИТЕТ НА ХРИСТИЈАНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ

Example User · 3 years ago

    7 minutes, 9 seconds


 „Се чудам дека така брзо се одвратувате од Оној, Кој ве повика преку благодатта Христова, и преминувате кон друго благовестие; не затоа што има друго евангелие, но има такви, што ве смутуваат и сакаат да го изопачат благовестието Христово„. (Гал.1,6-7)
„Молете се постојано„ (1 Сол.5,17)


„Ние треба да Го следиме Светиот Дух Господ и да сме украсени со Неговите плодови; Он сигурно не нѐ следи нас во нашите поделби и нѐ љубов... Нашата вера е во Една, Света, Соборна и Апостолска Црква...„ – митрополит Наум


Да проговориме нешто за континуитетот на христијанскиот идентитет во Македонија. Тоа ќе биде една поголема реченица во која би можело се смести сето време кое тече во еден правец, кон полнотата, и сопатник на времето во таа мисија е и просторот, а човекот е тој што ги приведува овие две контури кон Бога, преку своето очистување на срцето и просветлување на умот до конечното раскинување на тие две граници за човекот и светот преку обожувањето кое е полнота и не познава време и простор туку само правда, мир и радост во Светиот Дух, како што опишал и светиот апостол Павле.

Токму тој конинуитет на овој христијански идентитет кој е спознаен и пренесен од Светите Отци во три степени според начинот на животот во Христа, очистување, просветлување и обожение се поврзува со апостолската мисија на свети Павле, кој иако се движи во времето и на просторот сепак донесува наизглаголиви тајни од третото небо, како што сведочи самиот, проповедајќи ја благодатта Божја, непрестајната молитва, возглавувањето на евхаристиските собранија со помесните Цркви каде ракополага епископи, свештеници, ѓакони за со народот на кои му се потребни светите Тајни на Црквата да го израсне во род избран и царско свештенство, кое ќе се спасува низ Крстот Христов во Тајната на благодарењето што е остварување на единството со Бога кое единствено го чини човекот, човек, преку човекот светот, свет, и Бог сè во сè, Кој благословува и исполнува.

Тоа е христијанскиот идентитет кој не може да биде заробен од детерминатите според паднатиот свет, оти ги надминува времето и просторот, а камоли некоја друга човечка категорија, како Јудеец или Елин, роб или слободен, машки или женски пол. Тоа е дарот на новиот живот во Христа, Вечниот Првосвештеник низ Кого се изврши делото на спасението за сите и за сè, во благодатта на Светиот Дух за слава на Бога Отца, чии синови сме единствени како род човечки, кого го создаде, а кога падна не го отфрли туку му приготви спасение преку Пресветата Дева и стана еден од нас, со нас поживеа во сè снисходувајќи ни освен во гревот, кого го распна на крстот, смртта ја победи во адот, и го порази жаволот со Своето славно Воскресение, Кое непрестајо го очекуваме согласно дарот на молитвата.


Сите овие извадоци на кои е тешко да се најде потребната нумеризација на книга, глава и стих се од проповедта на светиот Апостол, кои вака не ги одделив за да не биде ставено напишаното во зададени граници. И сето ова кое го наброивме, како дело на Апостолот не се случило таму и некаде, или таму, а сепак овде, туку се случува овде и сега на секоја света Литургија каде се сумираат сите векови во тајната на благовестието за Христос Спасителот, кое и ангел да ни го предвестеше како што вели Павле, не ќе беше спасително како онака што ни го предал Апостолот и кого го слушаме пак и пак, на Литургијата како весник на благата вест, Евангелието Христово. Без словата на апостолите не можеме да го рабереме Евнагелието, без Светите Отци не можеме да ги разбереме ниту апостолите, ниту Евангелието, а само Пресвета Богородица е Онаа која фрла светлина на нашата темнина за да ги разбереме не само Писмата туку и да влеземе во Тајната на Благодарењето, преку споменување на делото Христово, и со слегувањето на Светиот Дух на Даровите, да се причестиме со Христос, а преку Него со сите Негови луѓе. Гледаме дека самата структура на Литургијата ги опфаќа сите, дека нема време и простор, туку дека влез во самото Царство небесно кое го очекуваме, сите го чинат Телото Христово и го изградуваат како стројна зграда, и сите членови се крвно поврзани, и секој орган е потребен за да живее тој богочовечки организам, ако еден страда секој сострадува, ако еден се радуваа сите се радуваат.


Видовме, дека сета проповед на апостолот зборува само за она сведоштво што секој од нас треба да се потруди, онака како што и Павле вели, не живеам веќе јас, туку Христос во мене. Таква е верата во Црквата, апостолска, света и соборна која сведочи за дела на љубов. Таа вера не познава правила кои сами ги создаваме, за потоа на истите да им робуваме, туку правило на вера и образ на кротост и подвиг на мачеништво. Нема место тука за средновековни темници каде се применува покајна дисциплина заради канонски престап туку сè сведува на единственото мерило, причестување или отстапка од причестувањето заради причина која треба да се исповеда.

Апостолскиот континуитет

Апостолскиот континуитет продолжува токму преку Евхаристијата, тука се зачувува автентичниот христијански идентитет чуван преку преданието на Отците, единственото и православно предание, исихастичкото. Затоа тој спој на ранохристијанскиот маченички етос кој е потиснат со влегувањето на христијанството во Римската империја, за малку потоа во Византија и западните средновековни царства, е одржан во златниот период на Отците и со појавата на монаштвото во истиот период, каде се негува апостолската вера која се огледува во присуство на Светиот Дух Кој нè следи во нашето единство и љубов,а не во поделбите, како што вели митрополитот Наум, а не во нашата нељубов.

Денес, кога како што велиме сме ја запазиле православната вера преку страдањата на исповедниците, и кога веќе во 20 век скоро сите познати богослови на Православната Црква ни ја преоткрија светоотечката вера на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква и ја прочистија од западните робувања низ вековите, деспотските интервенции на властите, и ни го засведочија исхастичкото предание како единствено исцелително кое приведува кон целта на човекот, како повторно да се враќаме назад, сега како да не сакаме да го прифатиме она што сме го потврдиле дека тоа предание кое нè сочува од ереси и унии, само за да не бидеме исцелени, како што вели Спасителот.

Секој обид да се тргне кон Трпезата Господова и оттаму да се надминуваат сите недоразбирања, се третира како новотарија, прелест или затскриено приближување кон екуменизам, или што би рекол старец Јосиф Исихаст, дури од Америка и Германија се интересираат за умната молитва, а на поднебјето на кое ние сме сме ја заборавиле. Сме ја заборавиле оти умната молитва не кореспондира со разумските гимнастики на толкување на свештените канони, историските „виситни„ и црпењето на човечката правда од нив, заборавајќи на Божјата правда која е исполнета во Самиот Христос. Светлина во ова наше просторно битисување е што континуитетот на христијанскиот идентитет не е прекинат како што и никогаш не бил, оти Бог го посетува својот народ како што е библиски забележано, не заради нашата правда туку заради избавување од нашите гревови, па сепак има луѓе кои можат сета светоотечка ризница запазена од живото слово на Духот ни се предава и денес, на многу поедноставен т.н. преџвакано слово приготвено како топла каша, иако е тврда храна мистичната теологија на Црквата.

Споено во едно дело, делото на Светите Отци, преоткривањето на тоа дело во богословските истражувања на многу наши отци од денешницата, преку исцелителното дело на православната психотерапија, иако тој термин не ми соодвествува со делото на светите Отци (но, тоа е лична забелешка), нов и духовен живот во Христа подлабоко го објаснува аскетско-исихастичкиот литургиски подвиг на човекот во Црквата, што значи исцеление на човекот од гревот и сите последици од него, доведувајќи го во неговата природна состојба пред гревопадот, преку очистувањето на срцето од страстите, па, понатаму од таа природна состојба кон просветлување на умот како предворје на Царството Небесно и понатаму како што вели светиот Апостол Павле, венецот на славата на тие степени, обожувањето, самото учество во царството небесно, состојбата заради која е создаден човекот според образот Божји, т.е. според Христа, за единство и едно со Бога според благодатта.

Апостолско дело

За крај, сакам да забележам дека досега можеби отворено не сум ги споменал, но сум ги цитирал низ текстовите, дека на оваа тема, оти оваа тема е всушност самиот темел на животот во Христа на предавањата на Богословскиот факултет ни говорел отец Стефан Санџакоски, отец Јован Таковски, делата на митрополитот Наум кои особено до денес се сигурен патоводител на исихастичкото предание на Православната Црква, заедно со делата на отец Александар Шмеман, библиските толкувања на отец Јустин Поповиќ, како и житијата и делата на свети Јосиф Спилеот, свети Силуан Атонски и старец Софрониј од Есекс, но секако на духовниот отец кои од првата исповед и понатаму со неговите молитви ми го насочи животот кон преданието на Светите Отци, иако сето тоа треба да се приведе кон целта и покрај сите падови.

Нека ми простат сите кои не сум ги споменал, но сакав само да укажам дека во нашата помесна Црква имало и има луѓе кои го продолжуваат апостолското дело на светиот апостол Павле, и слава на Бога што тој континуитет не е запрен, останува на нас тој континуитет да го градиме врз христијанскиот идентитет што сме го примиле на денот на крштевањето, нашето сораспнување и соумирање со Христос, но и наше повторно раѓање и воскресение за животот во новиот еон кој не ќе има крај, оти достигнувањето на целта не значи пасивност, оти кој може да ги испита длабочините, височините, широчините Божји?(спореди Јов 11,7). На, неискажливиот, неспознатливиот, невидливиот, недостижен Бог, откриен во Христа со благодатта на Светиот Дух.


П.С. „...Ти благодариме и за оваа служба, која си благоволил да ја примиш од нашите раце...„
- Апостолот се слуша со внимание за мирот Божји да дојде на нас, и се чита со усрдност за да се задржи тој мир. И така, секојдневно, како што ни е благословено.

Извор: ПРЕМИН бр.133/134

Јануари 2019 лето Господово

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/besedi/21189-sveti-apostol-pavle-kontinuitet-na-hristijanskiot-identitet

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

За силата на смртта и на крстoт Христoв

За силата на смртта и на крстoт Христoв Свeти Атанасиј пишува: “Чија смрт билo кoга ги изгoнила дeмoнитe? И oд чија смрт билo кoга сe плашeлe дeмoнитe какo oд срмтта Христoва? Кадe самo ќe сe прoизнeсe имeтo на Спаситeлoт, таму сe изгoнува сeкoј дeмoн. Кoј вo таква мeра ги скрoтил душeвнитe страсти...

Image Description
3 years ago

Беседа во спомен на Преподобен Теофил Струмички и Св. мч-ци Евлампиј и Евлампија

(Обновено) ( Беседа на ден 23.10.2005, спомен на Преподобен Теофил Струмички и Св. мч-ци Евлампиј и Евлампија Епископ Велички Методиј Возљубени браќа и сестри, Ние постојано со Господовата молитва – онаа молитвата којашто самиот Спасител ни ја остави – се молиме на нашиот Отец небесен “да бид...

Image Description
2 years ago

Архива: Јован Пачемски: Недела на митарот и фарисејот (13.02.2022)

(Архива на Преминпортал) ( Скопје, 21ви февруари 2021 г.- храм на св.Јован Крстител Недела на митарот и фарисејотЕвангелие според Лука зачало 89Лука 18, 10-14 Во името на Отецот, Синот Светиот Дух,Од денеска, драги браќа и сестри, ние започнуваме со духовните подготовки за Велигдснскиот пост. Денес...