СПОМЕН НА СВЕТИОТ БОНИФАЦИЈ, АПОСТОЛОТ НА СИТЕ ГЕРМАНЦИ И АРХИЕПИСКОПОТ НА МАЈНЦ, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 5 ЈУНИ
(672/673-754; латински: Bonifatius, Winfried, Winfrid, Wynfreth)
Апостолот на Германија и архиепископот на Мајнц – светиот отец Бонифациј,[1] роден е во 672/673 година во Кредитон, во грофовијата Ексетер, Весекс (денешен Девоншир во југозападна Англија). На крштението го добил името Винфрид. Своето прво образование и воспитување го стекнал во манастирите од редот на свети Бенедикт во Ексетер (во близина на денешен Саутемптон, во грофовијата Хемпшир). На 30-годишна возраст, во местото Натсел, бил ракоположен за свештеник. Едновремено работел и како учител, предавајќи по граматика и поетика. Во 716 година одлучил да го напушти манастирот, да се предаде на мисионерскиот повик, па заминал во земјата на Франките. Таму бил пречекан како образован човек, зашто тој веќе имал подготвено нова граматика на латински јазик.
Винфрид бил вториот мисионер (по Утрехтскиот епископ Вилиброрд), кој дошол од Британските острови за да ги обрати јазичниците-саксонци во христијанството. Во 719 година, Винфрид примил благослов од папата Григориј II и тогаш го примил и името Бонифациј.
Мисионерските патешествија на Бонифациј повеќе наликувале на експедиции кон јазичничките племиња, во кои тој бил придружуван од голема група на војници и занаетчии. За време на таквите експедиции на континентот, се основале повеќе малечки населби и манастири. Некои древни извори ни соопштуваат за еден необичен настан, кој се случил во
близината на Хајсмар. Имено, недалеку од пограничната стража на Франките, имало едно дрво, кое се нарекувало „Дабот Донара“, а за Германците-јазичници било светиња. Бонифациј одлучил да го пресече дрвото и да прекине култот кон него. Присутните јазичници, кои гледале како Бонифациј го сечи дрвото, очекувале нивните богови да го покажат својот гнев, но сето било напразно. Тие биле поразени и изненадени, како нивното дрво лесно било пресечено и паднало на земја. Од дрвото, Бонифациј наредил да се направи мал параклис во местото Фрицлар, кој го посветиле на Свети Петар. И денес на тоа место се наоѓа манастир и црква посветени на Свети Петар.
За агиографијата не е познато, која е причината што свети Бонифациј не тргнал во мисија кај Фризијците. Некои преданија говорат дека тој сакал да прими маченичка смрт, а според други, причина за тоа била неговата старост, зашто во тој период тој веќе наполнил 80 години.
Искличителната историска улога на свети Бонифациј се состои во тоа што, тој целосно се предал во формирањето на легални црковни структури во источните земји, кои биле потчинети на Рим. Имено, токму така се организирала и црквата на Британските острови, а истиот принцип на организираност тој го применил и во Германија, како следбеник на ирско-шкотските претходници на континентот. Мисионерската активност во целост не била успешна на почетокот, но благословот на Римскиот папа придонесол да ги консолидира своите редови и да ја достигне својата цел. Токму свети Бонифациј, кој ја предочил црковната власт на Рим во тоа време, како центар на христијанството, ги поставил темелите на христијанска Европа и во Германија. Тој успеал да го убеди и Карло Мартел,[2] како и неколку водачи на некои германски племиња, дека христијанството има безброј предности пред јазичништвото, меѓу кои и огромниот културен и политички потенцијал на обединување на племињата.
Во 747 година свети Бонифациј бил назначен за епископ на Мајнц, а титулата „архиепископ“ ја стекнал ad personam, односно, поради личните заслуги, зашто Мајнц, како архиепископско седиште, за првпат се спомнува во 781/2 година. Во 751 година свети Бонифациј го миропомазал Пипин Помладиот.
На 5 јуни 754 година, свети Бонифациј, со уште 50 луѓе од неговата придружба, биле убиени во близината на Докум, кога се подготвувале да извршат чин на крштевање на поголема група на јазичници. Неговото тело најпрво било донесено во Мајнц, а подоцна било погребано во соборната црква во градот Фулда.
Денес во Фулда,[3] во градот каде што е погребан свети Бонифациј, секоја година се одржува Конференција на германските епископи. Дел од моштите на светителот се наоѓаат во црквата на Светите Хилдегарда и Јован во Ејбинген. Во 2004 година, по повод 1250-годишнината од смртта на светителот, беа одржани бројни научни симпозиуми во Кредитон, Докум и Фулда, на кои беше искажана почитта и значењето на делото на свети Бонифациј. Свети Бонифациј денес е почитуван не само во Германија, туку и во Полска, а прогласен е за заштитник на градовите Фулда, Мајнц, Докум, на државите Германија и Холандија, како и на пиварската индустрија во Германија и на кројачите. Православната Црква неговиот спомен го празнува на 5 јуни според Јулијанскиот календар.
[1] Бонифациј = со добар карактер.
[2] Карло Мартел (Carolus Martellus, 686-741) е франечки мајордом и син на Пипин Херисталски од неговата вонбрачна жена Алпаида.
[3] Фулда (Fulda), е деветти по големина град во федералната земја Хесен и центар на регионот Источен Хесен. Градот е основан на местото, каде што имало бенедиктов манастир, основан во 744 година, а со статус на град се стекнал во 1114 година.
Source: https://blagovesti.wordpress.com/2022/06/23/%D1%81%D0%B2%D0%B5%D1%82%D0%B8-%D0%B1%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%84%D0%B0%D1%86%D0%B8%D1%98-%D0%B0%D1%80%D1%85%D0%B8%D0%B5%D0%BF%D0%B8%D1%81%D0%BA%D0%BE%D0%BF%D0%BE%D1%82-%D0%BD%D0%B0-%D0%BC%D0%B0%D1%98/