Светиите како учители по патот, кој води во вечниот живот

Example User · 3 years ago

    8 minutes, 21 seconds


1000СВЕТИИТЕ КАКО УЧИТЕЛИ ПО ПАТОТ, КОЈ ВОДИ ВО ВЕЧНИОТ ЖИВОТ

Секоја година, на денот кога го славиме споменот на светите Апостоли, собрано е сето христијанско потомство и има можност во еден ден, во еден празник, да ги сконцентрира сето свое минато, сегашноста и иднината. Така, светиите составуваат година со година, генерација со генерација, век со век, го врзуваат времето и го соединуваат со вечноста. И не само тоа, туку и на сите верни им се дава можност, во славењето на Бога и Неговите светии, да доживеат нешто од нивната светост и вечност. А, чувството на светост и вечност, за секој христијанин е доживување од извонредна важност, зашто во тоа чувство човекот на најреален начин Го доживува Бога и самиот себе.

Човечката душа е сродна на вечното и идеалното; таа содржи во себе елемент на вечното и прави човекот да има чувство и свест за неминливото во минливото. Човекот е таинствено и мистериозно битие, зашто во себе носи две реалности и соединува два сосема различни светови – телесниот и духовниот, времениот и вечниот. Бог го создал човекот за да го издигне во подрачјето на Својот божествен живот и да би можел да учествува во историското остварување на Божјата промисла. Преку актот на создавањето, човекот стапува во живот и во него останува, сè додека се раководи од својата духовна и боголика природа. Неговата духовна средина, изворот на неговата снага и достоинство, се заснова на неговата животна врска со Бога, својот Творец. Во тој однос се реализираат сите негови вродени тежнеења. Тоа е неговиот повик и, истовремено, неговиот одговор. Човекот е создаден и повикан да живее заедно со својот Творец. А за еден таков живот, над сè, потребна е светост: „Оти Бог не нè призва кон нечистота, туку кон светост“ (1. Сол. 4: 7). Тоа за човекот е Божји дар, кој треба слободно да го прими, усвои, па на таков начин да воспостави религиозна врска, како знак на вистинскиот живот, но тоа е и негов личен одговор на Божјата иницијатива.

Во христијанскиот речник, поимот „живот“ тесно е поврзан со поимот „вечност“, зашто човечкото битие ја носи вечноста во самиот себе. Потребно е само да го напушти времето, да се соедини со Бога, па да ја почувствува таа вечност во себе. Или, како што ни говори Спасителот: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17: 3). Познавањето и усвојувањето на Христа, Неговата личност и Неговата наука – ете тоа е единствениот пат, кој води во вечниот живот. Зашто, појавата на Месијата во светот и изгревањето на новата ера во историјата на човештвото, на верните им овозможува во сопствениот живот да го вкусат вечниот живот, животот на идниот век, кој во сета своја полнота ќе настапи во времето на Второто Христово доаѓање. Вечниот живот го означува идниот живот, но вечноста на идниот век нема само квантитативна вредност, туку и квалитативна. Идниот век не треба да го замислуваме статички, туку динамички.

Христијанскиот живот се заснова на внатрешната човечка реалност, на неговиот внатрешен habitus, кој го отвора влезот во еден виш, метафизички свет, ослободувајќи ја душата од притисокот на природата. Зашто, човекот стои меѓу два света: меѓу Божјиот свет, со кој се чувствува сроден; и сетилниот свет, со кој е врзан со својата телесна природа. Од овој двостран однос, од една страна произлегува чувството и доживувањето на божествената благодат, а од друга страна – гревот. Ова цепење, ова распнување на човечкото битие меѓу два света, често е причина за трагичната и бескрајна борба, која се одвива внатре во самиот човек. За среќа, човекот преку Христа е поучен дека преку животната врска со вечниот Отец го остварува единството на сопствената личност, зашто тука стапува во заедница со Оној, Кој му подарил битие и постоење, Кој е извор на неговата егзистенција, основа на неговата љубов која ги соединува душата со телото. На таков начин, и смртното тело постанува бесмртно. Наместо пречки и бреме, тоа постанува средство за соединување и религиозно изразување. Оваа голема вистина, апостол Павле вака ја објаснува: „Ако е, пак, Христос во вас, телото е мртво за грев, а духот живее поради правдата. Но ако Духот на Оној, Кој Го воскресна од мртите Исуса, живее во вас, тоа Оној, Кој Го воскресна Христа од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас“ (Рим. 8: 10-11). Значи, телото добива живот од духот, а духот од Бога. Духовниот принцип е одлучувачки и единствено тој го прави човекот да биде независен. Доколку, пак, човечката личност својата моќ не ја црпи од односот со Бога, тогаш сигурно таквата личност е подјаремена од природата.

Во својот земен живот ние сме премногу слични на Израилскиот народ, од времето кога талкал по пустината. Зад нас е минатото, а пред нас е непозната земја: живееме во ноќ меѓу два дена. Затоа во длабочината на нашата душа се борат два гласа: гласот на старото и гласот на новото, исто како и во времето на талкањето низ пустината. Еден глас бара враќање во познатото пребивалиште во Египет, а другиот тежнее и нè турка во земјата, каде што тече мед и млеко. Колебајќи се така меѓу сегашното и идното, меѓу ветувањето и исполнувањето, човекот не може, а да не воздивне заедно со апостол Павле: „Беден човек сум! Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт?“ (Рим. 7: 24). За среќа, кога еден ваков повик ќе се откине од длабочината на душата, од небесните височини ни доаѓа утеха и решавање на сите проблеми, на сите трагедии. А, таа утеха е премногу едноставна и куса: „Му благодарам на својот Бог преку Исуса Христа, нашиот Господ. И така, јас сам со умот свој му служам на Божјиот закон, а со телото – на гревовниот закон“ (Рим. 7: 25). Со други зборови, преку Христа човекот учествува во вечниот живот и ја спасува својата духовна природа, издигнувајќи ја над телесното и осветувајќи ја. На таков начин, тој се издигнува над сите препреки и антитези на своето битие и ја наоѓа смислата на светот, животот и историјата. Во неговиот духовен живот се случува преобразба, се совладува светот и неговиот неразумен пат, се доаѓа до искачување во сферата на слободата и мирот, како и учествување во блаженството на Искупителот.

Современиот човек тешко ги сфаќа вечноста и вечното, затоа што мисли дека е важно да се живее интензивно во ова време. Притоа, заборава дека нашето постоење во времето има вредност и смисла, само ако е присутен во нас елементот на вечноста. Нашиот живот постанува историја, само ако претставува одговор на вечното во нашиот живот. Така, вечноста, и сè она што дава смисла на нашиот живот, веќе се присутни во нас. Вечноста го означува Божјото присуство во едно постојано „денес“. А, како тоа Божјо присуство го доживува поединецот, ни објаснува апостол Јован: „Возљубени, сега сме чеда Божји! Но уште не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, оти ќе Го видиме каков што е. И секој, што ја има таа надеж во Него, се очистува самиот себе, како што е чист Он“ (1. Јов. 3: 2-3). Тоа гледање на Бога е живот вечен. Затоа, за вечноста ние можеме да говориме само со изразите на живот, а не со зборови и термини од времето и просторот. Чувството и доживувањето на вечноста ги преобразува луѓето и ги усовршува во нивниот двостран однос кон Бога и кон своите ближни, како Божји синови и браќа. На таков начин, се усовршува и целото човештво во едно единство, кое Христос го посакувал: „Да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе“ (Јован 17: 21). Кон ова единство тежнее човечката личност од длабочината на своето битие, а тоа истовремено е и општочовечка желба.

Ако посакаме сликовито да си го замислиме и претставиме вечниот живот и неговата смисла, би можеле да го споредиме со еден град, во кој живеат Божјите деца, бидејќи човекот во Христа добива свој полн живот кога е како Божјо дете, добива еден нов живот без сенка и распадливост. Таквиот град на совршенство, каде што новиот човек достигнува своја целосна возраст, град на единство, во христијанската литература се споредуван со горниот Ерусалим (Гал. 4: 26), со небесниот Ерусалим (Евр. 12: 22), со новиот и свет Ерусалим, кој слегува од небото (Откр. 3: 12; 21: 2; 21: 10). Во тој град ќе се случи она, кое апостол Павле го рекол во Првото послане до Коринтјаните: „Кога, пак, ќе Му биде потчинето сè, тогаш и Самиот Син ќе му се потчини на Оној, Кој му потчини сè, за да биде Бог сè во сè“ (15: 28). Овој небесен град, преку Христовото Воскресение, веќе постанал реалност и во состојба е на постојано усовршување. Човештвото сеуште е на патот на единството, зашто вечниот град дава само можност да постанеме негови жители. Небесниот Ерусалим е Божји дар, но луѓето треба да учествуваат во неговата изградба, понесени од надежта дека вечниот живот ќе биде круна на нивниот земен пат.

Вечниот живот е живот во вечноста, а според тоа – живот на светиите. Иако тоа е живот во Светиот Бог, сепак, тоа не е исто што и Божјиот живот. Животот, кој Господ им го дава на луѓето, не е истиот живот, со кој живеат Отецот, Синот и  Светиот Дух, туку тоа е живот кој Бог им го дава на луѓето преку Христа; живот, кој ги усовршува и осветува. Тоа е нераспадливиот и вечен живот на Божјите избраници и светии. Чувствувањето на тој свет живот, ја содржи психолошката суштина на религијата, зашто Бог е најсветата Тајна. Според тоа, светоста не означува само морално совршенство, туку таа е нешто повеќе, нешто првобитно. Таа ги надминува како моралниот, така и рационалниот елемент. Кај светиите, религиозниот живот е толку моќен, широк и длабок, така што душата не му изгледа дека е доволно пространа. И како што водата се излева од преполнетата чаша, така и овој живот се излева над границите на индивидуата во еден надживот. Битието на светиот не можи само во себе да ја носи својата раскошна полнота и творештво, па затоа се фрла преку своите граници, преку својата личност во бесконечното, за оттаму повторно себеси да се прими. Светиот себеси целосно си се дава и подарува, верувајќи дека во него сè е подарено. Светиот за себе е велик, но за себе мисли дека е најмал. Неговото внатрешно богатство е толку големо, така што надворешното и не му треба. Тој нема ништо свое, зашто свесен е дека нему му припаѓа Христос; му припаѓа Оној, Кој е над целиот свет. Секое негово дело е посветено на Бога и негово тивко обожување е молитвата. Затоа светиите се духовна сол и светлина за човештвото. Секој светија е милозвучен глас во бескрајната Божја мелодија, еден стих од божествената поема, откровение на Божјите вечни идеали. Како таков, светиот до крајот на светот и векот ќе биде најреален сведок на вечниот живот и патеводител во тој живот. И кога овој свет ќе замине како некој прекинат сон, кога ѕвездите една по друга ќе згаснат, како свеќи по опело, кога сонцето и месечината ќе ја загубат својата светлина, тогаш повеќе нема да има смена на денот и ноќта, времето повеќе нема да се мери, зашто ќе го снема во вечноста. Тогаш ќе заврши и остарената земја, натопена со крв и солзи, ќе дојди крај на стравотиите од крајот, и сите ќе бидат разбудени. Само смртта засекогаш ќе остане мртва. Тогаш сите луѓе за првпат ќе бидат соединети, нема повеќе да бидат поделени од смена на генерации и од текот на времето. Сите ќе бидат еднакви во воскресението, сите ќе бидат еднакви пред истиот Судија, еднакви во сè, освен во бремето на гревот и мерата на блаженството. Тогаш светиите ќе засветлат со својата полна светлина, а оние, кои ги почитувале светиите, ги славеле и се огледувале на нив, ќе можат да се радуваат заедно со нив во благодарност кон својот Творец, Отецот на сите радости, Кој ги удостоил за Своето небесно Царство, Кој се покажал славен во Своите светии и Кој преку светиите ги учел на животот, кој води во вечен живот.

Source: https://blagovesti.wordpress.com/2017/07/11/%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b8%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d0%ba%d0%b0%d0%ba%d0%be-%d1%83%d1%87%d0%b8%d1%82%d0%b5%d0%bb%d0%b8-%d0%bf%d0%be-%d0%bf%d0%b0%d1%8

Related Posts

Image Description
3 years ago

Свети Кирил Ерусалимски: Еретиците

СВЕТИ КИРИЛ ЕРУСАЛИМСКИ: ЕРЕТИЦИТЕ Порокот ја подражава добродетелта, и плевелите се обидуваат да се наречат пченица – и по вид тие прилегаат на пченицата, меѓутоа, по вкус тие се изобличуваат од оние, кои умеат да ги разликуваат. И ѓаволот се преобразува во светол ангел, не за да се врати таму, кад...

Image Description
3 years ago

Свети Кирил Ерусалимски: Ересите

СВЕТИ КИРИЛ ЕРУСАЛИМСКИ: ЕРЕСИТЕ Ѓаволот ги победил преку ереси не само многубошците. Мнозина веќе и од лажноимените христијани, кои недостојно го носат пријатното име Христово, се осмелуваат нечестиво да Го разделат Бога од тварите, создадени од Него. Ги разбирам злоимените и безбожни еретици – они...

Image Description
3 years ago

Свети Василиј Велики: Постот

СВЕТИ ВАСИЛИЈ ВЕЛИКИ: ПОСТОТ Постот е древен дар, кој не старее, но постојано се обновува и цвета во целосна убавина. Мислиш ли дека за неговата древност се смета времето на потеклото на Законот? Постот е постар од Законот. Не мисли, дека денот на Очистувањето, востановен во Израилот во седмиот месе...