Црквата како заедница на Божјиот народ

Example User · 3 years ago

    3 minutes, 33 seconds


98892ЦРКВАТА КАКО ЗАЕДНИЦА НА БОЖЈИОТ НАРОД

Старозаветниот израилски народ бил праслика на Божјиот народ – новозаветната Христова Црква. Искупителниот подвиг на Спасителот Христос го поставил почетокот на постоењето на Црквата како ново човештво, како духовно потомство на праотецот Авраам. Со Својата Крв Христос нè откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе.[1] Црквата, според самата своја природа поседува вселенски, а според тоа, и наднационален карактер. Во Црквата нема разлика меѓу Јудеец и Елин.[2] Како што Бог не е само Бог на Јудејците, туку и на сите оние, кои произлегуваат од јазичничките народи,[3] така и Црквата не ги дели луѓето ниту по националниот, ниту по класниот предзнак: во неа „нема ни Елини, ни Јудејци, ни обрезание, ни необрезание, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сè и во сè е Христос“.[4]

Во современиот свет терминот „нација“ се употребува во две значења – како етничка заедница и како собрание на граѓани во една определена држава. Взаемните односи на Црквата и нацијата потребно е да се разгледуваат во контекст на двете значења.

Во Стариот Завет за означување на поимот народ се користат зборовите ‘at и goy. Во еврејската Библија, двата поими се стекнале со целосно и конкретно значење: со првиот поим се означувал израилскиот народ, богоизбраниот; а со вториот, во множина (goyim) – јазичничките народи. Во Септуагинтата (грчкиот превод на Библијата) првиот термин е преведен со зборовите laos (народ) или demos (народ како политичко образование); а вториот – со зборот etnos (нација) или во множина etni (јазичници).[5]

Спротивставеноста на богоизбраниот израилски народ и останатите народи се потенцира низ сите книги на Стариот Завет, па на било каков начин се допира до историјата на Израилот. Израилскиот народ се јавува како богоизбран, не затоа што тој ги надминувал останатите народи по својата бројност, туку затоа што Бог го избрал и го возљубил.[6] Сфаќањето на богоизбраниот народ во Стариот Завет било чисто религиозно сфаќање. Чувството на национална собирност, кое било карактеристично за синовите на Израилот, било вкоренето во нивното сознание преку припадноста на Бога преку заветот, кој бил склучен со Господа од страна на нивните претци. Израилскиот народ постанал Божји народ, а како таков тој се стекнал со обврска – да ја чува верата во единствениот вистински Бог и да сведочи за таа вера пред лицето на другите народи, та преку него да се јави во светот Спасителот на сите луѓе – Богочовекот Исус Христос.[7]

Бидејќи по природа е вселенска, Црквата истовремено се јавува и како единствен организам, тело.[8] Таа е заедница на Божјите чеда, род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени, кои некогаш не беа народ, а сега се народ Божји.[9] Единството на тој нов народ не се обезбедува со национална, културна или јазична взаемност, туку со вера во Христа стекната преку Крштението. Новиот Божји народ овде нема постојан град, туку постојано го бара идниот.[10] Духовна татковина на сите христијани не е земниот, туку небесниот Ерусалим.[11] Христовото Евангелие не се проповеда на еден јазик, кој би бил достапен само на еден народ, туку на сите јазици.[12] Евангелието не се проповеда со цел само еден избран народ да ја сочува вистинската вера, туку пред Христовото име „да ги преклони колената сè што е небесно, земно и подземно и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот“.[13]

Основајќи ја Својата Црква, Спасителот Христос ги претскажал и нејзиното пространство и нејзиниот обем. Според тоа претскажување, Христовата Црква во себе е должна да ги опфати сите народи, целиот човечки род, а не само еден народ, како старозаветната. Впрочем, и последната Христова порака е јасна и децидна: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“.[14] Освен тоа, сите луѓе се обврзани да бидат членови на Христовата Црква, но на дело, не се сите.  Тоа, во една прилика, го кажал и Спасителот: „Ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо“[15]. Сепак, кон Христовата Црква припаѓаат сите православни верници, било тоа да се праведници или грешници. Во таа смисла нè советува и апостолот Павле, кога во Второто послание (2: 20) му пишува на Тимотеј: „Во голем дом има не само златни и сребрени садови, туку и дрвени, и земјани“.[16]

[1] Спореди со: Откр. 5: 9

[2] Спореди со: Рим. 10: 12

[3] Спореди со: Рим. 3: 29

[4] Кол. 3: 11

[5] Види кај: Архимандрит Никифор, Библейская Энциклопедия, Москва 1891, 167

[6] Спореди со: 5 Мој. 7: 6-8

[7] Спореди со: протоиерей Александр Сорокин, Введение в Священное Писание Ветхого Завета, Киев 2003, 28-35

[8] Спореди со: 1 Кор. 12: 12

[9] Спореди со: 1 Петр. 2: 9-10

[10] Спореди со: Евр. 13: 14

[11] Спореди со: Гал. 4: 26

[12] Спореди со: Дела 2: 3-11

[13] Филип. 2: 10-11

[14] Марко 16: 15

[15] Јован 3: 5

[16] Спореди со: Митрополит Московский и Коломенский Макарий, Православно-догматическое Богословие, т. II, С. Петербургь 1883, 194-203

Source: https://blagovesti.wordpress.com/2016/08/20/%d1%86%d1%80%d0%ba%d0%b2%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%ba%d0%b0%d0%ba%d0%be-%d0%b7%d0%b0%d0%b5%d0%b4%d0%bd%d0%b8%d1%86%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d0%b1%d0%be%d0%b

Related Posts

Image Description
3 years ago

Светиите како учители по патот, кој води во вечниот живот

СВЕТИИТЕ КАКО УЧИТЕЛИ ПО ПАТОТ, КОЈ ВОДИ ВО ВЕЧНИОТ ЖИВОТ Секоја година, на денот кога го славиме споменот на светите Апостоли, собрано е сето христијанско потомство и има можност во еден ден, во еден празник, да ги сконцентрира сето свое минато, сегашноста и иднината. Така, светиите составуваат год...

Image Description
3 years ago

Свети Кирил Ерусалимски: Ересите

СВЕТИ КИРИЛ ЕРУСАЛИМСКИ: ЕРЕСИТЕ Ѓаволот ги победил преку ереси не само многубошците. Мнозина веќе и од лажноимените христијани, кои недостојно го носат пријатното име Христово, се осмелуваат нечестиво да Го разделат Бога од тварите, создадени од Него. Ги разбирам злоимените и безбожни еретици – они...

Image Description
3 years ago

Свети Григориј Богослов: Совети кон Олимпијада

СВЕТИ ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ: СОВЕТИ КОН ОЛИМПИЈАДА Ти го испраќам, ќерко моја, овој добар подарок: татковски совет – тој е најдобар дар. Олимпијадо, златото, примесено со скапоцени камења, не служи за украсување на жената. Царскиот образ не го поправај со срамни црвила; не ставај на своето лице друг пог...