Светиот пророк Даниил и тројцата младенци Ананиј, Азариј и Мисаил

Example Admin User · 3 years ago

    4 minutes, 16 seconds


Светиот пророк Даниил и тројцата младенци Ананиј, Азариј и Мисаил

 Сите четворица беа од царското племе Јудино.

Кога царот Навуходоносор (или Невукаднезар) го разори и заплени Ерусалим, тогаш и Даниил, како момченце, беше одведен во ропство заедно со јудејскиот цар Јоаким и со мнозина други Израилци.

Исцрпниот опис на неговиот живот, страдања и пророштва може да се најде во неговата книга на Светото Писмо.

Сиот предаден на Бога, Св. Даниил од раната младост од Бога доби дар на голема проѕорливост.

Неговата слава меѓу Јудејците во Вавилон започна кога ги изобличи двајцата похотливи и неправедни старци, еврејски судии, и ја спаси од неправедна смрт целомудрената Сосана (Сузана).

А неговата слава меѓу Вавилонците започна од оној ден кога му го погоди и протолкува сонот на царот Навуходоносор. За ова царот го направи кнез на својот дворец.

Кога царот направи златен идол во полето Деира, тројцата младенци не сакаа да му се поклонат на идолот, заради што беа фрлени во огнена печка. Но им се јави ангел Божји во печката и го разлади огнот и младенците шетаа низ печката неповредени од огнот и пееја:

„Благослвен Си Господи на нашите отци“.

Царот го виде ова чудо и го опфати ужас. Ги изведе младенците од печката и ги опсипа со големи почести.

Во времето на царот Валтазар, кога на една гозба царот јадеше и пиеше со своите гости од осветените садови земени од ерусалимскиот храм, невидлива рака на дуварот напиша: „мани, текел, фарес“.

Тие зборови освен Даниил никој не можеше да ги протолкува.

Таа ноќ царот Валтазар беше убиен.

Заради верата во живиот Бог Даниил беше фрлан во лавовска јама давапати. И двата пати Господ го избави и го сочува жив.

Тој Го виде Бога на престолот со ангелските сили, гледаше ангели, проникнуваше во иднината на некои луѓе, царства и на севкупниот човечки род, го прорече времето на доаѓањето на Спасителот на земјата.

Според Св. Кирил Алкесандриски Даниил и тројцата младенци доживејаа длабока старост во Вавилон и беа убиени со меч заради вистинската вера.

Кога го убија Ананиј, Азариј ја спростре својата облека и ја прими неговата глава; потоа Азариината глава ја прими Мисаил, А Мисаиловата Даниил.

Ангел Божји ги пренесе нивните тела во Јудеја, на гората Гевалска и ги положи под камен.

Според Преданието, овие четворица Божји угодници во времето на смртта на Господ Христос станаа и им се јавија на мнозина, па повторно заспаа.

Даниил се смета меѓу четворицата големи Пророци (Исаија, Еремија, Језекил и Даниил).

Живееше и пророкуваше половина милениум пред Христа.

Пророк Даниил 3, 51-92

“Тогаш тие тројцата, како од една уста, почнаа да пеат во печката, да благословат и да Го прославуваат Бога:

„Благословен си Ти, Господи, Боже на татковците наши и фален и прославуван во векови и благословено е името на Твојата слава, името свето и префалено и прославувано во сите векови.

Благословен си Ти во храмот на Твојата света слава
и префален си и прославуван вечно.

Благословен си Ти, Кој ја гледаш бездната,
Кој седиш над херувими и си префален и прославуван во веки веков.

Благословен си Ти врз престолот на славата на Твоето царство,
префален си и прославуван вечно.

Благословен си Ти врз основата небеска,
префален си и прославуван во сите векови.

Сите дела Господни, благословете Го Господа,
пејте и прославувајте Го во веки.

Ангели Господни, благословете Го Господа,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го небеса, Господа,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа сите води, што сте повисоки од небесата,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа сите сили Господни,
пејте и прославувајте Го Господа во веки.

Благословете Го Господа сонце и месечино,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа ѕвезди небески,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа сите дождови и роси,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа сите ветрови
и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа, огне и жару,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа, студе и горештино,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа, росо и иње,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа, ноќи и денови,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете го Господа, светлино и темнино,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа, леду и мразе,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа, шушлеку и снегу,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа, молскавици и облаци,
пејте и прославувајте Го во веки.

Да Го благослови Господа земјата,
нека пее и нека Го прославува во веки.

Благословете Го Господа планини и ридови,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа сите растенија по земјата,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа извори,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа мориња и реки,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа китови и сè што се движи по водите,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа сите птици небески,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа ѕверови и сиот добиток,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа синови човечки,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благослови Го Господа Израиле,
пеј и прославувај Го во веки.

Благословете Го свештеници Господни,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа слуги Господови,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа духови и души на праведници,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа преведни и смирени по срце,
пејте и прославувајте Го во веки.

Благословете Го Господа Ананиј, Азариј и Мисаиле,
пејте и прославувајте Го во веки, бидејќи Он нè извлече од пеколот и нè спаси од раката на смртта, нè избави од вжарената печка и нè спаси од сред огнот.

Славете Го Господа оти е Он добар, милоста му е во веки.

Благословете Го Бога над боговите сите вие што Го почитувате Господа,
пејте и славете Го, зашто милоста Негова е вечна.”

Source: https://pokajanie.mk/2020/12/29/30293/

Share:

Example Admin User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Појасот на Пресвета Богородица

   На 31 август/13 септември секоја година се празнува споменот на Појасот на Пресвета Богородица. Тоа е еден уникатен свештен предмет кој се поврзува со земниот живот на Богородица и до денес се чува во светогорскиот манастир Ватопед, во Градината на Пресвета Богородица. Самата Богородица...

Image Description
3 years ago

22. Недела по Педесетница – За богатиот и сиромавиот Лазар (17. 11. 2019)

Свето евангелие според светиот апостол Лука 16:19-31 19. Еден човек беше богат и се облекуваше во порфир и свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше. 20. Имаше исто така, и еден сиромав, по име Лазар, кој струплив лежеше пред вратата негова; 21. и сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа о...