Светите Емерам и Волфганг од Регенсбург

Example User · 10 months ago

    4 minutes, 15 seconds


СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ОТЦИ ЕМЕРАМ И ВОЛФГАНГ, ЕПИСКОПИТЕ НА РЕГЕНСБУРГ, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 22 СЕПТЕМВРИ И 31 ОКТОМВРИ

(?-652; германски: Emmeram von Regensburg)

(924-994; германски: Wolfgang von Regensburg)

Во првото илјадолетие, во градот Регенсбург живееле прочуени светии, кои засветлиле не само во германските земји, туку и низ цела Европа. Освен светиот епископ Ерхард, кој се прославил со својата мисионерска дејност, во овој град се прославиле уште двајца негови епископи: Емерам[1] и Волфганг.[2]

Бенедиктовиот манастир на Свети Емерам денес се наоѓа во јужниот дел од градот. Дел од манастирскиот комплекс се простира на имотот од некогашното прочуено германско херцошко семејство Турн-и-Таксис. Во манастирската црква се насликани и ликовите на прославените Регенсбуршки епископи, а тука се чува и светиот реликвариум со моштите на свети Емерам. Името на овој епископ тесно е поврзано со имињата на светите Корбинијан и Руперт, кои сите заедно се вброени во најпрославените Баварски апостоли.

Свети Емерам потекнувал од земјата на Франките. Роден е во почетокот на VII век во Пуатје, во Франција. Неговите родители му овозможиле да се стекне со одлично образование, а по завршувањето на школувањето, најпрво бил ракоположен во свештенички, а по кусо време и во епископски чин. Како епископ, одлучил да ја напушти родната земја и да замине да им го проповеда христијанството на Аварите, кои живееле на денешната територија на Унгарија. Неговиот пат до земјата на Аварите водел преку Регенсбург, каде што светителот со голема почит и достоинство бил пречекан од херцогот Теодон, кој успеал да го наговори да остане во градот на Дунав. Кога согледал дека Баварците сè уште не се утврдени во верата во целост, тој се согласил да остане во градот, за да ја доврши христијанизацијата на населението.

Освен проповедањето, свети Емерам се трудел и во искоренувањето на јазичничките обичаи, основал цркви во Регенсбург и неговата околина. За три години, колку што престојувал во градот, епископот ги стекнал симпатиите и љубовта од верните Баварци. По смртта на Пипин Херисталски, кој бил негов патрон и помагач, Емерам заминал за Рим. Само што тргнал за Рим, ќерката на баварскиот херцог Теодон I, која се викала Ута, го обвинила светителот дека ја обесчестил. Тогаш нејзиниот брат Лантрет, кој се исполнил со злоба, почнал жестоки расправии со Емерам, пресретнувајќи го на древниот римски пат меѓу Салцбург и Аугсбург. Виталис и Волфлет, двајцата придружници на епископот, кога виделе колку многу тој бил измачуван за лажното обвинение, се обиделе на најбрз можен начин да го однесат во местото Ашхајм, за да му пружат лекарска помош, но по патот епископот се упокоил. Неговата смрт настапила точно на местото Клајнхелдорф (денешен Фелдкирхен, во близината на Минхен), каде што во чест на светителот подоцна бил подигнат параклис. Вториот параклис, над првиот гроб на светителот, бил подигнат во Ашхајм. Во овој гроб светителот бил погребан точно 40 дена, а сите тие дни непрестано врнел дожд.

Невиноста на светиот епископ набргу била докажана. Тогаш херцогот Теодон одлучил да ги пренесе неговите свети мошти во Регенсбург. Оваа наредба ја исполнил епископот Гаубалд, кој торжествено ги пренесол моштите во манастирот на Свети Георгиј, а подоцна, во 740 година, тие повторно биле откопани и пренесени во новоизградената црква, посветена во негова чест. Токму околу оваа црква, со тек на време, се основал и денешниот прочуен бенедиктов манастир на Свети Емерам. Во летописните книги на манастирот, забележан е податокот дека во 1642 година, црквата била зафатена од голем пожар, а пламените јазици не се допреле до кивотот со светите мошти на епископот.

Гробот на свети Емерам отсекогаш привлекувал голем број на поклоници, не само Германци, туку и верници од сите народности. Особена почит кон него имал и прославениот писател Томас Ман, кој за своите впечатоци пишувал во романот „Избраник“.

Житието на свети Емерам е напишано во 770 година од Фрајзиншкиот епископ Арбео. Православната Црква неговиот спомен го празнува на 22 септември според Јулијанскиот календар.

Во базиликата на Свети Емерам, во еден позлатен реликвариум, изработен во 1877 година од златарите на Регенсбург, се чуваат и моштите на свети Волфганг. Историските податоци ни говорат дека овој светител е роден во 924 година во Пфулинген под Ројтлинген (Северна Швабија). Како дете, најпрво се школувал во манастирското училиште во Рајхенау на Боденското езеро, а потоа своето образование го продолжил во училиштето при Вурцбуршката црква. Во 956 година бил во придружба на епископот Хенрих во Трир, каде што до 964 година бил учител, а потоа бил поставен за декан на Донскиот собор. Оттука свети Волфганг заминал во бенедиктовиот манастир Ајнзиделн (денес во Швајцарија), каде што во 965 година се замонашил. Во 968 година бил ракоположен за свештеник, истовремено држејќи предавања во манастирското училиште. Во 971 година тој заминал да мисионери во Унгарија. Епископот Пилгрим од Пасау го ракоположил во епископски чин, а во 972 година, германскиот император Отон I го назначил за епископ во Регенсбург, каде што останал околу 2 години.

Како епископ, Волфганг се заложил за запазување на аскетските норми на општожитие на монасите и канониците. Најважен потег во неговата мисионерска дејност било одделувањето на Регенсбург од Прашката епископија.

Во 994 година, за време на една епископска визита низ епархијата, свети Волфганг ненадејно починал во местото Пупинген под Ефердинг, во близина на Линц. Во 1052 година тој бил канонизиран од папата Лав IX. Свети Волфганг денес е прославен како заштитник на Баварија и градот Регенсбург, а за свој патрон го имаат дрводелците и резбарите. Молитвено го повикуваат болните од апоплексија, парализираните и стомачно болните. Неговиот спомен Православната Црква го празнува на 31 октомври според Јулијанскиот календар.


[1] Емерам = упорен.

[2] Волфганг = подвижен како волк.

Source: https://blagovesti.wordpress.com/2023/01/13/%D1%81%D0%B2%D0%B5%D1%82%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B5%D0%BC%D0%B5%D1%80%D0%B0%D0%BC-%D0%B8-%D0%B2%D0%BE%D0%BB%D1%84%D0%B3%D0%B0%D0%BD%D0%B3-%D0%BE%D0%B4-%D1%80%D0%B5%D0%B3%D0%B5%D0%BD%D1%81%D0%B1%D1%83/

Share:

Example User

Placeat id pariatur et eos et nostrum. Voluptas cupiditate non sunt. Iusto impedit dolorum eaque deleniti molestiae numquam praesentium. Voluptas eligendi nulla quo ipsa dicta maiores accusamus. Voluptate impedit et voluptas id magni. Magnam vero autem autem accusantium nesciunt. Sunt ad quas atque aut dolorum. Voluptatibus similique quidem culpa cumque quia officiis nisi.

All author posts

Related Posts

Image Description
4 years ago

Иконата на Рождество на Пресвета Богородица

Собрани заедно, големите празници служат да ни ја раскажат сторијата на Воплотувањето, чија кулминација се наоѓа во центарот на годината со празнувањето на „Празникот над празниците“ – Пасха. Прв меѓу големите празници од црковната година, која започнува во септември, е Рождеството на Пресвета Богор...

Image Description
4 years ago

Светите четиринаест илјади младенци маченици во Витлеем

Светите четиринаест илјади младенци маченици во Витлеем Бидејќи мудреците од Исток не се вратија од Витлеем во Ерусалим за да му јават на Ирод за новородениот Цар, туку на заповед од ангел по друг пат заминаа за својата татковина, царот Ирод се разјари како лута ѕверка и нареди да се убијат сите дец...

Image Description
4 years ago

Собор на Пресвета Богородица (Величај ја, душо моја, Дева Пречиста Богородица…)

Собор на Пресвета Богородица УТРЕНА Седален, глас 1. Кога се роди Исус во Витлеем јудејски, тварта се просвети, откако Го позна Создателотː ангелските хорови се восхитија, гледајќи Го Господа на земјата како прима облик на слуга и пак неразделен од Отецот останува. Слава Му на Бога Кој се воплоти! С...