(Нова година – Обрезание – Свети Василиј Велики)

Денес празнуваме троен празник, во кој си спомнуваме за два црковни празници, и еден секуларен. Најпрво би зборувал за Новата година, којашто по кој и да е календар, секако е секуларен празник, и уште свети Јован Златоуст, во IV век ги повикувал христијаните да не ја слават Новата година, да не ги украсуваат улиците и домовите, да не се опиваат и на прават никакви лудости во овој ден. Во овој период на христијаните им доликува да го слават Рождеството Христово и за него да се радуваат, бидејќи го празнуваме доаѓањето на Бог во светот, влегувањето на Бог во човечката историја, и затоа што средбата со Бог носи среќа, а не промената на денот или годината. Во Црквата Бог нѐ учи да ја живееме тајната на Преображението, па така, и празниците кои не биле христијански, со текот на годините добиле и црковно преобразување. Во денешно време на празникот на свети Василиј, се чита молитвата за Нова година, во која Му благодариме на Бога за сѐ што ни дал во изминатата година, бараме од Бога прошка за нашите гревови, се молиме Бог да ја благослови годината што настапува. За христијаните недолично е да ја слават Новата година, по кој и да е календар, затоа што среќата не доаѓа од нашата прослава и опивање на тој ден, ниту од паричката во питата, туку среќата е средба со Бога. Средба и единство со Бог, таква среќа да бараме и да се трудиме да ја оствариме.

Втор настан кој денес се празнува е Обрезанието на Господ Исус Христос. Во Стариот Завет Бог му заповедал на Авраам да ги обреза сите мажи од неговото племе и секое новородено машко дете да биде обрезано во осмиот ден од раѓањето. Со овој чин се означувало дека некој припаѓа на избраниот израилски народ, потоа, дека оној кој се обрезал му ветува на Бога дека сите свои потомци ќе ги воспитува во верата, да бидат и тие народ Божји, и трето, тоа означува и отсекување на сладострастието од животот. Христос Господ поради големо човекољубие и снисходење, иако Бог, прифати да биде обрезан од човечки раце, за да не се покаже како бунтовник кој сака да ја измени традицијата и законите. Христос прими обрезание, но ни покажа дека Крштението е поголемо и поважно од обрезанието, и затоа на апостолскиот собор во 50 година, светите богомудри апостоли донесоа одлука да не се практикува повеќе обрезанието, туку само крштението. Зошто денес сѐ уште го славиме Обрезанието на Господ? Прво, за да нѐ потсетува дека сите христијани сме должни да му ги посветуваме своите потомци на Бога, да ги воспитуваме во Православната вера, и второ, за да се научиме да се откажуваме од своите страсти, од своите гревови, за да го преобразуваме својот живот. Да не го обрезуваме своето тело, туку да ги обрезуваме грешните желби од своето срце.

Еден таков обрезан по срце е и денешниот славеник, светиот Василиј Велики. Воспитан од побожни родители, во семејство од кое произлегле неколку светители, се покажал како одличен студент во световната философија, како и во другите науки од негово време, но неговата душа копнеела по Божествена мудрост. Откако дошол до познание на Вистината, бил крстен, па замонашен и потоа станал дури и архиепископ на Кесарија Кападокиска. Се покажал како голем толкувач на Светото Писмо, автор на многу книги, за уредување на монашкиот живот, како и за уредување на црковниот живот. Најпознат е по тоа што е автор на Божествената Литургија, која го носи неговото име и се служи десет пати во годината. За создавањето на овој чин, во неговото житие се вели дека свети Василиј се молел на Бога, да му даде благодат и мудрост, та со свои зборови да Му принесува на Бога бескрвна жртва. Откако поминал шест денови во молитва, и во седмиот бил како во откровение, и тогаш почнал да служи со свои зборови. Од Бога добил откровение како да служи и кои молитви да ги кажува, а тој сето тоа го запишал. Бидејќи овој чин бил долг, а трпението на луѓето мало, светиот Јован Златоуст го скратил овој литургиски чин, и така ја имаме денес Златоустовата Литургија, која со извесни промени денес се служи во сите храмови, на секој празник и секоја недела.

По неговите свети молитви, Господ да нѐ помилува  и спаси. Амин.

Свештеник Јани Мулев