Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Денешниот празник е радосно-тажен. Денешниот празник ја отсликува и нашата вера која се темели на две спротивни крајности. Верата наша е крстосмртна и воскресна. Верата наша во истиот момент е радосна и вечна, но секако е и страдално-смртна. Двата спротивни принципи смртта и животот, константно се проникнуваат во нашата спасоносна и животворна вера. Во нашата вера нема вечно спасение, без телесна смрт. Ова звучи престрашно и ужасно за нашиот свет во кои живееме. Но, колку и да звучи страшно и ужасно во некој момент во свеста кај луѓето во светот, сепак мораме да си признаеме дека ние сме постојано опкружени со смртта, која можеби намерно не ја забележуваме. Никако и не сакаме да си признаеме дека обезбожениот човек постојано сака да го убие животот, за да ја здобие себељубиво личната среќа.
Нашиот свет денеска ја бара формулата за долговечност; постојано ја систематизира целокупната вековна наука, традиција, искуство, небаре човекот ќе успее единствено со своите сили на некаков начин да ја пронајде вечноста. Невозможно е да се здобие вечноста во минливиот свет, кој е смртен. Човекот во својата гордост, бесомачно се труди да открие некаква сокриена тајна за вечноста без учеството на вечниот Господ. Човекот отстапил од Господ, се одвоил од животворната нитка со животворниот Творец, та посакува да најде нов самостоен, вечен извор, кој ќе ја понуди својата моќ за човечката среќа и долговечност. Човекот посакува да го оствари својот нов свет и нов живот, преку сопствените сили, со новите (не)принципи на (не)моралните, (не)вредности. А сите гледаме постојано, дека вредностите во кои западнал обезбожениот свет се деструктивно ужасни.
Светот се ужаснува од христијанската вера на смртта и воскресението, но во истиот момент не се ужаснува од смртта која ја прави лично, свесно, постојано кон општиот живот. Лицемерството постанува ѕверство. Така светот свесно се ужаснува од Христовата вера, но во ист момент, не се ужаснува од смртта која се сее постојано во нашиот свет. Негирањето на другиот и смртта кон животот постануваат потполно нормални и оправдани дела, секако секогаш поради личниот интерес, поради егоизмот во кој западнал светот. Секакви лични и општи причини се истакнуваат како норми за насилство кон секого. Светот во својот дух слободно ја прифатил деструкцијата како мерка за успех и среќа, а додека пак, љубовта ја истерал од својот свет. Господ го убија, и со тоа љубовта ја убија во светот! Го убија доброто, за да остане злото!
Сè повеќе и повеќе се прашуваме, зошто ни се случува хаосот во нашиот свет? Зошто се повеќе зло и омраза има околу нас во светот? Зошто исчезнаа добрите вредности кај луѓето во светот, а се појавија вредностите на запустувањето? Каде е љубовта помеѓу луѓето?
Овој свет Го уби Богочовекот Исус Христос. Та кога овој свет, Го уби Господ, тогаш светот се определил да ѝ служи на богоспротивноста. Луѓето богоотпаднувајќи, во себе го изгубиле доброто и ништо не е чудно, кога гледаме дека во светот владее лудоста. Доколку човекот слободно му служи на злото, тогаш секако е логично да кажеме дека лудоста завладеала со светот. Кога човекот не може и не сака да ја прифати љубовта како мерило и принцип на вечното блаженството, тогаш човекот се самоосудува во своето лудило. Секако дека е не логично едно разумско-свесно битие кое е создадено од Бога како прекрасна креација; кое е наменето да живее во рајот, што значи дека е создадено за да постои во доброто и да постане добро; свесно да го одбива Господа и да го мрази Неговиот Син кој постанал човек, раѓајќи се во светот за да го спаси човештвото. Омразата кон Господа и кон Неговиот Единороден Син Исус Христос, е исклучително голема и тоа без причина. Секако дека лудоста настапува кога човекот ќе го изгуби разумот поради богоотстапништво.
Денеска, на овој празник, Исус Христос свечено влегува во Ерусалим, дочекан од мноштво народ. Денеска се радуваме затоа што Богочовекот Исус е признат од народот за негов цар Кој доаѓа во Божјото име, како Божји помазаник – избраник. Денеска луѓето очекувале дека Тој Кој е пророкуван пред многу векови, од старите свети пророци во историјата на Стариот Завет, конечно се појавува и доаѓа реално да седне на престолот на Неговиот прадедо Давид; остварувајќи го конечно пророкуваното дело, дека ќе ја создаде моќната Израелска држава, во која ќе царува убавината илјада години.
Народот кој бил под римското ропство, ја очекувал својата слобода заедно со својот народен претставник кој ќе ги протера поробувачите и сквернителите на тронот Давидов во Ерусалим. Денеска на овој празник, луѓето го дочекуваат својот Спасител, прославувајќи Го и очекувајќи да подигне побуна против окупаторите. Затоа пак уште повеќе се уплашиле самите Римјани, гледајќи ја народната еуфорија со Исусовото доаѓање.
Исус влегува во Ерусалим на магаре, преку кое ги претставува и сите други непросветени народи и луѓе. Луѓето кои не Го познаваа Бог, кои живееја надвор од спознанието и од Божјиот закон, луѓето кои постанаа неразумни (обезблагодатени), слично како и животните; денеска Исус оседлувајќи го магарето, ги оседлува и сите непросветени народи, и им ја дава приликата да бидат прифатени од Господ и исто така принесени во спасението, преку Него, Спасителот на луѓето и на целата творба. Господ влегува свечено во Ерусалим со радоста дека наскоро спасението ќе биде возможно за сите. Тој е Спасителот Кој ќе го оствари великото спасително дело.
Христос влегува свечено, со голема еуфорија во народот, исто толку со голем ентузијазам кај луѓето, но сепак Неговата мисија во наредните денови е потресна. Тој истиот еуфоричен народ кои денеска Го прославува и велича, за неколку денови го предава на смрт. Истиот народ, лицемерно, откако го прославува, го предава на страдање и смрт.
Овој денешен празник е навистина радосна тага. Денеска нашиот прекрасен Господ, неизречено добар, најмил, величествен, совршено исполнет со Својата бесконечна љубов, влегува во градот Ерусалим, во последниот Негов период од животот во светот, оди кон Своето страдање, но сепак тоа е радосно страдање. Тој преку Своето страдање, ја докажува Својата вечна љубов кон луѓето, затоа што Себе ќе се принесе на доброволно распнување и смрт, за вечна радост и спасение. Радоста на овој празник е таа што луѓето го препознале дека е Тој Цар Израилев. Луѓето Го дочекале со радост и воодушевување, дека дошол Царот Израилев, седнат на магаре, влегувајќи торжествено, со свечен дочек. Луѓето пред Него му простирале наметки и ткаенини, фрлајќи палмови гранки и цвеќе, постилајќи му го патот по кој врвел. Навистина на таков начин се дочекувале царевите кога си доаѓале дома во својот град, во својот дом, после разните славни походи или поради некакви свечености. Луѓето Му пееле воскликнувајќи: „Благословен е Царот Кој доаѓа во името Господово! Мир на небото и слава во висините!“ (Лука 19, 38); „Зедова палмови гранчиња и излегоа да Го пречекаат; извикувајќи, велејќи: Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!“ (Јован 12, 13).
Луѓето Го препознале Спасителот, потврдувајќи Му дека доаѓа во името Господово. Секако дека после сите чуда кои ги направил Тој, едно било јасно, дека воскреснувањето на мртвите никој друг не може да го направи освен Господ. Но и многу други неизлечливи болести, Исус ги излечил со еден збор, со еден допир; секако во еден миг чудата ги остварувал. Таква сила и таква моќ се единствено возможни за Господ. Без сомневање Исус Христос бил велики во очите на луѓето.
Исус го Воскреснал Лазар со збор! После четири дена во смртниот гроб, кога веќе телото ја доживува смртната промена, Лазар излегува од гробот потполно нормално и без никаква телесна промена. Тоа славно дело ја поразувало логиката во физичкиот свет. Народот бил воодушевен и го прогласил Исус за свој цар. Се радувал народот што го дочекал царот, седнат на магаре, како влегува во славниот град Ерусалим.
Но сепак, истиот тој народ, кога сфатил дека Исус Христос, нема да постане нивни цар и крал, тогаш истиот еуфоричен народ, од добар и побожен, постанал ѕвер и зол. Истиот народ, после неколку денови, ќе вика гласно во своето безумие, предавајќи го својот цар и Господ Исус Христос на распнување и смрт. Ете толку од побожниот и добар народ. Но и денеска ваква шизофренија постојано се пројавува кај луѓето кон Господа. Додека на човекот му е добро по личната волја, до тогаш ќе Го фали Господа. Во еден момент, кога ќе се случи некакво искушение, човекот веднаш, без двоумење, го мрази Господа од дното на својата душа. Во вакво безумие, ѓаволот ликува што човекот озлобено се спротивставува на Господа. Најголемиот успех кој му го причинува нај убавото задоволство на ѓаволот, е впрочем, нашата отуѓеност од Господа и омразата кон Господ.
Ние, православните верници, се радуваме на Исусовиот подвиг, на Исусовата спасителна мисија, затоа што знаеме дека Тој дошол во овој свет по благословот на Небесниот Отец, Кој пак го наговестил Неговото доаѓање, кога ги протерал Адам и Ева од Рајот. Господ Бог Отецот, Го испраќа Својот Син за да ја докаже Својата љубов кон својата творба. Господ постојано ја докажува Својата совршена љубов, која е спремна на саможртва за сите луѓе, кои ќе одговорат позитивно кон таа љубов. Нашиот одговор, треба да биде со прифаќањето на целокупната Божја икономија во светот.
„Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината. Зашто еден е Бог и еден е Посредник меѓу Бога и луѓето – Човекот Христос Исус, Кој се даде Себе како откуп за сите – а тоа се посведочи во свое време“ (1. Тим. 2, 4-5-6).
На овој денешен празник, ги осветуваме врбовите гранчиња со кои Го прославуваме Господа, признавајќи Го за наш Цар и Спасител. Осветените гранчиња, ги носиме дома, за благослов. Секако дека се радуваме на овој празник, кој е познат во народот и како Цветници. Цвеќето е секогаш прекрасно за да се украси домот Божји. Со цвеќето ја изразуваме нашата радост и Го прославуваме Господа со прекрасните цветови кои Тој ги создал како Врховен Уметник. Украсувајќи го храмот Божји со цвеќе, ние ја изразуваме својата духовна радост кон Господ. Украсувајќи го храмот Божји, ние ја изразуваме својата духовна радост која ја чувствуваме во себе. Секако дека нашиот однос кон Господа се отсликува во нашата радост и желба за украсување на своите храмови на ваквите прекрасни празници, кои свечено ги прославуваме, сеќавајќи се на сите прекрасни и спасителни дејства кои ги чинел нашиот Господ Исус Христос за нас.
Нека ни е честит празникот Цветници. Господ да нè благослови. За многу години.
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/vleguvanjeto-na-gospod-isus-hristos-vo-erusalim-cvetnici/