Херувимската песна

Example Super-Admin User · 2 months ago

    5 minutes, 34 seconds


По разделувањето на чинот на проскомидија и по и неговото префрлање пред почетокот на Литургијата, на местото на неговото извршување останало само пренесувањето на даровите од садохранилницата (проскомидија) до светата трпеза. Ова пренесување се нарекува Голем вход.

Додека трае подготовката за извршување на големиот вход, ние денес ја пееме херувимската песна Иже херувими. Таа била вклучена во Литургијата во времето на императорот Јустин II околу 573-574 година. Има четири таканаречени херувимски песни, кои се во употреба денес. Покрај гореспоменатата, која е заедничка и за Златоустовата и за Василиевата Литургија, се пеат уште и следниве три химни: Ниње сили небеснија... (се пее на Преждеосвештената Литургија), Вечери Твоеја тајнија…(се пее на Велики четврток) и Да молчит…(се пее на Велика сабота).

Првобитно херувимската песна влегла во Литургијата како антифонен тропар, кој се пеел наизменично со стихови од 23. псалм. Како припев на стиховите се пеело Алилуија. Подоцна, кога чинот на проскомидија се разделил, отпаднал овој дел со псалмот, па останала да се пее само химната Иже херувими.

Молитвата „Никој не е достоен…“

Додека певците ја пеат херувимската песна, епископот или свештеникот ја чита молитвата „Никој не е достоен…“ Оваа молитва е преубава по содржина, затоа што е напишана со голема богословска длабочина и вдахновеност. Нејзината содржина се однесува на самиот свештенослужител, па тој ја чита додека певците пеат, бидејќи таа не се однесува на целата црковна заедница. Со неа тој се моли да биде очистен од лукава совест, за да може да се доближи до светиот жртвеник и да ги принесе предложените дарови. Оваа молитва потекнува од александриското литургиско семејство, а е упатена кон Христос, како што е вообичаено за египетската Литургија. Најпрво била воведена во Василиевата Литургија, најверојатно пред 8 век. Од 10 век влегува и во состав на Златоустовата Литургија. Поради тоа херувимската песна почнала да се пее позавлечено и поспоро, за да може свештенослужителот да ја прочита оваа молитва, која е малку подолга од останатите, а и да ги изврши останатите дејствија, поврзани со овој дел од Литургијата.

Кадење

Според практиката од 9 век, ѓаконот ги кадел приготвените дарови на жртвеникот, па потоа кадел при нивното пренесување во олтарот, а при нивното поставување на светата трпеза, ги кадел даровите и народот. Поради тоа и денес имаме кадење во овој дел од Литургијата. Денес постојат две практики: според едната кади епископот, односно свештеникот кој началствува, а според другата кади ѓаконот. Се кади олтарот, а од солеата – народот, при тоа кажувајќи го 50. псалм до стихот: „Ублажи Господи…“Оваа пракса не е постара од 13 век. Во поново време, во некои служебници, е воведена и молитвата „Воскресение Христово видјевше…“, доколку е недела.

Миење на раце (само кога служи епископ)

Во современата архијерејска Литургија епископот, откако ќе ја прочита претходно споменатата молитва, излегува на солеата, ги мие рацете и бара прошка од народот. Потоа влегува во олтарот, го става малиот омофор и оди кон предложението за да ја доврши Проскомидијата.

За миење на раце во овој дел споменуваат свети Кирил Ерусалимски, Теодор Мопсуетски, Апостолските установи, Дионисиј Ареопагит и други. Тие овој чин го поврзуваат со целивот на мирот. При миењето на рацете се изговараат стихови од 25 псалм.

Во врска со миењето, ставањето на омофорот и читањето на молитвата на проскомидијата се забележуваат некои практики, кои се разликуваат во одредени нијанси. Тоа се должи на разликите што постојат меѓу руската литургиска практика и Цариградскиот типик.

Некои архијереи ги мијат рацете и ги попрскуваат со вода прислужниците. Руските архијереи го прават тоа, затоа што тие не го читаат 25. псалм, туку читаат една молитва која е земена од чинот за осветување на храм, со која прво ја осветуваат водата, а потоа си ги мијат рацете и ги попрскуваат прислужниците. Инаку, според древната практика, архијерејот ги чита стиховите од 25. псалм и не ги попрскува прислужниците. Миењето на рацете ја симболизира душевната чистота, која треба да ја поседуваат свештенослужителите при принесувањето на даровите и извршувањето на Светата Тајна.

Вториот момент, во кој се забележува различна пракса, е ставањето на малиот омофор. Некои архијереи го ставаат пред молитвата „Никој не е достоен“. Поправилно е архијерејот да го стави омофорот по миењето на рацете, по што оди и ја довршува Проскомидијата. Имајќи го предвид фактот дека, кога се појавила, оваа молитва се читала пред архијерејот да влезе во олтарот, ние заклучуваме дека втората практика е поправилна.

Што се однесува до извршувањето на проскомидијата, во нашата помесна Македонска православна црква, архијерејот ја довршува за време на херувимската песна. Свештеникот претходно ја подготвил проскомидијата до спомнување на живите и упокоените. Потоа архијерејот вади честици за нив, ги покрива садовите, ги кади и ја чита молитвата: Боже, Боже наш…

Спомнување на имиња

Споменувањето на имиња на живи и на упокоени христијани за време на големиот вход е релативно нова практика. Таа произлегува од фактот дека големиот вход е дел од чинот на проскомидија, на кој се спомнуваат имиња на живи и упокоени. Инаку, при извршувањето на входот ѓаконите не кажувале ништо. Во средновековието входот се извршувал или со молчење или со изговарање на стихови од псалми. Од 15 век, покрај возгласот „Сите вас да ве спомене Господ…“ започнало спомнувањето на: надлежниот епископ, војската, властите, ктиторите итн. Сепак, поправилно е, кога служи само свештеник, да го каже возгласот „Сите нас…“ без дополнителни спомнувања и претерувања. Спомнувањето на овој дел од Литургијата би требало да остане само на архијерејската Литургија, затоа што ова е момент кога епископот го надополнува диптихот на спомнување, што претставува составен дел на проскомидијата. А знаеме дека сѐ до денес архијерејот ја извршува проскомидијата пред Големиот вход. По влегувањето внатре, свештенослужителите заемно се спомнуваат, говорејќи еден кон друг: архијерејството твое…, свештенството твое…, свештеноѓаконството твое…

Симболика

Кога чинот на проскомидија се разделил, тогаш некои византиски толкувачи и коментатори на Литургијата, почнале да ја поврзуваат подготовката на даровите со Господовите страдања, а големиот вход со Неговото погребение. Христовото погребение го симболизира и поставувањето на даровите на светата трпеза, која е симбол на Христовиот гроб. Сите овие симболики се појавуваат многу подоцна, а до скоро време речиси преовладуваа во литургиската наука. Меѓутоа, треба пред сѐ да знаеме дека основата и појавата на големиот вход се состојат во она што до сега го проанализиравме. А херувимските песни, во сите источни Литургии, ја потенцираат важноста на овој момент и ставаат акцент на ангелите, коишто служат заедно со луѓето.

Тропарот „Благообразниот Јосиф…“

До 12-13 век ѓаконите, учествувајќи во големиот вход, самите ги поставувале на светата трпеза садовите со даровите. Подоцна ова нивно право било ограничено, па садовите ги земал епископот, односно свештеникот, за да ги постави на светата трпеза. Според повеќето симболични толкувања на Литургијата, полагањето на дискосот и на путирот врз светата трпеза го симболизира положувањето на Христовото тело во гробот. Првпат за ваква симболика говори Теодор Мопсуетски. Тоа е причината поради која во подоцнежните изданија на литургискиот чин бил вметнат и тропарот „Благообразниот Јосиф“,веднаш по поставувањето на даровите врз светата трпеза.


Користена литература:

Архимандрит Авксентий, Литургика (част 3), Пловдив 2008.

Ιωάννου Μ. Φουντούλη, Λειτουργική Α΄, Θεσσαλονίκη 2000

Благой Чифлянов, Православна Литургика, София 2008.

The post Херувимската песна appeared first on Литургија.мк.

Source: https://liturgija.mk/bogoslovie/liturgika/heruvimskata-pesna/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
3 weeks ago

Ефективноста на нашата молитва зависи од…

 Ефективноста на нашата молитва зависи од…Накратко, ефективноста на нашата молитва зависи од:Прво, од тоа дали сме достојни да го добиеме она што го бараме.Второ , од тоа дали се молиме според волјата Божја.Трето , од тоа дали се молиме непрекинато.Четврто , од тоа дали прибегнуваме кон Бога за сè.П...

Image Description
4 weeks ago

Бедни по дух

 Бедни по дух"Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно" (Матеј 5:3)Колку се различни човечките и евангелските поими! Она што обично е презрено во светот има вредност во Божјите очи. Овие сиромашни по дух , на кои им е ветена толку голема награда, колку често се понижувани и презрен...

Image Description
1 month ago

Барајте го Царството Божјо и Неговата праведност.

 Барајте го Царството Божјо и Неговата праведност.Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.Кога се читаат зборовите на Спасителот дека може да се живее толку едноставно, толку безгрижно, ако душата не се грижи за храна и пиење, а телото не се грижи како да се облече, во нас се борат две различни чув...