Зборови пред Божиќ: Мир и љубов во Христа
Пред нас е свето време, денови на радост и покајание, кога нашите срца треба да станат јасли во кои ќе се роди Христос. Но, знаеме, непосредно пред Божиќ, искушенијата честопати се најголеми. ѓаволот наоѓа начин да не поколеба, да внесе немир и раздор меѓу нас. Но, да се потсетиме – Христос доаѓа како Кнез на мирот, да не научи на љубов и простување.
Кога нашите соседи ќе го кренат гласот, да одговориме со молчење. Кога ни се суди неправедно, да одговориме со молитва. Кога ќе не навредат, да им понудиме прошка. Затоа што љубовта кон ближниот, дури и кога е најтешко, покажува колку сме вистински Христови следбеници.
Божиќ е време кога Бог се понизува за нас, кога Синот Божји зема човечко тело за да нè воздигне. Ако Он, кој е безгрешен, дојде да ги понесе нашите гревови, како да не ги поднесеме слабостите на нашите ближни? Како да не допреме до оној што нè повредил?
Последната недела од постот е време да ги исчистиме нашите души, но и да им простиме на оние кои не се зацврстиле во верата. Молете се за нив. Нашата добрина нека биде светлината што ќе ги донесе кај Христа. Чувајте го мирот во вашето срце, бидејќи само во мир можеме да го слушнеме Божјиот глас.
И додека го чекате празникот, не заборавајте ги зборовите на Свети Јован Златоуст:
Ако видите гладен - нахранете го; ако видите тажен - тешете го; ако видите непријател - смирете се со него. Ова е суштината на празникот.
Да бидеме светлина во темнината на овој свет. Да бидеме љубовта што обновува и радоста што лекува.
Да го дочекаме Христовото раѓање достоинствено, во мир, молитва и прошка.
Source: https://poukinasvetitestarci.blogspot.com/2025/01/blog-post_7.html