БЕСЕДА ЗА ПРЕПОДОБНИОТ ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ - Архимандрит Дамаскин
Јануари 2018.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, Амин.
Ваше Високопреосвештенство, пречесни оци, драги браќа и сестри во Христа,
Денес нашата Света Македонска Православна Црква прославува еден голем подвижник и чудотворец, преподобниот Гаврил Лесновски, закрилникот и патронот на нашата света обител, кој се смета за еден од зачетниците на еремитското монаштво во Македонија под влијание на Света Гора.
Монаштвото во Црквата Божја било и останало низ вековите, најзрел и најдобар плод на христијанскиот живот. Во монаштвото се достигнати највозвишените врвови на христијанското совршенство. Монаштвото за Црквата низ вековите било од непроценливо значење. Од бројот и квалитетот на монасите зависела и силата на Црквата и светоста на еден народ. Црквата без монаштво би била исто како неплодната смоква покрај патот. Монасите биле најдобри ревнители и чувари, не само на возвишеноста и чистотата на христијанскиот живот, туку и најхрабри борци за чистотата и неповредливоста на православната вера. Со монашката крв е запечатена и извојувана секоја победа на православната вера над злогласните ереси. И денес монаштвото не изгубило ништо од своето значење за Црквата Православна, ниту од својот углед во Црквата Божја.
Многу угодници Божји, барајќи од себе совршено исполнување на Евангелските заповеди, заминувале во пештери, се осамувале во непроодни шуми, во пустини, постанувајќи таму сеедно магнети, кои духовно ги привлекувале сите оние кои барале укрепување на своите души. И токму тие, преподобните отци, кои заминувале и настојувале да бидат непознати, постанувале светлоносен пат и пример за сите христијани жедни за подвиг, нивната скромност и смиреност постанувала прочуена и луѓето се упатувале кон нив. Господ ги прослави делата нивни, ги прослави моштите нивни со многу свети чудеса и до ден денес тие се проповедници на славата Божја.
За животот на преподобниот Гаврил Лесновски знаеме и од неговото кратко житие од 1330 год, кое гласи вака: „Тој преподобен отец наш Гаврил беше син на благородни и богати родители. Беше даден да учи книга и со Божја волја беше ревносен. Кога дојде време, го свршија за невеста од добар род. Но, тој не се допре до неа, и откако зеде многу богатство, отиде во манастир и стана монах. Со претскажување на великиот Архистратиг Михаил, отиде во Лесновската гора и соѕида храм на светиот Архистратиг и назначи игумен и собра монаси. Тука го остави и сиот свој имот, па отиде во гората и молчеше во бдеење, молитви, минувајќи ден и ноќ без сон и, откако претрпе многу маки од бесовите, помина 30 години. Кога дојде во манастирот, се упокои и неговото тело помина во земјата други 30 години. Потоа се јави на некој Русин во градот Средец, кој дојде и го извади, му направи ковчег и тука ги положи неговите мошти. Направи многу чудеса: слепи прогледуваа, куци проодуваа, поразените од нечисти духови сите добиваа исцеление со допирот на светите мошти“.
Со својот ангелоподобен живот и подвиг, преподобниот Гаврил поттикнал многу богољубиви и монахољубиви души да го следат неговиот светол пример, та и по неговото упокојување и донесување на светите мошти во манастирот, придонел таа цела област околу Лесновскиот манастир да заживее духовно, да се подигнат бројни свети места – скитови, параклиси и испосници, кои се исполниле со многубројни ревносни подвижници, а поради кои уште во почетокот манастирот бил нарекуван „Велика Лавра“, постанувајќи средиште на највозвишен монашки живот и една од најголемите монашки населби на Балканскиот полуостров, со над 300 монаси.
Светиот Гаврил Лесновски е пример на свет живот, не само за оние кои го напуштаат светот и се собираат во светите обители, за сепредано да престојуваат во молитва и во подвижништво. Тој е образец за сите христијани кои искрено веруваат и сакаат да живеат духовно и да ги стекнат плодовите на духот – љубовта, радоста, мирот, долготрпението, благоста, милосрдието, верата, кроткоста и воздржувањето, со кои и самиот преподобен отец Гаврил бил преизобилно исполнет.
„Вие сте солта на земјата“ – рече нашиот Спасител во Беседата на гората, а кои зборови се однесуваат најмногу за праведните и светите луѓе. Како што солта ги чува продуктите од расипување и ја прави храната здрава и вкусна, така и светиите со својот живот, со своето однесување и со својот светол пример го чуваат светот од морална расипаност и гниење, и влијаат на неговото духовно здравје.
Кога грешници посетувале свети луѓе, ја запознавале моралната грозотија на гревот и на порокот, се одвраќале од злото и биле обземени од неземната убавина на добродетелта и на светоста, го отфрлале од себе, според поранешното живеење, стариот човек, „кој се распаѓа во лажните желби“, се обновувале и се облекувале „во новиот човек, создаден според Бога во правда и во светост во вистината“ (Ефес. 4, 22-24). Така, и тие станувале духовно здрави.
За нас не се чудесни и корисни само духовните достигнувања на светите Божји угодници, туку и тоа што тие ни пренесуваат еден друг дух и начин на мислење поинаков од нашиот. Ние сакаме да го задобиеме рајот, но и да ги имаме сите угодности на овој живот, додека пак нивната голема љубов кон Христа го согорувала сето она што е овоземно и грешно. Ние сакаме да се спасиме без жртва, со мал труд, додека тие жртвувале сè заради Христа, а некои достигнале и доброволно мачеништво. Светите подвижниците ни го покажуваат патот кон светоста, по кој и тие самите оделе, односно тие се нашиот патоказ кон Царството Небесно.
Човекот без вера личи на слепец кој талка во темнината. Општеството без вистински вредности и идеали е само безживотно тело кое се разединува. Денес многумина без вера „исчезнаа, пропаднаа поради беззаконијата свои“. Нашето општество, за жал, покажува знаци на разединување и самоуништување. Која е причината за сето зло? „Зашто го нема Господа Бога во мене, затоа ме снајдоа овие неволји“, одговора пророчкото слово.
Меѓутоа, едно ново општество само со нови, обновени во Христа луѓе, може да постои. Покајното живеење на нашата Православна вера е тој дух кој го оживува, одржува и спасува човекот и целокупниот наш народ.
Без покајание, всушност без непрестајно распнување на стариот човек, ние не можеме да поверуваме вистински Евангелски, односно да се предадеме себеси целосно на Бога и да Го возљубиме со „сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум и со сета своја сила!“ (Мк. 12, 30).
Затоа и Господ, како темел на Евангелската проповед и како претпоставка на верата, го постави покајанието. „Покајте се и верувајте во Евангелието“. Он не сокри од нас дека животот во покајание е тежок и полн со успони. „Тесни се вратите и тесен е патот кој води во живот“ и одењето по него значи носење на Крстот на покајанието. Зашто стариот човек не отстапува толку лесно без присила и ѓаволот не се победува без тврда и храбра војна.
Драги браќа и сестри, светоста не е само повластица и исклучиво право на монасите и свештените лица, туку можност дадена на секој христијанин кој има вистинска вера, покајание и подвижнички дух. Сите сме повикани кон светост и подвиг, зашто по зборовите Христови „Царството Небесно насила се зема и силните го грабаат“ (Мт. 11, 12).
Светиот преподобен Гаврил Лесновски, кој денес го прославуваме, бара од нас да се трудиме, да бидеме духовно многуплодни и да личиме на дрво „посадено крај водни извори што го дава својот плод навреме и чијшто лист не венее“ (Пс. 1, 3). Инаку, ќе бидеме како неплодна смоква што со лисјата само ги мами луѓето (Мт. 21, 19), ќе бидеме како суви лозови прачки што ќе бидат пресечени, собрани и фрлени во оган.
А сега, празнувајќи го светиот спомен на Лесновскиот пустиножител и чудотворец, сите, браќа и сестри, од сè срце да му се помолиме: „Преподобен оче, богоносецу Гавриле, биди ни помошник во маките, закрилник во искушенијата, утешител во тагата, лекар на болестите; испрати ни благодат и милост, очистување и прошка на гревовите и помогни ни „да поминуваме тивок и мирен живот во полно благочестие и чистота“ (1 Тим. 2, 2), за да ја постигнеме крајната цел на секој христијанин, спасението и вечниот и блажен живот. Амин.
Извор: ФБ - МАНАСТИР СВ.ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ
Source: https://poukinasvetitestarci.blogspot.com/2025/01/blog-post_75.html