ДВАЈЦА ВЛЕГОА ВО ХРАМОТ ДА СЕ ПОМОЛАТ…
(Или: Човекот, кој ги презира своите браќа, не е способен да се моли!)
Се сеќавам како дете, кога имавме бонбони, кога се засладувавме со нив, често пати ги вадевме од устата и ги стававме во џеб, со цел по некоја минута пак да ги ставиме во уста, но, за жал, по неколку минути тие беа покриени со ѓубре и немаше начин за нивна повторна употреба. Вкусот на бонбоните беше заменет со вкусот на ѓубрето од нашите џебови. Овој настан денес го поврзав и со човечките зборови, на кои со текот на времето тешко е да им се разбере нивното значење на директното и непосредното. Во книгата „Едноставно христијанство“, писателот Клејв Луис потенцира дека во XIX век, „господин“ бил наречен секој човек, кој живеел од каматите од својот капитал и кој имал можност да не работи, без разлика дали бил галантен, отмен и образован, или не бил. Таквиот човек, без да се предизвика смеа, бил наречен „Господин икс – пристоен ѕвер“. Но денес, бидејќи зборот „господин“ и понатака не е поврзан и не асоцира на воспитаност и пристојност, најчестите метаморфози го придружуваат со постоењето на терминот „фарисеј“.
Чуварот и познавачот на Законот, ревнителот за побожен живот, најдобриот претставник на еврејскиот народ по враќањето од заробеништвото, токму тој лик се претворил во лицемер, во фарисеј, во лажна и самопослужена личност. Патем, евангелските „митари“ и „блудници“, кои не се само буквални, туку и симболични личности, не претрпеле семантички промени. Тие такви останале и понатака, пак добро познати во секојдневниот живот како блудници и како собирачи на даноци. А фарисејот, за разлика од нив – мутирал!
Блудницата и митарот се професии, колку што се доходовни, во иста мера и срамни и презрени. Така е, зашто тие печалат на сметка на гревот и тргувајќи со гревот. Но фарисејот не е професија, туку класичен психолошки тип. Така ни е кажано и така ние сметаме. Но, дали фарисејот е целосно огревовен психолошки тип? Каков е тој сложен човечки тип, кој тежнее кон целосна светост, но кој често забегува од вистинскиот пат? Да, фарисејот не е целосно огревовен тип! Да се потсетиме: Според своето образование и воспитување, апостол Павле бил фарисеј; и праведниот Никодим, кој една ноќ пристапил кон Исуса во потрага на вечната вистина, бил книжник и ревнител за традицијата. Ќе згрешиме и ние, ако го отфрлиме фарисејот во
можноста за стекнување на светоста и во можноста за негово оправдување.
Очигледно е дека фарисејот знае да љуби, и тоа многу добро и многу посовршено од нас. Целиот негов живот толку многу е идеално и религиозно педантен, презаситен со добри мисли и намери, така што, во споредба со него, ние сме класични мрзливци, кои не можат ни еден ден фарисејски да го живеат. Кај фарисејот лошо е тоа што внатрешноста не соодветствува со неговата надворешност. Но, простете, па сите ние изгледаме многу подобро однадвор, отколку одвнатре. За миг, секој од нас нека погледне внатре во себе и нека ја покаже својата внатрешност пред светот, е тогаш животот едвај ќе биде возможен! И сета наша толку многу фалена култура и цивилизација е класично лицемерен феномен, во која канцелариите сјаат од чистење и полирање, а внатре се нашите костури! Лицемерието започнува од секоја белосветска институција од највисок ранг, од било која банка, рекламни агенции, произведувачи, почнувајќи од производителите и рекламаторите на забните пасти, па сè до автогигантите, кои едно ни нудат, друго ни сервираат, а трето ни продаваат. И дали имате забележано, за нив никој не го употребува зборот „фарисеј“, туку овој збор како да се чува само за одредени личности, кои нам не ни се по ќеф.
Ако фарисејот верува во својата светост, тогаш тој веќе не е само лицемер. Тогаш тој веќе е во прелест! Тој е болен! Такви биле истите тие фарисеи, кои нам ни се сликовито опишани во Евангелието. Тие се сметале за премногу чисти и биле убедени во својата ритуално-морална чистота. Ваквиот тип на фарисејство, од страниците на Евангелието излегува директно на улица и продолжува да живее во христијанската историја до ден-денешен и на целата земјена шир. Таквиот човек, едноставно, е духовно заболен и не може да биде исцелен со обични лекарства, зашто неговата болест преминала во потежок стадиум. Неговото подвижништво веќе гравитира и преминува во фанатизам. Неговиот свет веќе постанал црно-бел и во овој свет не постои место за сочувство кон другите. Сите други, според него, се достојни за пеколот, за вечниот оган, за ѓаволските стеги. Фарисејот, во високиот стадиум на својата болест, веќе е „навреден“ од Бога, поради тоа што Он не брза да ги казни очигледните грешници, па затоа често се прашува: „Па гледаш ли нешто, Боже, што се случува на земјава?“. Да, ова веќе е типична дијагноза за еден класичен фарисеј. Такви се, зашто кај нив многу е тешко омразата да ја отстранат со молитва, а вљубеноста во себе – со споменот за Бога!
Фарисејството е придружен елемент на религиозноста, кој малку зависи од возраста и времето, но секогаш зависи од состојбата на човечкото срце. Тоа оди паралелно со секој еден верник. И за да се всели во верникот, фарисејството треба да здогледа некоја „висина“ на човечкиот подвиг, да го убеди човекот во неговите лажни способности и да го натера да почне да ги осудува другите. Впрочем, ете ги условите да се стане фарисеј! А во принцип, па и ние го правиме сето тоа! И секој човек, кога ја губи самокритичноста, трезвеноста, и искреното сфаќање кој е и каков е, во која фаза на духовниот раст се наоѓа и колку е оддалечен од Бога, веќе постанува фарисеј. Сепак, мора да разбереме дека фарисејството е болест кај човекот, кој ги исполнува заповедите и кој живее според правилата. Тоа е болест кај добриот човек! За да постанеме фарисеи, треба напорно да се потрудиме, со мака и со пот. Фарисејството е токму онаа стапица, со која непријателот го лови човекот, кој не можел да го одврати од подвигот во самиот почеток. И ако ловот по човечката душа во почетокот бил безуспешен, ѓаволот се служи токму со болеста на фарисејството во онаа етапа, кога човекот веќе ги надминал искушенијата и тргнал по духовниот пат. Затоа фарисејството е опасна стапица и јамка, која постојано е околу вратот на човекот.
Ако се навратиме на Светото Писмо, ќе забележиме дека фарисеите биле почитувани луѓе, учители на народот. Но, да се запрашаме, кога зборот „фарисеј“ добива негативна конотација, каде е границата меѓу добриот и лошиот фарисеј? Границата е таму, кога тој ги изговорил зборовите: „Боже! Ти благодарам што не сум таков, како другите луѓе!“ Во моментот, кога се раѓа желбата за споредување со другите, токму во тој момент се раѓа и гревовното фарисејство.
Во фарисејството се крие уште една многу сериозна опасност. Истиот суфлер – лукавиот, во одреден момент од животот прашува: па зарем не сакаш ти да видиш, колку е глупаво и бесмислено, па дури и опасно, да ги запазуваш сите овие правила: секојдневно да се молиш, да постиш, да ги посетуваш богослужбите, да се исповедаш, да се причестуваш…? Зошто не почнеш да живееш поприродно, полесно, поудбно, без да го комплицираш сопствениот живот? Зошто копаш во себе и зошто се каеш за своите гревови? Па подобро ти е да се прифатиш таков, каков што си! Зошто мислиш дека си најгрешниот човек во целиот овој свет? Смири се, олабави се, релаксирај се, уживај…
За кого е опасен овој вид на искушение? За секој еден кој е уморен, кој можеби дури е и надвор од силите на тешкиот духовен пат; за секој еден кој го изгубил Бога од својот вид и од својата цел, кој претрпел духовна криза, а да се потсетиме дека и светиите запаѓале во такви кризи, за секој еден, кој е влезен во очајание! Затоа веќе рековме дека фарисејството е болест на добриот човек, која треба да се лекува, а не да се осудува!
За жал, фарисејството и денес е честа болест. И денес често забележуваме и сретнуваме луѓе по храмовите, кои се однесуваат агресивно, навредливо, влегуваат во конфликти, ги обвинуваат другите за фарисејство, бараат од луѓето слепо да се раководат по одредени правила, иако самите не го прават тоа. Таквите не само што имаат недостаток на домашно воспитување, туку имаат и постојан немир во душата и отстуство на љубов кон ближните.
Сепак, можно ли е да бидеме фарисеи и денес, не трудејќи се да ги исполнуваме заповедите од Стариот Завет, туку трудејќи се да ги исполнуваме Новозаветните заповеди!? По својата природа, тоа е спротивно на фарисејството! Парадоксот се состои во тоа што, ние можеме да ја достигнеме бедноста на духот, како што се бара во Блаженствата, но не за да бидеме блажени, туку за да се издигнеме над другите! За да ја вкусиме блаженоста од нашата ништожност на духот, треба да се потрудиме. А во повеќето случаи ние не сакаме да се потрудиме. И при сето тоа, ние уште сакаме да бидеме и праведни! И токму заради тоа околу нас се формирал цел еден ред на околуцрковни обичаи и правила, кои можеме многу полесно да ги исполниме, отколку вистински да живееме според заповедите на Блаженствата.
Зарем не сте забележале дека многу прашања, кои им ги поставуваме на свештениците, започнуваат со зборот „Дали?“ Колку пати нам ни поставиле прашања од типот: „Дали за покојните се пали свеќа на долниот дел од свеќниците?“, „Дали малите девојчиња треба да носат шамии врз главите?“, „Дали треба со девет состојки да се меси колачот за Свети Фануриј?“, „Дали можам да се измијам заби утрото пред причестување?“, „Дали згрешив што оваа среда јадев со масло?“, „Дали за тримирот може да се напијам една голтка вода?“. А колку ретко се случува луѓето да постават прашања за нешто навистина важно, за нешто, кое е во сферата на духовниот живот и кое непосредно е поврзано со спасението на душите! Во, принцип, луѓето прашуваат за второстепени, третостепени, па дури и околуцрковни проблеми. Затоа, кај сите нас се забележува наклонетост кон класичното фарисејство, а нашата навлезеност во фарисејството се одразува токму во стремежот во детално исполнување на второстепените и третостепените народни обичаи. Поклонувањето на Бога во дух и во вистина за нас е многу потешко, отколку палењето на свеќа со десна рака.
И сега, да се запрашаме: што да се прави, за да го одбегнеме гревот на фарисејството? Пред сè, да ги читаме делата на светите Отци и нивните житија. Токму тука е дадено правилното сфаќање и толкување на Словото Божјо, токму тука е преточено во дело она, кое Христос го бара од нас, токму тука е даден лекот за надминување на сите опасности, кои ја демнат човечката душа. Ако човекот стекне навика правилно да ги чита и толкува светоотечките дела, и истите да ги спроведува во живот, тогаш тој има реални шанси да ја надмине и да ја совлада соблазната на фарисејството. И конечно, како и секој грев, и фарисејството се победува со покајанието. Но, за да почнеме со процесот на покајание, најпрво треба да го препознаеме гревот на фарисејството во себе и веднаш да започнеме со долготрајната терапија, која е мачна и тешка, но ако е искрена, таа е благословена и секогаш успешна!
Source: https://blagovesti.wordpress.com/2023/02/04/%D0%B4%D0%B2%D0%B0%D1%98%D1%86%D0%B0-%D0%B2%D0%BB%D0%B5%D0%B3%D0%BE%D0%B0-%D0%B2%D0%BE-%D1%85%D1%80%D0%B0%D0%BC%D0%BE%D1%82-%D0%B4%D0%B0-%D1%81%D0%B5-%D0%BF%D0%BE%D0%BC%D0%BE%D0%BB%D0%B0%D1%82/