Недела 18. по Педесетница

Example Super-Admin User · 3 months ago

    11 minutes, 50 seconds


Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Во денешното свето Евангелие, на денешната света Литургија, ја слушнавме параболата за сејачот и доброто семе. Господ постојано им говорел, на луѓето кои Го слушале, во некакви параболи. Параболите биле често несфатливи, но Господ на таков начин ја изразувал својата поука затоа што сакал секој поединец да ги толкува во себе и да го открива нивното значење. Да се труди во Духот Божји, да ги открива вистините.

Така и нам ни е дадено, внимателно да слушаме и темелно да го анализираме она што сме го слушнале. Темелно, во Духот Божји, преку молитвата кон Господа, да ја откриеме суштината. Суштината, не можеме самостојно со својата сила да ја откриеме, доколку Господ од Вечноста, преку Светиот Дух, не нè инспирира да ја откриеме тајната. Параболата се открива тајно, во срцата и душите на верникот. Господ му ја открива тајната на верникот, преку Светиот Дух. Умот на верникот бива просветлен и озарен со Божјата Светлост на спознанието.

Имено, да се навратиме на параболата за сејачот. Господ е сејачот кој излегол да сее. Логосот Божји, Вечниот Син Божји, се открива во светот. Тој Кој го создал светот мистично, таинствено, сега веќе со Своето раѓање во светот, му се открива на светот. Па доаѓа да сее. И понатаму Господ се труди во светот. Господ доаѓа во светот, за да ја оствари Божјата идеја за спасението на светот.

Господ Исус Христос, го сее Своето семе, семето на спасението. Семето е Неговата спасителна наука. Семето Негово е Неговата поука. Семето Негово паѓа на разна места. Местата се во суштина срцата на луѓето. Некои срца се изгубени, како поред патот. Некои срца се тврди како камен. Некои срца се полни со трња. А пак некои срца се како добра почва. Секако дека во добрата почва секое семе раѓа добар плод.

Луѓето се непостојани во карактерот. Доколку ја изгубат верата во Бога, ќе бидат бесплодни. Дури и ако навидум, поверуваат за кратко време, поради разните искушенија во светот, тие се откажуваат од верата. Срцата кои се како поред патот, се изгубени поради тоа што воопшто се залутани и не се на правиот пат кон спасението. Оние срца, пак, кои се тврди како камен, се бесчувствителни и бесплодни. Оној кој нема вера, ниту позитивни емоции, тој е како некаков тврд предмет, како камен. Срцата полни со трња се полни со грижи во овој свет. Полни со разни земни и материјални грижи, кои ги деконцентрираат и обременуваат. Навистина служењето на овој свет е голема мака. Овој свет има потполно свои принципи и методи, но пак животот посветен во светот, е полн со трња и препреки.

Сепак на крајот Господ извикува и вели: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“ (Лука 8, 15). Навистина, Господовата поука е да бидеме внимателни и свесни. Доколку слушаме, треба да имаме желба да дознаеме, какво значење има тоа што го слушаме. Денеска често слушаме од луѓето, дека духовните теми им се тешки. Дека е тоа тежок материјал за разбирање. Па да, така е! Тежок е тој материјал, кој треба внимателно, со многу молитва, со чисто срце, да го откриеме.

Божјиот материјал за поучување, воопшто не е тежок, доколку човекот има добра волја да го сознае. Но, доколку човекот сака единствено некакво плитко и површно знаење, тогаш тоа знаење го има околу себе во својот живот. Затоа што својот живот го создава со плитките и површни учења. Поточно, незнаењето и непросветеноста се ужасни. Човекот кој не сака да сознае, самиот се осудува себеси на пропаст. Секако дека секој бира слободно. На секого му е даден од Господа потенцијалот, но потенцијалот треба да се искористи на прав начин.

Поуките и пораките на великите апостоли и свети отци на нашата света Црква, кои се напишани во нивните дела пред многу векови, се потполно актуелни и денеска за сите нас. Сите верници денеска, насекаде во светот, кои ги читаат поуките на великите светители, треба да ги прифатат истите поуки тогаш кога ги читаат, актуелно наменети, во моментот за секого од нас. Светиот Дух кој пребива во светителите, и денес ја пренесува истата порака и поука до секој човек во кого пребива истиот Божји Дух. Пораките наменети некогаш за некој конкретни луѓе и за разни проблеми, не застаруваат никогаш. Затоа што поуките се општи и безвременски. Постојано во историјата на човештвото, човекот продуховен со Светиот Дух, се подучува во сегашноста.

Светиот Дух кој инспирира е постојано ист. Времето е променлива категорија, но Господ е постојано ист во вечноста. Кога ги читаме посланијата на светите апостоли, ние не ги читаме како некакво литературно книжевно дело. Туку, тие пораки се вечни поуки кои се вдахнати во светителите од вечниот Свет Дух, и не стареат, наменети се за сите луѓе во историјата. Та затоа и тие посланија се читаат постојано на Светата Литургија, затоа што, во посланијата се состојат фундаменталните вредности за човекот.

Божјата поука која се пројавува преку светителите, е наменета на луѓето во целата историја. Во секое време на постоењето Божјиот Дух е непроменет, сегашен, потполн, и актуелен. Затоа и ние го толкуваме Светото Писмо во Духот Божји. Бог Светиот Дух е вечен и пораките Божји се вечни. Од таа гледна точка, ништо не е променето во Бога и во Неговата идеја за спасението на светот. Времето минува, материјата со својот почеток има и свој крај, сè е циклично. Сè е во еден постојан кружен тек. Во времето, Вечниот Бог, преку икономијата во светот, преку светотаинскиот живот, Се пројавува преку Своите дејства и поуки од вечноста. Бог со Своите вечни дејства, секогаш е актуелен во времето и историјата на светот.

Светиот Апостол Павле во своето второ послание до Коринтјаните, на денешната света Литургија вели: „Ова, пак, ви го велам: кој така скржаво сее, така скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато ќе жнее“ (2 Кор. 9, 6). Светиот Апостол ги поучува Коринтјаните за нивниот подвиг во милостињата на раздавањето.

Споменатата поука од апостолот, нè потсетува колку се важни милоста и дарот. Оној кој несебично дарува, несебично ќе добие. Ќе добие, пак, многу повеќе. Тој кој подарува од срце, кој изразува чиста емоција кон другите, тој ќе биде награден со голема радост. Сеењето е исклучителна добродетел со која ќе наследиме големо богатство. Денеска сееме малку, подаруваме малку, но утре, во иднината ќе добиеме многу. Ќе добиеме многу затоа што не сме себични. Затоа што не сме скржави. Не се радуваме единствено себично и себељубиво само на својот живот и евентуално на одреден број луѓе, кои се за нас важни. Туку животот го согледуваме преку сочувството и емпатијата кон сите луѓе во светот. Уште повеќе треба да имаме сочувство кон оние кои страдаат и на кого им е најмногу потребна милоста. Но, не само милост, туку им е потребна и нашата искрена молитва.

Навистина денеска е исклучително важно да ја покажеме својата вера. А верата се покажува преку сочувството и солидарноста. Никако не смееме да се оправдуваме дека некој друг треба да биде солидарен наместо ние лично. Солидарноста е основната позитивна емоција кон луѓето кои имаат потреба. И секако дека дарот кој што го даруваме, треба да биде искрен и со многу внимание и љубов. Дарот кој што го даруваме не смее пак да биде поради ветувањето дека ќе добиеме многу више во материјалната смисла.

Сепак дарот треба да го даруваме со верата во Бога, дека некој наш собрат, некој друг човек страда или има некаква потреба. Ние кои Му служиме на Бога во љубов, треба да живееме во љубов со луѓето околу нас. Ние треба да знаеме дека ќе добиеме многу повеќе во вечноста. Господ човекољубивиот и многумилостивиот, ќе нè награди кога ќе направиме некаква добродетел за „најмалиот“, за оној наш најмал брат кој пати и се мачи на било кој начин, било каде во светот.

Секако дека верата кон Господа ќе ја докажеме преку нашата емпатија кон другите луѓе. Не можеме да бидеме верници, доколку немаме сочувство. Па така, браќа и сестри, поуката која ни ја дава светиот апостол Павле, треба да ја прифатиме како исклучително важна. Затоа што доколку сакаме да ожнееме добар род, треба и добро да посееме. А доброто сеење да биде мирно и со полно љубов. Затоа што подарувањето од срце, ќе ни ја донесе добра иднина. Иднината е во вечноста. Бог при нашиот крај, ќе ги премери нашите добродетели, и за нашиот труд ќе ни даде и награда. Доброто со добро се враќа. Да правиме добро и за добро да се надеваме.

Додека, пак, оној кој скржаво жнее тој нема да ја наследи иднината на духовното задоволство. Иднината во вечноста на скржавецот ќе биде во вечната мака одвоен од Бога. Бог е милост, а скржавецот бидејќи не Го имал во себе Бога, собирајќи лично за себе, одвоен од Бога, ќе ја наследи вечната мака и пеколот. Доколку сме скржави и себични, нема да можеме да го наследиме Царството Божјо кое се подарува од Бога на луѓето, единствено поради Неговата Љубов.

Бог бесплатно подарува и секој верник бесплатно треба да подарува. На дар добиваме и на дар да подаруваме. Светителите на дар ја добиваат Божјата благодат и ја подаруваат на другите бесплатно. Оваа е смислата и суштината на нашата вера. Суштината е во подарувањето.

Светиот апостол Павле говори, во истото тоа послание, колку многу биле милостиви Коринтјаните, та тој се фалел пред браќата Македонци. Тој ја објавувал големата милост, фалејќи им се на Македонците, дека верниците од Коринт ја покажувале својата љубов кон луѓето на секаде во светот. Светиот апостол Павле, ја поделувал нивната помош и поддршка таму каде што било потребно. И видите браќа и сестри, таа голема и искрена милост на верниците од Коринт, и денеска се поменува на светите Литургии на секаде во светот. Таа голема милост е запишана во Светото Евангелие, и запишана е во книгата на животот.

Така треба и ние денеска да правиме. Да бидеме срушени во срцата наши, полни со милостини, полни со дарови, но секој по неговата возможност. Да бидеме дарежливи кон другите луѓе. Навистина милостивиот Бог чинеше чуда поради милоста. Та и ние како Негови чеда, треба да Го подражаваме. Исус Христос велеше да се подучуваме од Неговиот пример, затоа што е Тој кроток и благ. Та постапувајќи со полно дарежливост и нашите имиња ќе ги запише Господ во Својата вечна, Небеска Книга, Книгата на Животот.

„Секој да дава како што одлучил во срцето, а не со жал или принуда; зашто Бог го љуби оној што од срце дава” (2 Кор. 9, 7). Секој од нас треба навистина да даде по своето убедување. Но, да даде од своето срце. Апостолот напоменува дека треба да даруваме од срце. Во срцето наше се крие нашата тајна. Во срцето наше се чува искрената емоција. Во срцето наше веруваме во Бога. Затоа и со срцето треба да даваме. Не да даваме со рационалното перцепирање. Не да мериме по некакви земни критериуми, туку со искрена чиста љубов, да им подариме на тие кои ги почитуваме и љубиме. Никако да даваме затоа што мораме. Не, навистина не мораме! Нити да даваме со жал и тага. Туку со вера во Бога, во радост и со многу емпатија, да сочувствуваме и да подаруваме.

Светиот Апостол Павле во друго свое послание, кон Евреите, вели: „Помнете ги вашите учители, што ви го проповедаа словото Божјо и, имајќи го пред очи исходот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“ (Евр. 13, 7). Во ова послание светиот Павле ни вели дека треба да се сеќаваме на нашите учители, согледувајќи го нивниот труд. Ние сме нивниот труд. Ние верниците, учениците, ги слушавме додека ни проповедаа и се поучувавме од нивните благодатни поуки. Дека нивното поучување било благодатно, можеме и самите да потврдиме, штом денес ние сме нивниот плод. Ние верниците, секогаш треба да го имаме пред очи нивниот исход во животот. Тие учителите за верата се труделе искрено, поради својата вера во Бога. Та никако не смееме да ги заборавиме своите учители, затоа што преку нив ние сме просветлени, преку нивниот труд.

Нашето спомнување за нив треба да биде чисто и молитвено. Во молитвата да се сеќаваме за нив. И на нашите учители им е потребна нашата молитва. Луѓето се поврзуваат во Духот Божји помеѓу себе, во молитвата. Молитвата е нашата духовна врска. Срцето наше да биде полно со чисти, молитвени воздишки, за оние кои макотрпно се труделе да ни проповедаат и да нè поведат на вистинскиот Божји пат. Секој учител има огромна улога во животот на верникот, па нашата молитва и сеќавање кон нив треба да биде со полно благодарност.

„Бидејќи овде немаме постојан град, туку го очекуваме оној што ќе дојде“ (Евр. 13, 14). Навистина, оваа констатација е вистинска. Свети Павле ни укажува дека треба да копнееме да станеме сожители на новиот град. На оној кој ќе дојде, а тоа е Новиот Ерусалим. Тој град на идното Царство Божјо е наменет за оние кои ќе го заслужат. Новиот град се заслужува преку верата во Бога Исуса Христа. Ние сме чеда Божја и нашето место во есхатонот, во новиот живот, треба да биде во овој преславен, вечен и прекрасен град. Таму ќе биде вечна слава Божја. Тамо ќе биде заедницата на светителите, заедно со Пресвета Троица.

„А добродетелството и милосрдноста не ги заборавајте, зашто такви жртви Му се благоугодни на Бога“ (Евр. 13, 16). Сепак, нагласуваме дека преку добродетелите ќе можеме да го наследиме новиот Ерусалим. Верата не може да биде вистинска без дела. Делата треба да бидат со голема духовна радост. Кога помагаме и даруваме, да ги принесуваме тие духовни жртви од срцето. А во срцето е топлината. Со молитвена топлина, во радост и духовно задоволство, да деламе. Срцето да го подариме во дарот што го принесуваме. Принесуваме љубов, која ја добиваме од Бога. А љубовта ја добиваме преку чистите добродетелни делувања во верата. Срце чисто, полно со вера и љубов, Му е благоугодно на Бога.

Денеска ги прославувавме и светите Отци на Светата Црква, кои биле собрани на Седмиот вселенски собор во 787 година. Тие се бореле, на овој Собор, против иконоборството и го потврдиле почитувањето на светите икони. Светите икони се таинствена симболика. Светите икони се изображенијата на Божјите угодниците, кои го посветиле својот живот на Господа. Светителите уште додека биле живи, и самите постанале живи, таинствени, икони Божји. Постанале живи изображенија на Господа. Светителите се обожени битија, кои се достојни да бидат изобразени на светите икони. Но ние нив не ги изобразуваме како богови, туку како обожени луѓе. Како синови Божји. Како примери на човекољубивата и светотаинска Божја Волја. Господ Себеси се прославува преку луѓето кои Го љубат. Господ е совршениот извор и принцип Кој ја има суштината-вистината во Себе. Така и секој обожен човек е достоен лик Божји да биде претставен на иконата.

Иконите не се идоли, туку на нив ние му оддаваме почитување на ликот кој е изобразен, а не на материјата на која е насликан ликот. Ликот на светителот е жив во прегратката Божја, но на земјата, иконите се нашето почитување кон таа личност која го стекнала спасението Божјо. Затоа што преку светителите кои ги почитуваме, ние ја конципираме теолошка наука на човечкото спасение.

Денеска ја славиме и светата преподобна Параскева (Петка) Епиватска. Таа својот живот Му Го посветила на Бога, во Јорданската пустина. Во Јорданската пустина, живеела во постојан пост, молитва и плач. Јадела само по малку растителна храна. Својата младост Му ја посветила на Бога, и тоа во постојан подвиг. Во труд кој бил несфатлив за луѓето. Но само Бог ги знае тајните подвизи на света Петка. Таа толку многу била посветена на Бога што пред крајот на својот живот, Ангел Божји ѝ се јавил за да ѝ каже да се врати во своето родно место, во Епиват и таму да го заврши својот живот.

Таа толку многу Го возљубила Господа, и Господ се прославил во неа. Та преку нејзините свети мошти, луѓето ја пронаоѓале својата утеха и своето исцеление. Таа својот живот Му Го посветила на Господа, поради љубовта кон Господа. А сега, илјадници луѓе ја почитуваат света Петка и ја љубат. Таа станала чаша во која се излеала Благодатта Божја, та и денеска се излева на сите луѓе кои ја почитуваат Божјата ќерка. И денеска целиот свет ја празнува светата Петка и копнее да го посети градот Јаши во Романија, за да се поклони на моштите на оваа голема и многу почитувана светителка. Денеска како и во минатото во вековите, Света Петка направила огромни чуда. Бог ја прославил својата угодница Божја и после нејзината смрт. Нејзината душа се наоѓа во Небесниот Ерусалим, а нејзините земни останки, нејзините мошти, преславно пребиваат во храмот Божји, во градот Јаши во Романија. Секојдневно, огромни се посетите на луѓето кај нашата мајка, кај Светата Петка.

По нејзините молитви, и по молитвите на сите свети Отци собрани на Седмиот вселенски собор, по молитвите на сите македонски светители, по молитвите на сите православни светители, Господ да нè укрепи и заштити. Амин.

Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-18-po-pedesetnica/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
4 months ago

Најдобар начин да се сподели богатството на Православието е да се живее Православно

 Најдобар начин да се сподели богатството на Православието е да се живее ПравославноМногумина од нас направија грешка што се обидоа да ги преобратат своите пријатели и роднини во православие. Добивме разочарување.Најдовме големо богатство, сакаме да го споделиме со оние што ги сакаме и разочарани с...

Image Description
2 months ago

Што треба да ги научиме децата?

 Што треба да ги научиме децата?Еднаш кај Свети Серафим Саровски дошла мајка, сопруга на болјар (припадник на високата феудална класа) и му се пожалила дека учителите не ги учат добро нејзините деца француски јазик, прашувајќи го што да направи.Тогаш Тој ѝ рекол: „Ти жено, научи ги своите деца подоб...

Image Description
2 months ago

Во звуците на снегот

Во звуците на снеготСнегот не престануваше.  Сè беше облечено во бело. И таа седи на белиот тротоар , дебело облечена. Нејзините чизми се изгубени од висината на снегот.Нејзината капа сега ја изгуби својата боја. Веројатно беше црвена, но сега се е  бело. Нејзините црвените образи даваат знаци на жи...