Празникот Благовештение торжествено прославен во Велес

Example Super-Admin User · 8 hours ago

    4 minutes, 17 seconds


На 7 април / 25 март 2025 година, на празникот Благовештение на Пресвета Богородица, Митрополитот Повардарски г. Агатангел  во сослужение на митрополитот Европски г. Пимен и митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф отслужи света Божествена Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес.

На литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Беседата на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, изречена на светата Литургија во продолжение ја пренесуваме во целост.


Радувај се Благодатна

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ваши високопреосвештенства,

пречесни свештенослужители, драги браќа и сестри,

Денес е голем и серадосен ден. Денес е празникот на Благовештението на Пресвета Богородица, денот во кој ние како Црква си спомнуваме за долгоочекуваниот свештен настан, за кој пророкувале старозаветните пророци и за кој копнееле мноштво праведници, а тоа е Благовестието на архангелот Гаврил, односно „благата вест“, која ѝ ја пренел на Пресветата владичица наша Богородица. Ете, денес по нејзините молитви и застапништво, овој голем празник нејзиниот Син, Господ наш Исус Христос нè удостои да го прославиме овде во Велес, во храмот на Богомајката и тука да ја почуствуваме топлината и радоста на архангелските, евангелски зборови: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!…и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај.“ (види Лука 1, 28-33), кои ги чувме од денешното евангелско четиво, а кои го посведочуваат Гавриловото јавувањето и соопштувањето на благите зборови, преку кои Пресвета Богородица ја прима веста дека ќе стане мајка на Бога.

Според Светото предание, овој настан се случил во миговите кога Пресвета Богородица го читала Светото писмо, каде во Книгата на пророкот Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануил” (Исаија 7, 14), и со јавувањето на архангелот Гаврил се исполниле тие пророчки зборови и се исполнило Божјото ветување, првото благовестие (Битие 3, 15) кое Бог го дал по падот на нашите прародители Адам и Ева во грев. Затоа оваа „блага вест“, веста за вооплотувањето на Словото Божјо,  на Спасителот е најголема и најрадосна вест, која ја пробудила човековата надеж за спасението. А таа Божја милост и радост за нас дошла преку Пречистата Дева Марија, Која што е благословена и фалена, преку Која што Синот Божји го прими човечкото со слегувањето на Светиот Дух и преку осенувањето со силата на Севишниот (Лука 1, 35), откако со длабоко смирение му возвраќа на Гавриловиот поздрав: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ (Лука 1, 38). Таа со своето послушание го исправи целиот човечки род и жалоста на прамајката Ева ја претвори во радост.

А таа неискажлива светлозрачна радост, денес, преку „благата вест“ ја чувствуваме сите ние кои го празнуваме овој значаен празник, кој не само што е почеток на Господовите празници, туку и „почеток на спасението“, како што пееме во денешниот тропар „Денес се јави почетокот на нашето спасение и вечната тајна…“. Таа вечна тајна на Благовестието, неговото воплотување соопштено преку ангелскиот поздрав, дека ќе се роди Спасителот и избавител од гревот и смртта, како најголема утеха ни се дава и нам во дните на оваа Света четириесетница, во овие денови на Великиот пост кога оружани со постот, молитвата и добрите дела засилено чекориме по патот на спасението, кое е цел на секој еден христијанин. Сите треба да се трудиме да го достигнеме спасението, односно очистени од гревот да ја победиме смртта и да го вкусиме вечниот живот, кој ни го подари нашиот Спасител, Господ Исус Христос преку Неговото воскресение. 

Бог поради неговата безгранична љубов кон човековиот род, благоволил да се вооплоти и роди од Пресвета Богородица, која пак со послушност ја прифатила Божјата волја. Големиот богослов, светиот Никола Кавасила, вели: „ Бог не би можел да се воплоти да не постоела таква пречиста и пренепорочна душа, како што била Богородица. Таа целосно ја принела Својата слобода, Својата слободна волја, целата Себеси на Бога, за да Го прими во Себе и да ни Го донесе“. Затоа денес, славејќи го Благовештението, нашиот фокус да го насочиме кон Богомајката, кон Пресветата Дева, која секогаш е вистински пример и образец на личност, на жена и мајка полна со љубов, жртва, послушност, смирение и  кротост. Сите ние треба да се трудиме да ги стекнуваме овие добродетели и да шириме љубов.

Знаејќи дека денешниот празник – Благовец  според старата црковна традиција е и празник на сите мајки – ја молиме Богомајката Богородица да ги заштитува сите христијанки, секоја мајка и Таа како нивна заштитничка да ги води во мајчинството, кое е голем дар од Бога. А, пак мајките во секое време преку молитва нека просат помош од Богомајката. Како христијани, кои го празнуваме овој празник, по примерот на Богородица секогаш кога имаме прилика да покажуваме особена сострадалност и помош кон сирачињата, кон бедните и кон унесреќените за да ги исполниме Христовите заповеди и за да дадеме добар одговор на Страшниот Христов суд.

На крај, ја користам оваа прилика да му се заблагодарам на Вашиот духовен татко, Митрополитот повардарски г. Агатангел за поканата и за можноста овој радосен празник, заедно со Митрополитот европски г. Пимен да го прославиме тука заедно со вас и вашите свештеници, во вашиот град и во овој Богородичен храм, каде постојано се проповеда благата евангелска и спасителна вест. Нека Пресвета Богородица биде наша заштитничка и молитвеничка пред Бога, и сега и секогаш и во сите векови!

Честит нека е празникот и за многу години!

Извор: https://tge.mk/tekstovi/raduvaj-se-blagodatna

Source: https://liturgija.mk/aktuelno/mpc/praznikot-blagoveshtenie-torzhestveno-proslaven-vo-veles/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
8 months ago

Искушенијата и испитите секогаш ќе постојат во нашите животи.

 Искушенијата и испитите секогаш ќе постојат во нашите животи.Искушенијата и испитите секогаш ќе постојат во нашите животи. Тие само го менуваат обемот и формата.Затоа надежта секогаш треба да постои во нашите животи. Без надеж нема да имаме храброст да ја продолжиме нашата борба.Надеж за утре, наде...

Image Description
4 months ago

Епитимија - лек за душата и патот кон незлобноста...

 Епитимија - лек за душата и патот кон незлобноста Денеска многумина ќе се причестат, пристапувајќи кон Светиот Олтар со вера и надеж, а други ќе останат во молитвен молк, набљудувајќи ги оние кои ги примаат Телото и Крвта Христови. Ќе има и такви кои не можат да се причестат, бидејќи носат епитимиј...