Собор на Дванаесетте Апостоли – Павловден

Example Super-Admin User · 7 months ago

    5 minutes, 47 seconds


„(Исус) избра дванаесетмина да бидат со Него, и да ги праќа да проповедаат;
и да имаат власт да лекуваат болести и да изгонуваат бесови“
(Марко 3: 14-15)

Слушајќи го списокот со имиња, кои Спасителот ги избрал да бидат Негови ученици, сите ние го забележуваме фактот дека, за идни проповедници на Словото Божјо, за достоинствени мажи кои ќе бидат способни да го рашират христијанството низ целиот свет, Он избрал неуки и непознати, слаби и сиромашни рибари. Зарем малку во тоа време имало цареви и кнезови, мудреци и филозофи, трговци и богаташи, па сепак, Својата доверба Спасителот им ја дава на дванаесетте прости рибари, кои ќе ја понесат целата тежина за спроведување на спасителното дело.

Токму на овие рибари денес треба да им бидеме благодарни сите ние, не само заради тоа што ние денес веруваме во Христа, не заради тоа што денес ние Нему Му се молиме, туку, едноставно, заради тоа што ние денес сме Христови. Ним им било дадено толку многу, така што тие слободно можеле да се повлечат и да речат: ова за мене е доволно до крајот на животот… Но, апостол Јован, говорејќи за апостолското сведоштво, пишува: Ние говориме за „она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме…“ (1. Јов. 1: 1). Тие говорат за Христа, Кого тие Го знаеле како другар и Го познале како воплотениот Бог. Тие, откако примиле толку неописливо и бескрајно богатство, зарем можеле да се затворат во себе, да живеат со таа вечност, со таа слава, со таа длабочина на новиот живот, која се открила во нив.

Иако излегувањето на проповед за нив претставувало жртва, сепак, тие биле должни да разгласуваат за она, кое за нив било скапоцено. Таа тајна тие ја откриле на целиот свет, бидејќи таа му била потребна на светот и затоа што од Христа тие се научиле да љубат. А, самото откривање на таа тајна за нив постанало мило. Апостолите, по цена на својот живот и по цена на својата смрт, ја предале таа радост на другите. За првата проповед во Ерусалим, за она што тие говореле за Христа, за нови­от живот, кој пристигнал во светот, за новата радост и за вечноста, нив не само што ги прогонувале, туку и ги тепале, ги затворале и крвнички ги мачеле. И кога тргнале во непознатиот свет да ја пренесат Христовата порака, тие оделе низ пустињи, пловеле преку разбранувани мориња, талкале низ непреодни џунгли, се изложувале на опасности од разбојници, од бури, од лукави луѓе, онака, како што ни сведочи Павле. И сето тоа само заради една причина: нивното срце било преисполнето со таква љу­бов, со таква жал и болка кон секого, така што чудото за вечниот живот, радоста за Хрис­та тие не можеле да ја зачуваат само за себе, туку биле должни да ја поделат и да ја разделат со сите. Затоа, ниеден од нив, освен апостол Јован, не умреле со природна смрт и речиси не дочекале длабока старост. Сите пострадале: некој бил обезглавен, некој распнат, некој на друг начин мачен, но сите умреле за една и иста проповед. Затоа апостолите постојано се движеле. Се движеле и проповедале, зашто нивната душа не можела да остане затворена и повлечена, во нивната душа не можела да се задржи проповедта, а да не излезе на јаве и да сведочи за новиот живот и љубовта.

Денес, читајќи го светото Евангелие, ги слушнавме имињата на дванаесетте апостоли. Можеби некои од нас слушаа и во себе размислуваа, кога ќе престане списокот со овие имиња? Зарем морало да бидат запишани со ред нивните имиња? Зарем се важни по имиња кои биле првите апостоли? Не е ли тоа работа на историјата и хронологијата? Што има спасително во тоа што евангелистите ги запишувале имињата едно по едно? Напротив, тие имиња не се мртви букви запишани на лист хартија, туку тоа се конкретни личности, живи луѓе, кои и денес се сведоци на Христовата проповед. Тие не се обични имиња. Тоа се имињата на оние луѓе, благодарејќи на кои и ние денес сме живи; благодарејќи, зашто преку нив и ние Го познавме Христа. Да не беа тие имиња, пусти ќе беа нашите души и нашиот живот немаше да има никаква смисла.

Затоа, должни сме постојано да си спомнуваме за секое од тие имиња, постојано да си повторуваме за нив, како што ги повторуваме и како што се сеќаваме на имињата од нашите драги луѓе, родителите, браќата и сестрите, своите деца; да си спомнуваме за нив со стравопочит, умилно, зашто тие луѓе, простите рибари, толку многу Го возљубиле Бога, така што и својот живот го положиле зе секого од нас. Затоа, секој евангелски збор се однесува за нашата душа и има спасителна моќ, било да е тоа или Матеј, или, Марко, Лука, Јован, или било кој писател од Новиот или Стариот Завет. Тие луѓе – писатели ни говорат директно нам преку страниците на Светото Писмо, но ни говорат и од крстот, на кој биле распнувани; од огнот, во кој гореле; од пустињите, каде жеднееле; од морските длабочини, каде што минувале цели ноќи и денови. И секогаш се бореле за животите, но не толку за своите, колку што за оние животи, до кои тие сакале да ја допрат Христовата порака, се бореле за животите од оние луѓе, кои сеуште немале слушнато за Христа, каде што сеуште не била стигната веста за новиот евангелски живот, за вечната радост, за Живиот Бог, Кој не се посрамил да постане како нас, слаб и ранлив.

Колку се скапоцени и значајни овие имиња? И што уште тие нам ни говорат? Зарем ние нема да се огледаме на Апостолите? Зарем од црквата и евангелските проповеди ние не извлекуваме духовни поуки, кои се спасителни за нашите души? Зарем од секој апостол поединечно нема да извлечеме сè што е топло и скапоцено за нашата душа, сета надеж, сета љубов, сета сила, сето ликување, целиот свет кој тие нам можат да ни го дадат. И откако ќе извлечеме сè што е корисно за нашето спасение, зарем тоа нема до го чуваме како нешто најдраго, нешто од кое целиот свој живот духовно ќе се насладуваме. А, откако ќе се распалиме со огнот на љубовта и со Светиот Дух, да заборавиме на себе, па да поитаме со таа скапоценост, која ја носиме во себе, кон несреќните, навредените, жедните, понижените, бедните, во кои нема радост во душата, кои сомневаат во животот, кои не знаат дека Бог и заради нив се воплоти и стана човек, та дури и беше распнат на крст, и воскресна за сите ние да совоскреснеме со Него, па да ја поделиме таа скапоценост со нив и да внесеме искра надеж и зрак на вечна светлина и во нивните души.

А, ние сме зачаурени и затворени во себе, како да сме доволни самите за себе и како ближните околу нас повеќе да не ни се потрени. И благовестието, и радоста, и љубовта, и животот во нашите души овенува и се суши, постепено изумира, зашто нема доволно простор во нас, зашто она што Бог ни го дава не е плашлива сила, туку огромна моќ, која не може да се задржи во нашите мали и тесни срца. Бог Својата сила и благодат нам не ни ја дава за да ја чуваме само за себе, туку за да ја шириме насекаде околу нас, да бидеме живи сведоци на Неговото постоење, па на таков начин да ги придобиеме ближните околу нас да постанат Христови ученици и следбеници, онака, како што тоа го правеле и светите апостоли. Живеејќи со таа Божја сила и благодат, нашиот земен живот треба уште тука да го претвориме во небесен и рамноангелен живот. Ако не живееме така, тогаш ние нема да бидеме способни ни да го задржиме тоа што е во нас и кое Бог ни го дал, а камоли истото тоа да го пренесеме на ближните околу нас.

Затоа, постојано да размислуваме за примерот на жртвена, радосна, победителна, крстна и апостолска љубов и да почнеме да се однесуваме еден кон друг, кон секој човек кој го среќаваме на патот и кон секој наш ближен, било да ни е тоа пријател или непријател, како што се однесувале апостолите. Само тогаш нашиот свет ќе постане светол, топол, мил, пријатен, само тогаш Христос ќе најде место за Себе во оваа земја, каде што секојдневно сè повеќе и повеќе Го прогонуваме и отстрануваме, не заради тоа што Он не заслужува покорност, љубов и служење, туку заради тоа што дадената благодат од Него ние не сме способни да ја сочуваме и рашириме околу нас.

Протојереј Златко Ангелески

Извор: https://blagovesti.wordpress.com/2013/07/13/sobor-na-dvanaesette-apostoli-pavlovden/

The post Собор на Дванаесетте Апостоли – Павловден appeared first on Литургија.мк.

Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/sobor-na-dvanaesette-apostoli-pavlovden/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
8 months ago

Милостината ја спушта Божјата милост кон човекот

 Милостината ја спушта Божјата милост кон човекотНашата милосрдност мора да поаѓа од љубовта кон луѓето на кои им е потребна, не само материјалните работи, туку и духовната помош.Да им користиме и духовно. Кога на очајниот човек му даваме храброст и сила да ја продолжи својата борба, без оглед на не...

Image Description
3 months ago

О небо и земја...зошто човекот го отсече својот брод од Божјиот брод?...

 О небо и земја...зошто човекот го отсече својот брод од Божјиот брод?О небо и земја...зошто човекот го отсече својот брод од Божјиот брод?Што се случи со човекот и тој ја напушта својата безбедност?Каква помисла направи кога реши дека е подобро да биде сам во бурните бранови, отколку во семејството...

Image Description
6 months ago

Заедничката помош на Свети Серафим Саровски и Свети Гаврил Грузијски

   Заедничката помош на Свети Серафим Саровски и Свети Гаврил Грузијски Божјата слугинка Софија сведочи:„Мојот сопруг и јас се скаравме откако ми забрани да продолжам да одам кај различни лекари и исцелители за да останам бремена. На мое големо жалење, му кажав навредливи зборови на мојот сопруг - м...