ШТО НАЈМНОГУ ГО ВРЗУВА МАЖОТ ЗА ЖЕНАТА (Старец Пајсиј)

Example Admin User · 3 months ago

    2 minutes, 59 seconds


Љубов меѓу сопружниците

– Игуманијо, дали му напиша на Димитриј честитка за венчавката?

– Да, старче.

– Донеси ја честитката и јас нешто да додадам: „Христос и Пресвета Богородица нека бидат покрај вас. Ти давам благослов, Димитриј, да се скараш со цел свет, освен со Марија! Истото важи и за Марија!“ Да видам дали ќе разбере што со тоа сакав да кажам?

Еднаш ме праша еден:

„Што најмногу го врзува мажот за жената?“ „Благодарноста“, му велам јас.

Еден со друг се сакаат бидејќи се благодарни еден на друг.

Жената на мажот му дава доверба, верност, послушност. Мажот на жената ѝ дава сигурност, бидејќи може да ја заштити.

Жената е господарка во домот, но и многу служи во домот. Мажот е владетел во куќата, но е и физички работник.

Меѓу сопружниците љубовта треба да биде чиста, за еден на друг да си бидат утеха и за да ја извршуваат својата духовна должност.

За да живеат складно, потребно е од почетокот во самите темели на својот живот да вградат љубов, доследна љубов, која се заснова на духовна добродетел, на пожртвуваност, едниот да е секогаш на страната на другиот, да го разбира, да страда заради него.

А кога човекот ќе го прими својот партнер во своето напатено срце, тогаш истовремено Го прима и Христос, Кој, пак, го исполнува со Својата неискажлива радост и сладост.

Кога постои љубов, дури и да се најдат далеку еден од друг, ако тоа го бараат околностите, ќе бидат блиску, бидејќи љубовта Христова не може да биде раздвоена со далечина.

Но, кога, чувај Боже, брачните партнери не поседуваат меѓусебна љубов, можат и блиску да бидат, но во суштина се далеку еден од друг.

Заради тоа треба да се трудат да ја сочуваат љубовта во текот на целиот живот, жртвувајќи се еден за друг.

Телесната љубов ги соединува само привидно луѓето што тежнеат кон овоземни вредности и тоа само дотогаш додека постојат овоземни (телесни) способности, а ги раздвојува кога тие ќе згаснат, и тогаш и тие одат во пропаст.

Од друга страна, кога постои духовна, вистинска љубов, ако се случи еден од сопружниците да ги загуби овоземните (телесни) способности,

тоа не само што не ги раздвојува, туку уште повеќе ги соединува.

Кога постои само телесна љубов, тогаш, на пример, кога жената ќе дознае дека нејзиниот животен сопатник погледнал некоја друга, фрла на него отров и го ослепува.

Од друга страна, ако постои чиста љубов меѓу нив, во истиов случај, таа страда уште повеќе заради него и гледа на некој начин повторно да го врати на прав пат.

Така ги посетува благодатта Божја.

Трпеливоста се придвижува со љубов.

За да бидеш трпелив кон другиот, треба да чувствуваш болка заради него.

А гледам како со трпението се спасува и семејството. Видов како ѕверови станаа јагниња. Со надеж во Бог сѐ се развива како што треба и на духовна полза. Еднаш, кога бев во манастирот во Стомија, видов во Коница една жена чиешто лице светеше. Беше мајка на пет деца.

Подоцна се сетив која е таа. Мажот ѝ беше столар и често работеше со мојот мајстор.

Но, кога купувачите би му кажеле само еден збор, на пример

„Мајстор Јанис, зар не би можеле ова да го направиме вака?“, тој се претвораше во ѕвер. „Ти мене ќе ме учиш?“, им кажуваше тој. Го кршеше алатот, го фрлаше, си заминуваше.

Ја оставаше работата, ги кршеше работите по туѓите куќи, а можеш да замислиш што правеше во својата куќа!

Таа жена, за која зборувам, беше жена на мајстор Јанис. Со тој човек не можеше да се помине еден единствен ден, а таа, сиротата, со години живееше со него.

Секој ден преживуваше мачеништво, но, таа со тоа се соочуваше со многу добрина и трпение. Бидејќи знев како е во нејзината куќа, кога ќе ја сретнев, ја прашував:

„Што прави мајстор Јанис? Има ли работа?“ „Е, некогаш има, а некогаш малку чека!“

„Како се снаоѓате?“

„Добро, отец!“, кажуваше таа. И тоа го кажуваше од срце. Не го земаше на срце тоа што тој го кршете алатот – а беше скап – ниту пак тоа што беше принудена, сиротата, да работи по туѓи куќи за да состават крај со крај.

Гледате ли со колку трпение и со колку добрина се носеше таа со тоа!

Воопшто не го осудуваше!

Заради тоа Бог ја обдари со благодат, така што лицето ѝ светеше. Ги подигна своите пет деца и тие станаа многу добри момчиња. Успеа и децата да ги задржи покрај себе.

Старец Пајсиј Светогорец

Source: https://pokajanie.mk/2023/11/01/894/

Share:

Example Admin User

Error facere repudiandae qui aut quia. Nihil incidunt at maiores earum voluptates saepe modi. Aut recusandae qui fuga quaerat iure. Doloremque praesentium inventore natus. Aspernatur doloremque iste voluptas placeat. Incidunt qui quia enim ducimus asperiores aliquam doloribus. Aut voluptatem voluptas earum ducimus neque laboriosam sint.

All author posts

Related Posts

Image Description
3 months ago

Постојат два вида искушенија...

 Постојат два вида искушенија...Свети Николај ЈапонскиПостојат два вида искушенија: првиот тип се искушенија кои доаѓаат одозгора; вториот е искушенијата одоздола. Светото писмо ни го кажува следново за искушенијата одозгора: „Топилницата е за сребро, печката – за злато, а срцата Господ ги испитува“...

Image Description
4 weeks ago

„Ако немаш старец да купиш“

 „Ако немаш старец да купиш“„Ми се чинеше чудно кога првпат слушнав од устата на Отец Симон „Ако немаш старец да купиш“.– Зошто го велиш тоа, Оче Симоне? Дали старецот е толку корисен? Зарем не гледаш дека по толку години те праќаат во старечки дом? го прашав.– Ах! Зарем не знаеш? Имаше еднаш еден г...

Image Description
4 years ago

Трол во пеколот

(анегдота) Редица во пеколот. Кај ѓаволот доаѓа еден маж. – Ајде, пофалете се, зошто сте овде? – прашува ѓаволот. – Поима немам. Практично, јас сум безгрешен! – Пиевте? – Само на празници. – Крадевте? – Не, па како е тоа можно? – Можеби… вршевте прељуба? – Генерално, јас сум верник, сите з...