СПОМЕН НА СВЕТИОТ АДАЛБЕРТ, ПРВИОТ АРХИЕПИСКОПОТ НА МАГДЕБУРГ, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 20 ЈУНИ
(910-981; латински: Adalbertus Magdeburgensis)
Свети Адалберт[1] е доселеник од Лотарингија,[2] кој во 953 година стапил во служба на Отон I,[3] идниот император на Римската империја. Во 958 година тој примил монаштво во Трир, а во 961 година бил ракоположен во епископски чин.
Во 959 година, руската кнегиња Олга испратила молба до Отон I, во која го моли да испрати епископ во Русија за проповед на христијанството. Во 961 година, Адалберт бил испратен во Киев, но поради негативното и непријателско расположение кон христијанството од Светослав, синот на Олга, епископот бил принуден да бега од Русија, а дел од неговите сопатници биле убиени.
Враќајќи се назад, во чешкиот град Либиц, свети Адалберт ја извршил Светата Тајна Миропомазание над младиот Војчех Славникович, давајќи му го своето име. Подоцна, Адалберт-Војчех станал маченик и светител.
Во периодот од 963-965 година, Адалберт служел при дворот на престолонаследникот Отон II, а во 966 година постанал игумен на Елзаскиот манастир[4] во Вајсенбург, каде што го напишал поголемиот дел од својот историски труд „Хрониките на Регинон“.
Во 968 година, Адалберт бил назначен за архиепископ на Магдебург. На таа функција, целосно се посветил во организирање на прочуената архиепископска школа, во која се школувале и Адалберт Прашки, Бруно Кверфуртски, Титмар Мерзебуршки и многу други.
Споменот на свети Адалберт, Православната Црква го празнува на 20 јуни според Јулијанскиот календар.
[1] Адалберт = светол, достоинствен.
[2] Лотарингија (Lorraina, Lothringen) е регион во североисточна Франција, чиј главен град е Мец.
[3] Отон I Велики (Otto I der Große; 912-973), бил херцог на Саксонија, крал на Источното Франечко кралство, император на Светата Римска империја и крал на Италија. Тој е син на Хенрих I, кралот на Германија, и Матилда Вестфалска. Во негово време Империјата го достигнала врвот на својата моќ.
[4] Елзас (Alsace, Elsass) е регион во североисточна Франција, кој граничи со Германија и Швајцарија, а главен град е Стразбург.
Source: https://blagovesti.wordpress.com/2022/11/28/%D1%81%D0%B2%D0%B5%D1%82%D0%B8-%D0%B0%D0%B4%D0%B0%D0%BB%D0%B1%D0%B5%D1%80%D1%82-%D0%B0%D1%80%D1%85%D0%B8%D0%B5%D0%BF%D0%B8%D1%81%D0%BA%D0%BE%D0%BF%D0%BE%D1%82-%D0%BD%D0%B0-%D0%BC%D0%B0%D0%B3%D0%B4/