СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ АКА, ЕПИСКОПОТ НА ХЕКСХЕМ, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 20 ОКТОМВРИ
(660-740; Acca of Hexham)
Светиот отец Ака,[1] епископот на Хексхем, роден е во Нортумбрија, во 660 година. Во почетокот на својот подвижнички живот, тој се подвизувал заедно со Босој, идниот епископ на Јорк, но во 678 година тој веќе бил во придружба на свети Вилфрид на сите негови патешествија. По враќањето на свети Вилфрид од Рим, во 692 година, свети Ака бил поставен за игумен на Хексхемскиот Свето-Андреевски манастир. По смртта на свети Вилфрид, во 709 година Ака станал наследник на епископската катедра во Хексхем.
Свети Ака бил учен и образован човек, кој бил близок пријател со прочуениот црковен историчар Беда Почитуваниот. Во своите хроники, Беда честопати ја фали богатата библиотека, која ја поседувал Ака и која ја користел при составувањето на своите дела. По смртта на свети Вилфрид, Ака презел иницијатива да се состави негово житие, па така историчарот Еди успеал да го напише и тоа. Освен тоа, Ака е иницијаторот и за повикување на искусни црковни псалти од континентална Европа, кои се погрижиле да ги обучат англиските монаси според Типикот на Православната Црква.
Во 732 година свети Ака заминал од епископската катедра во Хексхем. Во 740 година блажено го предал својот дух во рацете на Бога. Култот и почитта кон него, како кон светител, започнале веднаш по неговата смрт. Неговите мошти и денес почиваат во Хексхемскиот Свето-Андреевски манастир. Православната Црква неговиот спомен го празнува на 20 октомври според Јулијанскиот календар.
[1] Ака = светол, добар, бел. 5
Source: https://blagovesti.wordpress.com/2021/02/05/4699/