Старец Никон Светогорец

…Тоа е еден вид на милостина.Човекот не е само тело, има и душа и тело. Не постои само материјална милостина, телесна милостина. Но кога Христос вели, „блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани“, не мисли на парите кои ќе ги дадеш некому, и облеката и храната, не само тоа, не е само тоа милостина. Како тогаш многумина станаа свети, кои се подвизуваа во пештери и планини? Каква милостина даде Марија Египетска? Ќе ви кажам јас. – Молитва. Оваа духовна милостина, она што го направи семејството за апостолот Петар. И колку е повозвишена душата од телото, толку е повозвишена духовната милостина од материјалната. Зборуваш со некого, се крева тензија, се гневи, тогаш повлечи се, не му се давај на демонот на гневот, повлечи се, дури и да си во право, утре, задутре ќе му го кажеш твојот став, а сега повлечи се, направи една милостина, помилувај ја неговата душа. Од друга страна, имајте предвид колку е повозвишена душата од телото, толку и духовните гревови се потешки од телесните.

Да се молиме со доверба, со трпение и со упорност. Да знаете дека она што брзо го стекнуваме, брзо и го губиме. Она што го стекнуваме со труд, останува. Старечникот раскажува за авва Амон, дека се молел 14 години, да му ја одземе Бог страста на гневот. Многу се лутел. Четиринаесет години се молел! Не една недела, не еден месец или една година, туку цели четиринаесет години. Така да се молиме, со трпение и ќе останеме близу до Бога. Со молитвата ќе останеме близу до Бога. И како што се зближува тело со тело, и кога се зближуваат се зголемува топлината, срцето чука посилно, едното тело почнува да чувствува поголема љубов кон другото, се соединуваат и двете стануваат едно, истото се случува и со душата, така се соединува дух со дух. Колку што душата се приближува кон Бога, толку поголема радост чувствува, толку поголема среќа, што никој не може да ја опише, ако не ја доживеал. Затоа еден светител користи еден страшен збор за молитвата: општење (συνουσια), соединување на душата со Бога, стануваат една суштина душата и Бог. Затоа духовните гревови се толку тешки. Кога правиме нешто што го сака ѓаволот, тоа значи дека веќе сме се приближиле до него. Или, пак, како дух сме се приближиле до некој зол дух. И на крајот, знаете што правиме? Ова јасно го истакнува Светото Писмо. Еден пророк се молел, Бог да ги ослободи Израилците бидејќи паднале во ропство на непријателите. И Бог му вели: Ве казнив, затоа што згрешивте. А каков грев направиле? Блудствувале. Е како може цел народ да блудствува? Па се прилепиле за туѓи божества. Духовен блуд за еден христијанин е да чита хиндуистички книги, да чита будистички книги, за да најде во нив начини на спасение. Блудствува со ѓаволот. Неговата душа, неговиот дух се соединува со злиот дух. И овој духовен блуд е поголем од телесниот блуд. Многу телесни блудници се покајале и се спасиле. Но оние кои блудствуваат на таков духовен начин, знаете колку тешко се освестуваат за да разберат дека прават нешто лошо? Од љубопитство читајте и други книги, да видите во што и како веруваат, за да добиете знаење, но не за да најдете начини за спасение. Тешко на оној кој ја напушта Црквата за да оди во црквата на ѓаволот. Знае што остава и каде оди. За оние кои се родени хиндуисти и будисти Бог ќе најде начин и оправдување за да ги спаси, но за христијанинот кој вели „сакам да ме погребате без свештеник“ – нема спасение. Бидејќи тој знае што остава. За христининот кој вели „зен е патот на спасението“ – нема спасение. Бидејќи, единствениот пат кој го знаеме е Христос. Не е само Вистина, туку и Пат. Во животот имаме и вистина и пат.

Значи да научиме да се молиме. Со доверба и трпение. Бог нѐ слуша, Богородица нѐ слуша, светителите нѐ слушаат. На Света Гора има една чудотворна икона која се нарекува Богородица Брзопослушничка. Тој термин означува дека Богородица брзо нѐ услишува, а не дека ни е нам послушничка. Тебе ли ќе ти биде послушна? Што си ѝ ти, старец? Па и правило ли ќе ѝ дадеш? Кој си ти, тебе да те слуша? Да внимаваме што зборуваме. Значи, нѐ слуша брзо, ни помага брзо, сакаме и се радуваме што брзо нѐ услишува. Богородица не ни е послушна, ниту Бог, бидејќи често пати не знаеме што бараме. Опасно е за нас Богородица да ни биде Брза послушничка. А спасително е за нас да ја нарекуваме скора услишателка.

Бев надвор од државата, во еден голем град, и една гркинка, чиј што маж беше тешко болен од рак, и беше во болница, дозна дека сум таму, стапи во контакт со мене, и покрај големата болка, ми раскажа еден страшен настан. Да го бараме она што ни треба, бидејќи Христос тоа ни го дозволи, но и да го оставиме тоа во Негови раце, да го оставиме на Неговиот суд. Има еден манастир во Грција, не сум бил никогаш таму, не знам како е таму, а пред неколку години стана познат низ цела Грција, сите весници пишуваа за него, бидејќи се покажа нераспаднат еден монах, еден јеромонах отец Висарион. И жената ми вели, отец Висарион ми беше духовник, тој јеромонахот, и навистина беше свет човек. Често пати одев во манастирот, а таму имаше една икона на Пресвета Богородица чудотворна. И многумина се молеа таму на Пресвета Богородица. Добро е и ние да отидеме таму на поклонение. И еден ден – ми вели – што претрпев, колку пострадав, не можете да замислите. Гледам една жена клекната на колена пред Богородица како вели: Исцели ми го детето, исцели ми го детето. Немам друго дете, исцели ми го. Дете од 12 години имаше рак со метастази низ целото тело. А мајката клекната пред Богородица се молеше и се удираше. Исцели ми го детето, исцели ми го детето! Немам друго дете. Не успеа да се наживее. 12 години има детето, Богородице, ништо нема видено. Те преколнувам да ми го исцелиш детето. А јас плачев постојано од солзите на таа мајка. Но го гледам отец Висарион како ја ниша главата, некако незадоволен и загрижен. Помина некое време, години, па по 8 години или 9, – не се сеќавам колку ми кажа жената, –  повторно отидов кај духовникот, кај отец Висарион, во манастирот Агатонос, и тој држеше еден весник во рацете. И ми вели: Се сеќаваш ли на чудото што го направи Богородица за едно семејство? Се случи чудо, ракот кој беше раширен низ целото тело, исчезна потполно. Се сеќаваш на таа жена? Па зар би можела да ја заборавам, му реков. Ќе ја паметам додека сум жива. Да, вели отец Висарион, прочитај во весникот. Момчето кое тогаш имало 20-21 година, се запознало со некоја девојка 16-17 годишна, па нешто не им одело добро, па тоа земало еден пиштол, па ја убило девојката, својот татко, и својата мајка која толку плачела и се молела за тоа да оздрави, и на крајот се самоубило. Зарем не ќе беше подобро тоа дете да умре на 12 години? Дали е добро Богородица секогаш брзо да нѐ слуша? Каде е сега тоа дете? Каде се сега тие родители? Внимавајте, не велам да не се молите за оздравување на вашите деца, или, дека, ако се исцели вашето дете дека потоа ќе ве убие. Друго сакам да ви кажам, не знаеме што е наш интерес за да го бараме тоа од Бога. Да бидеме настојчиви, упорни, да се молиме со трпение. Христос тоа ни го кажа во Евангелието, со примерот на жената која постојано тропала и барала милостина, и најпосле домаќинот рекол, аман, дајте ѝ милостина и нека престане да тропа. Треба да бидеме упорни во молитвата, но како што кажав на почетокот, пример да ни биде Христос, да се молиме како Христос. И Христос клекнуваше, течеше крв и пот, земи ја од мене оваа чаша, не сакам да ја пијам. Тоа е една молба. Да му кажуваме на Бог што сакаме, но не како јас што сакам, туку како Ти што сакаш. Бидејќи не знаеме дали е секогаш добро она што го бараме. Ние го гледаме како добро, но дали е секогаш добро? Ќе заврши ли добро? Гледаме едно девојче, сакаме да се ожениме, да се помолиме, Господи, покажи ми дали е добра девојка, Богородице, помогни ми да создадам семејство со оваа девојка, ми се чини дека е добра девојка. Но, да додадеме, „ако е по Твоја волја“. Добра е оваа девојка, побожна е и добра, помогни ми да создадам семејство со неа, но да додадеме „ако е по Твоја волја, ако е тоа за мое добро“. Мене ми се чини добра, но што ако по неколку години ме убие на спиење? Не би било ли подобро да не се женам? Слеп ли сум бил кога сум се женел? Да се молиме, но да имаме и доверба во Бога. Не можеме да се сакаме себеси толку, колку што нас нѐ љуби Бог и Богородица. Колку и да се љубиме себеси или другите. Живееме и умираме за себе, а Христос ја пролеа Својата крв за нас. Можно ли е Он да допушти нешто лошо за нас? Не знаеме што нѐ чека утре, но знаеме кој е Тој кој ќе ни го донесе утрото. Затоа, Боже мој, помогни ми, да успеам во оваа работа, добра работа е, испити, натпревари – помогни ми да успеам, но ако е по Твоја волја. Не знаеме што ќе се случи по пет години во таа работа, и ќе велиме, подобро да не се најдев тука. Затоа вели Светото Писмо: Постојат патишта кои изгледаат убави, а на крајот те очекува смрт. Подобро да не тргнеш по нив. Тоа се едноставни работи. Затоа добро е да си спомнуваме на ова.

Значи, рековме: 1. Благодарност; 2. Исповед; 3. Молби со доверба и упорност, бидејќи сѐ уште не сме научиле како да се молиме. И не само што не знаеме што зборуваме, туку и погрешно се молиме, Самиот Господ ни вели: „Барате и не добивате, зашто зло барате“ (Јаков 4, 3). Не добивате, зашто не се молите правилно. Молитвата може да биде и грешна, зарем ќе дојдеме до тој степен да грешиме со молитвата? Да, се случува и тоа. Самиот Христос тоа ни го кажува: Фарисејот, зарем не се молеше? Од неговата молитва се огреши. Не беше добродетелен? Добродетели имаше, го запазуваше законот, даваше милостина, и од толку добродетели му никнаа рогови. Бидејќи и ѓаволот си има добродетели. Ти благодарам, Боже мој. Правам добрини, помагам на луѓе, ваму, таму – еве ти гордост. Не ги осудуваше фарисејот тие што не ги гледа, ама го осуди оној што беше до него со наведната глава. А што велеше другиот? „Господи, прости ми мене грешниот“. И не ја подигаше својата глава. Едниот се огреши преку молитвата,а другиот се спаси преку молитвата. Затоа велиме, да внимаваме на овие нешта и да се молиме правилно, бидејќи ѓаволот гледа сѐ да оскверни, се труди да не направиме ништо добро. И кога ќе направиме нешто добро, гледа да нѐ извалка, да не излезе добро. И да не се збунуваме, Самиот Христос рече: „Кога се молите, не говорете многу“ (Мат. 6,7). Отците велат, малкуте зборови го испратија митникот во рајот, беше спасен. Два збора кажа разбојникот на Крстот, и отиде во рајот. „Многуте зборови се сиромаштија“ – нели и ние така велиме. Затоа отците внимаваа на нешто, дека не постои име како името на Христос. Тоа е јасно во Светото Писмо. Со името Христово прогонуваа бесови (Марко 16,17). „Во името на Исуса да ги преклони колената на сè што е небесно, земно и подземно“ (Филип. 2,10). И луѓето и ангелите и демоните ќе паднат на колена пред името на Христос. Не нѐ спасува тоа што веруваме во Бог. Што значи тоа да веруваш во Бог? Па сите веруваат. Нема да нѐ спаси верата во Бог, туку ќе нѐ спаси верата дека Христос е Бог. Христос е Бог, тоа нѐ спасува. Затоа велиме, „со Твоето име се именуваме, и друг бог не познаваме“. Не знаеме друг бог. Го знаеме само нашиот Бог Исус Христос, ниту еден друг. За ова отците имаат кажано нешто убаво: Кога Давид излезе да се бори со Голијат, му дадоа оружја, меч, штит, а тој бидејќи беше малечок, не можеше да се движи со сето тоа. „Не можам да се борам со ова“. Извадил сѐ и го фрлил настрана. И зеде пет камења од пред себе и уште со првиот го усмрти Голијата. И отците се сетија на нешто што го има кажано апостолот: „Подобро да кажам пет разбирливи зборови“ (1.Кор. 14,19), и отците велат, е ова се тие пет зборови, ова се тие пет камења кои ги зеде Давид. Можеби апостолот Павле не зборуваше за ова буквално, но држи место. Тоа се: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“. Ова се петте зборови. Го нарекуваш Исуса Господ. Она што ѓаволот го убедува целиот свет да не го прави. Го љубиш Христа? Љуби Го. Му се восхитуваш? Восхитувај се. Го почитуваш? Почитувај Го. Како еден голем мислител, философ, поет, но не како Господ. Кога се одржуваа меѓуверски собори, ни велеа да не го кажуваме името на Христос, за да не се соблазнеле другите. Колку трепери ѓаволот од тоа име? Од тоа се плаши, со тоа ќе го победиме. Од тоа се плаши? Со тоа ќе го удираме. Зошто е страшна оваа молитва, реков, затоа што го нарекуваш Христа – Господ, и потоа велиш „помилуј ме“. Значи, се смируваш (понижуваш). Кој бара милостина? Просјакот. Си станал просјак, си се смирил? Си го победил ѓаволот. Смирението е негова спротивност. Тој зошто стана ѓавол? Не направи блуд, нема тело за да блудствува, не уби никого, па и кого да убие? Но поради неговата гордост отпадна од престолот на Севишниот, со последиците кои следеа. И сега, за да ни покаже Христос, спротивниот пат кој треба да го следиме за да се спасиме, го затвори небото, и Самиот слезе и се смири и стана човек, за да ни покаже како и ние со смирението да стигнеме до Бога. Затоа еден отец вели, „смирението е одежда на божеството, облеката која ја носи Бог“. Господи Исусе Христе, помилуј ме; Господи Исусе Христе, помилуј ме – се смируваш. Затоа ѓаволот ќе те остави да ги правиш сите добрини, дури и ќе ти помогне, но никогаш нема да те остави да правиш две нешта. Сакаш да правиш милостина? Ќе ти помогне тој. Сакаш да градиш цркви? Тој ќе ти помогне. Не е лошо да даваш милостина и да градиш цркви, но тој ќе ти помогне. Зошто? Сакаш да постиш? Не што не ти забранува, туку и ти помага. Зошто? Затоа што знае дека правејќи го сето тоа, може да паднеш во гордост. Ете постам, правам милостина, имам девство – но зарем и ѓаволот не е девствен? Не само што ѓаволот не ти пречи да го правиш сето тоа, туку и ти помага, за потоа да те фрли во гордост. Затоа никогаш нема да те остави да направиш две нешта: Да велиш, „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, и да одиш да се исповедаш, бидејќи и од обете се раѓа смирението. Затоа не можеме да се спасуваме надвор од Црквата, надвор од животот на Црквата, надвор од таинствата на Црквата. Започни и оди да се исповедаш. Уште пред да ги исповедаш гревовите, уште пред да ти прочита свештеникот разрешителна молитва, веќе си му ги пресекол нозете на ѓаволот. Овој чекор покажува дека сакаш да бидеш со Христос, а не со ѓаволот. Со прости нешта ќе одиме во рајот. Со прости нешта ќе одиме во пеколот. Сакаме да се спасиме, да го покажеме тоа на дело. Да бидеме послушни на она што го вели Црквата. Знаете што вели Светото Писмо, кога зборува за малиот Христос? ѝ беше послушен. Размислете малку. Бог беше послушен. Христос кога беше мало дете беше послушен на неговата мајка и на Јосиф, неговиот татко според законот. Послушен на Богородица и на Јосиф. Бог беше послушен на човек, а ние не можеме да бидеме? Не можеме да бидеме послушни на она што го вели Црквата? Да одиме да се исповедаме? Зошто тогаш чекаме да нѐ спаси? Не знаеме ли дека Бог на смирените им дава благодат, а на горделивите им се противи? Ако го имаш Бога за противник, кој друг би те спасил? Да не ги мешаме работите. Сѐ е едноставно, едноставно рече и Христос, дека едноставен е животот христијански затоа и лесно е нашето спасение. Само нашиот егоизам и нашата гордост од нашиот живот прават немирно море. Смао од нив страдаме, од ништо друго.

(Продолжува…)

За молитвата – I дел

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев