ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБЕН ЈОАНИКИЈ РАКОТИНСКИ

Example Super-Admin User · 3 years ago

    25 minutes, 0 seconds


Joanikij.Rakotinski.za.Premin2

ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБЕН ЈОАНИКИЈ РАКОТИНСКИ

Чуден е патот на Божјите угодници и кога ќе сака Бог, тогаш и ги прославува

    Чуден е патот на Божјите угодници и кога ќе сака Бог, тогаш и ги прославува. Сè е по волјата Божја, важно е ние да Го следиме, т.е. да соработуваме, да учествуваме во големиот план Божји, а Тој ќе го поведе нашиот живот каде што сака или поточно каде што е потребно за наше спасение и спасението на другите. Така и со овој наш новоoбјавен светител, преподобниот Јоаникиј Ракотински, скромен, мирен, посветен на својата работа. Бог направил да не биде скриен од сите нас и да ни го објави неговиот свет живот за наша поука и надоградување во духовниот живот во Христос.
    Животот на преподобниот отец наш Јоаникиј е во току скриен, а истовремено и во толку објавен. За овој свет преподобен Отец, до скоро никој не знаеше и не се знаеше ништо особено, освен некои оскудни лични податоаци за неговиот животен пат. На чудесен начин, преку објавување на неговите нетрулежни мошти од површината на земјата, ни го објави и овој свет човек и нашиот интерес за него. На подвижниците не им е потребна славата, но Бог промислува за секого, а особено за нас слабите и неутврдени во верата на кои им требаат светилници и чуда и да ги приведува, води и да им го осветлува патот Божји.
    Во текот на неколкугодишното истражување за животот на Божјиот угодник, се најдоа квалитетни податоци, но најголемото откритие е негова лична автобиографија, составена како одговор на едно барање од 1930 г. од тогашното српско црковно управителство во Скопје. Сите свештенослужители од скопскиот округ биле должни да направат своја, како и биографија на знаменити личности од нивните парохии, така и о. Јоаникиј ја напишал неговата кратка биографија, за нас, многу значајна.
    Автобиографијата е пронајдена во селскиот храм Успение на Пресвета Богородица во с. Ракотинци, каде што до 1986 година лежело неговото нераспаднато тело. Иако многумина претходно ја посетувале оваа црква и истражувале за него, едноставно, како самиот Светија да сакал токму сега да го обелодени својот живот.
    Текстот е напишан во с. Ракотинци на 6/19 март 1930 година и потпишан од „о. Јоаникиј, Смирениот и грешен Старешина на Ракотинскиот Манастир“.

Joanikij.Rakotinski.za.Premin1
    Од биографијата ги црпиме најважните податоци за неговиот живот, световните и црковните околности во времето во кое живеел и детални описи за страданијата што ги претрпувал.

Телесно рождение му е Охрид - словенскиот Ерусалим
    Роден е на 7/20 јануари 1847 година, во Охрид, од благочестиви православни родители Ѓорѓи и Софија Чешмиџиеви. Како што е пракса во нашиот народ, денот да си го носи името на детето, така и тој, бидејќи бил роден на денот на Претечата Господов Јован, на крштавањето го добил името Јован.
     Основно образование завршил во неговиот роден Охрид, а не се знае дали посетувал и повисоки школи и каде, но со оглед на тоа дека бил учител во с. Ракотинци и „најучен во околијата“ се претпоставува дека поседувал и повисоко образование.
    Паралелно со неговото световно образование, неговите родители се грижеле и за неговата духовна наобразба. За зачувувањето на образот да е чист и просветлен. Светото писмо и житијата на светиите биле редовно негово четиво. Преку нив се просветлувал, а редовните богослужби и литургијата му биле духовната храна. Од мали години се навикнал на смирение, кростост, послушание и молитва и тоа ќе допринесе, подоцна да го избере монашкиот живот и да се откаже од светот, да го зеде својот крст и да Го следи Христос.

Животот во Скопје и изборот на монашкиот живот
   Во 1860 г., семејството Чешмеџиеви се преселуваат во Скопје, а младиот Јован почнал да го изучува часовничкиот занает кај својот постар брат Ставре. Откако доволно го совладал, во 1863 г., заминува во Врање и отвара самостојна часовничарска работилница и таму работел две години. Потоа пак се вратил кај својот брат во Скопје и тука останал до 1873 година.
    Меѓутоа, нешто недостасувало во неговиот живот. Во светот имал сè, но во срцето чувствувал празнина. Како во Охрид често доаѓале монаси на поклонение, така од таквите негови средби со некои монаси од манастирот на Св. Пантелејмон во скопското село Нерези, а посебно кога се преселил да живее во Скопје, допринеле кај младиот Јован да се разгори пламенот за монашкиот живот и да замине во нивното братство. Во овој манастир, каде во тоа време имало големо монашко братство, тој поминува две години како искушеник. Токму на денот на светиот преподобен Антониј Велики, од страна на неговиот духовник и старец на манастирот о. Антониј Венијамов, бил замошаен со монашко име Јоаникиј. Во манастирот на св. Пантелејмон, о. Јоаникиј монахува две години.  
    После тоа, отец Јоаникиј бил преместен во манастирот св. Илија на Скопска Црна Гора во селото Бањани, со надеж дека тука и ќе остане до крајот на неговиот живот. Меѓутоа, и овде не останал долго затоа што бил спречен од една разбојничка банда арнаути кои го нападнале манастирот сакајки да го ограбат. Монасите, заедно со семејните, храбро се спротивставиле и успеале да се одбранат. Следното утро, о. Јоаникиј отишол во Скопје и повеќе не смеел да се враќа. Останал кај неговите родени браќа и сестри, за потоа, по Божја промисла, да се сретне со игуменот на Марковиот манастир каде што бил причеслен за еден од братството во манастирот.
    Тоа било на 25 октомври/7 ноември (нов стил), ден пред храмовиот празник на Марковиот манастир. На таа средба, о. Теофил, како игумен на манастирот, го поканил о. Јоаникиј да дојде за славата  и да им помогне. Подоцна о. Теофил му понудил и ќелија во манастирот и да им се приклучи на нивното братство. Како млад монах, кого околностите го принудиле да живее во град, се чувствувал како риба на суво без манастир и затоа веднаш, без двоумење, ја прифатил неговата понуда.

Joanikij.Rakotinski.za.Premin3

Наредните три години, отецот Јоаникиј ги поминува во манастирот Св. Димитриј (Марков манастир) каде што најревносно и посветено му служел на Бога и братството.

Образец на бестрастие и пример за другите
    Со смирение, трпение и кротост ја примал сета борба со страстите и демоните кои стојат зад нив. Послушен на својот духовен отец и смирен пред браќата. Преподобен Јоаникиј бил кроток, смирен, тих и љубовен кон сите.

Joanikij.Rakotinski.za.Premin4

    Молитвата била непрестајно на неговите усни и со неговиот ум и срце секогаш бил со Бога. Не ги оставал и читањето на Светото писмо и светите отци. На Богослужба бил редовен и никогаш не ги изоставувал и редовните манастирски служби. Смирен и исполнет со љубовта кон Бога и браќата, набргу постанал пример од кого се поучувале и другите. Исполнет со Божествената благодат, зрачел и ги поттикнувал своите браќа во подвигот. Со прекуморните подвизи го уморувал своето тело и ги победувал страстите во себе, така, во оној период од животот, кога обично страстите горат во младиот човек, христољубивиот Јоаникиј веќе бил образец на бестрастие.
    Бидејки бил учен и вешт во краснописот, добил послушние да преведува и препишува книги, а и самиот се занимавал со пишување. Од тој период е и неговиот прекрасен препис на Богородичниот акатист од 1874 година, кој денес се чува во Заводот за Заштита на Споменици на Културата и Народен Музеј во Охрид.

Повторно искушение
    Меѓутоа, лукавиот и упорен злонамерник, сатаната, и овде не го оставил на мир. Една јунска топла ноќ, во 1875 година, кога игуменот Теофил заминал во неговиот, многу добро познат, дебарски крај да бара милостиња за манастирот, бил нападнат од некојси одметник од турската војска, Саид. Мислејки за него дека тој е игуменот, жестоко го малтретирал, дури и му се заканувал дека ќе го убие, ако не му ги даде сите пари. Некако о. Јоаникиј успеал со смирение и мудрост да го убеди разбојникот дека тој не е игуменот и дека тој, всушност, нема никакви пари и да го пушти. Разбојникот повремено разбрал и заминал, но му се заканил дека утредента пак ке дојде по парите. За да го избегне конфликтот, следното утро о. Јоаникиј заминал за Скопје кај неговиот брат Ставре. Таму останал неполн еден месец, не намалувајќи го својот подвиг и молитвено правило како да е во манастир. Останал се до празникот на светите апостоли Петар и Павле.

Ракотинскиот пастир и учител
    Во пресрет на празникот на првоврховните апостоли, кметот на селото Ракотинци, Трпе Петров, го повикал да дојде и да прислужува за време на светата Литургија, на што тој се согласил. По завршувањето на светата Литургија, вообичаено тие се собирале кај едни разрушени ѕидови за кои, според преданието, се знаело дека се од некој стар манастир посветен на св. пророк Илија . Тогаш му ја соопштиле намерата дека сакаат и се спремни да го задржат во селото како нивен духовен водач и учител на нивните деца.
    Најпрво, преподобниот отец се противел и колебал да ја прифати нивната понуда, затоа што на монахот му прилега да живее осаменички живот во манастир, а не во село со луѓе. Но, гледајки ги нивните упорни настојувања и молби, му се смилило срцето и ги засакал. Бидејќи во тој период тој и така немал манастир, туку живеел во град, прифатил да живее во Ракотинци со тоа што се заложил заедно со селаните да изградат една одделна куќичка за него, која подоцна би била како дел од манастирскиот комплекс што биле во намера да го обноват. Така, тие изградиле потполно нова куќа на два дела. Долу била шталата за коњот, а горе имало две простории. Едната служела како негова ќелија, а другата како школо за дечињата.
    Селаните на с. Ракотинци малку знаеле за овој смирен и богопросветлен отец. Но, набргу и самите се увериле за каков човек и свет отец се работи и уште толку биле убедени и цврсто решени засекогаш да го задржат. Отец Јоаникиј бил благ и приемчив кон секого, гостољубив, секогаш смирен и тивок. Ноговиот збор ги милувал душите и им давал утеха на присутните и тие со пријатност го слушале. Заради тоа, тие се собрале и побарале од надлежниот егзархиски Скопски Митрополит, Неговото Високо Преосвештенство г. Кирил, да го ракопложи за јеромонах и да им го постави како парохиски свештеник и учител во селото. Овие нивни молби наишле на добар прием кај Митрополитот Кирил, кој и самиот упорно работел за напредокот на духовниот живот и просветителство во неговата Епархија и го прифатил нивното барање.
    На 13/26 јули 1875 година, на денот на св. архангел Гаврил, о. Јоаникиј бил ракопложен за јероѓакон, а набргу потоа, на 26 јули/2 август, на денот на храмовиот празник, св. пр. Илија, истата година, го ракоположиле за јеромонах.
    Наскоро, за него, се слушнало и наоколу и мнозина сакале да дојдат и да го видат, да им прочита молитва и духовно да се напојат од неговото слово исполнето со благодатта на Светиот Дух кое како од жив извор извирало од неговото срце.

Расудлив градител
    Прифаќајги го овој подвиг како послушание и благословен крст даден од Бога, тој уште во истата 1875 година, започнал со обновата на манастирот, кој во турско време бил повеќепати разурнуван и срушен до темели. Останале само неколку разрушени ѕидови кои сведочеле за неговото постоење. Како што Светото писмо вели дека каде се двајца или тројца, собрани во името Господово, таму е и Човекољубивиот Бог помеѓу нив, така било и со о. Јоаникиј и Ракотинци. Бог го благословил нивното дело и обновата на манастирот и резултатот бил воочлив. Работите напредувале многу добро и сите биле исполнети со ентузијазам и радост. Но, ѓаволот, завидливецот на човечкото добро, е секогаш тука да го попречува или растури секое добро дело. Така и во овој случај, им внушил помисли на завист и страв кај турската власт, од тоа што рисјаните се собираат, здружуваат и заедно напредуваат. Заради тоа, им наредиле да престанат со градбата. Селаните се возбудиле и бунтувале за оваа одлука, но Богопросветлениот духовник размислил дека не е разумно да ги предизвикува дополнително и да го навлечат нивниот гнев, со што би предизвикал нови неволји и зла во селото, па ги советувал да се смират и да ги послушат. Така, за некое време градбата била прекината, а тој заминува, накратко, за Света Гора. Од истата причина, тој четири пати се враќал на делото на обновување на манастирот, повремено заминувајќи на Света Гора, сè додека не се смират страстите. Од таму и ги завршил сите потребни црковни книги за потребите на манастирот.
 
Joanikij.Rakotinski.za.Premin5
Во Бога се надеваме, што може да ни направи човек?
     Во една прилика кога бил испитуван и запрашан да каже за себе кој е тој, тој смирено им одговорил: „Јас сум православен христијанин и по милоста Божја, домаќин на овој манастир и надвор од него ништо друго не ме засега!” Оваа негова расудливост, кротост и смирение, се исплатила, па го намалил гневот кај турците.
    За да се промени сета ситуција на подобро и Самиот Бог посредувал преку Својата промислителна премудрост. Во тоа време, жената на Велијата страдала од некоја болест на ушите и никој не можел да и помогне. На крајот ја довеле и кај о. Јоаникиј, и по неговите молитви, болеста исчезнала.
    По овие настани, непријателското настроение на Турците кон него и селаните се ублажило и престанале да им пречат во обновата на манастирот. И не само тоа, туку веќе тој ја стекнал довербата и симпатиите кај нив, па бил чествуван и доаѓале и самите за совет кај него. А и тој самиот се потрудил да го научи турскиот јазик за полесна комуникација. Работите повторно непредувале во слава Божја и ова богоугодно дело, по три години било завршено. Ракотинскиот манастир на свети Илија повторно се подигнал.

Градител, економ, администратор и добротвор
     Светиот отец се заложил да ја комплетира работата и храмот да го украси со икони и фрески, за што ги ангажирал, тогаш познатите зографи, Петар и Наце Николови од Велес. Храмо,т по четиригодишен труд и сите искушенија, комплетно бил завршен на самиот ден на манастирската слава на светиот пророк Илија 1879 година, а бил осветен наредната 1880 година, од тогашниот егзархиски Скопски Митрополит Теодосиј (Гологанов). Joanikij.Rakotinski.za.Premin6


    На самиот влез на манастирскиот храм бил поставен и ктиторски натпис за спомен:
    „ Во имя отца и сина и сувятаго д(оу ) ха аминъ . Сей с ( вя ) тий храмъ во имя святаго сла ( внаго ) пророка Илия . обновихъ смиренний азъ Іоанникий іеромонахъ г. Чешмеджіевъ род . Изъ г. Ох ридъ во 1875 лѣ . совершися во 1879 лѣ . 19. Їоулia . иждивеніемъ общимъ православнымъ хр (и) ст (и) аномъ. зографы Петре и Наце Николови изъ гр . Велесъ " .

    Паралелно со црквата, нешто подоцна се изградени и конаци и со упорноста и ревноста на човек со цврста вера и јасна визија, каков што бил о. Јоаникиј, ова Богоугодно дело, во Слава Божја, се завршило.
    Покрај тоа што бил просветлен духовен лидер, отецот се покажал и како одличен економ и огранизатор во градежните работи. Преподобениот Јоаникиј Ракотински, бил и грижлив во административните работи, во водењето на манастирските книги и кореспонденции, грижејќи се притоа и за основната матична документација на селото. Исто така, она што е длабоко всадено во нас, родољубивото чувство, а посебно кај македонскиот народ кој имал посебен предизвик да ја докаже својата посебност, тој посветил дел од своето време и борба на нашата самобитност, правејќи во својот манастир збирка на народни носии од тој крај.
   И како што квачката ги собира своите пилиња околу себе, па ги стоплува и храни, така и тој никогаш не ги заборавал потребите на своите селани и нивните проблеми и грижи. Се грижел и за нивните материјални потреби олеснувајќи им барем малку во тешкотиите на секојдневниот живот. Сè што имал свое, односно на манастирот, го делел со нив. Ги отстапувал на користење манастирските ниви на најсиромашните семејства, ублажувајќи им го бремето на бедата која ја чувствувале. Во меѓувреме, изградил и воденица, што работела со силата на еден коњ. Со неа се ползувале и жителите од сите околни села, бидејќи била единствена во тој крај. На тој начин, милосрдниот старец придонесувал, не само за опстојувањето на манастирот, туку и на целата ракотинска област .

Духовен отец
     Заради сето тоа, во 1877 година, на духовната грижа на отец Јоаникиј му биле доверени уште две селски парохии: Сопиште и Усје. Новите духовни должности дошле во многу тешко време за православното македонско население, по избувнувањето на Руско - турската војна. Православните христијани биле подложувани на страшни притисоци, измачувања, прогони и убиства. Во 1881 година, црковната општина  го назначила преподобниот за старешина и на Марковиот манастир.

Joanikij.Rakotinski.za.Premin7
     Како што стои во светото Евангелие, „каде што е трупот, таму се собираат и орлите“ (Матеј 24, 28). Исто дека за некои ќе бидеме „животворен мирис за живот” (2 Кор. 2, 16) што ќе ги привлекува луѓето и ќе ги приведува кон спасение. Така и околу нашиот свет отец Јоаникиј почнале да се собираат оние кои храбро избрале да се откажат од светот, да се борат со паднатите ангели на поднебесието и како орли духовно да се вивнат во небесните височини. Под негово духовно раководство се подвизувале во смиреномудро послушание и аскетско-исихастичкиот подвиг неколку искушеници. Па, како старешина на два манастира и парохиски свештеник на неколку села, отец Јоаникиј почувствувал потреба од помошник во духовното дело. Затоа од црковната општина побарал благослов да го замонаши својот послушник Блажо, кој веќе имал стекнато извесно искуство во подвижничкиот живот, а кој што, некое време, престојувал и на Света Гора. Така, најпрво, во 1882 година го потстрижал во монашки чин искушеникот Блажо, давајќи му го името Макариј, што и во превод значи неговото име. Набргу потоа, отец Макариј бил назначен за старешина на Марковиот манастир, а преподобниот Јоаникиј се вратил во својата обител во Ракотинци.
     Потоа бил замонашен и Спасо, кој во монаштвото го добил името Софрониј. Бил од Ракотинци и останал да служи во манастирот заедно со отецот. Со о.Софрониј тој редовно го служел целиот литургиски богослужбен циклус и покрај многуте грижи и обврски околу полските работи на манастирскиот имот за кои повторно се грижеле заедно. Извесен е и монах Антониј за кого не се знае многу.
    Позната е и монахиња Февронија, мајка на скопски свештеник, која била под духовно раководство и послушание на о. Јоаникиј, а служела во еден од женските скопски манастири.
     Покрај своите најблиски духовни чеда, преподобниот отец имал уште многу духовни чеда, свештеници, монаси и обични мирјани кој што духовно ги раководел на патот Божји.

Воспитувач на младината
     Преподобен Јоаникиј во 1896 година основал и училиште во манастирот каде што и интелектуално ги образувал децата од селото, а самиот тој им бил учител, во кое отпрвин учеле само машки деца, а подоцна и девојчиња.
    Просветлениот отец Јоаникиј не ги учел децата само на светската наука, туку преку изучувањето на Светото писмо и Законот Божји поставувал здрав темел во срцата на децата. На тој начин правилно ги воспитувал и просветлувал нивните чисти и младешки души. Тие времиња кај нив оставиле длабок и неизбришлив печат на неговата благост и добросрдечност. До ден денес останал и споменот на неговата внимателност кон децата за кои секогаш имал при себе слатки и бомбончиња.

Лекар на душите и телата
    Како вистински пастир, преподобниот Отец, подеднакво се грижел и за нивното духовно и телесно здравје, лекувајки ги луѓето со лековити тревки и молитви. Своерачно во 1884 г. има напишано и една книга „Лекаруша“ која денес се чува во црковната архива на Богословскиот факултет во Скопје.
    Бројни се исцеленијата што ги добиле селаните употребувајки ги неговите „тревки“, а исто така добиени и под неговиот епитрахил, како и преку елеопомазувањето.
    Набргу, Преподобниот се прочул во околината како лекар и сите штом имале некаков проблем доаѓале кај него за помош. Секоја таква пригода тој ја користел да им даде духовна поткрепа советувајќи ги да се чуваат од гревовите, кои се причина за телесните болести. Затоа Бог, честопати, допушта телото да падне во тешки болести, и тоа е знак за нашето отпадништво од Бога. Со покајание и исповед, скрушеност и смирено трпение на болките и со искрена молитва, повторно се присоединуваме кон Него, и на тој начин, си ја спасуваме и душата заедно со телото.
    Имал навика на оние кои пристапувале на молитва кај него, после прочитаната молитва да им ја припои нивната глава кон своите гради, и болниот се успокојувал во духот, а болката едноставно престанувала. Знаејки за чудотворната сила на неговиот благослов, и тие самите ја неведнувале нивната глава за да ја осени со крсниот знак преку кого сите нивни помисли, смутувања, духовни страданија заминувале, како и телесните болести.

Како пастир и лидер секогаш прв на удар
    Вековното турско ропство, згора на тоа новата војна, го правеле животот на македонското население да биде стресен и нестабилен. На македонецот му здосадило од вековното угнетување, па во последните времиња се почести биле комитските побуни, за што како пастир и лидер на населението, о. Јоаникиј секогаш бил прв на удар од турските власти. Така што, во тој период од 1900 до 1908 г., често бил вознемируван од турските војски и бил приведуван на распит.
    Искушенијата не престанувале и некако како да му се повторуваат преку целиот негов живот. Имено, се случило да бидат поставени двајца турски полјаци да го чуваат селото од разбојништво, но наместо тоа, тие самите почнале да вршат разбојништво. Го угнетувале населението и вршеле раздор помеѓу селаните. И не само тоа, тие посакале и да посегнат по смирениот и секогаш скромен отец Јоаникиј. Обземени од алчност, намислиле да го нападнат и убијат и да го ограбат манастирот, затоа што сметале дека таму тој криел големо богатство. Меѓутоа, исто како и со избраниот сад Божји св. ап. Павле, така и со нашиот избран сад, сепромислителниот Бог устроил тој нивни разговор да го слушне некој од селаните и да му го пренесе на старецот. Кроткиот старец решил таа нивна намера да ја разобличи и да го заштити селото од злонамерниците коишто биле поставени да ги чуваат, а не да вршат насилие врз народот. Со помош на епархиската управа издејствувал овие двајца злосторници да бидат отстранети и соодветно казнети од османлиските власти.  

Joanikij.Rakotinski.za.Premin8
    Со оваа постапка на преподобниот и одлуката на туските власти тие не биле задоволни. Како робови на гордоста и суетата, разобличени, не можеле да се смират и поправат. Кај нив се разгорела страста на гнев и злопамтие, па барале можнот да се осветат, па затоа ги поттикнале нивните роднини да се одмаздат за претпеното јавно разобличување. Тие постојано му правеле притисок на старецот и му се заканувале, но Бог повторно го заштитил и не дозволил ниедно влакно да му недостасува.

Joanikij.Rakotinski.za.Premin9

„Јас сум Православен и не се мешам во вашите работи!“
    Протерувањето на Османлиите од Македонија се случило по крајот на Балканските војни во 1913 година, кога според Букурешкиот договор, територијата на Македонија била поделена помеѓу Грција, Бугарија и Србија. Вардарскиот дел, во кој спаѓал Скопје и околијата заедно со с. Ракотинци, потпаднале под Српската управа.
    Притисокот од иноверното Турското ропство заминал, но и србите не подобро се однесувале кон населението и со особена злоба гледале кон нашето домородно духовништво и свештенство. Сакајќи да наметнат свое кое ќе работи во служба на кралот и државата, го потиснувале македонското и со недоверба се однесувале кон нив. Така и нашиот свет отец Јоаникиј, честопати бил психички малтретиран и распитуван, па морал да дава отчет за својата личност и дејност. Меѓутоа, преподобниот отец Јоаникиј и кон нив, како и кон Турците се држел достоинствено и секогаш со чиста и јасна мисла за неговата мисија одделувајки го „Божјото од царевото“(Матеј 22, 21; Марко 17, 12; Лука 20, 25), им одговарал: „Јас сум Православен и не се мешам во вашите работи!“ и на тој начин останувал заштитен.

Епископ по чин и Епископ по дела
    Отец Јоаникој бил низок, полничок во лицето, мил и благ човек со прекрасна душа и благодатен и смирувачки збор. Бил многу скромен и за сите негови шеесет и три години, колку што престојувал во манастирот, не барал никаква помош за себе, „освен ако затребало нешто за манастирот“.
    Како што е вообичаено, за неговите монашки подвизи не се знае многу, но по неговите плодови ќе го познаеме, зашто не може лошо дрво да дава добри плодови. За неговиот духовен раст укажува фактот дека му бил исповедник на тогашниот скопски митрополит Варнава, подоцнежен Патријарх српски, а Митрополитот Скопски Јосиф пак, за него ќе каже: „Јас сум Епископ по чин, а ти по дела“.
    Со таквиот подвиг, преподобниот ја достигнал мерата на светите отци на Православната Црква, коишто му даваат сила на паднатото човештво да не загине во непријателските мрежи и да ја загуби душата во пеколот.
   Joanikij.Rakotinski.za.Premin10

Усвојувајки ги дободетелите на послушание, пост, бдеење, молитва, смирение, трпение, трудољубивост, љубов, и кротост, срцето на преподобниот се исполнило со пламенот на божествената благодат и со умот се удостоил да ја види невештествената светлина. Заради неговиот добродетелен живот, ги добил и дарот на чудотворство, расудливост и прозорливост.
    На таквите подвижници, Бог им го просветлува умот за да ги спознаваат тајните Божји, да ги разобличат сатанските сметки и да ги водат луѓето на вистинскиот пат. Понекогаш, тоа им го открива преку нивното расудување, а понекогаш и натрприродно преку дарот на прозорливост. Преподобниот Јоаникиј никогаш не зборувал само од себе, туку секогаш ги советувал луѓето користејќи го познавањето на Светото писмо, преданието на светите отци, а понекогаш и дарот на прозорливост.
    Бидејки смирен и правичен, умеел правилно да расудува за нештата, затоа и луѓето го барале. Кога не можеле да се спогодат во нешто, се обраќале кон него. Тој ги сослушувал и им ја кажувал праведната пресуда. Секогаш го изобличувал лукавството и го осудувал порокот, а давал предност и поддршка на добродетелта. Одлучувал милостиво во судењето и еднакво судел и на бедниот и на богатиот. Бил вистински миротворец, кој и само со неговото присуство, со евангелскиот мир зрачел меѓу луѓето и тие го почитувале. „Во негово присуство не сме се карале, сме се сакале. И во нај лошото го чуваше народот.“– сведочат за него современиците.

Дедо Аџија
    Селаните го паметат по своите добри дела и остроумност. Бил најобразованиот човек во околијата и кај него за совет доѓале и од најодалечените села. Бил најомилен меѓу македонското христијанското население, но и турците многу го почитувале. Го нарекувале „дедо Аџија“ затоа се удостоил да појде на поклонение на гробот на Нашиот Спасител Исус Христос во Eрусалим.

    На секој христијанин најголема желба овде на земјата е да појде на поклонение во Израел и Ерусалим. Оваа негова желба Бог ја благословил да се исполни во летото Господово 1905-то и сите овие места тој лично ги посетил и се поклонил.
Посебно бил удостоен да присуствува на Велигденската воскресна Литургија, и со свои очи да го види слегувањето на благодатниот оган од небесата кој што секоја година на Велика Сабота се спушта и најпрво ги запалува свеќите на Патријархот, а потоа се палат и на сите присутни.
    Исто така, духовно се напоил и поткрепил од животот на светите личности на монасите и нивните строги подвизи по манастирите кои ги посетил во Светата земја. Се удостоил со себе, во својот манастир и земја, да понесе и неколку светињи, икони и други предмети.

Достоен!
    После толку години напорна работа и од сè срце вложен труд во пастирската, воспитна, образовна, градежна и административна работа во манастирот, на 31 јули/13 август 1913 бил удостоен да биде произведен во игумен.
    Како најдуховен со духовно искуство во борба со демоните и борбата за исчистувањето на срцето од страстите, на 16 март 1933 г. бил поставен за исповедник на целото свештенство во Скопското и качанското архиерејско намесништво. Меѓутоа, веќе во години изнемоштениот и духовно смирен старец, сметал дека не ќе може да го извршува тоа послушание, и побарал да биде разрешен од таа одговорност.
    Во јуни 1935 година, во својот манастир бил произведен во чин архимандрит.

„Таа е лично за мене, сам ќе си ја направам”.
    На праведниците најчесто Бог им го открива времето на нивната средба, т.е, преселување од овој привремен, во вечниот живот за да се поготват. Така и на св. Јоаникиј му било откриено времето на наговиот крај и за идните настани со неговото тело. Откако добил известување, го повикал о. Софрониј и му објавил: „Јас сум веќе стар и треба да си одам од овој свет. Затоа ќе ја направам оваа мала моја гробница, каде што ќе го положете моето тело, за и по мојата смрт, луѓето да се поучуваат од мене.“
И покрај својата, скоро стогодишна, возраст чудесно бил витален и сам си ја ископал гробницата, а кога селаните го молеле да му помогнат во копањето, тој возвраќал со зборовите: „Таа е лично за мене, сам ќе си ја направам”.

Joanikij.Rakotinski.za.Premin12
    Во манастирот поживеал 63 години до неговото блажено упокојување во Господа на 11/24 јануари 1940 на 93 годишна возраст.

Joanikij.Rakotinski.za.Premin11
Нема да допуштиш твојот светец да претрпи распаѓање...
    Според зборовите од Евангелието не може да се сокрие светило на врв на планина како и личноста на блаженоупокоениот Архимандрит Јоаникиј кој во својот подвижнички живот живеејќи скришно во својата тајна соба минувајќи ги трите степени од духовниот живот. Првиот, степенот на подвижничка борба над срцето и неговото очистување и ослободување од страстите. Потоа, вториот, степенот на просветление на умот каде што во веќе очистеното срце молитвено слегнува умот на подвижникот и таму се просветлува со просветлувачката благодат на Светиот Дух и третиот степен на обожувањето на целата личност каде, не само душата, туку и телото е просветлено и обожено и не може да види распаѓање.

Исполнување на пророштвото
    Така и со св. Јоаникиј Ракотински кого, отпосле неговото блажено упокојување во Господа, не можеше да го сокрие земјата и неговото свето тело целосно беше исфрлено надвор за слава на Бога. После 30-тина години од неговото упокојување, поточно во јануари 1953 година кога имало повлекување на земјиштето, неговите свети и нетлени (нераспадливи) мошти на чудесен начин биле исфрлени на површината и се исполниле неговите пророчки зборови дека неговото тело „нема долго да остане во земјата, туку ќе излезе надвор од неа, за поука на луѓето.“
    Целото тело, комплетно, му било сочувано и недопрено од распаѓање. Косата на неговата глава, брадата, па дури и веѓите и трепките стоеле такви од денот на негото погребение. Кожата на лицето и цело тело му била затегната и цврста. Селаните биле вчудоневидени. Заради почитта што ја имале кон него и збунети од настанот, решиле да не го погребуваат повторно во земја, па го положиле во една помошна барака при селскиот храм, посветена на Успение на Пресвета Богородица.
    Таму останале се до 1986 г., кога за парохиски свештеник бил назначен о. Богослов Димитриевски. Како млад и ревносен свештеник, тој се распрашал за светителот и се погрижил неговото тело да добие посоодветно место за покој. Иако бараката била полураспадната, без прозори, со разурнат покрив, телото подложно на сите атмосферски влијанија, сепак не претрпело никакво распаѓање. Туку, напротив, „лицето му било светло и жолто како восок, со блажена насмевка, „поубаво дури и од она на жив човек кога спие.“ И наместо непријатна ареа која излегувала од мртвите тела, од телото на светиот старец Јоаникиј се ширело благоухание, благопријатна миризба.
    Joanikij.Rakotinski.za.Premin13

    Парохискиот свештеник побожно и со сите почести му ги измил и помазал неговите свети мошти и и со страв од безбожничката комунистичка власт ги префрлил во друга гробница која се наоѓала во една од селските цркви.
    Подоцна, со благослов на неговото блаженство г.г. Михаил, неговото тело било преоблечено во нови одежди и било вратено во старата гробница, сега покриено со три камени плочи од кои на третата имало отвор преку кој можело да се види сочуваниот лик на преподобниот старец.
    Но, во ова трета по ред гробница, телото на светиот старец било оставено на невнимание и несоодветна грижа, така што изложено на надворешните временски промени почнало да се распаѓа. Можеби Бог така сакал, како што се случило и со нераспадливото тело на св. Нектариј Егински, така и со нашиот св. Јоаникиј, да се распадне за да може да се подели за благослов низ целиот свет.
    Во јуни 2001 г., јеромонах Фотиј од манастирот св. Никита од Бањани, сега игумен на Беровскиот манастир на Пресвета Богородица, со неколкумина верници го откопале, повторно го помазале со миро и го положиле во нов и заштитен гроб.
    Зa овие негови чудесни јавувања веќе се расчуло наоколу, па како во тоа време таму крстосувале повеќе илегални групи на трагачи на злато и антиквитети, надлежните црковни власти се исплашиле да не биде осквернет и испревртен и гробот на св. Јоаникиј и на 13 декември 2008 г., братството од Бигорскиот манастир го откопале телото и го пренеле во нивниот манастир. Таму детало ги измиле и исчистеле моштите од калта, ги помазале со вино и елеј и тие повторно ја добиле нивната килибарна жолта боја, која е карактеристична за луѓе кои воделе свет живот.

Сведоштва од Бигорскиот манастир
    Откако внимателно ги средиле како што треба, ги поставиле во посебен кивот, специјално направен за нив и ги положиле под трпезата во новоизградениот параклис посветен на Благовештение на Пресвета Богородица. Од нив повторно почнало да се чувствува и благоухание кое сите го чувствувале.
    Не изостанале и чудата кои се случиле под дејство на светителот. Првото чудо што се случило било со искушеникот М, денес монах П. Кај него се појавил израсток на устата и истиот бил хируршки отстранет. Меѓутоа, подоцна повторно почнал расте. Искушеникот пошол во параклисот и скрушено и со искрена молитва се помолил пред моштите на преподобниот и израстокот уште утрешниот ден исчезнал засекогаш.
    Еднаш манастирот го посетила една универзитетска професорка. Кога при претставувањето на манастирот влегле во параклисот на Благовештение, таа забележала нечие присуство. Тоа било толку силно, што неколкупати се свртела за да види кој друг е тука. После неколку пати забележала постар монах со молитвено наведната глава. Според нејзиниот опис, монахот бил св. Јоаникиј. Во

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost-2/zhitija/23947-zhitie-na-prepodoben-joanikij-rakotinski

Share:

Example Super-Admin User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Физиологија и анатомија на мажот и жената

(Извадок од беседа) Митрополит Николај Месогејски …Обично велиме, дека двајца луѓе се сакаат и дека треба да се земат, па дури и ако се од ист пол. Не! Целта е љубовта да даде единство. Ќе ви кажам што значи тоа. За да има единство, душевно и телесно, на душите и телата, п...

Image Description
3 years ago

Интернет надри-православие

Свети Јован Златоуст во IV век посакувал да има некакво средство со кое, целиот свет би можел да ги слуша неговите проповеди. Не за да се фали, туку сиот народ да чуе за Господ, за Евангелието на спасението. Во денешно време тоа е можно преку радио, телевизија, интернет и...

Image Description
3 years ago

Ретроспектива (2005-2020): „Силата на Крстот“ (3)

  Силата на КрстотВо 1956 година, Атанасиј Андреевич беше на гости кај моја блиска пријателка во Москва, каде што и јас бев повикана. Еднаш ми се приближи Атанасиј Андреевич, држејќи во раката голем сребрен крст, што се носи на телото, и рече:- Запамтете, овој крст е мој - и ми го стави на врат...