Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Исус постојано им говорел на Своите ученици дека маките и страданијата ќе бидат неминовни. Христос велел дека ако Него светот не Го прифаќа, и неговата наука не ја прифаќаат, тогаш и Неговите ученици нема да бидат прифатени во светот. Но, секако дека не смеат да се плашат затоа што Тој веќе го победил светот. Господ ги бодрел и храбрел Своите ученици да бидат навистина сведоци на Неговата наука, но да бидат и борци во искушенијата. Така и овој пат, читаме во Светото Евангелие, дека Христос се моли. Подигнувајќи ги своите очи кон небото вели: „Оче, дојде часот; прослави Го Својот Син, за да Те прослави и Синот Твој“ (Јован 17, 1).
Исус Христос Му се обраќа на Господа, но Му се обраќа како Син. Му говори дека Тој е Неговиот Отец. Исус Го сведочи Својот Небесен Отец во јавната молитва. Преку молитвата на Исуса Христа апостолите и сите луѓе последователно, веќе слушаат и поимаат дека нестворениот вечен Бог, е изворот на Светата Троица, Тој е началото и Почетокот, Тој е конкретен личносен Бог, Тој е Отец. Отец на Синот и извор на Светиот Дух. Но, преку Исуса Христа и сите луѓе ќе Му се обраќаат на Господа со името Отец. Бог е конкретна личност која постои вечно во конкретниот однос на Светата Троица. Бог Отецот вечно Го раѓа Синот, и вечно исходи Светиот Дух од Отецот. Синот вечно роден од Отецот, твори и создава, а Светиот Дух вечно исходувајќи од Отецот, содејствува во апсолутната заедница на вечноста, во Љубовта. Исус Христос преку оваа молитва го објавува односот помеѓу Него и Неговиот Отец. Исус не се обраќа на некаков вечен и непознат, безличен Бог, туку Му се обраќа конкретно на Својот Отец. Христос, обраќајќи Му се, вели: Оче Мој. Тоа е само Негов Отец. А сите луѓе Му се обраќаат на Господа како Оче Наш. Подигајќи ги Своите очи, Исус со синовско дерзновение, безгрешно и слободно го повикува Господа и го моли. Го моли со својата безгрешност. Вели, прослави Го Синот, за и Тој Тебе да Те прослави. Тука повторно ја поимаме меѓусебната единственост во Суштината Божја, во истоветноста Божја, и во ипостасниот меѓусебен однос. Меѓусебниот Троичен, совршен, љубовен однос, подразбира убавина, уважување, радост, снисходување, смирение… Какво прекрасно коегзистирање во Троичниот однос.
И ние луѓето би можеле барем да се трудиме да го подражаваме примерот Христов и да се почитуваме многу повеќе помеѓу себе. Доколку би биле ослободени од гревот, кога би биле совршени, тогаш би настапил принципот на љубовта во кој не постои формализам. Не постои суета, не постои предимство, не постои правило. Правилата се за несовршените созданија, а совршеноста ја подразбира единствено безграничната љубов, која потполно се подарува.
Исус Му Се моли на Својот Отец и Му вели дека е дојден часот да Го прослави Својот Син, за и Синот да Го прослави Отецот. Христос често го навестувал часот на страдањето. Најстрашниот час на ужасот. Последователно од Исусовата молитва, сфаќаме дека Синот Божји се отелотворува слободно, спремајќи се за овој страшен час. Овој страшен час е жртвата Божја. Оваа жртва е делото на бесконечната љубов. Каков парадокс за денешниот свет. Колку е денеска тешко, а и од секогаш било, да се жртвува некој за другиот кој му е непознат, поточно за некој странец. Денес и за тие кои навидум ги сакаме, тешко се жртвуваме. Оваа Божја жртва има искупителна моќ. Луѓето ќе бидат спасени.
Ние луѓето често апелираме за исполнувањето на некаков универзален морал кој подразбира во себе некакви сублимирани закони на општото однесување на секаде во разните култури. Законските одредби се втемелени во земните принципи на взаемен интерес. Но, интересот не е никаква мерка за совршеност. Жртвата за другиот е најсовршениот морал. Жртвата е дело на љубовта. Бесконечниот Бог се подготвува да се жртвува за целото човештво, но без интерес, единствено поради љубовта. Навистина, луѓе Божји, ова е несфатливо за човештвото. Човекот во својот живот е насочен кон себељубие и тој станува самодоволна индивидуа која нема потреба за личносен однос со светот. Навистина е претажно кога сфаќаме колку многу Синот Божји нè возљубил, а колку, пак, ние луѓето воопшто не ја поимаме Божјата Волја. Само мисловно Му служиме на Бога со својата надворешност, со својот говор, а срцата наши се далеку од Божјата љубов.
Од Синовското обраќање на Исуса, сфаќаме дека во Светата Троица, во Трите личности, никој не е помал од другиот. Секој е истоветен, едносуштен, рамен и неподелен од едната суштина. Отецот Го праќа Својот Син на земјата за да ја покаже Неговата Волја и да го спаси светот. Отецот Го прославува Својот Син и Синот Го прославува Својот Отец преку делувањето и остварувањето на Тајните Божји.
Доколку Синот не Го објави Отецот, а и Светиот Дух во крштението на реката Јордан, и после тоа преку икономијата на делувањето на Светата Тројица, немаше како човекот да ја осознае Троичната Тајна. Меѓусебното објавување е догматската вистина за Светата Троица. Преку светлината го спознаваме сонцето. Преку Синот Го спознаваме Отецот. Христос, пак, го бара прославувањето од Отецот, не поради некаква суетна слава, туку поради сведочењето Божјо, кое пак треба да постане фундаментален постулат на верата кај верниците и следбениците Божји.
Исус Христос во денешното Свето Евангелие понатаму вели: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос“ (Јован 17, 3). Секој човек кој ќе го исповеда ова, кога ќе поверува во ова исповедање, ќе биде на добар пат да наследи вечен живот. Богочовекот Исус ни ја сведочи основната норма на спасението, верата во догматската вистина. Исус, обраќајки Му се на Својот Отец, Му вели дека ќе Го прослави преку остварувањето на планот Божји во светот. Вели, да Го прослави со славата која ја имал во Отецот, уште пред светот да биде створен. Ете повторно Исус Христос укажува на истоветноста и едноста во природата Божја. Тие се Едно Божество, непроменето, заедничко и неразделно.
Бог Отецот Го прославува Својот Син преку човекољубивото благоволение да го оствари очовечувањето, да стане човек, да ги победи гревот, смртта и ѓаволот. А Синот Го прославува Својот Отец преку бескрајната послушност, прифаќајки го ова совршено и Тајно дело осветувајќи ја тварта и принесувајќи ја во Божјата заедница на Светата Троица. Сега веќе во Божјата заедница коегзистира, конципира и создадената природа, која некогаш беше смртна, а сега веќе стана бесмртна. Колку е прекрасно ова дело Божјо да ја прослави создадената материја. Колку е бескрајно радосно да го прослави Господ човекот, и да му го поклони најскапоцениот дар, а тоа е вечност во радоста. Човекот треба да биде бескрајно благодарен за оваа милост Божја која нам ни се укажува. Не можеме да ја искажеме со зборови радоста од оваа почест. Човекот со своите земски ограничени изразувања, не може да ја изрази Божјата сеопфатност и бесконечност. Но, сепак можеме, да се трудиме колку повеќе да велиме: „Слава Ти Боже наш, Слава Ти“. И, секако, ни останува да богосозерцуваме во нашите мисли и умствено да пребиваме во Господа. На ангелите не им е наменето достоинството да коегзистираат во Бога, туку човекот е избраниот претставник на материјалната природа да коегзистира вечно во Бога и со Бога. Човекот ќе сопостои во Божјата заедница и човекот постанува бог по дарот Божји. Навистина чудесни се делата Божја. Велики си Господи и никој не може да Ти ја искаже вечната слава.
Господ Исус Христос во продолжение на Својот разговор со Бога, се моли за луѓето кои што Му ги дал Неговиот Отец. „Јас за нив се молам; не се молам за сиот свет, туку за оние што си ми ги дал, зашто се Твои. И сè Мое е Твое, и Твоето – Мое, и се прославив во нив.“ (Јован 17, 9-10). Исус Христос и понатаму ја сведочи догматската вистина на единствениот однос помеѓу Него и Небесниот Отец. Луѓето кој веруваат во Исуса, се Очеви луѓе. Тие веруваат во Едниот Бог. Верниците ја исполнуваат Волјата Божја, па така луѓето се на Отецот, но и на Синот, затоа што сега веќе преку Синот тие го спознаваат Бога и ќе се спасат преку Христа. Христос Го објавува и сведочи Отецот. Господ преку Божествената икономија се објавува во светот и го објавува Божијот домострој на спасението. Сè што е Очево отсекогаш е и на Синот отсекогаш. Христос, Главата на Црквата Божја, Му се моли на Бога Отецот за Својата Црква, за Црквата на Едниот Бог, Црквата на Светата Троица, иконата на Царството Божјо.
Претходно во историјата на човештвото, луѓето Го познавале Господа преку пророците, во сенката на историјата во Стариот Завет, но не Го осознале како Отец. Не ја осознале догматската вистина на Светата Троица. Го знаеле како Бог, како Судија, како Творец… Но, не можеле да ја откријат конкретноста на Божјото постоење во Личноста, иако пророците разговарале со Бога, или го слушале гласот Божји во себе. Но, сега веќе јасно и откриено, во сегашноста, во Новиот Завет, Исус Христос ја открива конкретноста на интимното Божјо име во Личноста Очева.
Господ вели дека тие, луѓето кои Му ги дал Отецот, кои биле Негови, сега ќе бидат и на Синот. Овде мораме да сфатиме дека тие луѓе – за кои говори Исус во молитвата, кои постојат во своето историско време во светот, како верници – верувале во Едниот Бог. Му служеле на Бога. Во тој контекст е овој дел дека Отецот ги познава како Свои. Не како некакви прапостоечки битија кои имаат предестинација во вечноста, туку како верници во своето историско постоење со својот историски почеток на зачнувањето во утробите на своите мајки. Порано луѓето во Стариот Завет биле робови Божји, слуги Божји, но отсега, преку спознанието во Христа и со Христа, луѓето стануваат синови Божји. Да ја возвеличиме и воспееме оваа реалност! Ова е прекрасно! Да Го воспеваме Бога секојдневно, постојано, без престан.
Евреите, учителите, фарисеите, садукеите, сите тие беа учени луѓе во Мојсеевиот закон, тие ги познаваа формите и правилата на Законот. Но, не Го препознаа Бога, Синот Божји. Го хулеа, велеа дека во Исуса е демонот, дека е во него велзевул. Тие кои беа први во светот, тие кој се сметаа за првенци по чест и углед, се изгубија во своето лудило. Лудилото кај човекот настапува кога тој е горд и суетен. Луѓето сметаат дека угледот и честа се стекнуваат со позициите кои ги добиваат во светот. Притоа изразувањето на овие луѓе не е во мирот, во скрушението, во молитвата и љубовта, туку во формалистичкото, театарско исполнување на Законот. Авторитетот се стекнува преку снисходливото служење кон луѓето. Со вистинските вредности на човештвото. Со милоста, со мирот, со скрушението, со љубовта се стекнува авторитетот кој се препознава. Авторитетот кој се стекнува се открива преку духовноста во душата своја. Кој Го нема Бога во себе, тој нема авторитет, углед и чест кај луѓето. Кој нема љубов во себе, тој е далеку од човечноста. Човекот е вистински човек кога има свест и осет за другите луѓе и за целиот свет. Сметаат луѓето дека спознанието на вечноста, се открива преку проучувањето на науката и единствено така ќе доживеат просветлување. Некои сметаат и дека сувата интелигенција е пресудна за спознанието на вечноста. Овој гностички пристап е далеку од вистината.
Христос понатаму во Својата молитва вели: „Оче Свети, запази ги во Твоето име оние што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние“ (Јован 17, 11). Господ се моли луѓето да се сплотат помеѓу себе, во едномислие, во еднобитие. Сите различни личности, да станат едно тело. Да станат Црква. Да нема раздор помеѓу нив. Да нема кинење на ткивото во заедницата. Повторно вели Исус, како што сме и Ние со Тебе Оче Едно, така и тие да бидат со Нас едно. Гревот ја раскинува врската со Творецот. Гревот ја изобличува свеста. Гревот ја уништува материјата. Христос се моли луѓето да бидат едно во своите мисли, во своето делување, во својата љубов, да ги заштити од гревот. Господ се моли и посакува луѓето да не се разединуваат и уништуваат, туку во љубов да се поврзат во заедницата со Творецот.
Но, ткивото на човечката сплотеност е растргнато, човекот живее во својот егоцентризам. Повторно и многу пати говориме колку е страшна деструкцијата на разединувањето и животот во себељубивоста. Деструкцијата го втемелува своето уништување во егоцентризмот. Делењето меѓу луѓето е спротивно на Божјата идеја за спасението кое единствено се остварува во заедница, во Едното Тело. Делењето единствено се оправдува кога подаруваме. Кога љубиме. Тогаш делењето е благословено, кога ја делиме благодатта Божја. Љубовта се подарува и кон оние кои нè мрзат. Господ Исус Христос сака да им ја каже на учениците Негови и на сите луѓе вистината за заедницата. Вистината е во Светата Троица. Соодносот помеѓу Трите Личности, да биде основа за соодносот на луѓето во љубовната заедница, во Црквата, во светот. Стапувајќи искрено во Црквата, луѓето се возљубуваат помеѓу себе и ја остваруваат Божјата Волја. Ако меѓу луѓето има љубов, ќе нема раздори, тогаш ништо не може да ги надвладее и ништо не може да ги уништи. Љубовта е сила, љубовта е моќ.
Денес е недела и на овој ден се сеќаваме и на светите 318 отци собрани во Никеја, на првиот Вселенски Собор. Тие се потрудиле да ги постават основните постулати на христијанската вера. Тие се бореле против кривите учења и го составиле првиот и основниот символ на вероисповедањето, кој подоцна беше дополнет. Тие отците го исповедале и го потврдиле Богочовештвото на Синот Божји. Тие го поставиле темелот на догмата дека Синот Божји е едносуштен и еднаков по чест со Отецот. Тие го осудиле кривото учење на Ариј кој го хулеше Синот Божји, дека не е истоветен и равен со Отецот. Заедно со богохулниот Савелиј, двајцата беа осудени од Соборот. Светите отци им фрлија анатема на нивното криво учење, на ереста. Отците прогласија дека Синот Божји е едносуштен и совечен на Отецот, со еднакво достоинство со Него.
По молитвите на светите отци наши, да бидеме заштитени од лукавоста, злобата, омразата. Дај Боже да ја спознаеме итроштината на лукавиот кој постојано кружи околу нас, сакајќи да нè расипе и разедини. Молитвено обраќајќи Му се на Господа да бараме да ги засакаме и тие кои нè мразат. Колку е голема радоста кога некој ќе се обрати кон Господа и ќе ја осети љубовта Божја во себе.
Да се сакаме еден со друг, та со едномислие да го исповедаме Господа, за да биде благословот Божји со нас постојано засекогаш.
The post Беседа во Неделата на Светите отци на Првиот вселенски собор appeared first on Литургија.мк.
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/beseda-vo-nedelata-na-svetite-otci-na-prviot-vselenski-sobor/