Отец Томас Хопко: Ако ги исповедаме своите гревови

Example User · 2 years ago

    4 minutes, 20 seconds


rsz_2hopkowide1

Не ни е доволно да си ги знаеме сопствените гревови и да ги мразиме. Треба и да ги исповедаме нив пред Бога и луѓето. Треба да ги признаеме пред небото и земјата. Да ги изложиме пред целото создание, за да ги оттргнеме нив од нашите таинствени срца. Исповедта е дел од духовниот живот. Всушност, таа е дел од самиот живот. Без неа не постои вистинско постоење за човечките битија. И со сигурност нема вистинско покајание.

Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе, и вистината не е во нас. Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда. Ако, пак, речеме дека не сме згрешиле, Него Го правиме лажец и словото Негово не е во нас. (1Јов 1,8-10)

Некои велат дека нема потреба да се исповедаат гревовите отворено и јавно. Тие велат дека луѓето можат да се исповедаат директно на Бога. Таквата идеја е потполна бесмислица. Исповедта на Бога во тајност воопшто не е исповед. Тоа е едноставно признавање пред Господа дека го знаеме она што Он го знае! Исповедта по дефиниција е отворена и јавна. Ако не е таква, тогаш тоа не е исповед.

Кога, при проповедта на Јован Крстителот, луѓето се каеле подготвувајќи се за Христа, пишува дека тие се крштевале „исповедајќи ги своите гревови“ (Мк 1,5). Тоа не значи дека тие на Бога Му го кажувале тајно во своите срца она што Он веќе го знаел. Тоа значи дека тие ги откривале лошите дела, направени од нив, за сите да слушнат. И кога свети Јаков им заповеда на христијаните: „Исповедајте си ги гревовите еден на друг!“, тој не ги советува нив да бидат свесни за своите престапи во тајноста на своите души. Тој им наложува да ја откриваат својата злоба еден на друг, за да можат да се исцелат (Јак 5,16).

Ако исповедта по дефиниција е отворено и јавно признание на гревовите, тогаш зошто православните христијани се исповедаат приватно на своите свештеници? Не е поради тоа дека свештениците имаат некаква особена власт што другите ја немаат. Да се размислува вака е многу погрешно, иако многумина христијани вака го разбираат тоа[1]. Свештениците немаат власт лично да простуваат гревови. Само Исус Христос има таква власт. Но, свештениците ја имаат службата на сведоштво на исповедта и покајанието на народот Божји, и официјално да ги запечатат таа исповед и покајание со увереноста на божественото простување преку разрешната молитва.

Причината зошто луѓето сега се исповедаат на своите свештеници во тајност е во немоќта на телото на христијаните во целина. Исповедта порано била јавна. Таа била отворена во присуство на сите членови на Црквата. Секој што сака да се исповеда на овој начин денес е слободен да го направи тоа. Ама тоа повеќе би служело на другите како соблазна, отколку како инспирација за молитвено сострадание и солидарна соработка да се исполнат Господовите заповеди. Кога исповедта се кажува само на свештеникот, тоа треба да се сфати дека таа се кажува нему како да се кажува на сите. Или поинаку кажано, таа е на сите – Бог и човекот, и целата твар – во личноста на свештеникот, како глава на црковната заедница и светотаинско присуство на Самиот Господ Исус во неа.

Великиот пост е време за исповед. Сите христијани треба да се исповедаат за време на овој свет период. Оној што не го прави тоа, тешко дека би го нарекле христијанин. Со сигурност не православен.

Во својот духовен дневник, отец Александар Елчанинов ни дава совети околу исповедта. Такви упатства можат да се најдат и во делата на свети Јован Кронштадски, како и во такви книги како „Невидливата борба“ и „Раскази на еден поклоник“. Христијаните треба да читаат вакви текстови за да им помогнат во нивната исповед. Теофан Затворник ги советува оние што се подготвуваат за исповед да ја изучуваат Беседата на гората (Мт 5-7) и Првото послание на Јован, заедно со 1 Коринтјани гл. 13 и Римјание 12-14 глави. Овие, и други оддели од Светото писмо, строго се фокусираат на она што се очекува од христијаните во нивниот секојдневен живот. Отец Елчанинов пишува дека исповедта „извира од свесноста за она што е свето, и означува умирање за гревот и оживување за светост“. Таа започнува со „испитување на срцето“. Преминува во искрена „скрушеност на срцето“. Таа се изразува во „усното исповедање на гревовите“, остварена „со конкретност, без прикривање на гнасотијата на гревот со нејасни изрази“. Таа се исполнува во одлучноста никогаш да не се греши повеќе, иако сме свесни дека ќе паднеме, бидејќи не сме Бог. Таа се запечатува со нашето понатамошно страдање да се остане непоколеблив во нашата борба против гревот. Таквата исповед стои во срцето на нашите духовни подвизи, особено за време на Великопосната пролет.

„Дете мое, Христос невидливо стои пред тебе примајќи ја твојата исповед. Не срами се, не плаши се и не скривај ништо од мене, туку кажи сè што си згрешил, не грижејќи се, и ќе добиеш простување на гревовите од нашиот Господ Исус Христос. Еве ја и Неговата икона пред нас: јас сум само сведок и сè што ќе ми кажеш, јас ќе го посведочам пред Него. Ако нешто скриеш од мене, твојот грев ќе биде поголем. Сфати, штом си дошол во лечилиштето, немој да си заминеш од него неисцелен.“[2]

отец Томас Хопко

Од книгата The Lenten Spring: Readings for Great Lent, St Vladimir’s Seminary Press, Crestwood, New York 1983.

Превод: презвитер Георгиј Глигоров

[1] Фактот дека свештеникот е светотаинско присуство на Самиот Господ Христос во Црквата не значи дека тој лично ја има Христовата власт и авторитет. Во оригиналната разрешна молитва во Православната црква, го нема она дека свештеникот вели: „Ти простувам и те разрешувам“, исто како што  во православната крштелна служба свештеникот не вели „Те крштевам“. Не се употребува прво лице. Власта за простување на гревови (која во Светото писмо, во секој случај, е поврзана со Крштението, а не Исповедта) Му припаѓа само на Христа. Таа е присутна во Црквата, бидејќи Христос е присутен во Црквата, во сите членови и конкретно во ракоположениот свештеник, кој е Негова светотаинска икона во црковната заедница.

[2] Упатство на исповедникот кон оној што се исповеда во чинот на Исповедта (словенска верзија).

Source: http://mistagogia.mk/tomas-hopko-ako-gi-ispovedame-svoite-grevovi/

Share:

Example User

Sit illo et occaecati blanditiis minus. Explicabo quia eius porro earum quis. Et nesciunt et nobis autem aut quod dolorem. Cumque est quas provident nemo nihil. Perferendis sequi in ipsa consequatur voluptatibus voluptatem. Sed assumenda ut cupiditate. Saepe et fuga maiores optio. Doloribus ea iusto dolore. Sed deserunt suscipit reprehenderit magni voluptatibus dicta. Unde aliquam sunt deserunt itaque. Nesciunt tempore molestiae qui et distinctio. Dolor quae aliquam nobis minus.

All author posts

Related Posts

Image Description
2 years ago

Старец Пајсиј: За исповедта

Моќта на Светата Тајна Исповед „За човек да почувствува спокој, треба да ја исфрли нечистотијата од себе, а тоа се случува нa исповедта. Човекот, отварајќи му го срцето на духовникот и кажувајќи му ги своите гревови, се смирува и со тоа ги отвора небесните врати, низ кои му доаѓа богатата Божја бла...

Image Description
2 years ago

Свети Јаков и неговата древна Литургија

Денес го славиме споменот на светиот Јаков, син на Јосиф обручникот, од неговиот претходен брак со Соломонија. Јаков го гледаме на иконите, каде што е опишано бегството на Јосиф и Пресвета Богородица со малиот Исус кон Египет. Кога Јосиф требало да го дели имотот на своите деца, сите с...

Image Description
2 years ago

Зошто се благословува грозјето на празникот Преображение?

Во местата каде што се одгледува грозје, постои обичај на празникот Преображение, верниците да донесуваат во црквите грозје од првата берба за да биде благословено. Благословувањето на грозјето на Преображение се објаснува во богословските, антрополошките и космолошките димензии на овој пра...