Title : Отец Харалампиј Пападопулос: Господи, ме слушаш ли? Жеден сум за Твојата Светлина!

Отец Харалампиј Пападопулос: Господи, ме слушаш ли? Жеден сум за Твојата Светлина!

Example User · 3 weeks ago

     Еден ден, сретнав еден старец кого  многу го сакам.

– Си Го видел ли некогаш Христос, старче? – го запрашав.

– Да, отче мој – призна тој срамежливо.

– Како изгледа, старче?

– Како во Евангелието, отче мој, чист, добар, простодушен, достапен.

– И кога се случи тоа? – беше следното брзо и исполнето со зачуденост прашање.

– Кога возљубив силно, без да очекувам ништо, отче мој – прошепна старецот со наведнати очи, кои веќе се беа исполниле со љубовни солзи кон Христос. – Се испразнив како човек и се исполнив со Христос. Дадов сè и не зедов ништо. Тој доаѓа тогаш кога ќе Му се уподобиш.

Овој израз : „Христос доаѓа тогаш кога ќе Му се уподобиш“ се искачи по најтешко проодните патеки на моето срце и влезе во мене. Да, љубовта. Онаа, која знае да се жртвува и да губи. Да дава сè без да бара сметка. Онаа, која умира, за да живее другиот. Која бива предадена, распната, но простува. Која знае да каже и да го направи тоа: „земи го мојот Рај и дај ми го твојот пекол“.

3.angeli.so.truba

Преку постојани загуби и неуспеси, се научив да го препознавам присуството на Бога во секојдневните работи. Ете, како тогаш, кога си тажен, и добиеш порака на мобилниот телефон: „Како си? Добро ли си?“ – тоа е едно „Богојавление“.

***

Господи, ме слушаш ли? Жеден сум за Твојата Светлина. Се уморив да се сопнувам во мојот мрак.

***

Кога имаме тешки искушенија, Бог не стои отстрана, туку е заедно со нас. И Тој страда со нашите маки. Се распнува повторно, за да нè спаси. Бог не стои против нас во нашата болка, туку е до нас и заедно со нас во нашето страдање. Ајде да Го разбереме, Христос ќе слезе во нашиот пекол, колку пати и да се изгори, само за да нè стави во Неговиот Рај.

Кога Бог и твоето „спасение“ се претвораат во вознемиреност и опседнатост, тогаш нема да имаш никакво духовно искуство. Кога вознемирено очекуваш нешто, тоа едноставно не се случува. Кога опседнато прогонуваш нешто, тоа постојано ти се измолкнува како отпор. Св. Порфириј велеше: „Плаши се од отпорот на своето скришно јас. Независно дали мавташ со рацете или си мирен, реката порано или подоцна ќе те одведе во морето. Не прави ништо и едноставно препушти ѝ се на струјата“. Да, но ние сè сакаме да контролираме! Е, токму тогаш сè ни се измолкнува.

3.angeli.so.truba

Божјата благодат е шарена и радосна боја и „клин“ на дневното предвидливо темно платно на нашата душа.

***

Бог не се радува на „совршенството“, туку на нашата искреност.

***

Има моменти во кои не знам дали јас Го барам Бога, или Тој ме следи. Тргнувам да Му се измолкнам и сè некако ме наоѓа. Во секој случај, што и да се случи, прашањето е едно – да Му дозволам на крај да ме победи.

***

Бог не застанува само на нашите дела, туку гледа во нашите срца и тогаш нашата надеж не лежи во она што го постигнавме или успеавме, туку во она што го закопавме подлабоко, дури и да не сме го постигнале. Затоа што, на крајот, Бог ќе им суди на нашите копнежи и желби.

***

Кога Го молиш Бога за нешто, кажи го и заборави го. Не претворај го во цел, вознемиреност, фиксна идеја, не фокусирај го животот на тоа. Го кажуваш, го оставаш, го забораваш и доаѓа ако, колку и кога треба.

***

Битката со Бога

Што е молитвата? Викови и крикови од нашиот најдлабок пекол.

***

Молитвата како средба со живиот Бог започнува кога ќе заползиш на подот.

***

Да те боли, да плачеш, внатрешноста да ти се превртува и да оди по работ на очајот, а ти да велиш: „Слава Ти, Боже!“. Не знаеш какво чудо е тоа! Каква сила, каков благослов! Едно „слава Тебе, Боже!“ во адот е како илјада молитви во Рајот.

***

Да се молиме со едноставност, без пресметки и очекувања. Да не очекуваме ништо. Едноставно да се молиме со срце, без цели и пресметки. Да се сетиме на опитот на светците, дека во животот Божјите дарови идат кога ќе престанеме да ги очекуваме. Кога „егото“ ќе ја заборави својата цел. Очекувањето ја изморува врската, настојувањето ја уништува, а љубовното напуштање ја избавува и ја спасува.

***

На крајот на краиштата, во мојот однос со Бога, ме успокојува тоа што не треба да му објаснувам ништо, многу пати дури и без да разговарам со Него. Тој целосно ја разбира нашата беспомошна тишина. Во такви околности од нашите животи, молитвата станува самогласки и согласки, слогови и реченици, а Неговото присуство едноставно се доживува како неискажливо искуство.

***

Молитвата ја научивме во „пеколот“.

***

3.angeli.so.truba

Молитвата значи да стоиш гол пред Бога. Научи се да Го бараш без ништо да очекуваш, освен Неговото љубовно присуство. Во љубовта не бараш, само живееш.

Ќе дојдат денови, часови и моменти, во кои ќе се чувствуваме немоќни да се помолиме. Изморени да застанеме пред Бога и да ги прошепотиме молитвите што ги знаеме. Можеби веќе тогаш, кога нема никаков напор од наша страна и не можеме да се потврдиме себеси со никакво наше индивидуално освојување, добродетел и  достигнување, тогаш дошол часот кога благодатта ќе нè исполни. Има такви моменти, во кои се раѓа нешто искрено и вистинско меѓу нас и Бога, кога сме скршени и смачкани, кога се чувствуваме немоќни во нашата несреќа. Притоа да не забораваме, дека молитвата често се изразува како длабоко молчание пред нашата сопствена немоќ и големото човекољубие на Бога.

***

Да можеш да останеш човек, кога се однесуваат толку нечовечки со тебе, тоа изгледа како длабока молитва.

***

Погрешно мислиме, дека молитвата треба да се твори само пред иконостасот, со темјан и бројаница. Несомнено тоа е нејзина главна форма и израз, но не и единствената. И тоа е така затоа што молитвата е врска, општење, длабоко чувство за присуството на Бога во сè и во сите. Не ја наоѓаш, таа тебе те наоѓа, не ја создаваш, таа се раѓа во тебе како душевен стремеж и откривање.

Кога ќе почувствуваш расположение за молитва – тоа длабоко движење на твоето срце да зборуваш со Него, остани таму, станат, седнат, легнат, во колата, во канцеларија, во домот, во градината, во морето, каде и да се наоѓаш. Остани таму, во чувството за Неговото присуство и истошти се себеси во општење со Него. Како што вели Старец Софрониј Сахаров: „Секој збор, секоја положба на телото, во кои умот и срцето се соединуваат во живот во сеќавање на Бога, не треба да се променат, додека умот, срцето и телото не се истоштат“.

Извор: otecharalampos.wordpress.com

Превод: Наташа Наумоска

Преземено од:

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/gospodi-me-slushash-li-zheden-sum-za-tvojata-svetlina/?fbclid=IwAR2jJ8hYZbAd9EPhvEb0U0jAmbWgkPdufz5M9c7kVKerdZ3GjumkV483VdU

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/duhoven-azbuchnik/23651-otec-haralampij-papadopulos-gospodi-me-slushash-li-zheden-sum-za-tvojata-svetlina

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
1 month ago

Архиепископ Јован Шаховској: Секташтво во православието и православие во секташтвото

  Погрешно е да се мисли дека сите православни во суштина не можат да бидат секташи и дека сите секташи во суштина не можат да бидат православни. Не секој што е по име православен, таков е и по дух, а особено во денешно време може да се сретне „православен“ – вистински секташ по својот дух: фан...

Image Description
2 months ago

УЛОГАТА НА СЕМЕЈСТВОТО ВО СПАСЕНИЕТО НА ЧОВЕКОТ

УЛОГАТА НА СЕМЕЈСТВОТО ВО СПАСЕНИЕТО НА ЧОВЕКОТ Прашањето за спасението е главно прашање како во историјата на човештвото така и во животот на секој човек. Спасението е вистинската среќа. Сè е засновано на нашето спасение. Во оваа смисла, нашата среќа е во наши раце. Тоа се постигнува со надминува...

Image Description
1 week ago

УБИВАЊЕТО НА БЕСПОМОШНИТЕ -геноцид без преседан и аналогија!

УБИВАЊЕТО НА БЕСПОМОШНИТЕ! Секаде го слушаме зборот мир, но тоа е лага, тоа е гнасно лицемерие. Тоа е еден од зверските ликови на современиот цивилизиран свет. Околу нас се случува војна, непрестаjна и окрутна, во која нема примирје или свршеток, каде нема победник и победени, туку постојат само џел...