Педесетница

Example User · 3 years ago

    5 minutes, 33 seconds


42328ПЕДЕСЕТНИЦА

Кога Православната Црква празнува некој настан од животот на нашиот Господ Исус Христос, тоа не е обично споменување или сеќавање на настанот. Црквата повторно го живее и доживува секој настан од свештената историја, за да можеме и ние денес да го доживееме лично. На таков начин, Црквата секој настан од минатото го донесува во сегашноста, па така, сите ние се чувствуваме како да сме биле таму и како лично да сме учествувале во секоја радост на Црквата.

Во денот на светата Педесетница си спомнуваме за свештениот настан, кога Светиот Дух, во вид на огнени јазици, слегол врз апостолите.

Светиот Дух слегол врз апостолите не само за да ги воодушеви и охрабри за еден беспримерен подвиг во историјата на Црквата, туку и за да остане во Хрис­то­ва­та Црква до крајот на светот. И колку многу тоа е утешително и радосно за сите нас.

Апостолите примиле право и власт не само да им ги раздаваат даровите на Светиот Дух на верните, туку и да им го предаваат тоа право на своите преемници – епископите и свештениците. Секој од нас, грешните и немоќни свештенослужители на Православната Црква, по преемството од светите апостоли, преку Тајната на Свештенството ја примил власта да им ги раздава на верните благодатните дарови на Светиот Дух. Секој од нас, преку светата Тајна Крштение, го примил првиот дар на Светиот Дух, кога тука, во Црквата, сме биле донесени во рацете на нашите кумови. А во текот на нашиот живот сите ние растеме токму преку даровите на Светиот Дух, кои ги примаме преку светите Тајни на Црквата и преку светите обреди и молитвословија. Затоа, треба да знаеме дека особените дарови на Светиот Дух се неопходни за духовниот раст во нашиот живот.

Како што дрвото расте и дава плодови само тогаш, кога се обезбедени сите надворешни услови за такво нешто, така и душата на секој од нас зрее за живот вечен само тогаш, кога ја оросува благодатниот дожд на Светиот Дух. Како право­слав­ни, потребно е целиот живот да го поминеме под тој небесен дожд, онака, како што Црквата во една песна пее: „Преку Светиот Дух секоја душа оживува“. Без таа благодатна помош на Светиот Дух ние не можеме да се спасиме за вечноста. Светиот Дух е наш божествен сопатник во текот на целиот наш земен живот, наш заштитник и чувар.

Колку е голема таа сила на Светиот Дух, која не знае за граници и прегради. Таа сила ја раѓа верата во срцето на човекот, ја преродува човечката душа, ги поттикнува големите подвижници на христијанството и го води секој од нас по патот на вечното спасение.

Денот на слегувањето на Светиот Дух нѐ потстетува и на првата апостолска проповед. Неа ја изговорил апостол Петар пред многуилјаден народ. Од книгата на Делата на Апостолите ние дознаваме како реагирал народот на проповедта: Се восхитувал, воздивнувал, плачел и поттикнат од неа, околу три илјади луѓе примиле Крштение и постанале првото семе на Христовата Црква. Ете тоа е манифестирање на силата на Светиот Дух преку проповедта на Словото Божјо. Нам ни се познати и подоцнежните резултати од силата на апостолската проповед и како ,,сѐ повеќе се зголемуваа оние, што веруваа во Господа, мноштво луѓе и жени“ (Дела 5: 14). А да не заборавиме дека апостолската проповед наишла и на бројни препреки. Целиот јазичнички и јудејски свет се спротивставувале на таа проповед, а ним им се придружиле убедувањата на античките философи, провокаторите и крвавите гонители и џелати на проповедниците на христијанството. Но, колку и да била задушувана проповедта, колку и да биле гонети и убивани проповедниците, сепак, Црквата чудесно се ширела и растела само преку проповедта на Словото Божјо.  За таквото дејство на проповедта учи и свети апостол Павле, кога говори: „Верата доаѓа од слушање, а слушањето – од словото Божјо“ (Рим. 10: 17).

Силата на Светиот Дух не се манифестирала само преку проповедта на светите апостоли, туку и во проповедта на нивните преемници. Само да се потсетиме колку била моќна проповедта на големиот учител на Црквата – свети Јоавн Златоуст, кој, кога проповедал, го замирал животот во градот, а луѓето од сите установи, децата од училиштата, како и дојденците по пазарите трчале во храмот за да го слушнат златоустиот проповедник. А, зарем е потребно да се потсетуваме колку многу луѓе тој ги присоединил со Христа преку својата проповед.

Светиот Дух ги преродува човечките души. Прв пример за тоа ни се светите апостоли. Во денот на слегувањето на Светиот Дух тие постанале сосема поинакви: од плашливци и колебливци тие постанале огнени, убедени и бестрашни проповедници на словото Божјо. Тие знаеле дека сега ќе одат во средба со мачителите, ќе одат по затвори и ќе бидат предавани на убивање, па сепак, нив ништо не можело да ги запре во подвигот.

Таа сила на Светиот Дух која преродува, се манифестирала и низ двеилјади­годиш­ната историја на Црквата. Таа благодатна сила ја издигнала на пиедесталот на светоста и преподобната Марија Египетска, од чии подвизи останале без зборови и нејзините современици, но и денешните христијани. Таа сила ја преродила и блудницата Евдокија, која откако ја слушнала молитвата на светиот подвижник, го напуштила патот на блудот и тргнала по патот кон Христа, кој води до небото.

Светиот Дух е секогаш жив и дејствителен. И денес многумина од нас можат да бидат сведоци, кога под влијание на Словото Божјо и проповедта, многумина од развратни постануваат воздржливи, од груби – кротки, од бесчувствителни и жестоки – сострадателни и попустливи. Светиот Дух ја издигнува нашата падната природа, ја преродува и во нас оформува нов човек, „создаден според Бога во правда и светост во вистината“ (Ефес. 4: 24).

Православната Црква го нарекува Светиот Дух – Просветител, зашто преку Него ни се подаваат вистините на верата, преку кои се просветува нашиот ум и се загрева нашето срце.

Светиот Дух е и наш Осветител, зашто преку Неговите благодатни дарови се осветува нашата душа. Светиот Дух преку сите сили ни го соопштува новиот стремеж кон Бога, доброто и светоста, му дава на човекот духовна крепост и сила и нѐ очистува од гревот и нечистотијата.

Светиот Дух е и наш Утешител, зашто во Него се наоѓа изворот на утеха за сите наши несреќи и искушенија. Он ги посетува нашите души во моментите на нашето срдечно каење за гревовите и ја оживува во нас надежта на Божјата милосрдност.

Ако веќе сме сфатиле колку многу е неопходна благодатта на Светиот Дух за нас, ако веќе знаеме дека без неа не можеме да го пронајдеме патот до вечниот живот, ниту можеме да се очистиме од нашите гревови, тогаш, наша должност е во постојана молитва да ги бараме Неговите изобилни дарови. Затоа, како православни христијани, треба да веруваме дека преку силата на Светиот Дух се извршува нашето вечно спасение. Според зборовите на апостол Павле, ние сме „храм на Светиот Дух“ (1. Кор. 6: 19). А тоа е висока чест и достоинство за нас, со која нѐ удостоил нашиот Небесен Отец. Но, ние ќе бидеме храмови на Светиот Дух само тогаш, кога за тоа ќе бидеме достојни, кога во нашето срце нема да има гревовна кал, нема да има рамнодушност кон делото на спасението, нема да има слабеење на верата, зашто во една таква состојба Светиот Дух не може да остане во нашите срца.

Затоа, да го бараме најнапред Царството на Бога и кон него да тежнееме со сета душа, плашејќи се да не ја загубиме во себе радоста од благодатта на Светиот Дух. А таа благодат и денес нѐ исполнува со истите плодови, со кои биле исполнети и апостолите на денот на Педесетница, а тие плодови се: љубовта, мирот, радоста, долготрпеливоста, добрината, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста… Светиот Дух и денес доаѓа како свежа вода врз исушената човечка душа. Затоа, да се потрудиме Светиот Дух да пребива нераскинливо во секој од нас, укрепувајќи нѐ и утешувајќи нѐ по патот кој води до нашата небесна Татковина.

Протоереј Златко Ангелески

Source: https://blagovesti.wordpress.com/2016/06/19/%d0%bf%d0%b5%d0%b4%d0%b5%d1%81%d0%b5%d1%82%d0%bd%d0%b8%d1%86%d0%b0/

Related Posts

Image Description
3 years ago

Копнеж – духовно да се прогледа – „Господи, да прогледам!“ (Дедо Наум)

Копнеж – духовно да се прогледа (10.01.2021 16:58) Во денешното евангелие (Лука 18, 35–43), слепиот повикува кон Господ Христос: „Исусе, Сине Давидов, помилуј ме“. Оваа состојба го покажува првиот степен од духовниот раст – чистењето на срцето од страстите. За овој степен од духовниот развој се ка...

Image Description
2 years ago

Архива: Јован Пачемски: Недела на митарот и фарисејот (13.02.2022)

(Архива на Преминпортал) ( Скопје, 21ви февруари 2021 г.- храм на св.Јован Крстител Недела на митарот и фарисејотЕвангелие според Лука зачало 89Лука 18, 10-14 Во името на Отецот, Синот Светиот Дух,Од денеска, драги браќа и сестри, ние започнуваме со духовните подготовки за Велигдснскиот пост. Денес...

Image Description
3 years ago

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

Недела на Православието (20.03.2021)  Најпрво сакам да ви обрнам внимание на Филиповиот одговор: „Дојди и види!“, на прашањето на Натанаил: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“; како и на Натанаиловото прифаќање на повикот. Ова е наједноставен и најсигурен личен метод на проверка на неш...