Јеромонах Дамаскин Кристенсен

(од животот на праведниот романски свештеник Георги Калчу)

Едно доживување од детството

Отец Георги ни раскажа и за едно друго допирање до несоздадената светлина – кога бил дете. Како осумгодишен, стоел загледан во нивата на своите родители и се прашувал, како ли Бог го создал светот. Тогаш целото поле одеднаш се исполнило со светлина. „Не разбрав што е тоа“ – раскажуваше тој. „Во таа светлина немаше ни трага од сенка, не може да се опише. Сигурно бев навикнат да ја гледам нивата при нормална светлина, сега гледав сѐ до најситни детали, само и единствено во светлина. Долго време стоев во потполна восхитеност и кога се соземав, целото поле одново си беше како претходно. Не кажав за тоа ниту на мојот брат, ниту на сестра ми. Подоцна, кога веќе бев ученик во гимназија, ѝ кажав на мајка ми. Таа не покажа никакво чудење. Како да знаеше за што станува збор, само го изобрази крсниот знак над мене. После сосема неочекувано ми ја целиваше раката. Тогаш не ми беше јасно, што значи тоа, но подоцна разбрав, дека таа не ја целивала мојата рака, туку телото на детето, што ја видело Божјата светлина“.

Првото слично доживување во затворот

За време на вториот престој во затворот отец Георги имал други две доживувања, поврзани со таа светлина. Првото било во 1980, кога се наоѓал во затворот „Ајуд“ во северна Трансилванија. Еден затвор со ужасни услови, каде што бил во изолација седум месеци. Не гледал никого – само надзорниците, кои имале заповед да го тепаат и да го исмеваат, без да го жалат. Отец Георги сподели дека еден од надзорниците бил невиден садист: тој човек од утро до вечер се наситувал со тоа да ги тепа затворениците и да ги измачува.

Тоа било во ноќта спроти Пасха. На полноќ камбаните на околните цркви ѕвонеле. „Тивко ги слушав звуците на камбаните и во мојата ќелија“ – се сеќаваше отец Георги. „Беше неверојатна убавина, како да го чувствуваш рајот. Токму таму, во самотијата на ќелијата, јас за прв пат разбрав колку е прекрасен звукот на камбаните. Останав буден преку целата ноќ. Лежев и се сеќавав на пасхалните празници од претходните години: од времето на моето детство, од времето на ученичките денови, на претходната Пасха во затворот. И не престанував да си потпејувам: ,Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја уништи, и на оние во гробовите, живот им подари‘. Ме исполнуваше неверојатна радост!

Во седум часот дојде новата смена од надзорници. Штом влегоа во ходникот, ги отворија вратите од ќелиите. Ние моравме да застанеме со лицето кон ѕидот и да не гледаме кон нив, додека не го чуеме заклучувањето на вратата. Тоа беше старо правило. Но во тој ден на радост поради Христовото воскресение јас не се свртев кон ѕидот. Младиот надзорник, најсуровиот од сите, влезе, а јас го издигнав погледот кон него и реков: ,Христос воскресе!‘ Тој ме погледна, но без гнев, после погледна кон другите надзорници, бидејќи беше забрането да не стоиш со лицето кон ѕидот, и одговори: ,Навистина воскресна!‘ Јас останав поразен. Го гледав потполно стаписан. Зарем е можно тој да рече ,Навистина воскресна!‘ За мене стана јасно дека тоа не е тој, туку тоа беше неговиот ангел.

Потоа излезе и ја заклучи вратата, а јас се здрвив од зборовите, кои ги чув од него. И тогаш, бавно и постепено, се гледав себеси потопен во светлина. Нема зборови за да се опише среќата која ме исполни. Немам ни објаснување. Тоа едноставно се случи. И не затоа што бев го заслужил тоа. Не знам дали имаше поголем грешник од мене во затворот, и покрај тоа, Бог ми ја даде таа Светлина. Како дете таа ми беше дадена веројатно поради чистотата на моето детско срце, но повторно, зошто токму мене, а не на друго дете? Во кварталот имаше толку многу деца, сигурно дури и со почисти срца. Ете зошто не можам да си одговорам ,зошто‘. Он избра да ми го даде тоа токму мене.

Светлината наскоро изчезна, но радоста остана во мене уште долго време“.

Превод: Свештеник Јани Мулев

http://pravoslaven-sviat.org/2014/02/17/edno-izhivyavane/