Велики Четврток

Example User · 3 years ago

    5 minutes, 31 seconds


VELIKI CETVRTOKВЕЛИКИ ЧЕТВРТОК

„И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови и рече: Земете, јадете, ова е Моето Тело. И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата Крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина, за опростување на гревовите”

(Матеј 26: 26-28)

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

Велики Четврток е ден кога се сеќаваме на Тајната Вечера на Спасителот Господ Исус Христос со Неговите свети ученици. И денес сите ние сме собрани на Христовата Тајна Вечера, за да можеме заедно со апостолите да се причестиме со пречистото Тело и пречесната Крв на Спасителот; собрани сме за да постанеме заедничари со Бога, па Телото на воплотениот Бог да постане и наше тело, а и Неговата Крв да постане и наша крв.

Во една прекрасна црковна песна од канонот за денешниот ден, која се пее на Утринската богослужба, ние слушнавме: „Господ, Кој е Создател и Бог на сите, иако нестрадален, откако осиромаши, создаденото со Себе го соедини, и Самиот Он, како наша Пасха, се принесе на жртва за оние што сакаше со Својата смрт да ги спаси, велејќи: Јадете го телото Мое и со вера утврдете се“ (Ирмос од 3-та песна). Смислата на овие зборови и нивната порака е јасна: Нашиот Господ и Создател се принесе Самиот Себе на жртва за нас како нова Пасха. Нашиот Спасител ни порачува да се утврдиме во верата, односно, во фактот дека нашето спасение се извршува единствено преку Христа и во фактот дека причестувањето со Неговото Тело и Крв значи реално соединување со Него, како телесно, така и духовно.

Прва која се причестила, однсоно, соединила со Бога, била Пресвета Богородица. Кога Господ се воплотил, Он влегол во утробата на Пресвата Дева и таа Го примила во себе Телото на воплотениот Бог. И за тоа се говори во канонот од Великиот Четврток: „Неизмерната Премудрост Божја, која е причина на сè… си создаде храм од чистата неискусомажна Мајка…“. Премудроста, Која го создала светот, Која е причина за сè и Која дава живот на сè, за Себе создала храм во Пречистата Девојка, која не познала маж. И не случајно, кога ние се подготвуваме за светата Причест, во своите молитви не се обраќаме само кон Господа, туку се обраќаме и кон Неговата Пречиста Мајка, зашто таа постанала прв храм во кој се всели Божеството. Следејќи ја неа, и ние Го примаме внатре во себе воплотениот Бог, па на таков начин постануваме учесници во вечниот живот, во небесниот леб, во новото питие и новата Пасха, која е Самиот воплотен Господ Исус Христос.

Според учењето на светите отци на Црквата, преку причестувањето со светите Христови Тајни ние постануваме „сродници“ со Бога, Негови „сотелесници“, истокрвни со Него, постануваме браќа и ближни на Бога. Причестувајќи се, ние постануваме „богоносци“ и „христоносци“, како што се изразувал и свети Игнатиј Антиохиски. Причестувањето нè води кон спасение и обожување, за што повторно наоѓаме потврда во денешниот канон, каде што во една црковна песна пееме: „Христе, си им рекол на Своите пријатели: Ново вино ќе пијам со вас во Царството небесно, каде што ќе бидете учесници во Моето Божество, како богови по благодат…“. Господ постанал реален човек и преку примањето врз Себе на реалното човечко тело Он ја обожил и нашата човечка природа. Токму затоа, причестувајќи се со светите Тајни, ние по благодат постануваме она, кое Он го поседува по природа, односно, постануваме „богови според благодатта“.

Преподобниот Симеон Нов Богослов, враќајќи се еднаш во својата монашка ќелија по причестувањето, здогледал дека неговите раце постанале Божји раце, и целото негово тело постанало Божјо тело, и секое делче и секоја клетка од неговото земно, човечко и распадливо тело се соединила со Божеството и се исполнила со божествената светлина. Токму затоа, во една од молитвите која се чита пред светата Причест, а чиј автор е токму преподобниот Симеон, ги изговараме прекрасните зборови: „Прими го, Христе мој, молењето од нечистата уста, од осквернетото срце, од нечистиот јазик, од грешната душа…“. Со неговите зборови ние се молиме за нашите тело, душа и срце да постанат храм на живиот Бог, зашто соединување со Бога и обожување им се дава само на оние, кои достојно се причестуваат, а за оние, кои недостојно пристапуваат пред светата Чаша, светата Причест им е „за суд и осудување“.

Многупати сме се запрашале: кои се тие што се причестуваат недостојно? Тоа се оние луѓе кои свесно ги погазуваат Божјите заповеди, кои се противат на поредокот и устројството на Црквата, кои влегуваат во Божјиот храм и ги примаат светите Тајни, но во своето срце носат злоба против ближните. Токму таков недостоен причастник бил Јуда предавникот. Тој бил присутен на Тајната Вечера, но „кога славните ученици, при миењето на нозете на Вечерата, се просветлуваа, тогаш злочестивиот Јуда, болен од среброљубие, се помрачуваше…“ (Тропар на Велики Четврток). Пристапувајќи кон светата Чаша должни сме секогаш да се сеќаваме на зборовите на светиот апостол Павле: „Кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува Телото Господово“ (1. Кор. 11: 29). Секогаш да знаеме дека примајќи Го во себе Бога, врз себе преземаме голема одговорност за сопствената иднина, зашто, ако преку нас не се „свети“ името Божјо, ако Телото и Крвта Христови, кои ние ги примаме како оган, во нас постанат оган кој ги изгорува недостојните, тогаш, тешко нам, зашто и ние веќе сме се уподобиле на Јуда предавникот.

За таквиот недостоен причастник, самото присуство на Бога за него постанува неподнослива тежина и мака. Зарем не чувствувал таква тешка мака и самиот Јуда кога присуствувал на Тајната Вечера? Неговата душа била разделена: иако со еден дел од својата душа тој бил во присуство на Христа Господа, со другиот дел тој веќе бил предаден на ѓаволот. Седејќи на иста трпеза со Учителот, тој во своето срце веќе кроел планови како да Го предаде.

Оваа страшна животна лекција не треба никогаш да ја заборавиме. Колку често и да се причестуваме, колку внимателно и да се подготвуваме за причестување, секогаш да знаеме дека поделеноста во Божјото дело е недозволена. Пристапувајќи кон светата Чаша, должни сме со сето срце, со сиот ум, со сета своја природа силно да посакуваме да се содиниме со Господа. Секогаш треба да посакуваме целиот свој живот да го предадеме на Бога; секоја наша воздишка, чувство, секоја мисла и активност да Му бидат посветени Нему. Само на таков начин ќе бидеме достојни причестници и ќе бидеме достојни за обожување, кон што секој од нас е повикан.

Блаженството и рајот се состојат во тоа што луѓето пребиваат во Бога и Бог во нив и тоа соединување со Бога за нив претставува извор на бескрајна радост, неисцрпливо ликување и неискажливо блаженство. Што се однесува, пак, за оние, кои не се удостоиле за тоа блаженство, треба да знаат дека Бог и во нив пребива, но самите тие се надвор и далеку од Него, па токму заради тоа таквата состојба за нив претставува извор на постојани мачења.

Како православни христијани, потребно е да го знеме сето ова, па причестувајќи се што почесто со светите Христови Тајни, да „расудуваме“ за Телото и Крвта Христови. Да се подготвуваме за светата Причест не само со запазувањето на постот и читањето на молитвите, туку пред сè, да се подготвуваме со сите наши дела и со целиот наш живот. Откако ќе ги примиме во себе светите Тајни, да ги носиме достојно, со крајна внимателност, со благоговение, подобно на Пресвета Богородица како што Го носела во својата утроба младенецот Христос. Секогаш да просиме од Бога, до последниот миг од нашите земни дни, да нè удостојува со причестувањето со светите Тајни, та и на нашиот смртен час да не бидеме лишени од светата Причест, а и во вечниот живот да се удостоиме да се соединиме со Бога „во невечерниот ден од Неговото Царство“. Амин!

Source: https://blagovesti.wordpress.com/2016/04/28/%d0%b2%d0%b5%d0%bb%d0%b8%d0%ba%d0%b8-%d1%87%d0%b5%d1%82%d0%b2%d1%80%d1%82%d0%be%d0%ba-2/

Related Posts

Image Description
2 years ago

Митрополит Струмички Наум: Прогледување на духовно слепите (07.08.2021)

Прогледување на духовно слепите (07.08.2021 15:56)Во денешното евангелие опишани се две состојби.            Првата состојба е кога слепите повикуваат кон Богочовекот Исус Христос: „Помилуј нѐ, Исусе, Сине Давидов!“ (Матеј 9, 27). Оваа состојба...

Image Description
3 years ago

Митрополит Струмички Наум: Куќа без темели (21.10.2020)

Куќа без темели (21.10.2020 16:35)И зошто ми велите: „Господи, Господи!“, а не го извршувате она што ви го кажувам? Секој што иде при Мене и ги слуша зборовите Мои, и ги исполнува, ќе ви кажам на кого прилега. Тој прилега на човек, кој прави куќа, па ископа и продлабочи, и постави темели на камен;...

Image Description
3 years ago

Бог – богат – убог

Лука 12, 16-21 Светите преведувачи, закрилници на овој наш храм, светите солунски браќа Кирил и Методиј, просветлени од благодатта Божја, премудро ги преведувале црковните книги, и при тоа, именката Бог ја ставиле во основата на два збора. Првиот случај е со именката б...