Архимандрит Клеопа (Илие) († 1998): Што е тоа смирение и како се раѓа? (прв дел)

Example Super-Admin User · 2 years ago

    3 minutes, 54 seconds


Братот: Разбрав одлично, отче, колку е штетен гревот на гордоста. Затоа, ве прашувам, кажете ми, како можеме да се ослободиме од големите опасности на гревот на гордоста?

Старецот: Брате Јоване, најголемата добродетел што нè спасува од гревот на гордоста – тоа е смирението!

Братот: Но, што е тоа смирение, отче?

Старецот: Овој пат, брате Jоване, ми поставивте многу тешко прашање.

Братот: Но, зошто е ова прашање толку тешко, отче?

Старецот: Затоа што, брате Јоване, оваа голема добродетел не може никој да ја објасни, освен некој благословен човек, кој многу духовно напреднал, оди по својот пат по Господа и на дело достигнал до врвот на сите добродетели. Затоа, најголемото добро – тоа е смирението – таинствена сила што Бог му ја дава на човекот како круна за сите добродетели, односно се дава само на совршените! Но, јас, грешниот и слабиот, кој сè уште не сум се приближил до ниту една од овие, како можам да зборувам за ова и како да ти објаснам што е тоа смирение, со кое Бог ги удостојува само совршените?

Братот: Отче, штом вие рековте дека од вашиот опит не можете да ми кажете што е тоа смирение, тогаш ве молам, кажете ми барем што знаете за него од светите отци и од Светото писмо.

Старецот: Ако братството го поставува прашањето така, тогаш можам да кажам дека знам за смирението на светите отци, кое ми вдахнале мене, грешниот, некаква храброст – да раскажам малку за прекрасните и најголемите добродетели на смирението. Слушајте, брате Јоване, неколку сведоштва на светите отци за блаженото смирение.

Свети Исак Сирин го нарекува смирението – Божествена кошула, затоа што Словото се воплотило, се облекло во него. Истото го вели за смирението и божествениот отец Ефрем Сирин: „Смирението е облека Божја“.

Свети Јован Лествичник го нарекува смирението богатство складирано во тлени садови и вели дека ниту еден збор не може целосно да ја објасни природата на ова духовно богатство. Светиот отец вели дека смирението е безимена благодат на душата и само тие што ја знаат од сопственото искуство, односно од живеењето, само тие го знаат тоа; тоа е духовно учење на Господ, кое достоинствено поминува низ клетките на душата со посредство на умот, но невозможно е да се објасни со зборови. Затоа, помисли, брате Јоване, ако таков величествен и божествен татко како Свети Јован Лествичник рече дека смирението не може да се изрази со зборови, тогаш како јас, грешниот и неразумниот, да му кажам на твоето братство, што е тоа смирение?

Сепак, од сведоштвата на овие Божествени отци можеме да замислиме до одреден степен колку е голема и бесценета оваа најголема преподобна добродетел на смирението. И, треба да бидеме задоволни со идејата за неискажливата добрина на смирението, што добриот Бог ни ја открил преку Своите светци и да не го доведуваме во прашање оној што е над нас, за да не добиеме штета за себе, наместо полза, според Божествениот Григориј Богослов, кој вели дека „нескротливиот поглед на оној, којшто е над нас може и во пропаст да нè фрли“.

Братот: Отче, за мене, едноставниот човек со малку ум, мислам дека овие свети отци зборуваат многу возвишено и многу суптилно за смирението. Затоа, отче, ве молам, ако е можно, кажете ни за смирението неколку поедноставни поученија и поблиски за моето разбирање.

Старецот: Брате Јоване, ако ти се чинат многу сложени и многу суптилни овие сведоштва за смирението на овие тројца свети отци, и ако сакаш полесни и разбирливи учења за смирението, тогаш прочитај го Патерикот, особено Поглавјата 4 и 10, каде што ќе го најдеш, меѓу другото, и ова:

Еден брат еднаш го прашал старецот, велејќи:

    Отче, што е тоа смирение?

И старецот одговорил, велејќи:

    Смирение – тоа значи да се сметаш себеси за најнедостоен и најгрешен од сите и да им се покоруваш на сите.

И братот прашал:

    Што значи тоа да им се покорувам на сите?

Старецот одговорил:

    Не обидувај се да ги гледаш туѓите гревови, туку гледај ги своите гревови и пороци и постојано моли Го Бога за прошка.

Сега, брате Jоване, поучението за смирението е доволно едноставно и лесно. Само Бог да ни помага да не го забораваме и да постапуваме така како што нè учи овој благословен старец, односно секогаш да ја имаме пред очи тежината на нашите гревови, да плачеме поради нив и никого да не осудуваме.

Како се раѓа смирението?

Братот: Би сакал да знам, отче, како се раѓа смирението во душата на човекот и кои се причините што нè доведуваат до смирение.

Старецот:  Според светите отци, брате Јоване, смирението има многу мајки: еден од светите отци сфатил дека смирението се раѓа од вистинското познание на себеси; други велат дека смирението се раѓа од мислата за смртта и за Страшниот Суд. Свети Јован Лествичник вели дека патот кон смирението – тоа е телесниот труд, послушанието и чистото срце, а Свети Исак Сирин вели дека смирението се раѓа од тагите и од болката. Свети Исак Сирин, исто така, вели дека смирението се раѓа од стравот Божји или од искушенијата, од богооставеноста, од суровата борба со природата и со демоните и од многуте молитви.

Значи, брате Јоване, како што гледаш од сведоштвата на овие свети и Божествени отци, причините поради кои се раѓа смирението се многу. Затоа погоре реков дека смирението има многу мајки. И, ако ти го прашаш за смирението твојот отец, тој ќе ти одговори дека нема да го познаеш сè додека не Го стекнеш Бога во себеси.

 
Избор и превод на текст: Наташа Наумоска

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/shto-e-toa-smirenie-i-kako-se-ragja-prv-del/

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/duhoven-azbuchnik/24328-1998-2

Share:

Example Super-Admin User

All author posts

Related Posts

Image Description
2 years ago

ПРАШАЊЕТО НА ЈОВ: „ЗОШТО СТРАДАЊА?“

  Многумина сметаат дека Библијата молчи кога се работи за „скокотливата“ тема за страдањето на невините луѓе. Меѓутоа, тоа воопшто не е така. Во Стариот Завет на тоа прашање му е посветена цела една книга – книгата Јов. Човештвото се измачува со проблемот на „божествената жестокост“ од првит...

Image Description
3 years ago

Митрополит Атанасиј Лимасолски: За совеста – I дел

    Имајте чиста совест, та со тоа што ве напаѓаат како злосторници, да се посрамат тие што ве кудат поради вашиот добар живот во Христос.    (1 Петар 3,16)Отците на Црквата расудиле дека совеста е многу важна за човекот. Тие дури тврдат дека само совеста е во состојба...

Image Description
3 years ago

Ретроспектива (2005-2020): Игумен Арсениј Бока: ДЕЦА РОДЕНИ ВО ОКОВИ

  ДЕЦА РОДЕНИ ВО ОКОВИДа претпоставиме дека некој тинејџер паднал во гревот на ракоблудот, кога првпат ќе го почувствува тој нагон. Неговите родители не знаат што прави, а тој е се поповлечен, потивок, поуморен, повеќе не учи. Неговата меморија, церебралниот кортекс на неговиот мозок, е загроз...